ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/6 стр. 3-4
  • Учители — зошто ни се потребни?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Учители — зошто ни се потребни?
  • Разбудете се! 2002
  • Сличен материјал
  • Како да најдам заеднички јазик со наставникот?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
  • Зошто да се биде учител?
    Разбудете се! 2002
  • Поучување — цената и ризиците
    Разбудете се! 2002
  • Постигнала повеќе отколку што очекувала
    Разбудете се! 2003
Повеќе
Разбудете се! 2002
g02 8/6 стр. 3-4

Учители — зошто ни се потребни?

„Еден ден со голем учител е подобар од илјада денови марливо учење“ (јапонска изрека).

СЕ СЕЌАВАТЕ ли на некој учител што навистина Ви оставил впечаток кога сте оделе на училиште? А ако сѐ уште си ученик, дали имаш свој омилен учител? Ако да, зошто?

Добриот учител влева доверба и учењето го прави фасцинантен предизвик. Еден 70-годишен човек од Англија со наклоност се сеќава на својот наставник по англиски јазик во неговото училиште во Бермингем. „Г-н Клули ме направи свесен за способностите што не знаев дека ги поседувам. Бев срамежлив и повлечен, но тој сепак ме обучуваше за да учествувам на драмскиот натпревар во училиштето. Во мојата последна година добив драмска награда. Немаше да го постигнам тоа ако не ме охрабруваше тој. Штета што немав прилика да го видам подоцна за да му се заблагодарам што им беше толку посветен на своите ученици.“

Маргит, пријатна жена во своите 50-ти години, од Минхен (Германија), вели: „Имаше една учителка што многу ми се допаѓаше. Таа убаво ги објаснуваше покомплицираните работи на едноставен начин. Нѐ охрабруваше да поставуваме прашања кога не разбиравме нешто. Не беше резервирана туку беше пријателски настроена. Затоа часовите беа попријатни“.

Питер, од Австралија, се сеќава на еден наставник по математика кој, како што вели тој, „ни помогна да видиме колку е важно она што го учиме давајќи ни практични примери. Кога учевме тригонометрија, ни покажа како да ја измериме височината на некоја зграда без дури ни да ја допреме, користејќи ги само тригонометриските правила. Се сеќавам дека си помислив: ‚Види, види, ова не е мала работа‘“.

Полин, од северна Англија, му признала на својот учител: „Тешко ми оди со броевите“. Тој ја прашал: „Сакаш ли да ти оди полесно? Јас ќе ти помогнам“. Таа продолжува: „Во текот на следните неколку месеци ми посвети поголемо внимание, па дури и ми помагаше по часовите. Знаев дека сака да успеам — дека беше вистински заинтересиран. Тоа сознание ме тераше да работам повеќе и се поправив“.

Енџи, од Шкотска, сега во своите 30-ти години, се сеќава на г-н Греам, нејзиниот наставник по историја. „Тој ја направи историјата многу интересна! Ги раскажуваше настаните како приказна и навистина покажуваше воодушевување за секоја тема. Направи сѐ да изгледа живо.“ Со љубов се сеќава и на г-ѓа Хјуит, нејзината постара учителка од прво одделение. „Таа беше љубезна и грижлива. Еден ден, додека траеше часот, појдов кај неа за да ѝ поставам едно прашање. Таа ме подигна в раце. Ми влеа чувство дека навистина се грижи за мене.“

Тимоти, од јужна Грција, го изразува своето ценење. „Сѐ уште се сеќавам на мојот наставник по природни науки. Тој засекогаш го промени моето гледиште за светот околу мене и за животот. Создаде атмосфера на страхопочит и љубопитност во училницата. Во нас всади силна желба за знаење и љубов кон разбирањето.“

Рамона, од Калифорнија (САД), е уште еден пример. Таа пишува: „Мојата професорка од средно училиште го сакаше англискиот јазик. Нејзината воодушевеност беше заразна! Дури и тешките лекции ги правеше да изгледаат лесни“.

Џејн, од Канада, зборува воодушевено за наставникот по физичко воспитување, кој бил „полн со идеи за забава и учење. Нѐ водеше надвор и нѐ учеше да скијаме и да ловиме риба во лед. Направивме дури и пченкарник, еден вид индијански леб, на логорскиот оган што го запаливме сами. Сето тоа беше прекрасно искуство за една девојка што затворена дома обично ќе ја пикнеше главата во книгите!“

Хелен е срамежлива госпоѓа родена во Шангај, која одела на училиште во Хонг Конг. Таа се сеќава: „Во петто одделение имав еден наставник, г-н Чан, кој предаваше физичко воспитување и сликарство. Бев слаба и многу лошо играв одбојка и кошарка. Тој не ме засрамуваше. Ме оставаше да играм бадминтон и други игри кои повеќе ми одеа. Беше обѕирен и љубезен.

Слично беше и со сликањето — не ми одеше сликање предмети или луѓе. Затоа ме оставаше да сликам шари и дизајни, за кои имав поголем талент. Затоа што бев помала од другите ученици, ме убеди да останам во истото одделение уште една година. Тоа беше пресвртница во моето школување. Стекнав самодоверба и напредував. Секогаш ќе му бидам благодарна“.

Кои учители по сѐ изгледа оставаат најдлабок впечаток? Вилијам Ејерс го дава одговорот во својата книга To Teach—The Journey of a Teacher (Поучување — патувањето на учителот): „За да се поучува добро, пред сѐ е потребен обѕирен, грижлив учител посветен на животот на учениците . . . За да се биде добар учител не се потребни некои посебни техники или стилови, планови или постапки . . . Поучувањето е првенствено работа на љубов“. Според тоа, кој е успешен учител? Тој вели: „Учителот што Ве допрел во срцето, учителот што Ве разбрал или бил заинтересиран за Вас како личност, учителот чија страст кон нешто — музика, математика, латински јазик, летала — била заразна и мотивирачка“.

Без сомнение, многу учители чуле изрази на ценење од учениците, па дури и од родителите, и со тоа биле охрабрени да продолжат со наставната работа и покрај проблемите. Заеднички фактор за толку многу вакви забелешки е искрениот интерес и љубезноста што ја покажал учителот кон ученикот.

Се разбира, немаат таков позитивен пристап сите учители. Освен тоа, учителите честопати се изложени на многу притисоци што го ограничуваат она што можат да го направат за своите ученици. Ова нѐ води до прашањето: ‚Зошто луѓето избираат таква тешка професија?‘

[Слика на страница 4]

„Поучувањето е првенствено работа на љубов“

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели