Младите прашуваат . . .
Што ако сретнам некого од училиште?
„Ми беше вистинско измачување да одам повторно на училиште во понеделник. Ако ме видел некој од пријателите, ќе кажев некоја добро смислена приказна. На пример, ќе им кажев дека сум собирал пари за Работничката партија“ (Џејмс, Англија).
„Оние што ме виделе ми се исмејуваа на училиште. Чувствував голем притисок“ (Дебора, Бразил).
ЗОШТО овие млади толку се плашеле да не ги видат нивните пријатели? Дали учествувале во некаква илегална активност? Напротив, тие учествувале во најчесното и најважно дело што се извршува на земјата денес. Тие го извршувале делото што Исус заповедал да се извршува кога рекол: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации . . . учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).
Според една Галупова анкета во САД, повеќе од 90 проценти од тинејџерите веруваат во Бог. Околу половина од нив одат во црква секоја седмица. И, додека многу млади се вклучени во активности под покровителство на црквата, како што е пеењето во хор, малку од нив разговараат за Бог со своите школски другари. Меѓутоа, Јеховините сведоци се познати во целиот свет по нивната активност на проповедање од врата до врата. Во ова дело учествуваат илјадници млади Сведоци.
Ако си млад Сведок, несомнено и ти веќе учествуваш во ова проповедничко дело. Но, тоа не мора да значи дека ти е лесно да го правиш тоа. Исто како што било случај со младите цитирани во почетокот, можеби те вознемирува помислата дека на врата ќе сретнеш некој школски другар. „Една од најлошите работи“, признава една младинка од Британија по име Џени, „беше некој од соучениците да ме види дотерана, во сукња, со чанта за книги — многу поелегантна отколку што изгледам на училиште.“
Стравот од средба со некој соученик може да биде толку силен што некои млади христијани се служат со итрини. Младиот Лион вели: „Познавам еден млад Сведок што носи палто со капа додека е во служба за да може да ја навлече капата на главата ако наиде на своите пријатели од училиште“. Други млади, пак, избегнуваат да проповедаат во извесни населби. „Памтам како се молев да не проповедаме во една улица“, се сеќава младиот Сајмон, „бидејќи знаев дека таму живеат многумина од училиштето.“
Нормално е да се чувствуваш малку непријатно ако наидеш на некого што го познаваш кога си во службата на проповедање. Меѓутоа, ако дозволиш со тебе да завладее тој страв, само ќе си наштетиш. „Имав толку негативен став кон проповедањето“, признава една младинка од Германија по име Алиса, „што тоа се одрази негативно врз мојата духовност.“
Но, зошто воопшто треба да проповедаш — особено ако ти е тешко да го правиш тоа? За да одговориме, да видиме најнапред зошто Бог ти ја дава оваа обврска. Потоа ќе покажеме како, со труд и решителност, можеш да ги надминеш своите стравови.
Обврската да проповедаш
Како прво, можеби ќе ти биде од помош да размислиш за фактот дека не е ништо ново или чудно некој да ја споделува својата вера со другите. Богобојазливите мажи и жени го правеле тоа уште во древни времиња. На пример, Ное е прочуен како градител на една огромна арка (Битие 6:14—16). Но, според 2. Петрово 2:5, тој бил и ‚проповедник на праведноста‘. Ное се чувствувал обврзан да ги предупреди другите на претстојното уништување (Матеј 24:37—39).
Подоцна, иако на Евреите не им била дадена конкретна заповед да им проповедаат на не-Евреите, многу од нив ја споделувале својата вера со другите. На тој начин, една туѓинка по име Рута дознала за Јехова. Благодарна на својата свекрва Еврејка, Ноемина, Рута ѝ рекла: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рута 1:16). Подоцна, цар Соломон покажал дека многу не-Евреи ќе чујат за ‚големото Име‘ на Јехова и ќе го обожаваат во Неговиот храм (1. Цареви 8:41, 42).
