Солта — скапоцен производ
„ВИЕ сте солта на земјата“, им рекол Исус на своите ученици (Матеј 5:13). Арапите велат: „Има сол меѓу нас“, а Персијците зборуваат за личност „неверна на солта“ (нелојален или неблагодарен). Поради своите својства на конзерванс, зборот „сол“ добил конотација на висока почит и чест и во древните и во современите јазици.
Солта станала и симбол на стабилност и трајност. Затоа, во Библијата еден непроменлив сојуз бил наречен „посолен завет“, при што странките честопати заедно јаделе оброк со сол, за да го запечатат (Броеви 18:19). Под Мојсеевиот закон, на жртвите што се принесувале на жртвеникот требало да им се додаде сол, несомнено за да се означи отсуство на расипаност или распаѓање.
Интересни историски факти
Низ историјата, солта (натриум хлорид) била толку скапоцен производ што поради неа се воделе дури и војни. Една причина што придонела за Француската револуција биле високите даноци на солта што ги наметнал Луј XVI. Солта се користела и како скапоцено средство за размена. Маварските трговци ја разменувале за злато, грам за грам, а некои централноафрикански племиња користеле плочки од камена сол како пари. Грците ги плаќале робовите со сол, од каде што потекнал изразот „не вреди за солта“.
Во текот на Средниот век, во врска со солта се појавиле извесни суеверија. Истурањето сол се сметало за лош предзнак за несреќа. На пример, на сликата „Последната вечера“ од Леонардо да Винчи, Јуда Искариотски е прикажан со превртено соларниче пред себе. Од друга страна, пак, сѐ до 18 век, седењето над или под положбата на солта на некоја гозбена трпеза го покажувало општествениот статус, при што ценетата положба била над соларникот, во близина на чело на масата.
Уште од рани времиња, човекот научил да ја вади солта од природните солени води, морската вода и камената сол. Една древна кинеска статија за фармакологија зборува за повеќе од 40 видови сол и опишува две методи на вадење сол што се зачудувачки слични на оние што се користат денес. На пример, сончевата енергија се користи за да се извади сол од морската вода во најголемата светска фабрика за сол што работи на соларна енергија, која се наоѓа на брегот на Баија Себастијан Вискаино во Долна Калифорнија Сур (Мексико).
Интересно, проценето е дека, ако целосно се исушат сите океани во светот, „ќе се добијат најмалку 19 милиони кубни километри камена сол, односно околу 14,5 пати од масата на целиот европски континент над највисокиот водостој“, како што вели Encyclopædia Britannica. А Мртвото Море е околу деветпати посолено од океанот!
Употреба на солта во денешно време
Денес солта и понатаму е скапоцен посед, се користи за зачинување на храната, за конзервирање на месото и, меѓу другото, за производство на сапун и стакло. Но, особено интересна е нејзината употреба на полето на здравството. На пример, во многу земји во светот, солта се збогатува со јод за да се победи ендемскиот недостиг на јод, што се карактеризира со гушавост (зголемување на тироидната жлезда) и тешки случаи на ментална ретардираност. Исто така, во некои земји се додава флуор во солта за да се спречи кариес на забите.
Иако солта е неопходна за добро здравје — го регулира волуменот на крвта и притисокот — како стојат работите со контроверзната поврзаност помеѓу внесувањето сол и високиот крвен притисок? Лекарите рутински го скратуваат внесувањето на сол и натриум кај пациентите со хипертензија. Околу една третина до една половина луѓе со висок крвен притисок се осетливи на сол. Во овој случај, се покажало дека помалото внесување сол го снижува крвниот притисок.
Солта сигурно го зголемува уживањето во храната, како што покажал Јов кога прашал: „Зар се јаде блутава храна без сол?“ (Јов 6:6). Навистина можеме да му бидеме благодарни на нашиот Творец, „кој ни дава сѐ богато за наше уживање“, вклучувајќи го и тој скапоцен производ, солта (1. Тимотеј 6:17).
[Слика на страница 15]
Некои од многуте видови сол (во правецот на стрелките на часовникот, почнувајќи од најгоре): 1) морска сол алаеа (Хаваи); 2) fleur de sel (Франција); 3) органска непреработена морска сол; 4) sel gris (сива сол) (Франција); 5) крупна морска сол; 6) мелена црна сол (Индија)