ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/6 стр. 16-19
  • Здрава забава на две тркала

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Здрава забава на две тркала
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Здрава забава
  • Безбедна забава
  • Велосипедизмот како спорт
  • Велосипед за острење ножеви
    Разбудете се! 2009
  • Виенското омилено џиновско тркало
    Разбудете се! 2002
  • Надежта — животоважна заштита во безнадежен свет
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Тур Де Франс — 100-годишнина на најголемиот испит за велосипедизмот
    Разбудете се! 2003
Разбудете се! 2002
g02 8/6 стр. 16-19

Здрава забава на две тркала

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА

КОЕ возило е поефтино од повеќето други, побрзо од автомобилот во многу населени места, подобро за здравјето и плус забавно? Велосипедот. Возењето велосипед е добра вежба во која се комбинирани практичноста и задоволството. Во ера кога многу луѓе се загрижени за своето здравје, патувањето на две тркала заслужува да размислите за него.

Пронаоѓањето на велосипедот му се припишува на баронот Карл фон Драјс, германски пронаоѓач. Неговата чудна направа во вид на скутер, која се појавила некаде во 1817, имала многу едноставна конструкција. Таа се состоела од две тркала, седиште и управувач — но без педали. Движењето на сопствен погон се појавило во 1839, кога еден шкотски ковач, Киркпатрик Мекмилан, прикачил педали поврзани со лост за оските на задното тркало. Потоа дошло до пресвртница во популарноста на транспортот на две тркала. Пјер и Ернест Мишо, татко и син од Франција, монтирале педали на оските на предното тркало и направиле велосипед (од латинското велокс — „брз“, и педис — „стапало“), кој бил и побрз и полесен за управување.

Со зголемувањето на димензиите на предното тркало, се зголемувала и брзината. Во Англија бил измислен обичниот велосипед, познат и како „четврт пени“, со огромно предно тркало со дијаметар од 1,5 метар, кое било во остра спротивност со малото задно тркало. Бил наречен „четврт пени“ поради разликата помеѓу големата монета од еден пени и многу помалата монета од четврт пени.

Потоа дошол безбедносниот велосипед, кој им ја нудел на возачите сестраноста на обичниот велосипед но тежиштето му било поставено пониско и имал тркала со еднакви или речиси еднакви димензии. Во 1879, Англичанецот Хенри Лосон изложил еден велосипед во Париз чие задно тркало се движело со помош на синџир. Подоцна овој модел станал познат како бисиклет.

Кај повеќето современи велосипеди предното тркало има исти димензии со задното. Значи, основниот дизајн не претрпел големи промени. Денешната фамилија велосипеди за секојдневна употреба, за патување, за натпреварување и за возење по планински терен им овозможува на возачите удобно да се движат на две лесни гумени тркала.

Здрава забава

Без да прават бучава, без да загадуваат, честопати побрзи од моторизираните возила кога се работи за кратки растојанија, велосипедите се основно превозно средство во многу земји. Во Африка, Азија и на други места, велосипедите станале превозно средство за сѐ и сешто, бидејќи оние што ги возат — односно ги туркаат — ги користат за да ги носат своите стоки на пазар. Не ретко на велосипедот не е качен само еден возач, бидејќи роднините и пријателите седнуваат на попречната шипка или седат на неудобниот багажник.

Во западните земји, каде што автомобилот е на прво место за личен превоз, сѐ поголемата загриженост за здравјето и желбата да се избега од монотонијата на градот ја обновија популарноста на велосипедот. Покрај бројните главни патишта се појавија и специјално резервирани велосипедски ленти или патеки. На пример, во Британија голем број локални владини авторитети се гордеат со километрите патеки резервирани за велосипедистите.

Освен тоа што не предизвикува загадување од издувни гасови, возењето велосипед може да биде и здраво. Тоа „е заштита од кардиоваскуларни болести, кои се причина број еден за смрт и предвремена смрт во Велика Британија“, забележува советникот за транспорт Адријан Дејвис. При возењето велосипед е потребен поголем напор, околу 60 до 85 проценти од максималниот капацитет на едно лице, во споредба со 45 до 50 проценти што се користат при пешачењето. Поради минималното оптоварување врз екстремитетите на велосипедистот, ризикот од повреда на коските е помал отколку кога се оди по улиците пеш.

Уште една корист за здравјето при возењето велосипед е пријатното чувство што му го дава на возачот. Истражувањата покажуваат дека телесните движења што се вклучени предизвикуваат ослободување на хемикалии во мозокот наречени ендорфини, кои го зголемуваат расположението. Освен тоа што влијае врз доброто расположение, возењето велосипед сигурно придонесува и за добриот изглед. Како? „При умерена брзина оној што ги врти педалите [на велосипедот] ќе потроши приближно седум калории за една минута, односно 200 калории за половина час“, известува весникот The Guardian. Со какви резултати? Можеби потенка половина и крај на млитавите бедра.

Безбедна забава

Во земјите каде што преовладува автомобилот постои сѐ поголема загриженост за безбедноста на велосипедистите. На пример, дали да се носи заштитен шлем? Сигурно дека е мудро да се преземат мерки на претпазливост. Од друга страна, пак, самото носење шлем не гарантира дека велосипедистот ќе се заштити од повреда. Новинарката Силија Хол го сврте вниманието кон една анкета на 1.700 велосипедисти на различна возраст што носеле шлемови. Едно шокантно откритие на анкетата било дека носењето шлем им дало на возачите лажно чувство на сигурност. Што е уште полошо, 6 проценти од нив носеле шлемови што не им биле по мера. Кога ќе се случи сообраќајна незгода, шлемот што не пасува го зголемува ризикот од повреда за 50 проценти. Ако носите заштитен шлем, погрижете се да Ви биде по мера. Редовно проверувајте го шлемот на Вашето дете. Преголемиот шлем може да биде фатален.

Управувачите на моторни возила честопати се изнервирани од велосипедистите и имаат склоност да го игнорираат нивното присуство. Затоа, бидете забележливи. Носете заштитна облека — флуоресцентна дење, а рефлектирачка ноќе. И велосипедот треба да биде видлив, дури и во темница. Рефлекторите на педалите и чистите предни и задни светла честопати се законско барање и сигурно се мудра мерка на претпазливост. Погрижете се Вашиот избор на заштитна опрема да ги задоволува законските стандарди во Вашата земја.

За безбедноста е битно доброто одржување на велосипедот. Проверувајте го, чистете го и одржувајте го редовно. Откако ќе ги преземете сите овие мерки на претпазливост, можеби ќе утврдите дека е мудро во Вашето место да возите велосипед „надвор од патот“. Но, за да го правите тоа безбедно, ќе Ви треба исправен вид велосипед. (Видете ја рамката „По Ваша мерка“.)

Велосипедизмот како спорт

За некои луѓе возењето велосипед е спорт. Неодамнешните скандали во врска со прочуената Тур д’Франс ги поврзаа велосипедските трки со земање дрога и измама. Списанието Time во една статија со наслов „Нека победи најдобрата дрога!“ тврдело дека трката била „хаос“. Со дебатите во врска со допингот и хемиските супстанции што се користат за зголемување на ефикасноста, нарушена е репутацијата на спортот.

Мудрите велосипедисти внимателно размислуваат за тоа колку време и напор вложуваат во својот спорт. Дури и кога користите за здравјето го прават велосипедизмот привлечен, урамнотежените луѓе увидуваат дека вежбањето е само еден фактор за постигнување долг и здрав живот. Сепак, следниот пат кога ќе се качите на својот велосипед за да возите, уживајте во здравата забава на две тркала!

[Рамка/слики на страница 19]

По Ваша мерка

Велосипедите за возење по планински терен се, всушност, модели за секој терен, кои имаат мала, цврста рамка, рамен управувач, повисоки педали отколку стандардните модели, како и широки гуми што ги совладуваат нерамните површини. Различните брзини му овозможуваат на велосипедистот полесно да се качува по угорнина.

Ако возите и на тврди улични површини и на нерамен терен, тогаш Ви треба комбиниран модел од велосипед за планински терен и стандарден велосипед. Таквиот велосипед има потенки гуми и малку пониски педали. Стандардните велосипеди овозможуваат поисправена положба за возење и имаат помалку брзини.

Кој и да е моделот што ќе го изберете, погрижете се да Ви одговараат димензиите. Прво испробајте го. Наместете ги рачките на управувачот, седиштето и педалите да Ви одговараат. Кога ќе ја пречекорите попречната шипка, треба да успеете да застанете со стапалата на земја (видете погоре).

Најбезбедна и најудобна положба за возење ќе се постигне ако ја прилагодите висината на седиштето така што ќе можете да ја испружите ногата со петицата на педалата кога е во положба најблиску до земјата (видете лево). Општо земено, рачките на управувачот треба да бидат на висина на седиштето. (Извор: списанието Which?)

[Слика на страници 16 и 17]

Моделот „четврт пени“

[Извор на слика]

Police Gazette, 1889

[Слика на страница 17]

Велосипед

[Извор на слика]

Луѓе: A Pictorial Archive from Nineteenth-Century Sources/Dover Publications, Inc.

[Слика на страница 18]

Велосипедите се транспортно средство во многу земји

[Слики на страница 18]

На некои места шлемот е законско барање

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели