Поддршка и сочувство од многу страни
ДОБРОВОЛЦИ дојдоа од други делови на Соединетите Држави, како и од други земји. Еден таков доброволец беше Том (на сликата горе), 29-годишен пожарникар од Отава (Канада). Тој го рече следново за Разбудете се!: „Ги гледав настаните на ТВ и сакав да им дадам морална поддршка на моите браќа пожарникари од Њујорк. Отидов таму во петокот и појдов на Ground Zero во саботата за да помогнам. Бев ставен во бригадата што го отстрануваше кршот со кофи.
Полека го просејувавме кршот, лопата по лопата, барајќи предмети што би можеле да помогнат во идентификувањето на загинатите пожарникари. Најдов една алатка што се користи за отворање заклучени врати, како и спојници од црево. Работата беше многу напорна. На 50-тина волонтери им беа потребни два часа за да наполнат еден дампер.
Во понеделникот, 17 септември, ги извлековме телата на некои пожарникари што влетале во зградата претходниот вторник. Никогаш нема да ја заборавам таа сцена — сите спасувачи престанаа да работат, ги симнаа шлемовите и стоеја — од почит кон загинатите колеги.
Додека стоев гледајќи ја сцената на Ground Zero, помислив на тоа колку е несигурен животот денес. Тоа ме натера да размислувам за мојот живот, за мојата работа, за моето семејство. Без оглед на ризиците, мојата работа е многу корисна — можам да им помагам на луѓето, па дури и да спасувам животи.“
Сведоците нудат практична помош
Првите два дена од катастрофата, околу 70 луѓе побараа засолниште во светското седиште на Јеховините сведоци. Некои од оние што ги изгубија хотелските соби и багажот останаа да ноќеваат и добија друга облека. Им беше дадена храна. Можеби е уште поважно тоа што им беше дадена емоционална поддршка од искусни христијански старешини.
Јеховините сведоци ја испратија и потребната опрема за прва помош, како и прехрамбени продукти за спасувачките екипи што работеа на местото што беше наречено Ground Zero. Исто така, на противпожарната служба ѝ беа ставени на располагање превозни средства за да се однесат пожарникарите до местото каде што беше потребна помош. Рикардо (горе десно), 39-годишен Сведок и санитарен работник, заедно со стотици други помагаше во отстранувањето тони крш од ден на ден. Тој рече за Разбудете се!: „Глетките беа многу трогателни, особено за пожарникарите, кои ги бараа своите изгубени другари. Гледав како извлекуваат еден жив пожарникар. Друг пожарникар загинал кога врз него паднало нечие тело. Многу пожарникари плачеа. И јас не можев да издржам повеќе и заплакав. Тој ден никој не беше похрабар од нив“.
„Времето и непредвидениот настан“
Илјадници луѓе загинаа во таа катастрофа. Меѓу нив имаше најмалку 14 Сведоци, кои се најдоа на самото место или во близина на сцената на трагедијата. Џојс Камингз, на возраст од 65 години и по потекло од Тринидад, имала закажано на заболекар во близина на Светскиот трговски центар. За жал, терминот бил некаде во времето кога се случила катастрофата. Очигледно ја совладал чадот и веднаш била пренесена во најблиската болница. Не усепале да ја спасат. Нејзиниот случај е само еден од многуте случаи кога луѓето страдаат од последиците на „времето и непредвидениот настан“ (Проповедник 9:11, NW). Таа беше позната како многу ревносен евангелизатор.
Калвин Досон (видете ја рамката) работел во една брокерска фирма на 84. спрат на јужната кула. Тој бил во својата канцеларија и јасно можел да ја види северната кула веднаш откако во неа удрил авионот. Неговиот работодавач, кој не бил во канцеларијата, му се јавил по телефон за да дознае што се случило. Тој рече: „Калвин се обидуваше да ми каже што видел. Рече: ‚Луѓето скокаат!‘ Му реков да излезе и да им каже и на другите да излезат од канцеларијата“. Калвин не успеал да излезе. Работодавачот продолжи: „Калвин беше прекрасен човек и сите го ценевме, дури и оние што не беа заинтересирани за духовните работи. Се восхитувавме на неговата побожност и на неговата хуманост“.
Друг Сведок што настрада беше Џејмс Амато (долу десно на другата страница), татко на четири деца и капетан на противпожарната служба во Њујорк. Оние што го познаваа рекоа дека бил толку храбар што „би влегол во зграда што гори иако луѓето со трчање излегуваат од неа“. Џејмс беше постхумно унапреден во чин на шеф на батаљон.
Друг Сведок пожарникар, со седумгодишно искуство, беше Џорџ ДиПасквале. Тој беше во брак со Мелиса и имаше двегодишна ќеркичка, Џорџија Роуз. Тој беше старешина во собранието Стејтен Ајленд на Јеховините сведоци и беше на десеттиот спрат на јужната кула кога таа се сруши. И тој плати со својот живот додека се обидуваше да ги спаси другите.
Ова се само двајца од стотиците пожарникари, полицајци и спасувачи што ги изгубија своите животи додека херојски се обидуваа да ги спасуваат луѓето. Храброста на овие спасувачи не може доволно да се нагласи. Градоначалникот на Њујорк Сити, Рудолф Џулијани, подоцна ѝ рече на една група унапредени пожарникари: „Вашата спремност бестрашно да појдете напред во најтешки околности е инспирација за сите нас . . . И нема . . . подобар пример на храброст од Противпожарната служба на градот Њујорк“.
Служба на утеха
Во текот на деновите по трагедијата, околу 900.000 Јеховини сведоци во Соединетите Држави вложија одлучни напори во целата земја да ги тешат оние што беа во жалост. Љубовта кон ближниот ги поттикна да ги тешат оние што оплакуваа (Матеј 22:39). Исто така, во својата служба настојуваа да укажат на единствената вистинска надеж за измаченото човештвото (2. Петрово 3:13).
Сведоците беа сочувствителни во нивниот пристап кон луѓето. Нивната намера беше да им понудат утеха од Писмото и да го следат освежувачкиот пример на Христос, кој рекол: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28—30).
На групи старешини од локалните собранија на Јеховините сведоци во Менхетен им беше дозволено да појдат на Ground Zero за да разговараат и да ги тешат спасувачите таму. Одѕивот беше многу поволен. Овие министри коментираа: „Очите на мажите беа полни со солзи додека им кажувавме библиски стихови“. Спасувачите одмораа на едно бротче на пристаништето. „Луѓето изгледаа многу изгубено, со наведнати глави, едноставно не можеа да се справат со она што го гледаа. Седевме со нив и им кажувавме стихови од Библијата. Тие многу ни се заблагодаруваа што дојдовме и велеа дека навистина им била потребна ваква утеха“.
Оние со кои контактиравме по трагедијата честопати сакаа нешто за читање и спремно им беа дадени илјадници брошури. Некои од нив беа Кога ќе умре некој што го сакаш, Ќе постои ли некогаш свет без војни и Се грижи ли Бог навистина за нас? Исто така, на уводните статии во две изданија од Разбудете се! им се посвети посебно внимание: „Новото лице на тероризмот“ (1 септември 2001) и „Справување со посттрауматски стрес“ (22 август 2001, англиско издание). Во многу прилики Сведоците ја објаснија библиската надеж во воскресение (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Можеби милиони луѓе беа достигнати со оваа утешна порака.
Треба да нѐ натера да размислиме
Трагедиите како што беше оваа во Њујорк Сити треба да нѐ натераат да размислиме што правиме со нашиот живот. Дали живееме само за себични стремежи или се обидуваме да ги усреќиме и другите? Пророкот Михеј рекол: „Што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог“ (Михеј 6:8). Скромноста треба да нѐ поттикне да се обратиме на Божјата реч за да ја најдеме вистинската надеж за умрените и за да откриеме што ќе направи Бог наскоро за повторно да воспостави рајски услови на земјата. Ако сакате да дознаете нешто повеќе за библиските ветувања, Ве поттикнуваме да стапите во контакт со Јеховините сведоци во вашето место (Исаија 65:17, 21—25; Откровение 21:1—4).
[Рамка/слики на страница 11]
МОЛИТВАТА НА ТАТЈАНА
Вдовицата на Калвин Досон, Лина, му кажа на Разбудете се! за молитвата што нејзината седумгодишна ќерка ја кажала неколку дена откако дознала дека татко ѝ нема да се врати дома. Лина се помолила, а Татјана прашала: „Може ли и јас да се помолам, мамо?“ Мајка ѝ се согласила. Татјана се молела: „Јехова, наш небесен татко, сакаме да ти се заблагодариме за оваа храна и за овој ден на живот. И сакаме да те замолиме твојот дух да биде со мене и со мама за да бидеме силни. И сакаме да те замолиме твојот дух да биде со тато за да биде силен кога ќе се врати. И кога ќе се врати, да биде добар, силен, среќен и здрав, и да го видиме повторно. Во името на Исус . . . ох, и не заборавај да ѝ дадеш сила на мама. Амин“.
Лина, која не била сосема сигурна дали Татјана разбрала, рекла: „Тијана, тоа беше убаво. Но, душо, знаеш ли дека тато нема да се врати?“ На лицето на Татјана веднаш можело да се види шок. „Нема?“, рекла таа. „Не“, рекла мајка ѝ. „Мислам дека ти го кажав тоа. Мислев дека сфати дека тато нема да се врати.“ Татјана рекла: „Но ти секогаш ми велеше дека ќе се врати во новиот свет!“ Кога конечно сфатила на што мисли нејзината ќерка, Лина рекла: „Извини, Татјана. Не те сфатив добро. Мислев дека мислиш дека тато ќе се врати утре“. Лина забележала: „Се израдував кога видов колку ѝ е реален новиот свет“.