Значи, кога овие Божји слуги од минатото им зборувале на другите — иако немале директна заповед да го прават тоа — колку повеќе треба христијаните денес да чувствуваат обврска да проповедаат! Зарем нам не ни е заповедано да ја проповедаме „оваа добра вест за царството“? (Матеј 24:14). Ние сме како апостол Павле во таа смисла што врз нас лежи нужност да ја објавуваме оваа добра вест (1. Коринќаните 9:16). Во прашање е нашето спасение. Во Римјаните 10:9, 10 стои: „Ако јавно ја објавуваш таа ‚реч која е во твојата уста‘ дека Исус е Господ . . . ќе бидеш спасен. Зашто човек со срцето практикува вера за праведност, а со устата дава јавна изјава за спасение“.
Каде можеш да ја даваш таа „јавна изјава“? Иако неформалното проповедање си има свое место, службата од куќа до куќа сѐ уште е еден од најефикасните начини да се дојде до другите (Дела 5:42; 20:20). Дали си ослободен од учеството во ова дело само затоа што си млад? Тешко! Библијата ја дава оваа заповед во Псалм 148:12, 13: „Момчиња и девици, старци со децата заедно. Сите нека Го фалат Господовото име“.
Предизвикот да им се проповеда на врсниците
Мора да се признае, може да ти биде непријатно и незгодно кога во служба ќе сретнеш некого од твоето училиште. Па, сосема е природно да сакаш да бидеш прифатен од другите. Никој не сака да му се исмејуваат, да го задеваат или да го навредуваат. Како што вели младата Тања, „децата на училиште можат да бидат многу злобни!“ Затоа, можеби е нормално да се прашуваш како ќе реагираат твоите школски другари ако те видат убаво облечен и со Библија в рака. За жал, сосема е веројатно дека ќе ти се потсмеваат. „Во мојата зграда живееше едно момче од моето одделение“, се сеќава младиот Бразилец по име Филипи. „Тој велеше ‚Пак ти со таа Библија! Што имаш во чантата?‘“
Не е мала работа да се биде жртва на такво исмејување. Библијата ни кажува дека Исак, синот на Авраам, доживеал нешто што всушност било еднакво на злобно исмејување од страна на неговиот полубрат, Исмаил (Битие 21:9). Апостол Павле не сметал дека таквото постапување било нешто несериозно. Во Галатите 4:29, апостолот со право го нарекол ‚прогонство‘.
И Исус предупредил дека некои луѓе ќе бидат непријателски настроени кон неговите следбеници. Тој рекол: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред да ве мрази вас. Да бевте дел од светот, светот ќе го сакаше своето. А бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази“ (Јован 15:18, 19).
Значи, како христијанин мораш да бидеш подготвен да претрпиш извесно прогонство (2. Тимотеј 3:12). Дури и ако никогаш не им кажеш ниту збор за Библијата на твоите врсници, некои можеби сѐ уште ќе те прогонуваат едноставно затоа што се држиш за високи мерила на однесување и не им се придружуваш во лошите постапки (1. Петрово 4:4). Меѓутоа, Исус ги упатува овие утешни зборови: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас“ (Матеј 5:11). Како е можно да бидеш среќен ако ти се исмејуваат или те задеваат? Затоа што знаеш дека го радуваш Јеховиното срце! (Пословици 27:11). А угодувајќи му на Бог, се ставаш во положба да бидеш награден со вечен живот! (Лука 10:25—28)
За среќа, веројатно нема сите — ниту, пак, повеќето — од твоите школски другари да бидат непријателски настроени кога ќе ги сретнеш во службата. Младата Британка по име Анџела нѐ потсетува: „Кога ќе сретнеш некој школски другар на врата, обично тие се поисплашени од тебе!“ Всушност, некои може да бидат многу љубопитни за тоа што имаш да го кажеш. Во секој случај, многу млади христијани имаат голем успех кога им сведочат на другите ученици. Следната статија од оваа серија ќе дискутира за некои начини на кои и ти можеш да го правиш тоа.
[Слика на страница 28]
Многу млади се плашат дека ќе наидат на некој школски другар додека се во служба
[Слика на страница 30]
Никогаш не дозволувај да се срамиш од својата вера поради тоа што те исмејуваат