ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/5 стр. 16-22
  • Религиозно прогонство во Грузија — до кога?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Религиозно прогонство во Грузија — до кога?
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Од обвиненија до напади
  • Постапката на толпата минува без казна
  • Охрабрени од неказнувањето
  • Одлуката на Врховниот суд предизвикува забуна
  • Илјадници Грузијци отворено зборуваат против прогонството
  • „Против сите чинови на малтретирање . . . ќе биде покрената постапка“
  • Заштитени правата на жртвите на насилство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Грузија — зачувано древно наследство
    Разбудете се! 1998
  • Две „чуда“ на еден конгрес во Грузија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Јеховините сведоци во Грција ослободени од оптужба
    Разбудете се! 1997
Повеќе
Разбудете се! 2002
g02 8/5 стр. 16-22

Религиозно прогонство во Грузија — до кога?

ОД ПРИЈАТНОТО КРАЈБРЕЖЈЕ на Црното Море до ледениот Кавказ, Грузија е земја на природни убавини. Густи шуми, брзи потоци и бујни долини го красат овој планински регион чии граници лежат и во Европа и во Азија. Главниот град на Грузија, Тбилиси, е раздвижен град каде што современите градби се комбинирани со древни архитектонски споменици. Но, најголемото богатство на Грузија е нејзиниот народ, познат по своите цврсти семејни врски и по срдечната гостољубивост.

Низ историјата, народот на Грузија бил угнетуван. Неговата земја била напаѓана од Римјаните, Персијците, Византијците, Арапите, Турците, Монголците, Русите и други народи. Според една пресметка, Тбилиси бил разурнуван 29 пати!a Па сепак, Грузијците не само што ја задржале својата љубов кон животот, уметноста, песната и танцот туку и својата репутација на толерантно општество.

Но, за жал, ова повеќе не може да се рече за сите луѓе во Грузија. Во текот на изминатите две години, една мала група Грузијци ѝ наштети на репутацијата на својата земја напаѓајќи стотици свои сограѓани. Толпи разбеснети напаѓачи претепаа невини мажи, жени и деца, како и постари лица и инвалиди. Напаѓачите ги удираа своите жртви со стапови на кои имаше заковано шајки, како и со железни шипки. Телата на жртвите беа полни со модрини, лицата им беа изгребани и главите разранети. Зошто овие безопасни Грузијци се толку жестоко тепани? Затоа што се Јеховини сведоци — христијанска заедница што постоеше во Грузија уште пред да бидат родени повеќето од напаѓачите.

Од обвиненија до напади

Иако во Грузија е загарантирана религиозна слобода, литературата на Јеховините сведоци честопати беше конфискувана. Во април 1999, царинарниците наведоа дека литературата може да се пушти само со дозвола на патријархот, поглаварот на Грузиската православна црква. Следниот месец, Православната црква повторно беше спомната — овој пат во грузискиот окружен суд Исани-Самгори. Таму, Гурам Шарадзе, пратеник во парламентот и водач на политичкото движење „Грузија над сите!“, поднесе две тужби со кои бараше да се разрешат законските тела што ги користат Јеховините сведоци. Тој ги обвини Сведоците дека се против државата и дека се опасни. Кој стоеше зад тврдењето на Шарадзе? Со тужбата беше приложено и писмо од секретарот на патријархот на цела Грузија.

На 20 мај 1999, Грузија ја усвои Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаментални слободи и со тоа се обврза да се придржува за одредбите на конвенцијата. Член 10 гласи: „Секој има право на слобода на изразување. Ова право ќе вклучува слобода да се застапуваат мислења и да се добиваат и да се соопштуваат информации и идеи без спречување од страна на властите и без оглед на границите“. Дали ова право ги спречи напорите на противниците на Сведоците да ја забранат религиозната литература? Никако не!

На 21 јуни 1999, во едно писмо до шефот на царинската инспекција, канцеларијата на патријархот на цела Грузија инсистираше „да се забрани дистрибуцијата на странска религиозна литература“. Освен тоа, Ѓорѓи Андриадзе, официјален претставник на Грузиската православна црква, изјави дека Јеховините сведоци се опасни и затоа треба да се забранат. Овие обвинувања не наидоа на глуви уши. Религиозните фанатици, кои во минатото ја палеа литературата на Јеховините сведоци, сега беа уверени дека можат да ги нападнат Сведоците лично и да поминат неказнети. Во саботата, 17 октомври 1999, повторно нападнаа.

Постапката на толпата минува без казна

Таа недела околу 120 Јеховини сведоци од Тбилиси — мажи, жени и деца — присуствуваа на еден религиозен собир. Одеднаш, распопениот православен свештеник Василиј Мкалавишвили и 200 негови следбеници влетаа во местото каде што се одржуваше состанок.b Тие ги опкружија Сведоците и повторно ги нападнаа со своите дрвени стапови и железни крстови. Четворица напаѓачи зграпчија еден Сведок за рацете и вратот. Тие сосила му ја наведнаа главата и почнаа да му ја бричат додека толпата се ситеше на неговото понижување. Кога разбеснетата толпа конечно си замина, 16 Сведоци побараа болничко лекување. Еден човек имаше 3 скршени ребра. Друг Сведок, 40-годишната Пати, подоцна раскажа: „Почнаа да ми викаат и еден од нив ме удри со сета сила. Ме удираше по лицето, по очите. Се обидов да го скријам лицето со рацете. Ми течеше крв низ прстите“. Кога овој грубијан престанал да ја тепа Пати, таа не можела да гледа со левото око. Денес окото сѐ уште ѝ е оштетено како последица од тој напад.

Овој срамен напад, кој беше прикажан и на телевизија, го наведе претседателот Едвард Шеварнадзе отворено да зборува. Следниот ден тој изјави: „Го осудувам овој настан и сметам дека институциите што го спроведуваат законот треба да покренат кривична постапка“. Бидејќи од видеоснимката можеше да се открие кој е водачот на толпата и кои се другите напаѓачи, би било многу едноставно да се осудат. Сепак, дури и по две години, ниеден напаѓач не беше осуден.

Охрабрени од неказнувањето

Не изненадува тоа што пасивноста на властите — световни и свештени — им испрати порака на напаѓачите дека насилството ќе се толерира. Охрабрени што поминаа без казна, тие го зголемија своето беснеење и ги ограбуваа, ги тепаа и ги клоцаа Јеховините сведоци — во приватните домови, на улица и на местата за обожавање. Од октомври 1999 до август 2001 имаше повеќе од 80 документирани напади врз Јеховините сведоци врз повеќе од 1.000 лица. Па сепак, на 9 февруари 2001, градскиот тужител во Тбилиси им рече на новинарите дека истрагата во врска со Василиј Мкалавишвили „сѐ уште е во тек“. За жал, во времето кога се пишува ова, грузиските власти сѐ уште им дозволуваат на противниците на Јеховините сведоци да ги извршуваат своите злосторства од омраза. (Видете ја рамката „Продолжуваат нападите на толпите“.)

Каква улога одигра полицијата? Извештаите на вестите и видеоснимката откриваат дека полицијата не само што ги дозволи нападите врз Јеховините сведоци туку и учествуваше во нив! На пример, на 8 септември 2000, во градот Зугдиди, една група полицајци што имаа пендреци прекина еден мирољубив конгрес на 700 Јеховини сведоци. Очевидци известија дека маскирани полицајци го „пробија патот кон уништување“ претепувајќи повеќе од 50 Сведоци. „Тоа беше многу жално“, рече сопственикот на конгресната локација, потсетувајќи се како децата гледаа со ужас додека над главите им летаа празни противтенковски чаури. Полицијата сосила влезе во објектот и го запали. Па сепак, до ден-денес никој не е казнет.

Бидејќи овој подол настан не е исклучок (видете ја рамката „Учество на полицијата“), на 7 мај 2001, Одборот против тортура при Обединетите нации со право ја изрази својата загриженост за „непрекинатите дела на тортура и други чинови на сурово, нечовечно или деградирачко постапување или малтретирање во Грузија што го извршува персонал од законодавството; [загриженост за] постојаниот пропуст во секој од тие случаи да се спроведе брза, непристрасна и целосна истрага за многубројните пријави на тортура“.c Всушност, ниту една од преку 400 жалби што Јеховините сведоци ги поднесоа во полицијата не доведе до осуда на познатите извршители! Затоа, јавниот правобранител на Грузија, кој е избран од парламентот, коментираше: „Човековите права ги прекршуваат токму оние луѓе што се обврзани, поради природата на нивната работа, да ги штитат тие права. За нив, човековите права се само обичен лист хартија“.

Одлуката на Врховниот суд предизвикува забуна

Како да не беа доволни противзаконските напади на толпите и полицијата, Врховниот суд на Грузија неодамна издаде една одредба што предизвика забуна во врска со правата на Јеховините сведоци.

Да разгледаме некои подетални информации. Политичарот Гурам Шарадзе поднесе тужба со која бараше разрешување на законските тела на Јеховините сведоци. Неговата тужба беше одбиена на 29 февруари 2000. Меѓутоа, Шарадзе поднесе жалба и доби. Јеховините сведоци, пак, поднесоа жалба пред Врховниот суд. На 22 февруари 2001, Врховниот суд донесе одлука против Сведоците, главно врз основа на технички работи во законот. Врховниот суд образложи дека Уставот конкретно наведува дека религиите треба да бидат регистрирани во рамките на јавното право според еден сѐ уште непостоечки закон со кој детално се објаснува како да се изврши регистрацијата на религиозните заедници. Судот заклучи дека, во отсуство на овој закон, Јеховините сведоци не можат да бидат регистрирани во ниеден алтернативен облик. Меѓутоа, во Грузија легално се регистрирани 15-тина други заедници што поддржуваат религиозна активност.

Како реакција на одлуката на Врховниот суд, грузискиот министер за правда, Михаил Саакашвили, во едно телевизиско интервју рече: „Од гледна точка на законот, одлуката е многу сомнителна. Мислам дека таа не е баш најуспешна страница во историјата на Врховниот суд“. Зураб Адеишвили, моментално претседавач на парламентарниот правен одбор на Грузија, рече за Новинарската служба Кестон дека тој е „многу загрижен“ поради оваа одредба затоа што „ги охрабрува екстремистичките сили во нашата [Грузиска православна] црква да ги задушуваат религиозните малцински групи“. За жал, се покажа дека грижите на Адеишвили се оправдани. Неколку дена по донесувањето на оваа одредба, се повтори насилството против Јеховините сведоци. Во текот на 2001, толпите, полицијата и православните свештеници ги нападнаа Сведоците на 27 февруари, 5 март, 6 март, 27 март, 1 април, 7 април, 29 април, 30 април, 7 мај, 20 мај, 8 јуни, 17 јуни, 11 јули, 12 август, 28 септември и 30 септември. Но, списокот продолжува.

Среде овој нов бран од прогонство, Врховниот суд презеде необичен чекор јавно да ја разјасни својата одлука, наведувајќи: „За жал, јавноста погрешно го разбрала поништувањето на регистрацијата на Заедницата на Јеховините сведоци од страна на Врховниот суд . . . Кога беше поништена судската регистрација на обвинетите, како законски тела во рамките на приватното право, нивното право на слобода на мислење, совест и религија не беше ниту директно ниту индиректно повредено ниту ограничено. Нивната слобода да го променат своето верување, сеедно дали сами или заедно со другите, јавно или приватно, не беше ограничена . . . Одлуката на судот не го ограничи правото на обвинетите да ги примаат и да ги шират своите идеи и информации. Таа не го забрани нивното право да одржуваат мирољубиви состаноци“.

Илјадници Грузијци отворено зборуваат против прогонството

Изгледа дека оваа изјава на Врховниот суд не влијаеше многу врз извршителите на насилство од толпите, но сепак, трогателно е да се забележи дека илјадници жители на Грузија веќе го осудија прогонството што се случува. Почнувајќи од 8 јануари 2001, Јеховините сведоци пуштија да кружи една петиција со која се бараше заштита од напади на толпите и казнување на оние што учествуваа во насилничките напади против државјани на Грузија. За две седмици, 133.375 возрасни државјани од сите краеви на Грузија ја потпишаа оваа петиција. Со оглед на тоа што во Грузија има само 15.000 Јеховини сведоци, очигледно убедливо мноштво од оние што потпишаа се членови на Грузиската православна црква. Но, на 22 јануари 2001, петицијата исчезна. Што се случи?

Тој ден, во канцеларијата на јавниот бранител на Грузија, Нана Девдаријани, се одржа прес-конференција за формално објавување на петицијата. Одеднаш, за време на конференцијата, Василиј Мкалавишвили заедно со уште десет души се втурна во канцеларијата за да ги грабне 14-те тома од кои се состоеше петицијата. Една претставничка на Кавкаскиот институт за мир и демократија се обиде да ја заштити петицијата, но натрапниците ја нападнаа. Додека Мкалавишвили сипеше навреди, неговите следбеници сосила грабнаа 12 од 14-те томови од организаторите и брзо заминаа. Еден странски дипломат што бил сведок на овој настан извикнал: „Ова е просто неверојатно!“ За среќа, на 6 февруари, петицијата повторно дојде во рацете на Сведоците и на 13 февруари 2001 му беше доставена на претседателот на Грузија.

„Против сите чинови на малтретирање . . . ќе биде покрената постапка“

Јеховините сведоци во Грузија и во целиот свет очекуваат претседателот на Грузија да дејствува во склад со оваа петиција. Па, во минатото, претседателот Шеварнадзе постојано го осудуваше прогонството на Јеховините сведоци. На пример, на 18 октомври 1999, претседателот ги опиша нападите врз Јеховините сведоци како „погроми“ што „не смеат да се толерираат“. На 20 октомври 2000, претседателот Шеварнадзе му напиша писмо на еден од членовите на Водечкото тело на Јеховините сведоци: „Ќе сториме сѐ што можеме за да го искорениме насилството“. Тој додал: „Ве уверувам дека грузиските власти и понатаму ќе останат цврсто решени да ги заштитат човековите права и слободата на совест“. И повторно, на 2 ноември 2000, во едно писмо до Организацијата за безбедност и соработка во Европа, претседателот Шеварнадзе наведе: „Ова спорно прашање [за статусот на малцинските религии во Грузија] исто така беше предмет на сериозна загриженост меѓу нашиот народ и владата“. Тој ја увери комисијата: „Против сите чинови на малтретирање и физичко насилство ќе биде покрената постапка и извршителите ќе бидат повикани на одговорност пред законот“.

Загрижените набљудувачи во Европа и во другите делови на светот се надеваат дека решителните зборови на претседателот Шеварнадзе наскоро ќе се обистинат. Во меѓувреме, Јеховините сведоци во целиот свет постојано се молат за своите соверници во Грузија додека тие храбри Сведоци продолжуваат да му служат на Јехова и покрај горкото прогонство (Псалм 109:3, 4; Пословици 15:29).

[Фусноти]

a За повеќе информации за Грузија, видете ја статијата „Грузија — зачувано древно наследство“ во изданието на Разбудете се! од 8 мај 1998.

b Василиј Мкалавишвили бил исклучен од Грузиската православна црква (ГПЦ) во средината на 1990-тите откако остро ја критикувал ГПЦ за нејзиното членство во Светскиот совет на црквите (ССЦ). (Оттогаш ГПЦ го прекина своето членство во ССЦ.) Во меѓувреме, Мкалавишвили им се придружи на грчките календаристи што ги предводеше митрополитот Кипријан.

c Грузија е една од 123-те држави учеснички на Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно или деградирачко постапување или малтретирање при Обединетите нации. Како таква, Грузија се обврзала да „ја отстрани тортурата“.

[Истакната мисла на страница 22]

„Против сите чинови на малтретирање и физичко насилство ќе биде покрената постапка и извршителите ќе бидат повикани на одговорност пред законот“ (претседателот на Грузија, Едвард Шеварнадзе, 2 ноември 2000).

[Истакната мисла на страница 22]

„Се надеваме дека оваа работа [насилство против религиозните малцинства] ќе се реши и дека сите религиозни групи во Грузија ќе имаат неограничена слобода да ги изразуваат своите религиозни верувања“ (Давид Шумбадзе, главен советник на Грузиската амбасада во Вашингтон, Д.К. САД, 3 јули 2001).

[Рамка/слика на страница 18]

ПРОДОЛЖУВААТ НАПАДИТЕ НА ТОЛПИТЕ

Пропустот на грузиските власти да ги осудат напаѓачите на Јеховините сведоци ги изложи Сведоците на уште повеќе чинови на прогонство.

На пример, на 22 јануари 2001, во населбата Сванетис Убани во Тбилиси, поранешниот православен поп Василиј Мкалавишвили и неговата група нападнаа еден религиозен собир на 70 Сведоци. Напаѓачите удираа со тупаници, клоцаа и ги маваа Сведоците со дрвени и железни крстови. Еден напаѓач толку силно удри со еден голем дрвен крст по главата на еден Сведок што попречната даска се скрши. Некои Сведоци беа одвлечени во темна соба, каде што неколку напаѓачи ги претепаа. Постарите Сведоци беа присилени да трчаат меѓу два реда луѓе што ги удираа со тупаници и крстови. Двајца возрасни луѓе бркаа едно 14-годишно момче и потоа го удираа со тупаници и го клоцаа беспомошното дете. Еден 30-годишен напаѓач се пушти по едно 12-годишно момче и го тресна по главата со една огромна грузиска Библија. Во меѓувреме, еден Сведок истрча од куќата за да повика полиција, но го фатија. Толпата го удираше по лицето сѐ додека устата не му се наполни со крв и почна да повраќа. Конечно, безмилосната толпа се разотиде. Напаѓачите сѐ уште не се казнети.

