Кеа — кловн на планините
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НОВ ЗЕЛАНД
КЕАТА е планински папагал што живее во високите предели на Нов Зеланд. Со нескротлива смисла за забава, таа ги разонодувала и развеселувала луѓето — или ги нервирала — со своите кловновски трикови.
Замислете си дека денот сте го минале пешачејќи по планините. Стигнувате до некоја алпска куќичка и се чувствувате исцрпени. По добриот оброк, сакате само да легнете в кревет и добро да се наспиете. Но, едно семејство кеи има друга идеја. Тие слетуваат на покривот и сметаат дека лизгањето по ребрестиот железен покрив ќе биде одлична забава. Вревата од нивните канџи што гребат по железото им звучи како музика. За да покажат колку уживаат во тоа, тие весело испуштаат крикови додека се лизгаат. Потоа, замавнувајќи со крилјата, брзо се враќаат назад и ја повторуваат целата бучна постапка.
Меѓутоа, на кеите што се љубители на забавата, дури и таа игра може да им здодее и затоа измислуваат други начини да се разонодат. Сега спуштаат камења по покривот, а потоа и самите се лизгаат цело време испуштајќи пискави крици. За да видат како реагираат оние што се во колибата, тие се обесуваат наопаку и зјапаат низ прозорецот. Изгледа си мислат дека уморните пешаци ќе уживаат во оваа „претстава на покривот“. Но, пред да заклучите дека овие планински папагали заслужуваат да бидат наречени кловнови, да научиме нешто за нив.
Кеата го добила името по својот зарипнат повик кее-а. Тие живеат во Нов Зеланд и можат да се најдат само во планинскиот регион на Јужниот Остров. Живеат во горните слоеви на шумите, до нивото каде што има вегетација, и се хранат главно со бобинки и фиданки.
Кеите се цврсти, силни птици — мажјакот тежи околу 1,2 килограма и долг е 50 сантиметри. Претежно се зелени. Иако се вклопуваат во шумската околина, тие сепак се воочливи птици. По нивната бестрашна личност, карактеристичен повик, големина и скерлетна боја под крилјата, тие се издвојуваат од другите птици.
Кеите честопати играат во воздухот, целосно искористувајќи ги променливите воздушни струи во нивниот планински дом. Тие претставуваат величествена глетка додека се вивнуваат над доловите, сопернички бркајќи се и избегнувајќи се една со друга. Кеите спаѓаат во најинтелигентните птици во светот. Можеби таквата интелигенција им ја дава нивната смисла за забава.
Многу сакаат да си играат
Палавоста е составен дел од нивниот карактер. Незаситно љубопитни, тие разгледуваат сѐ што се наоѓа на нивната територија, особено нешто ново или необично. За ова разгледување не го користат само видот туку го проверуваат и го допираат предметот со своите силни клунови сѐ додека не им здодее или не го уништат.
На железничката станица на еден планински премин, една кеа била видена како разгледува две кофи полни со млеко што биле ставени на перонот. Бесрамната кеа го тргнала капакот од едната кофа и ја наведнала главата за да се напие. Луѓето ја избркале птицата и меѓу двете рачки поставиле метална прачка за да се заштити капакот. Без да дозволи нешто да ја спречи, кеата се вратила, ја разгледувала „безбедносната направа“ минута или две и потоа со врвот на клунот вешто го турнала стапот низ рачките. Потоа дрско го тргнала капакот и повторно се напила. Тие се палавковци, но многу се симпатични!
Кеите и излетниците
Излетниците што остануваат во близина за да ги заштитат своите лични работи ќе бидат воодушевени од смешните лудории на овие извонредни птици. Меѓутоа, ако не го надзирате местото каде што кампувате, тие можат да направат речиси неверојатна штета. Со своите силни клунови, тие можат да го расцепат шаторот на парчиња. Она што некогаш било вреќа за спиење, за кратко време може да стане куп пердуви.
Сѐ што има тркалезен облик станува совршен предмет за тркалање по најблискиот рид. Сѐ што е сјајно станува нивна ценета сопственост. Особено задоволство им причинува да си играат со врвките за чевли. Друга игра што многу ја сакаат е да собираат предмети и да ги фрлаат од голема височина, очигледно затоа што им е забавно да гледаат како паѓаат.
