Поглавје 4
Трагање по непознатото преку магија и спиритизам
1. Што им рекол Павле на атињаните на Ареопагот? Зошто?
„МАЖИ атињани, гледам дека во сѐ вие некако повеќе се плашите од божествата отколку другите“ (Дела 17:22). Ова му го рекол христијанскиот апостол Павле на едно насобрано мноштво на Ареопагот, односно Марсовото брдо, во древниот град Атина (Грција). Павле ја дал таа забелешка бидејќи претходно видел дека ‚градот бил полн со идоли‘ (Дела 17:16). Што видел тој?
2. Што покажувало дека атињаните имаат страв од божествата?
2 Без сомнение, Павле видел мноштво грчки и римски богови во тој космополитски град, и било очигледно дека животот на луѓето бил обземен со нивното обожавање на божествата. Од страв случајно да не пропуштат да му искажат почитување на некое важно или моќно божество, кое поради тоа би можело да се разбесни, атињаните во своето обожавање вклучиле дури и еден „Непознат Бог“ (Дела 17:23). Тоа јасно покажувало дека имаат страв од божествата.
3. Дали стравот од божествата е ограничен само на атињаните?
3 Секако, стравот од божествата, а особено од непознатите, не е ограничен на атињаните од првиот век. Тој илјади години доминирал речиси со целото човештво. Во многу делови од светот, скоро секој аспект од животот на луѓето е директно или индиректно поврзан со некое божество или со духови. Како што видовме во претходното поглавје, митологиите на древните Египќани, Грци, Римјани, Кинези и други биле длабоко вкоренети во идеи за богови и духови, што одиграло важна улога во личните и државните работи. Во средниот век, низ подрачјето на христијанскиот свет зеле замав приказни за алхемичари, волшебници и вештерки. Но и денешната ситуација е многу слична.
Обреди и суеверија денес
4. Кои се некои популарни обичаи кои изгледа се поврзани со божества или духови?
4 Без разлика дали луѓето се свесни за тоа или не, многу од работите што тие ги прават се поврзани со суеверни практики или верувања, а некои од нив имаат врска и со божества или духови. На пример, дали си знаел дека роденденската прослава потекнува од астрологијата, која му придава голема важност на точниот датум на раѓањето? А што е со роденденската торта? Се чини дека таа е поврзана со грчката божица Артемида чиј роденден бил прославуван со медени колачиња во облик на месечина на кои имало свеќи. Или, пак, дали си знаел дека носењето црнина на погреб првобитно претставувало еден трик за да се избегне вниманието на злите духови за кои се сметало дека демнат во таквите прилики? Некои африкански црнци се премачкуваат со бела боја додека, пак, ужалените во други земји носат необични бои за да не бидат препознаени од духовите.
5. Кои се некои од вообичаените суеверија кои ги знаеш?
5 Покрај овие популарни обичаи, луѓето насекаде имаат свои суеверија и стравови. На Запад, ако се скрши огледало, ако се види црна мачка, ако се оди под скала и, зависно од тоа каде живееш, вторник или петок 13-ти се сметаат како предзнаци кои навестуваат нешто лошо. На Исток, пак, Јапонците го носат своето кимоно со левата страна преклопена преку десната, зашто обратниот начин е резервиран за мртовците. Нивните куќи се изградени на таков начин што прозорците или вратите не се свртени кон североисток — за да не можат демоните, за кои се вели дека доаѓаат од тој правец, да го најдат влезот. На Филипините, луѓето му ги собуваат чевлите на умрениот и пред погребот ги ставаат покрај неговите нозе за „свети“ Петар да му изрази добредојде. Старите им велат на младите да се однесуваат добро, укажувајќи дека ликот на месечината е „свети“ Михаел кој ги посматра и ги запишува нивните постапки.
6. До која мера луѓето денес се вмешани во спиритизам?
6 Меѓутоа, верувањето во духови и божества не е ограничено на навидум безопасни обичаи и суеверија. И во примитивните и во современите општества, луѓето прибегнувале кон различни средства за да ги контролираат или смират страшните духови и да ја стекнат наклоноста од добротворните. Секако, можеби најпрвин помислуваме на луѓето во далечните џунгли и планини кои, кога се болни или на некој друг начин се во мака, се обраќаат кај духовни медиуми, врачеви и шамани (магиски свештеници). Но, исто така луѓето и од големите и од малите градови одат кај астролози, кај гледачи, претскажувачи и гатачи за да се распрашаат за иднината или да добијат помош при донесувањето важни одлуки. Иако некои по име припаѓаат на една или друга религија, одушевено се стремат кон такви практики. Многу други ги направиле спиритизмот, црната магија и окултизмот своја религија.
7. Кои прашања треба да ги разгледаме?
