Треба ли да се потпирате на броевите за водство?
ДАЛИ нумерологијата може да го издржи испитот на науката и разумот? Дали броевите се средство со кое можеме да ја откриеме нашата судбина? Треба ли да ја градите својата иднина врз откритијата и претскажувањата на нумерологијата?
Еден приговор што нумеролозите не успеале да го совладаат е тоа што различни култури користат различни календари. На пример, што ако некој живее онаму каде што се користи кинески календар? Да го разгледаме датумот спомнат во уводната статија — 11 септември 2001. Според кинескиот календар, тоа било 24-тиот ден од 7-миот месец на 18-тата година од 78-миот период. Јулијанскиот календар би го изразил истиот датум како 29 август 2001. Според муслиманскиот календар, тоа било 22 јумада II 1422, додека според хебрејскиот календар е 23 елул 5761. Какво нумеричко значење би можел да има еден датум што е изразен на толку многу начини? Уште еден фактор: Јазиците честопати имаат специфичен правопис на имињата. На пример, буквите што ги содржи англиското име Џон имаат нумеричка вредност 2, но буквите според шпанскиот правопис на истото име — Хуан — имаат вредност 1.
Една работа е да се признае дека многуте аспекти на универзумот можат да се објаснат со математички формули. Овие формули можат да се проверат и да се докажат. Но, сосема друга работа е да се тврди дека било предодредено Вашето име да се совпаѓа со Вашиот датум на раѓање и да биде поврзано со извесни броеви за да можете да ја одредите својата судбина.
Заклучокот е јасен: Да се верува дека толкувањата на нумерологијата се точни, кога се базираат врз толку променливи фактори како што се календарот и јазикот, значи да се преминат границите на веројатноста и да се дојде до степен на апсурдност.
„Времето и непредвидениот настан“
Некои се интересираат за нумерологијата затоа што сакаат да предвидат што ќе им се случи во животот. Меѓутоа, Библијата јасно покажува дека деталите од животот на човекот не можат да се одредат однапред. Читаме: „Брзите не ја имаат трката, ниту силните битката, ниту мудрите ја имаат храната, ниту оние со разбирање го имаат богатството, дури ниту оние кои имаат знаење ја имаат наклоноста; бидејќи времето и непредвидениот настан им се случуваат на сите нив“ (Проповедник 9:11, NW). Да, многу настани се случуваат неочекувано. Таквите случајни настани ги спречуваат напорите да се предвиди исходот врз основа на датумот на раѓање или на нумеричката вредност на некое име.
Да разгледаме уште еден пример: Охрабрувајќи на великодушност, Библијата наведува: „Фрли го својот леб во водата, и ќе го најдеш после многу време. Раздели им на седуммина или на осуммина, зашто не знаеш какво зло ќе ја снајде земјата“ (Проповедник 11:1, 2). Со неколку исклучоци, неволјите се работи што луѓето не ги знаат — всушност, не можат да ги знаат — однапред. Затоа, професорот по математика Андервуд Дадли пишува во врска со нумеролозите: „Тие не ѝ оддаваат доволно признание на случајноста. Случајно можат да се случат чудесни работи“.
Вистина е дека нумеролозите можат да дадат некои предвидувања што се обистинуваат. На што се должи ова? Во некои случаи, исходот може да биде сосема случаен. Освен тоа, понекогаш нумеролозите се изразуваат толку двосмислено што тоа би можело да се примени на неколку исходи. Но, треба да се земе предвид и нешто уште посериозно.
Облик на гатање?
Библијата не ја спомнува нумерологијата под тој назив. Но, таа ни кажува за Аман, еден Амаликиец што сковал завера за да се истребат Евреите што живееле во Персија во петтиот век пр.н.е. Извештајот вели: „Во присуство на Аман фрлија ‚фур‘, односно жрепка, за да ги утврдат денот и месецот. Жрепката падна на тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно на месецот адар“ (Естира 3:7).
Во древни времиња, фрлањето жрепка било законски начин да се реши некој спорa (Пословици 18:18). Но, Аман фрлил жрепка за да гата — нешто што Библијата го осудува. Во Второзаконие 18:10—12 стои дека Бог мрази „кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво . . . кој би баел, кој би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците. Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво“.
