Виа крукис прослави во Мексико
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО
ЗА ДА СЕ ОДБЕЛЕЖИ смртта на Исус, во Мексико се одржуваат околу 300 религиозни празници годишно. Еден од најголемите е Виа крукис, со своите поворки и прикажување на последните денови од Исусовиот живот. Виа крукис доаѓа од латинскиот јазик и значи „Патот на крстот“. Во областа Истапалапа во Мексико Сити, директорот на локалниот Дом на културата го објаснува неговото потекло: ‚Во 1833, во Истапалапа имало епидемија на колера. За да се ублажи пустошењето, членови на заедницата започнале да го прикажуваат во живо Христовото страдање‘.
Еве како се одвива еден типичен Виа крукис. Мноштва луѓе се собираат за да го видат прикажувањето на еврејски водачи, центуриони, Исусовите апостоли и жените што го следеле, вклучувајќи ја и Марија. Еден млад маж ја игра улогата на Исус. Тој знае напамет библиски стихови и ги цитира додека се одвиваат настаните. Актерите користат перики, бради и мустаќи и се облекуваат во дебели наметки. „Исус“ го следат и „Назареќани“, боси или со кожни сандали, кои носат круни од трње за да го имитираат страдањето што го доживеал Исус. Понекогаш ги има и до 2.500 души. Во текот на денот носат крстови до Cerro de la Estrella (Ѕвездениот рид), местото што е избрано за да се „распне“ Исус.
Продавачите нудат производи како што се шешири, пијалаци, религиозни сликички што се лепат на образите или на рацете, балони, бонбони за децата и многу други работи. За оваа прилика се поставуваат дури и забавни паркови.
Во градот Керетаро, покајници се обидуваат да одат со нозете врзани во синџири. Во Тахко, речиси пет часа мажите носат на грбот снопови трње што тежат 40 до 50 килограми. Други одат по поворката камшикувајќи си го сопственото тело. Честопати, извесен број од овие учесници завршуваат во болница.
Ваквото обожавање можеби нѐ потсетува на зборовите на апостол Павле кога зборувал против „самонаметнат облик на обожавање и привидна понизност, сурово постапување со телото“ (Колошаните 2:23). Вистинските христијани ја одбележуваат Христовата смрт, но избегнуваат традиции што се вкоренети во лаги и што се во судир со библиските начела.