7 Кој е изворот или потеклото на сите овие практики и суеверија? Дали се тие само различни начини за да му се пристапи на Бог? И што е најважно, што прават тие за оние кои ги следат? За да ги откриеме одговорите на овие прашања, мораме да се вратиме во историјата на човекот и да фрлиме бегол поглед на неговите рани начини на обожавање.
Посегнување по непознатото
8. Која посебна особина ги одвојува луѓето од пониските суштества?
8 Спротивно на она што можеби го тврдат еволуционистите, човекот поседува духовна димензија која го разликува од пониските суштества и го прави супериорен во однос на нив. Тој е роден со порив да го истражува непознатото. Секогаш се бори со прашања како, на пример: ‚Која е смислата на животот? Што се случува откако некој ќе умре? Каков е односот на човекот со материјалниот свет и, всушност, со универзумот?‘ Тој е понесен и од желбата да посегне по нешто повисоко или помоќно од самиот себе за да се здобие со некаква контрола над својата околина и животот (Псалм 8:3, 4; Проповедник 3:11; Дела 17:26—28).
9. Како еден изучувач ја опишува „духовноста“?
9 Во својата книга Man, God and Magic (Човек, Бог и магија), Ивар Лиснер тоа го изразува вака: „Можеме само да се чудиме на истрајноста со која човекот во текот на својата историја се стремел да посегне надвор од самиот себе. Неговата енергија никогаш не била насочена само кон основните животни потреби. Тој секогаш испитувал, барал понатаму, стремејќи се кон недостижното. Овој чуден и вроден порив во човечкото битие е неговата духовност“.
10. Што покажува дека човекот има природен порив да посегне по Бог?
10 Се разбира, оние кои не веруваат во Бог, не ги гледаат работите баш така. Оваа човечка склоност тие обично им ја припишуваат на човековите потреби, психолошки или поинакви, како што видовме во поглавје 2. Меѓутоа, зарем од заедничко искуство не знаеме дека кога се соочуваат со опасност или со некоја очајна ситуација, првата реакција на повеќето луѓе е да го молат Бог или некоја повисока сила за помош? Тоа е случај и денес како што било и во минатото. Затоа, Лиснер понатаму рекол: „Никој кој спровел истражување меѓу најстарите примитивни народи не може а да не сфати дека сите тие имаат некаква замисла за Бог, дека поседуваат една жива свесност за едно врховно битие“.
11. Каков е резултатот од човековите напори да посегне по непознатото? (Спореди Римјаните 1:19—23.)
11 Начинот, пак, како тие настојувале да ја задоволат таа вродена желба за да посегнат по непознатото бил сосема друга работа. Номадските ловци и сточарите се треселе пред силата на дивите ѕверки. Земјоделците посебно се усогласувале со промените на времето и на годишните времиња. Жителите на џунглите реагирале сосема поинаку од луѓето кои живееле во пустините или планините. Соочени со овие различни стравови и потреби, луѓето развиле една збунувачка разноликост на религиозни практики со кои се надевале да ги смилостиват добротворните и да ги смират страшните богови.
12. Кои заеднички обележја можат да се видат во религиозните практики на луѓето насекаде?
12 Меѓутоа, и покрај големата разновидност, постојат некои заеднички обележја кои можат да се препознаат во овие религиозни практики. Меѓу нив се почитта кон и стравот од светите духови и натприродни сили, употребата на магија, гатање за иднината преку знаци и предзнаци, астрологија и различните методи на претскажување. Додека ги разгледуваме овие обележја, ќе видиме дека тие одиграле главна улога во обликувањето на религиозното размислување на луѓето по целиот свет, и тоа низ сите векови, па дури и на луѓето денес.
Свети духови и натприродни сили
13. Што можеби било загатка за луѓето во минатите времиња?
13 Изгледа дека животот на луѓето во дамнешно време бил исполнет со мистерија. Тие биле опкружени со необјасниви и збунувачки настани. На пример, не можеле да сфатат зошто еден совршено снажен човек ненадејно се разболува, или зошто небото не дава дожд во вообичаената сезона или, пак, зошто едно голо, навидум безживотно дрво раззеленува и е полно со живот во извесно време од годината. Дури и сопствената сенка, чукањето на срцето и дишењето биле мистерии.
14, 15. Поради недостиг на разбирање и водство, на што најверојатно човекот го припишувал необјаснивото? (Спореди 1. Самоил 28:3—7.)
14 Бидејќи човекот има вродена духовна склоност, било сосема природно тој да ѝ ги припишува овие мистериозни работи и случки на некоја натприродна сила. Меѓутоа, во недостиг на исправно водство и разбирање, неговиот свет наскоро се исполнил со души, духови, сеништа и демони. На пример, Алгонкини Индијанците од Северна Америка ја нарекуваат човечката душа отахчук, што значи „негова сенка“, а Малајците од југоисточна Азија веруваат дека кога човекот умира, душата му излегува низ ноздрите. Денес, верувањето во духови и покојни души — и обидите на некаков начин да се комуницира со нив — се речиси универзални.