Библијата го поврзува гатањето и натприродните сили со спиритизмот. Злите духови можат да управуваат со настаните за да бидат во склад со нивната намера. Без разлика дали е така во некој конкретен случај или не, едно е сигурно: Бог го осудува практикувањето спиритизам и тоа може да го доведе човек под власта на злите духови (1. Самоил 15:23; Ефешаните 6:12).
Нумерологијата нема научна основа и не може да опстане кога ќе се преиспита во светло на разумот. Што е уште поважно, затоа што е еден облик на гатање, нумерологијата доаѓа во судир со библиските учења. Со оглед на тоа, нумерологијата не е корисно средство што ќе управува со Вашиот живот или со кое ќе ја планирате својата иднина.
[Фуснота]
a Кога се фрлала жрепка, мали предмети — како што се камчиња или парченца дрво — се ставале во наборите на облеката или во вазна. Потоа се протресувале. Бил избиран оној чија жрепка ќе ја извлечеле.
[Рамка на страница 6]
РАЗЛИЧНИТЕ КАЛЕНДАРИ ПРЕТСТАВУВААТ СЕРИОЗНА ПРЕПРЕКА ЗА НУМЕРОЛОГИЈАТА
ГРЕГОРИЈАНСКИ 11 септември 2001
КИНЕСКИ 24-тиот ден од 7-миот месец од 18-тата година
од 78-миот период
ЈУЛИЈАНСКИ 29 август 2001
МУСЛИМАНСКИ 22 јумада II 1422
ХЕБРЕЈСКИ 23 елул 5761
[Рамка/слики на страница 7]
ДАЛИ ХОРОСКОПИТЕ СЕ ВЕРОДОСТОЈНИ?
„Понекогаш сте друштвени, но понекогаш сте резервирани. Сметате дека не е мудро да откривате премногу за себе пред непознати. Независно размислувате и Ви треба доказ за нешто пред лекомислено да го прифатите. Сакате разновидност во животот и несреќни сте кога сте загушени од правила. Имате голем потенцијал, но не сте го искористиле целосно. Склони сте да бидете критички настроени кон својата работа и способности.“
Дали ова личи на Вас? Ако да, можеби на овој опис му придавате поголемо значење отколку што заслужува. Всушност, поголемиот дел од горните изјави важат за повеќето луѓе. Затоа, читателите ќе бидат склони да ги прифатат оние изјави што изгледаат точни и да ги игнорираат оние што не изгледаат точни. Според книгата Why Do Buses Come in Threes—The Hidden Mathematics of Everyday Life (Зошто автобусите доаѓаат по три — скриената математика на секојдневниот живот), „истражувачите откриле дека, ако се отстранат знаците на зодијакот од некој хороскоп, луѓето нема да можат да откријат кој пасус припаѓа на нивниот знак, а ако се вклучени знаците, тие ќе веруваат дека она што го пишува во ѕвездите за нивниот знак е сосема точно“.
[Рамка на страница 8]
СИМБОЛИЧНИТЕ БРОЕВИ ВО БИБЛИЈАТА
Извесни броеви што се користат во Библијата имаат симболично значење, но само во контекст на Писмото каде што се употребени. На пример, бројот четири се користи за да се означи целосност или универзалност. Оваа идеја е пренесена во изразите како што се „четири краишта на земјата“ и ‚четири небесни ветра‘ (Исаија 11:12; Даниел 8:8). Понекогаш, бројот шест претставува несовршенство. Интересно, бројот што ѝ е даден на Сатановата земна политичка организација, според книгата Откровение, е „човечки број“ — 666 (Откровение 13:18). Овде бројот шест е потенциран три пати (се појавува во стотки, десетки и единици), со што се подвлекува несовршеноста на таа ѕверска организација. Кога бројот седум се користи на симболичен начин, претставува потполност (Левит 4:6; Евреите 9:24—26). Овие и други симболични броеви што се користат во Писмото добиваат значење од контекстот на пророштвото.
Иако Писмото им придава одредена важност на извесни броеви, Библијата не нѐ охрабрува да ги поврзуваме буквите на извесни зборови со броевите за да откриеме мистични вистини.
[Слика на страница 8]
Аман применил гатање за да го одреди датумот кога ќе ја спроведе својата геноцидна завера