„Добиена од најдобрите родители“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
ЗА СОЛТА се вели дека е „добиена од најдобрите родители — сонцето и морето“. Тоа секако е вистина за солта што се добива со испарување на морската вода.
Бразилската држава Рио Гранде до Норте, која се наоѓа на североисточниот брег на Бразил, е позната по соланите. Поради топлата клима, ниските врнежи на дожд и постојаните суви ветрови, оваа област е совршена за производство на морска сол со процес на испарување. Од овде се добиваат околу 95 отсто од суровата и преработената сол во Бразил. Една од овие солани се наоѓа во општината Ареа Бранка, мало крајбрежно гратче.
Посета на една солана
Соланите за морска сол обично се многу големи, а тоа е случај и со соланата во Ареа Бранка. Кога посетителите се приближуваат по автопатот што води до Ареа Бранка, обично се изненадени колку голема е соланата. Раното утринско сонце се огледува на езерцата, кои се чини дека се протегаат во недоглед. Речиси 90 отсто од овие езерца се користат за испарување, а останатите 10 отсто за процесот на кристализација, каде што солта се формира во кристали.
Сѐ е прекриено со бела покривка од сол, која блешти на сонцето. На ваквите обиколки мора да се носат очила за сонце. Концентрат на сол се добива така што морската вода се пушта да помине низ неколку плитки езерца што се одделени со насипи и дрвени порти. Има вкупно 67 вакви езерца. Под влијание на тропското сонце и ветрот, секоја секунда испаруваат околу 650 литри вода! Сепак, за да заврши целиот процес на испарување, потребни се околу 90 до 100 дена.
Иако по испарувањето останува натриум хлорид, морската вода содржи и мали количини калциум карбонат, калциум сулфат, магнезиум сулфат и други соли. Овие соли се таложат, или се одделуваат, од морската вода во различни етапи, образувајќи слоеви на дното од езерцата.
Од овие езерца концентратот од сол се пушта во 20 езерца за кристализација, или за берба. Во некои од нив морската вода речиси сосем е испарена, по што останале само големи количини тврда сол. За сечење и товарање на солта се користи голема механичка жнеалка за сол. Оттука, камионите ја носат солта до нешто што личи на силос, каде што таа се мие. Откако ќе биде отстранета водата, солта се плакне со слатка вода.
На крајот, со шлеп солта се носи до пристаништето на вештачкиот остров близу до Ареа Бранка, кое беше изградено на отворено море, на оддалеченост од околу 12 километри од копното. Овој остров има правоаголна форма — отприлика 92 на 166 метри — и на него може да се складираат 100.000 тони сол. Една подвижна лента ја носи солта до еден терминал на отворено море, каде што солта се товара на бродови со кои се пренесува до другите делови на Бразил.
Многунаменска, важна супстанција
Иако на нашето тело му треба многу малку сол, сепак таа е од основно значење за животот и здравјето и на луѓето и на животните. Кога ќе помислиме на сол, можеби на ум ни доаѓаат само белите зрнца што го подобруваат вкусот на храната. Но, таа има и многу други корисни намени како, на пример, во хемиската, текстилната и металуршката индустрија. Солта се користи и во производството на некои хемикалии, како и во производството на сапун, емајл и порцелански лак. Се вели дека денес солта има преку 14.000 намени!
Резервите на сол се практично неисцрпни. Во само еден кубен километар морска вода има околу 25 милиони тони натриум хлорид, или обична сол! Но, во минатото, до сол не се доаѓало толку лесно. На пример, во древна Кина, само златото било поскапо од солта. Библијата многу пати ја спомнува солта и укажува на различни начини на кои се користи таа.
Понекогаш, кога ќе се родело бебе, се триело со сол, веројатно затоа што се сметало дека има лековити или антисептички својства (Езекиел 16:4). Во Библијата солта се користи и во фигуративна смисла. На пример, Исус рекол дека неговите ученици се „солта на земјата“, укажувајќи на тоа дека со животодавната порака што ја објавуваат, ги штитат другите од расипаност (Матеј 5:13). Исто така, солта станала симбол за постојаност и трајност. Затоа, кога ќе бил склучен „сојуз посолен“, тој се сметал за нераскинлив (4. Мојсеева 18:19).
Посетата на соланата во Ареа Бранка ни помогна подобро да сфатиме колку важна и корисна е солта и зошто во историјата ѝ се придавало толку големо значење. Навистина, можеме да бидеме благодарни што оваа неопходна работа, која е „добиена од најдобрите родители — сонцето и морето“, ја има во толкаво изобилство.
[Слика на страница 16]
Жнеалка за сол на едно езерце за кристализирање
[Слика на страница 16]
Сол пред да се пречисти
[Слика на страници 16 и 17]
Место каде што се мие, плакне и складира солта