15 Исто така, изгледало дека и други работи кои ги има во природата — Сонцето, Месечината, ѕвездите, океаните, реките, планините — се живи и дека имаат директно влијание врз човечките активности. Бидејќи се чинело дека овие работи живеат во свој сопствен свет, тие биле персонифицирани како духови и божества, некои добротворни и корисни, а други злобни и опасни. Обожавањето на создадените работи почнало да зазема истакнато место речиси во сите религии.
16. Како се манифестирало обожавањето духови, божества и свети предмети?
16 Вакви верувања можеме да најдеме во религиите на практично секоја древна цивилизација. Вавилонците и Египќаните обожавале свои богови на Сонцето, Месечината и соѕвездијата. Меѓу предметите кои ги почитувале имало и животни и диви ѕверки. Хиндусите се познати по нивниот пантеон од богови кои броеле на милиони. Кинезите секогаш имале свои свети планини и речни богови, а својата синовска побожност ја изразувале со обожавање на предците. Древните Друиди од Британските Острови ги сметале дабовите за свети и посебна почит ѝ укажувале на имелата која растела на дабот. Подоцна Грците и Римјаните дале свој удел така што верувањето во духови, божества, души, демони и свети предмети од секаков вид станало цврсто вкоренето.
17. Како обожавањето на творештвото е сѐ уште видливо денес?
17 Иако можеби некои луѓе денес сите такви верувања ги сметаат за суеверија, сепак овие идеи сѐ уште можат да се најдат во религиозните практики на многу луѓе ширум светот. Некои сѐ уште веруваат дека извесни планини, реки, чудно обликувани карпи, стари дрвја и голем број други работи се свети и ги обожаваат како предмети на оддаденост. На тие места градат олтари, светилишта и храмови. На пример, реката Ганг е света за Хиндусите чија најголема желба е додека се живи да се искапат во неа, а после смртта нивната пепел да се расфрли во неа. Будистите сметаат дека е извонредно доживување да се врши обожавање во светилиштето во Буд Гаја (Индија) каде, според кажувањето, Буда добил просветлување под едно дрво боди. Католиците одат на коленици до Базиликата на нашата дева Марија од Гвадалупе во Мексико или, пак, се капат во „светите“ води во светилиштето во Лурд (Франција) во потрага по чудотворни лекови. Денес сѐ уште е многу видливо почитувањето на творештвото наместо на Творецот (Римјаните 1:25).
Подем на магијата
18. До што водело верувањето во духови и божества?
18 Кога било втемелено верувањето дека неживиот свет е полн со добри и лоши духови, тоа лесно водело до следниот чекор — обиди да се комуницира со добрите духови за водство и благослови, но и обиди да се смират злите. Резултат од тоа било практикување магија која цветала практично во секоја нација во минатото и сега (Битие 41:8; Излез 7:11, 12; Второзаконие 18:9—11, 14; Исаија 47:12—15; Дела 8:5, 9—13; 13:6—11; 19:18, 19).
19. а) Што е магија? б) Зошто магијата им изгледа веројатна на многу луѓе?
19 Во најтесна смисла на зборот, магијата е обид да се контролираат или, пак, присилат природните или натприродните сили да извршуваат човечки наредби. Не знаејќи ја вистинската причина за многу секојдневни случки, луѓето во претходните општества верувале дека со повторување на извесни магични зборови или магични формули, или со вршење на некој ритуал можеле да постигнат извесни сакани ефекти. Она што придонело за веродостојноста на овој вид магија било тоа што некои ритуали всушност функционирале. На пример, се известува дека врачевите — во суштина маѓосниците или волшебниците — од Ментавејските Острови, западно од Суматра, биле изненадувачки делотворни во лечењето на луѓето кои страдале од дијареа. Нивната магична формула се состоела во тоа оние што страдале да легнат со лицето кон земјата до работ на еден гребен и одвреме навреме да ја лижат. Што предизвикало тоа да биде делотворно? Почвата на тие гребени содржела каолин, бела глина која и денес вообичаено се користи во некои лекови против дијареа.
20. Како магијата почнала да доминира во животот на луѓето?
20 За кратко време, неколку вакви успеси ги поништиле сите неуспеси и ја потврдиле репутацијата на исцелителите. Наскоро тие станале членови на кои се гледало со страхопочит и како на такви кои имаат висок углед — свештеници, поглавари, шамани, врачеви, волшебници, медиуми. Луѓето оделе кај нив со своите проблеми, како што е лекување и спречување болести, наоѓање изгубени работи, идентификување крадци, чување од лоши влијанија и извршување одмазда. На крај, настанал еден куп суеверни практики и ритуали кои биле поврзани со тие работи но и со други настани во животот, како што е раѓањето, настапувањето на полнолетство, свршувачката, венчавката, смртта и погребот. Наскоро, моќта и мистеријата на магијата доминирале во секој аспект од животот на луѓето.