Кеите, со нивната ненамерна способност да изигруваат кловнови и да забавуваат, им стануваат мили на сите што имаат предност да бидат заедно со нив. Со оглед на овие лудории, не е чудо што се наречени летачки мајмуни на Нов Зеланд.
Кеите и скијачите
Кеите многу сакаат да се собираат онаму каде што имаат публика, како на пример, во скијачките центри. Таканаречениот кловн на планините сега се смета за уште една атракција за скијачите. Изгледа дека сакаат да се придружат во забавата. Тие ги следат скијачите со своето разиграно, весело потскокнување. Особено уживаат да се лизгаат по скијачките патеки. Додека го прават тоа, ја намалуваат брзината ставајќи ги стапалата во V формација, како што прават и скијачите со своите скии. Тоа е како кеата дрско да нѐ потсетува дека во снегот не уживаат само луѓето.
Нивната љубов кон палавостите и кон добрата забава варира од додевање до помали штети. Вработените во скијачките центри ќе потврдат дека треба целата опрема да ја направат ‚отпорна на кеи‘. Важните уреди треба да се стават во заштитна навлака или да се заградат. Дури и јажињата мораат да се заменат со жици. Канта за ѓубре ‚отпорна на кеи‘ допрва треба да се измисли. Скијачите мораат да преземат неколку едноставни мерки на претпазливост за да ги заштитат своите работи од овие симпатични палавковци. На пример, ако не внимавате на својот фотоапарат, тој ќе стане нова играчка за кеата.
Скијачите мора да ги заштитат своите автомобили покривајќи ги со соодветна церада. Зошто? Изгледа дека кеата по секоја цена сака да го провери квалитетот и трајноста на сите моторни возила. Најмногу сакаат да ги демолираат бришачите на шофершајбните и гумените ленти и да ги кршат пластичните штоп-светла. Ако некој автомобилски прозор е оставен отворен, тогаш внатре ќе влезе демолирачката банда кеи. Тие ќе седнат во автомобилот весело крескајќи додека систематски уништуваат сѐ што не е ставено на сигурно. Со многу добра причина кеите се наречени единствена заштитена улична банда во Нов Зеланд.
На градилиштата
Градилиштата на планините се уште едно омилено место за кеата да прави белји. Кога се градел нов комплекс бараки за новозеланската прочуена пешачка патека Милфорд, локалната популација кеи покажала жив интерес. Една почнала да краде шајки. Додека изнервираниот градител го бркал виновникот, друга птица му ги украла цигарите. Додека невоспитаната кеа ги парчосувала тутунот и хартијата, сите нејзини другари пискале во бучно одобрување. Што се однесува до љубопитноста и дрскоста, кеата е на прво место во светот на птиците. Во моментот кога кеите ќе ги здогледаат луѓето како доаѓаат во нивните засолништа, се собираат и ги следат како да се плашат дека луѓето ќе им го украдат имотот.
Тие едноставно мораат да проверат и да разгледаат сѐ што е околу нив. Шегите што му се допаѓаат на случајниот набљудувач им се неподносливи на оние што секојдневно живеат со нив. Односот со кеата е однос на љубов и омраза. Меѓутоа, никој не може да негира дека тие се весели, пријателски настроени птици. Бидејќи се сосема заштитени, наречени се привилегирани жители на планините.
Кловн на планините
Ако некогаш ги сретнете овие интелигентни птици што сакаат да се забавуваат, ќе се согласите дека тие навистина се кловнови. Тие уживаат во друштвото на сите што ќе се осмелат да влезат во нивниот планински свет и го докажуваат тоа изведувајќи разни циркуски точки. Нивната љубов кон животот и нивната способност да играат причинуваат вистинска радост кога ги гледате.
Навистина, нивното интуитивно, весело, честопати кловновско однесување, нѐ потсетува дека тие се дел од творештвото на Јехова, среќниот Бог (1. Тимотеј 1:11).
[Слика на страница 27]
Една кеа напаѓа чадор
[Слика на страница 28]
Кеи оштетуваат еден автомобил
[Извор на слика на страница 26]
Со љубезна дозвола на Willowbank Wildlife Reserve, Christchurch, Нов Зеланд