Привлечноста на броевите
ЗАМИСЛЕТЕ СИ свет без броеви. Не би постоеле пари. Трговијата би била ограничена на трампање лице в лице. А што би се случило со спортот? Без броеви, не само што не би можеле да ги пресметаме резултатите туку не би можеле дури ни да одредиме колку играчи треба да играат во секоја екипа!
Меѓутоа, освен нивната практична примена, броевите се обвиткани и со мистерија. Ова е така затоа што тие се апстрактни. Броевите не можете ниту да ги видите, ниту да ги допрете, ниту да ги почувствувате. Да илустрираме: Јаболкото има одредена боја, структура, големина, облик, мирис и вкус. Можете да го проверите секое вакво својство за да видите дали некој предмет навистина е јаболко, лимон, топка или нешто друго. Меѓутоа, бројот не е таков. Збир од седум предмети можеби нема ништо заедничко со друг збир од седум предмети — освен тоа што се седум. Затоа, да се сфати значењето на броевите — на пример, да се согледа разликата помеѓу шест и седум — значи да се сфати нешто навистина многу апстрактно. И токму овде стапува на сцена мистичноста на броевите.
Од Питагора до псевдонаука
Во древните општества било вообичаено да им се припишува посебно значење на броевите. Питагора, грчки филозоф и математичар што живеел во шестиот век пр.н.е., поучувал дека сите работи можат да се изразат со броеви. Тој и неговите следбеници резонирале дека целиот универзум е пример на ред и пропорција. Според тоа, зарем не е веројатно сите материјални нешта да бидат во некаков математички однос?
Од времето на Питагора, толкувањето на броевите се користело за претскажување и за толкување на сонови, но и како помош во помнењето. Го користеле Грците, муслиманите и припадниците на христијанскиот свет. Користејќи еден систем на нумерологија наречен гематрија, еврејските кабалисти ѝ придале нумеричка вредност на секоја од 22-те букви на хебрејската азбука и затоа тврдат дека пронашле скриени значења во Хебрејските списи.
И современата нумерологија е слична. Честопати Вашето име и датумот на раѓање се појдовна точка. На секоја буква од Вашето име ѝ се придава нумеричка вредност. Собирајќи ги — заедно со броевите на месецот и датумот на Вашето раѓање — нумерологот ги утврдува Вашите клучни броеви. Потоа им придава посебно значење на овие броеви, кои тој смета дека даваат целосен опис за Вас — вклучувајќи ја и Вашата личност, Вашите желби за кои не сте ни свесни, и Вашата судбина.
Вистинската привлечност на нумерологијата можеби лежи во привидната точност на нејзините анализи. „Многу луѓе почнале да веруваат во нумерологијата кога откриле колку тесно броевите се совпаѓаат со луѓето на кои се однесуваат“, пишува Едвард Албертсон во својата книга Prophecy for the Millions (Пророштво за милиони). Сепак, нумерологијата е наречена и псевдонаука. Зошто? Има ли причини за да се сомневате во нејзините тврдења?
[Рамка/слики на страница 5]
СКРИЕНИ ПОРАКИ ВО БИБЛИЈАТА?
Во својата книга The Bible Code (Библискиот код), новинарот Мајкл Дрознин тврди дека открил скриени пораки со помош на компјутерска анализа на Хебрејските списи. Како што тврди Дрознин, овој „код“ ги дал зборовите „убиец што ќе убие“ заедно со името Јицак Рабин — а тоа било откриено една година пред да биде убиен израелскиот премиер Рабин.
Како што се очекуваше, книгата Библискиот код создаде полемики. Дејв Томас, математичар и физичар, покажал дека компјутерската анализа на кој и да е текст ќе даде нешто што личи на тајни пораки. Анализирајќи го текстот на Дрознин, Томас дошол до зборовите „код“, „глупав“ и „измама“. „Скриени пораки можат да се најдат секаде“, вели Томас, „само ако сте спремни да потрошите време и напор за да го пребарувате огромното поле на веројатноста.“
Бидејќи може да прави неограничен број калкулации, еден компјутер веројатно ќе најде некои комбинации на букви што би можеле да се користат како некој вид предвидување. Но, тоа е само случајност и не докажува дека Библијата содржи скриени пораки.a
[Фуснота]
a За повеќе информации, видете Стражарска кула од 1 април 2000, страници 29—31.
[Слика на страница 4]
Питагора поучувал дека сите нешта можат да се изразат со броеви
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Library of Medicine