Повторно, на 30 април 2001, приврзаниците на Мкалавишвили прекинаа еден религиозен состанок на истото собрание на Јеховини сведоци. Напаѓачите ги одвлечкаа Сведоците надвор и ги тепаа со стапови набодени со шајки. Од шајките останаа исекотини на десната рака, левата дланка, левата нога и левиот образ на еден Сведок по име Тамаз. Освен тоа, беа потребни пет конци за да му се затвори една длабока рана на главата. Исто така, толпата го ограби домот каде што се одржуваше состанокот и го искрши мебелот, електричната опрема и сите прозорци. Потоа запали огромен оган и ја изгоре литературата издадена од Јеховините сведоци. На 7 јуни 2001, Одделот за набљудување на човековите права официјално побара информации од грузискиот Министер за внатрешни работи, Каха Таргамадзе, и грузискиот главен обвинител, Гија Мепаришвили, за тоа кои чекори беа преземени за да се казнат извршителите на овој и на другите неодамнешни напади. Досега не е покрената постапка против ниеден напаѓач.

[Рамка на страница 19]

УЧЕСТВО НА ПОЛИЦИЈАТА

На 16 септември 2000, полицијата од градот Марнули постави барикади на патот за да спречи 19 автобуси што возеа Јеховини сведоци да стигнат на една конгресна локација. На една барикада напаѓачите фрлаа камења врз автобусите во кои се возеа Сведоците, при што погодија во главата еден патник. Неколку Сведоци беа одвлечени од автобусите и претепани, додека другите патници беа ограбени. Во исто време, полицијата ги пушти слободно да поминат автобусите со приврзаниците на Мкалавишвили, кои имаа намера да ја уништат конгресната локација. Толпата запали еден и пол тон религиозна литература. Полицијата што беше таму учествуваше во тепањето на Сведоците.

Кавкаскиот печат извести дека Министерството за внатрешни работи ќе поведе истрага за овој напад и ќе преземе „соодветни мерки“. Оние што ја водеа истрагата имаат цврста основа да ги обвинат извршителите. Уставот на Грузија, член 25, го гарантира правото на сите луѓе да одржуваат јавни собири. Сепак, против ниеден од напаѓачите не беше покрената постапка. Пет месеци по нападот, Новинската служба Кестон извести дека еден адвокат на Гурам Шарадзе, водачот на политичкото движење „Грузија над сите!“, признал дека Шарадзе влијаел врз властите во Марнули и Зугдиди да го спречат одржувањето на два конгреса на Јеховините сведоци.

[Рамка на страница 19]

УСТАВОТ НА ГРУЗИЈА ГАРАНТИРА ЗАШТИТА

Грузискиот устав од 24 август 1995 гарантира слобода на религијата и заштита од брутални напади, како што покажуваат следниве извадоци:

Член 17 — 1) Честа и достоинството на едно лице се неприкосновени. 2) Тортура, нечовечно, брутално или деградирачко однесување или малтретирање се недопустливи.

Член 19 — 1) Секој човек има право на слобода на говор, мисла, совест, религија и верување. 2) Прогонството на еден човек поради неговите размислувања, верувања или религија е забрането.

Член 24 — 1) Секој човек има право слободно да прима и да шири информации, да го изразува или да го шири своето мислење усно, писмено или во кој и да е друг облик.

Член 25 — 1) Секој човек, освен припадниците на вооружените сили, полицијата и безбедносните служби, има право да одржува јавен собир без оружје или во затворен или на отворен простор без претходна дозвола.

[Рамка на страница 20]

СВЕТОТ ГЛЕДА

Како гледа меѓународната заедница на пропустот на Грузија да го запре прогонството на Јеховините сведоци?

Владите на Соединетите Држави и на Велика Британија заеднички изјавија: „Беше прекинат состанок на Јеховините сведоци, голем број луѓе беа насилнички малтретирани, а други беа спречени да стигнат на состанок. Амбасадите на Соединетите Американски Држави и на Велика Британија се многу вознемирени поради ова и поради други неодамнешни сериозни газења на правата на оние што го користат своето право на религиозна слобода во Грузија . . . Ја повикуваме владата на Грузија да поведе истрага за овие инциденти и да се погрижи да гарантира почитување на религиозните права на сите луѓе“.

Урсула Шлајхер, претседавач на Делегацијата во Европската Унија — Грузискиот парламентарен одбор за соработка, навела: „Во името на Делегацијата во Европскиот парламент би сакала да го изразам мојот ужас поради најновиот инцидент во серијата насилнички напади врз новинарите, активистите за човекови права и Јеховините сведоци . . . Ваквиот чин го сметам за срамен напад на фундаменталните човекови права на кои Грузија е обврзана како потписник на Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаментални слободи“.

Комисијата за сигурност и соработка во Европа му пиша на претседателот Шеварнадзе за нападите врз Јеховините сведоци: „Најновите настани навистина се алармантни и предизвикуваат страв дека ситуацијата во Грузија излегува од контрола. Ако не се преземе ништо, оние што бараат да се постапува со насилство против религиозните малцинства ќе бидат охрабрени да продолжат со своите беснеења. Се надеваме дека вие, како шеф на државата, ќе ѝ дадете пример на јавноста и на грузиските службеници и ќе испратите две силни, јасни пораки: какви и да се нечии гледишта за другите религии, не е дозволено да се користи каков и да е облик на насилство против оние што ги практикуваат; а лицата што учествуваат во такво насилство — особено полицајците што помагаат или учествуваат во овие срамни постапки — ќе бидат судски гонети до крајниот степен на законот“. Ова писмо го потпишаа седум членови на американскиот конгрес.

Помошникот на претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, американскиот конгресмен Кристофер Х. Смит, навел: „Зошто Грузија не ја застапува религиозната слобода и човековите права како што рече дека ќе прави? . . Палењето на литературата е сосема спротивно на Хелсиншкиот договор и потсетува некои лица од комисијата на палењето книги што се правеше во времето на нацизмот“.

Сегашниот генерален директор на Одделот за набљудување на човековите права во Европа и централна Азија напишал: „Одделението за набљудување на човековите права е многу загрижено поради можноста од натамошно насилство, со оглед на тоа што грузиската влада не ги казни извршителите на претходните насилнички напади против религиозните малцинства. Се залагаме веднаш да им се стави крај на нападите и да се изведат пред лицето на правдата оние што се одговорни за нив“.

Светот гледа. Дали Грузија ќе постапи во склад со своите меѓународни обврски? Репутацијата на Грузија е доведена во прашање.

[Рамка на страница 21]

ЖАЛБА ДО ЕВРОПСКИОТ СУД

На 29 јуни 2001, Јеховините сведоци поднесоа жалба до Европскиот суд за човекови права, со која приговараа на пасивноста на грузиските институции при спроведувањето на законот. По неколку дена, на 2 јули 2001, Европскиот суд одговори. Судскиот записничар напишал дека претседателот на судската комора бил на мислење дека на овој случај „треба да му се даде приоритет“.

[Карта на страница 16]

(Види во публикацијата)

РУСИЈА

ГРУЗИЈА

ЦРНО МОРЕ

ТУРЦИЈА

[Слика на страница 16]

13 МАЈ 2001 — Семејството Шамојан го губи својот дом кога еден паликуќа го запалил

[Слика на страница 16]

17 ЈУНИ 2001 — Ѓорѓи Батишвили беше насилнички нападнат додека присуствуваше на еден состанок на Јеховините сведоци

[Слика на страница 17]

11ЈУЛИ 2001 — Давид Саларидзе доби удар во главата со стап и беше тепан по грбот и ребрата кога беше нападнат додека присуствуваше на еден состанок на Јеховините сведоци

[Слика на страница 21]

28 ЈУНИ 2000 — Паликуќи го уништуваат складиштето на литература на Јеховините сведоци во Тбилиси

[Слика на страница 21]

16 АВГУСТ 2000 — Во судницата во Глдани-Надзаладеви, Ворен Шуфелт, Сведок од Канада, беше нападнат од еден приврзаник на Василиј Мкалавишвили

[Извор на слика на страница 22]

AP Photo/Shakh Aivazov

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели