Велосипед за острење ножеви
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД ТАНЗАНИЈА
◼ Што би помислил ако видиш човек кој, седнат обратно на велосипед, енергично ги врти педалите во место? Овде, во Источна Африка, како што е случај и во други земји, ова го прават острачите на ножеви кои вадат леб вршејќи една многу барана услуга.
Тие користат обичен велосипед на кој се направени неколку измени. На багажникот е прицврстено точило. На дополнителниот, двојно потенок бандаж, кој е заварен за задното тркало, се става најлонски каиш.
Не се знае со сигурност како овој изум дошол во Африка. „Сум чул дека вакви велосипеди се користеле во Дар ес Салам, главниот град на Танзанија, и дека подоцна станале популарни и во градот Моши, каде што живеам“, вели Андреја, кој се занимава со овој занает уште од 1985 год. „Овде се користи од 1982 год.“, додава тој.
Како може да се набави ваков велосипед? Андреја објаснува: „Одиме кај фунди, што на свахили значи ‚мајстор‘, и го замолуваме да ни го преправи велосипедот по наша желба“. Обично, целата работа е завршена за ден-два.
Пот и искри!
Денот на Андреја започнува околу седум часот наутро, кога со својот велосипед тргнува кон некое погусто населено место. Кога ќе стигне таму, почнува да ѕвони со ѕвончето од велосипедот и да вика: „Острам ножеви! Острам ножеви!“ За кратко време, некоја домаќинка ќе се појави на прозорецот, ќе го поздрави и ќе му даде два-три тапи ножа. По некој маж ќе му донесе мачета, а берберите му ги донесуваат своите ножици. Андреја остри и мотики, сврдли и речиси сѐ што има сечило.
Пред да почне со работа, Андреја бара рамно место. Откако ќе го најде, го подига задното тркало на ногарките, го става најлонскиот каиш, седнува на второто седиште свртено кон задното тркало и почнува да ги врти педалите. Го облева пот и насекаде летаат искри додека се труди да ги направи сечилата остри како жилет. Околу шест часот навечер, Андреја завршува со работа за тој ден.
Острењето ножеви со помош на велосипед е само еден пример за тоа како трудољубивите можат чесно да заработат дури и под тешки економски услови ако се досетливи и спремни да преземат иницијатива (Изреки 13:4).