Заштитени правата на жртвите на насилство
НА 3 МАЈ 2007 год., Европскиот суд за човекови права во Стразбур (Франција), донесе едногласна одлука во корист на Јеховините сведоци во Република Грузија. Судот утврди дека Сведоците во таа земја беа третирани нечовечно и дека е згазено нивното право на верска слобода. Исто така, судот ѝ приговори на претходната влада на Грузија што не сторила ништо за да бидат осудени извршителите на тоа кривично дело. Зошто беше донесена ваква одлука?
На 17 октомври 1999 год., околу 120 членови на собранието на Јеховините сведоци „Глдани“, во главниот град Тбилиси, мирно одржуваа верски состанок. Одеднаш, една многубројна толпа, предводена од Василиј Мкалавишвили, распопен православен свештеник, насилно влезе во просторијата каде што се одржуваше состанокот. Мноштвото луѓе, вооружени со дрвени стапови и железни крстови, жестоко ги нападнаа присутните, нанесувајќи им дури и сериозни повреди на повеќе лица. Една жена има трајни оштетувања на окото од ударите што ѝ беа зададени. Најмалку на 16 лица требаше да им се укаже лекарска помош. Кога неколку Сведоци се обратија за помош во полициската станица, началникот им рече дека тој би им направил уште полошо! Нападот го снимил некој човек од толпата и подоцна беше прикажан на државните телевизиски станици. Од снимките можеше јасно да се види кои беа напаѓачите.a
Сведоците што беа малтретирани поднесоа кривична пријава, но не беше преземено ништо против напаѓачите. Еден полициски инспектор, кој имаше задача да го истражи случајот, изјави дека, како православен верник, не може да остане непристрасен. Пасивноста на државните органи ги охрабри верските екстремисти да извршат уште стотина слични напади.
Затоа, на 29 јуни 2001 год., Јеховините сведоци поднесоа пријава во Европскиот суд за човекови права.b Судот донесе конечна пресуда на 3 мај 2007 год., во која беше детално опишан нападот и беше осудена пасивноста на државните власти. Судот изјави: „Властите... биле должни веднаш да сторат нешто за да ги проверат информациите“ во врска со нападот. „Пасивноста на властите кон ваквите недела“, стоеше во одлуката, „може само да ја поткопа довербата на јавноста во законодавството и во спроведувањето на законот од страна на државата.“
Судот заклучи: „Бидејќи нападот против подносителите на жалбата, кој бил извршен на 17 октомври 1999 год., бил првиот чин од еден голем бран насилство против Јеховините сведоци, небрежноста на властите овозможила да се повторува верското насилство во Грузија од страна на истата група напаѓачи“.
Според тоа, правата на жртвите на насилничкиот напад беа заштитени, и на владата на Грузија ѝ беше наложено да им плати отштета и судски трошоци на членовите на собранието „Глдани“. Јеховините сведоци во Грузија се среќни што насилството и бруталноста речиси запреа, и се радуваат што одлуката на Судот го потврдува нивното право слободно да одржуваат верски состаноци. За ова тие му се вистински благодарни на својот небесен Татко, Јехова Бог, чие водство и заштита ги чувствуваа цело време додека се случуваа овие настани (Псалм 23:4).
[Фусноти]
a Нешто повеќе за овој настан можеш да прочиташ во Разбудете се! од 8 мај 2002 год., страници 16-22, издадено од Јеховините сведоци.
b Европскиот суд за човекови права е правен орган на Советот на Европа и донесува пресуди ако се прекрши Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаментални слободи. Грузија ја усвои оваа конвенција на 20 мај 1999 год., и со тоа се обврза да се придржува за нејзините одредби.