Тауер Бриџ — порта кон Лондон
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ГО ПРЕПОЗНАВААТ дури и оние што никогаш не биле во Англија. Го посетуваат илјадници туристи секоја година. Секој ден, жителите на Лондон минуваат низ него, можеби дури и без да го погледнат или без да помислат на неговата историја. Тауер Бриџ е едно од најпознатите обележја на Лондон.
Тауер Бриџ е веднаш до Лондонската кула и не треба да се меша со Лондонскиот мост кој е малку погоре. Во 1872 година, англискиот парламент разгледал еден предлог во кој се барало одобрување да се изгради мост преку Темза. И покрај приговорите од страна на управителот на Лондонската кула, парламентот одлучил да ја оствари идејата за уште еден мост преку реката, под услов неговиот изглед да биде во склад со стилот на Кулата. Денешниот Тауер Бриџ е резултат на овој предлог.
Во текот на 18 и 19 век, бреговите на Темза ги поврзувале голем број мостови, од кој најпознат бил Стариот лондонски мост (Old London Bridge). Во 1750 година, тој мост веќе не бил многу стабилен и бил претесен за сообраќај. Под него, бродовите од цел свет се мачеле да најдат место во пренатрупаното пристаниште. Во тоа време, таму имало толку многу бродови што се вели дека човек можел да помине километри чекорејќи од една палуба на друга.
На барање на градскиот одбор на Лондон, градскиот архитект Хорас Џонс предложил малку подолу од Лондонскиот мост да се изгради подвижен мост во готски стил. Тој требало да овозможи слободно да поминуваат бродовите што пловеле по Темза, западно кон доковите. Овој план на мостот вклучувал една новина, како што сметале мнозина.
Карактеристична конструкција
Џонс имал патувано многу, и малите подвижни мостови што се протегале по каналите во Холандија му дале идеја за мост со два лоста што ќе се креваат. Конструиран со современи методи на градба при кои се користи челична конструкција на која се ѕида, денешниот славен Тауер Бриџ го добил својот облик според цртежите на тимот на Џонс.
Тауер Бриџ има две главни кули што се поврзани со два премина, кои се на висина од 34 метри над коловозот, односно 42 метри над водата при нормален водостој. На средината од мостот, коловозот може да се раздели и двата лоста можат да се креваат и да се спуштаат. Секој од овие огромни лостови тежи околу 1.200 тони, а се креваат и се спуштаат под агол од 86 степени. Под нив лесно можат да поминат бродови што тежат и до 10.000 тони.
Енергија за лостовите
За да се креваат лостовите, за да се движат лифтовите за минувачите од коловозот до премините, па дури и за да функционира сигнализацијата, се користела хидраулична енергија. Да, за работата на мостот се користела вода! А водата обезбедувала енергија во изобилство — двапати повеќе од потребното.
Под јужниот крај на мостот имало поставено четири котли на јаглен, во кои се собирала пареа под притисок од 5 до 6 килограми на сантиметар квадратен, и кои движеле две огромни пумпи. Пумпите, пак, ја пренесувале водата под притисок од 60 килограми на сантиметар квадратен. За да се одржува енергијата што била потребна за да се креваат лостовите, во шест големи акумулатори се складирала водата што била под висок притисок. Овие акумулатори обезбедувале енергија за вкупно осум мотори што ги движеле лостовите. Откако ќе се вклучела енергијата, лостовите се кревале на своите осовини со пречник од 50 сантиметри. За да се кренат потполно, била потребна само една минута.
Денешниот Тауер Бриџ
Денес енергијата од пареата е заменета со електрична енергија. Но, како и во минатото, кога ќе се крене Тауер Бриџ, патниот сообраќај потполно застанува. Пешаците, туристите и другите посетители се восхитуваат на работата на мостот.
Се огласува звучен сигнал, се спуштаат рампите со кои се стопира патниот сообраќај, последното возило поминува и контролорите на мостот даваат знак дека сѐ е спремно. Бесшумно се отвораат четирите резиња што ги поврзуваат лостовите, и тие почнуваат да се креваат нагоре. Тогаш вниманието се свртува кон реката. Сеедно дали поминува реморкер, крстосувач или патнички брод, сите очи го следат неговото минување. Неколку минути подоцна, повторно се огласува сигнал, овојпат поинаков. Лостовите се спуштаат, а рампите се креваат. Велосипедистите се протнуваат пред возилата што чекаат да поминат. За неколку секунди, Тауер Бриџ се смирува и го чека следниот брод.
Посетителите што ги интересира овој мост, не стојат само за да го видат овој честопати повторуван настан. Тие се качуваат во лифтот на северната кула за да се восхитуваат на деталите од историјата на мостот, кои се внимателно прикажани на аниматронски модел на изложбата „Доживејте го Тауер Бриџ“. Мајсториите на градежништвото и раскошната церемонија на отворањето се прикажани на уметнички платна, на стари фотографии и на паноа, кои ја доловуваат убавината на Тауер Бриџ.
Од издигнатите пешачки премини можат да се видат прекрасни глетки од Лондон. На запад се гледаат катедралата Св. Павле и зградите на банките во финансискиот дел, а во далечина се гледа кулата на поштата. На исток би требало да бидат доковите, но тие беа преместени подалеку од оваа модерна метропола. Наместо нив, со своите интересни градби погледот го плени Доклендс, дел во кој е извршена реконструкција на градот. Зашеметува, маѓепсува, восхитува — да, сите овие зборови соодветно ја опишуваат глетката што се протега од ова познато обележје на Лондон.
Кога ќе го посетиш Лондон, зошто не отидеш детално да го разгледаш ова историско здание? Тоа ќе ти остави траен впечаток за еден извонреден градежен потфат.
[Слика на страница 16]
Една од двете парни пумпи што некогаш обезбедувале енергија за моторите
[Извор на слика]
Copyright Tower Bridge Exhibition
[Слика на страници 16 и 17]
Двата лоста на мостот потполно се креваат за помалку од една минута
[Извор на слика]
©Alan Copson/Agency Jon Arnold Images/age fotostock
[Извор на слика на страница 15]
© Brian Lawrence/SuperStock