Дождовни танци и уроци
21, 22. Што се мисли со „имитативна магија“? Илустрирај.
21 И покрај огромната разноликост во магичните практики на различни народи, основните идеи кои стојат зад нив се извонредно слични. Прво, постои идејата дека сличното создава слично, дека саканиот ефект може да се произведе со негово имитирање. Ова понекогаш се нарекува имитативна магија. На пример, кога на нивните посеви им се заканувал недостиг на дожд, Омаха Индијанците од Северна Америка танцувале околу еден сад со вода. Потоа, еден од нив ќе се напиел малку вода и ќе ја исплукал во воздухот имитирајќи ситен или краткотраен дожд. Или, пак, некој маж се тркалал по земјата како ранета мечка за да си осигура успешен лов на мечки.
22 Некои други народи имале уште покомплицирани ритуали кои вклучувале фалоспеви и приноси. Кинезите правеле голем змеј од хартија или од дрво, нивниот бог на дождот, и парадирале со него наоколу или, пак, го изнесувале идолот на своето божество од храмот и го ставале на сонце за да може да ја осети топлината и можеби така да испрати дожд. Ритуалот на Нгони народот од Источна Африка вклучува истурање пиво во некој сад кој е закопан в земја во некој храм на дождот, а потоа молитвата: ‚Господару Чаута, ти закоравело срцето кон нас, што сакаш да направиме? Навистина ќе изгинеме. Дај им на твоите деца дожд, прими го пивото што ти го дадовме‘. Потоа го пијат преостанатото пиво. После тоа следи песна, танц и тресење на гранките кои се натопени со вода.
23. Како се развило маѓосништвото и правењето уроци? (Спореди Левит 19:31; 20:6, 27; Второзаконие 18:10—13.)
23 Една друга идеја која стои зад магичните практики е таа дека предметите продолжуваат да вршат влијание врз лицето на кое му припаѓаат дури и ако се одвоени од него. Ова довело до практиката да се прават уроци на некое лице со вршење одредени работи над нешто што некогаш му припаѓало. Дури и во 16 и 17 век, во Европа и Англија сѐ уште се верувало во маѓосници и вештерки кои можеле да им нанесат штета на луѓето со таква моќ. Во техниките спаѓале такви работи како, на пример, правење восочен лик на некој човек и негово прободување со шпенадли, запишување на неговото име на парче хартија и потоа горење на истата, закопување на дел од неговата облека, или правење други работи со неговата коса, исечени нокти, пот, па дури и измет. Степенот на застапеност на овие и други практики може да се види од фактот што законите кои биле усвоени во парламентот на Англија во 1542, 1563 и 1604 го прогласиле маѓосништвото за смртен престап. На еден или на друг начин, ваквиот облик на магија низ вековите го практикувале луѓето од речиси секоја нација.
Иднината во знаци и предзнаци
24. а) Што е гатање? б) Како Вавилонците практикувале гатање?
24 Честопати магијата се користи за да се откријат скриените информации или да се ѕирне во иднината преку знаци и предзнаци. Ова е познато како гатање и Вавилонците биле прочуени по тоа. Според книгата Magic, Supernaturalism, and Religion (Магија, натприродност и религија), „тие биле мајстори во уметноста на претчувство, предвидувајќи ја иднината преку црниот дроб и цревата на заклани животни, преку огнот и чадот, и преку брилијантноста на скапоцените камења; тие ги претскажувале настаните преку жуборењето на изворите и преку обликот на растенијата . . . Атмосферските знаци, дождот, облаците, ветрот и молњата биле толкувани како предзнаци; потпукнувањето на мебелот и на дрвените штици ги претскажувало идните настани . . . Мувите и другите инсекти, како и кучињата, биле носители на окултни пораки“.
25. Како Езекиел и Даниел укажале на практиката гатање во древниот Вавилон?
25 Библиската книга Езекиел известува дека во еден воен поход ‚вавилонскиот цар застанал на почетокот од патот, на двата пата, и ги прашувал знаците — ги мешал волшебните стрели, ги распрашувал идолите и гледал во црн дроб‘ (Езекиел 21:21). Исто така, бајачите, волшебниците и свештениците кои практикувале магија биле составен дел од вавилонскиот двор (Даниел 2:1—3, 27, 28).
26. Кој бил еден популарен облик на гатање кај Грците?
26 И луѓе од други нации, како од Истокот така и од Западот, се занимавале со многу облици на гатање. Грците се обраќале во своите пророчишта во врска со големите политички настани, како и со секојдневните лични работи, на пример, бракот, патувањето и децата. Најпрочуено од нив било Делфиското пророчиште. Одговорите, за кои се мислело дека се од богот Аполон, ги давала свештеничката, т.е. Питија, со неразбирливи звуци, а ги толкувале свештениците за да создадат двосмислени стихови. Класичен пример бил одговорот кој му бил даден на Крез, царот на Лидија, кој гласел: „Ако Крез го помине Халисот, тој ќе уништи некое моќно царство“. Се покажало дека уништеното моќно царство било неговото. Крез доживеал пораз од рацете на Кир Персиецот кога тој го поминал Халисот за да ја нападне Кападокија.
27. До која мера Римјаните се занимавале со гатање?
27 На Западот, вештината на гатање достигнала кулминација кај Римјаните кои биле преокупирани со предзнаци и претскажувања речиси во сѐ што правеле. Луѓето од сите општествени класи верувале во астрологија, маѓосништво, амајлии, претскажување и во многу други облици на гатање. А според Едвард Гибон, авторитет по римска историја, „луѓето ги сметале за еднакво исправни сите различни начини на обожавање кои преовладувале во римскиот свет“. Познатиот државник и говорник Цицерон бил експерт по барање предзнаци во летот на птиците. Римскиот историчар Петрониј забележал дека, судејќи според мноштвото религии и култови во некои римски градови, во нив сигурно постоеле повеќе богови отколку луѓе.
28. Како Кинезите во древни времиња практикувале гатање?
28 Во Кина биле ископани повеќе од 100.000 парчиња коски и школки за пророкување кои датираат од вториот милениум пр.н.е. (династијата Шанг). Нив ги користеле Шанг свештениците кога барале божествено водство за сѐ — од времето па сѐ до движењето на војските. Свештениците пишувале прашања на овие коски на древно писмо. Потоа ги загревале коските и ги испитувале пукнатините кои се појавувале и на истите коски директно ги пишувале одговорите. Некои изучувачи веруваат дека од тоа древно писмо се развило кинеското писмо.
29. Кое начело на гатање е изложено во Ји Џинг?
29 Се вели дека најпознатата древна кинеска монографија за гатањето I Ching (Канон на промените; се изговара Ји Џинг) ја напишале првите двајца Чоу императори, Вен Ванг и Чоу Кунг, во 12 век пр.н.е. Таа содржи детални објаснувања за взаемното дејство на двете спротивни сили јин и јанг (темно-светло, негативно-позитивно, женско-машко, месечина-сонце, земја-небо итн.) за кои многу Кинези сѐ уште веруваат дека се начелата кои ги контролираат сите работи во животот. Таа ја претставува сликата дека секогаш сѐ се менува и дека ништо не е трајно. За да се успее во кој и да било потфат, мора да се биде свесен за сите промени во тој момент и да се дејствува во склад со нив. Затоа, луѓето поставуваат прашања и фрлаат коцка, а потоа се обраќаат кај Ји Џинг за одговори. Низ вековите Ји Џинг бил темел за сите видови претскажувања, геомантија и други облици на гатање во Кина.
Од астрономија до астрологија
30. Опиши го развојот на раната астрономија.
30 Подреденоста на Сонцето, Месечината, ѕвездите и планетите долго време ги фасцинирала луѓето на Земјата. Во Месопотамија биле откриени ѕвездени каталози кои датираат од 1800 пр.н.е. На темел на таквите информации, Вавилонците можеле да предвидат многу астрономски настани, како што се затемнувањата на Месечината, појавата и положбата на соѕвездијата и некои движења на планетите. Египќаните, Асирците, Кинезите, Индијците, Грците, Римјаните и други древни народи исто така го набљудувале небото и воделе детална евиденција за астрономските настани. Од оваа евиденција направиле свои календари и ги организирале своите годишни активности.
31. Како од астрономијата се родила астрологијата?
31 Од астрономските набљудувања се видело дека некои настани на Земјата изгледа се синхронизирани со некои настани на небото. На пример, промената на годишните времиња тесно го следела движењето на Сонцето, плимата и осеката се менувале во склад со Месечината, годишното излевање на Нил секогаш ја следело појавата на Сириус, најсветлата ѕвезда. Нормалниот заклучок бил дека небесните тела играле значајна улога во предизвикувањето на овие и на други настани на Земјата. Всушност, Египќаните ја нарекле Сириус — Донесувачот на Нил. Мислењето дека ѕвездите влијаат врз настаните на Земјата, брзо водело до идејата дека луѓето можат да се ослонат на небесните тела за да ја претскажуваат иднината. Така од астрономијата се родила астрологијата. Наскоро, царевите и императорите имале службени астролози на своите дворови кои ги консултирале ѕвездите околу важните државни работи. Но, и обичниот народ се ослонувал на ѕвездите во врска со личната среќа.
32. На кои начини Вавилонците практикувале астрологија?
32 Вавилонците повторно стапиле на сцена. Ѕвездите ги сметале за небесни живеалишта на боговите, како што храмовите биле нивни земни живеалишта. Ова довело до концептот за групирање на ѕвездите во соѕвездија како и до верувањето дека нарушувањата на небото, како што се затемнувања или појави на некои сјајни ѕвезди или комети, навестувале тага и војна на Земјата. Меѓу ракотворбите ископани во Месопотамија биле најдени стотици извештаи кои астролозите ги упатувале до царевите. На пример, некои од нив наведувале дека едно претстојно затемнување на Месечината било знак дека некој непријател ќе претрпи пораз или дека појавата на некоја планета во некое соѕвездие ќе значи „голем гнев“ за Земјата.
33. Што рекол Исаија за оние од Вавилон ‚кои ги набљудувале ѕвездите‘?
33 Степенот до кој Вавилонците се ослонувале на овој облик на гатање може понатаму да се види од подбивните зборови на пророкот Исаија против нив кога го претскажал уништувањето на Вавилон: „Запри со своите вражања и со толкуте свои баења, околу кои се трудеше од младоста . . . Нека станат само да те спасат оние кои ги премеруваат небесата, кои ги набљудуваат ѕвездите и кои секој месец проречуваат што ќе те снајде“ (Исаија 47:12, 13).
34. Кои биле тие „Маги“ што дошле кај малиот Исус?
34 Од Вавилон астрологијата се пренела во Египет, Асирија, Персија, Грција, Рим и Арабија. Хиндусите и Кинезите на Истокот исто така имале свои разработени астролошки системи. Тие „Маги“ кои дошле кај малиот Исус, како што известил евангелизаторот Матеј, биле „астролози од источните краеви“ (Матеј 2:1, 2). Некои изучувачи веруваат дека овие астролози можеби биле од халдејската и од медоперсиската школа за астрологија од Партија, која била провинција на Персија и подоцна станала независно Партиско Царство.
35. Што се развило во астрологијата од времето на Грците?
35 Меѓутоа, астрологијата во обликот кој се практикува денес ја развиле Грците. Во вториот век н.е., Клаудиј Птолемеј, грчки астроном од Александрија (Египет), ги собрал сите постоечки информации за астрологијата во четири книги, наречени Tetrabiblos, кои служат како основен текст за астрологијата сѐ до ден-денес. Од тоа се развило она што обично се нарекува натална астрологија, т.е. систем на предвидување на иднината на некое лице со проучување на неговата карта на раѓањето, т.е. хороскопот — карта која ја покажува положбата на Сонцето, Месечината и различните планети меѓу соѕвездијата онака како што се гледале од родното место на лицето во моментот на неговото раѓање.
36. Каков доказ постои дека астрологијата станала ценета?
36 До 14 и 15 век, астрологијата била нашироко прифатена на Западот. На универзитетите била воведена како дисциплина која барала практично познавање на јазици и математика. Астролозите биле сметани за изучувачи. Записите на Шекспир се полни со алузии на астролошките влијанија врз човечките работи. Секој кралски двор и многуте благородници си имале приватни астролози заради брза консултација. Скоро и не бил преземан некој проект — било да е тоа војна, изградба, бизнис или патување — пред најпрвин да биле консултирани ѕвездите. Астрологијата станала ценета.
37. Како напредокот на науката влијаел врз астрологијата?
37 Иако работата на астрономите како што биле Коперник и Галилеј, како и напредокот на научното истражување, во голема мера ја побиле астрологијата како легитимна наука, сепак таа преживеала сѐ до ден-денес. (Види ја рамката на страница 85.) Оваа мистериозна вештина — која ја вовеле Вавилонците, ја развиле Грците и понатаму ја прошириле Арапите — денес сѐ уште врши големо влијание врз државните лидери па сѐ до обичните луѓе, без разлика дали се од технолошки напредните нации или од далечните села во земјите во развој.
Судбина напишана на лицето и на дланката
38. Што водело до натамошни облици на гатање кои се однесуваат на раката и лицето на човекот?
38 Ако ослонувањето на небесата за знаци и предзнаци во врска со иднината им изгледа неопипливо на оние кои се занимаваат со уметноста на гатање, на располагање стојат други побрзи и полесно достапни патишта. Во Зохар, односно Сефер ха-зохар (на хебрејски, Книга на сјајот), текст на еврејскиот мистицизам од 13 век, е објавено: „На небесниот свод кој го обвиткува универзумот гледаме многу фигури кои се формирани од ѕвездите и планетите. Тие откриваат скриени работи и длабоки мистерии. На сличен начин, врз нашата кожа со која е обвиено човечкото битие постојат облици и обележја кои ги претставуваат ѕвездите на нашето тело“. Оваа филозофија водела до понатамошни начини на гатање, т.е. претскажување на иднината, преку испитување на пророчките знаци на лицето и дланката. Таквите практики сѐ уште се широко распространети и на Исток и на Запад. Но, јасно е дека нивното потекло е вкоренето во астрологијата и магијата.
39. Што е физиогномија, и како се применувала таа?
39 Физиогномија е претскажување со испитување на цртите на лицето, како што е обликот на очите, носот, забите и ушите. Во 1531 во Стразбург, некој Џон од Индаџин на таа тема издал книга која содржела живописни гравури на лица со различен облик на очи, нос, уши итн., како и негови толкувања. Интересно е тоа што тој ги цитирал зборовите на Исус Христос од Матеј 6:22: „Ако окото ти е едноставно, целото тело ќе ти биде светло“, како основа за да каже дека големите, светли и тркалезни очи означувале интегритет и добро здравје, додека пропаднатите и мали очи биле знаци на завист, злоба и сомневање. Меѓутоа, во една слична книга Compendium of Physiognomy (Кратка содржина на физиогномијата), издадена 1533, авторот Бартоломео Кокл тврдел дека големите и тркалезни очи означуваат колеблива и мрзлива личност.
40. а) Што е хиромантија? б) Како луѓето се повикувале на Библијата за да се поддржи хиромантијата?
40 Според гатачите, после главата, дланката ги одразува силите одозгора повеќе од кој и да било друг дел од телото. На тој начин, читањето од линиите на дланката за да се одреди нечиј карактер и судбината е еден друг популарен облик на гатање кој се нарекува хиромантија. Хиромантите од средниот век ја истражувале Библијата за да најдат поддршка за својата вештина. Тие ги нашле стиховите како што се: „На секој човек му ги запечатува рацете, сите да го запознаат Неговото дело“ и „Долгиот живот ѝ е во десната рака, а во левата: богатство и чест“ (Јов 37:7; Пословици 3:16). Се разгледувале и испапчувањата, т.е. брекчињата на дланката бидејќи се мислело дека тие ги претставуваат планетите и на тој начин откриваат нешто за поединецот и за неговата иднина.
41. Како луѓето на Ориентот практикуваат гатање?
41 Претскажувањето со проучување на цртите на лицето и на дланката е многу популарно на Ориентот. Освен професионалните читачи и советници кои ги нудат своите услуги, изобилуваат и аматерите, како и оние од типот „направи сам“, бидејќи нашироко се достапни книги и публикации за секој профил. Честопати, луѓето се занимаваат со читање од дланка чисто од разонода, но многумина сериозно ги сфаќаат тие работи. Меѓутоа, општо земено, луѓето ретко се задоволни со користењето само еден начин на гатање. Кога се соочуваат со сериозни проблеми или со важни одлуки, тие одат во својот храм, било да е тоа будистички, таоистички, шинтоистички или поинаков, за да ги прашаат боговите, потоа одат кај астрологот за да ги консултираат ѕвездите, кај претскажувачот за да им чита од дланката и да им го испитува лицето и, најпосле, се враќаат дома и ги прашуваат покојните предци. Се надеваат дека некаде ќе најдат одговор кој ќе им изгледа погоден.
Дали е само наивна разонода?
42. До што ги довела луѓето нивната природна желба да ја дознаат иднината?
42 Природно е секој да сака да дознае што донесува иднината. Желбата да се осигура среќа и да се спречи она што може да биде штетно е исто така универзална. Затоа, низ вековите, луѓето се ослонувале за водство на духови и божества. Притоа се впуштале во спиритизам, магија, астрологија и во други суеверни практики. Луѓето во минатото носеле амулети и амајлии за да се заштитат, а за лек се обраќале кај врачеви и шамани. Денес некои сѐ уште носат метални плочки со ликот на „Свети“ Кристофер или носат амајлии „за среќа“ и си имаат свои сеанси, алфабетски таблици, кристални топки, хороскопи и тарот карти. Кога се работи за спиритизам и суеверие, се чини дека човештвото малку се променило.
43. а) Што мислат многумина за спиритизмот, магијата и гатањето? б) Кои прашања за суеверните практики бараат одговор?
43 Секако, многу луѓе сфаќаат дека тоа не е ништо друго освен суеверие и дека за него нема вистински темел. И можеби додаваат дека тоа го прават само заради разонода. Други дури аргументираат дека магијата и гатањето се всушност корисни бидејќи обезбедуваат психолошка сигурност кај луѓето кои инаку можеби премногу се плашат од препреките со кои се соочуваат во животот. Но, дали сево ова е само наивна разонода или психолошки потстрек? Што е всушност изворот на духовните и магиските практики кои ги разгледавме во ова поглавје, како и на многу други кои не ги спомнавме?
44. Што во основа може да се рече за темелот на сите такви практики?
44 Во текот на испитувањето на различните аспекти на спиритизмот, магијата и гатањето, забележавме дека тие се тесно поврзани со верувањата во покојни души и со постоењето на добри и зли духови. Според тоа, верувањето во духови, магија и гатање во основа се темели на еден облик на политеизам кој е вкоренет во доктрината за бесмртност на човечката душа. Дали ова е цврст темел на кој треба да се гради една религија? Дали сметаш дека обожавањето кое се заснова на таков темел е прифатливо?
45. Со кое прашање за храната што им се принесувала на идолите се соочиле христијаните од првиот век?
45 Христијаните во првиот век се соочиле со истите прашања. Тие биле опколени со Грците и со Римјаните, со многуте нивни богови и божества, како и со нивните суеверни ритуали. Еден ритуал била практиката да се принесува храна на идолите и потоа да се учествува во нејзиното јадење. Дали некој кој го љуби вистинскиот Бог и е заинтересиран да му угоди треба да учествува во таквите ритуали? Забележи како одговорил апостол Павле на тоа прашање.
46. Што верувале Павле и раните христијани за Бог?
46 „А што се однесува до јадењето храна принесена на идоли, знаеме дека идолот не е ништо на светот, и дека нема Бог освен еден. Зашто иако има такви кои се нарекуваат ‚богови‘, било на небото било на земјата, како што има многу ‚богови‘ и многу ‚господи‘, за нас, всушност, има еден Бог, Таткото, од кого е сѐ, и ние за него“ (1. Коринќаните 8:4—6). За Павле и за христијаните од првиот век, вистинската религија не била обожавање на многу богови, не политеизам туку оддаденост само на „Бог, Таткото“, чие име го открива Библијата кога вели: „За да спознаат луѓето дека ти, чие име е Јехова, единствено ти си највишиот над целата Земја“ (Псалм 83:18, NW).
47. Како Павле го открил вистинскиот идентитет на ‚боговите и господите на небото или на земјата‘?
47 Меѓутоа, треба да забележиме дека иако апостол Павле рекол „идолот не е ништо“, тој не рекол дека ‚боговите‘ и ‚господите‘ на кои им се обраќаат луѓето со нивните магии, гатање и жртви, не постојат. Тогаш, во што е поентата? Павле го разјаснил тоа понатаму во истото писмо, кога напишал: „Туку велам дека она што нациите го жртвуваат, им го жртвуваат на демони, а не на Бог“ (1. Коринќаните 10:20). Да, преку своите богови и господи, нациите всушност ги обожавале демоните — ангелски, т.е. духовни суштества кои се побуниле против вистинскиот Бог и ги здружиле силите заедно со својот водач, Сатана Ѓаволот (2. Петрово 2:4; Јуда 6; Откровение 12:7—9).
48. Која опасност од окултизмот сѐ уште постои денес, и како може да се избегне?
48 Луѓето честопати се сожалуваат на таканаречените примитивни народи кои биле робови на нивните суеверија и стравови. Велат дека им се одвратни крвните жртви и дивјачките обреди. И со право го велат тоа. Сепак, до ден-денес сѐ уште слушаме за вуду, сатански култови, па дури и за човечки жртви. Иако тоа можеби се екстремни случаи, сепак тие покажуваат дека интересот за окултизмот сѐ уште е многу жив. Тој би можел да започне со ‚наивна разонода‘ и љубопитност, но резултатот честопати е трагедија и смрт. Колку само е мудро да се внимава на библиското предупредување: „Бидете трезвени, будно пазете. Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта“ (1. Петрово 5:8; Исаија 8:19, 20).
49. Што ќе биде предмет на истражување во наредните поглавја од оваа книга?
49 Откако разгледавме како настанала религијата, разновидноста во древните митологии и различните облици на спиритизам, магија и суеверие, сега ќе обрнеме внимание на поформалните главни религии во светот — хиндуизмот, будизмот, таоизмот, конфучијанизмот, шинтоизмот, јудаизмот, црквите на христијанскиот свет и исламот. Како настанале тие? Што поучуваат? Какво влијание имаат врз своите верници? Овие и други прашања ќе бидат разгледани во следните поглавја.
[Истакната мисла на страница 76]
Изгледало како некои магии да успеваат
[Рамка на страница 85]
Дали астрологијата е научна?
Астрологијата тврди дека Сонцето, Месечината, ѕвездите и планетите можат да влијаат врз работите на Земјата и дека распоредот на овие небесни тела во моментот на нечие раѓање игра улога во неговиот живот. Меѓутоа, научните откритија наметнуваат големи предизвици:
▪ Работата на астрономите како што биле Коперник, Галилеј и Кеплер јасно покажала дека Земјата не е центар на универзумот. Исто така, сега е познато дека честопати ѕвездите кои навидум сочинуваат некое соѕвездие, всушност не се поврзани во група. Некои од нив можеби се далеку во вселената, додека други можеби се релативно близу. Според тоа, зодијачките особини на различните соѕвездија се чисто имагинарни.
▪ Планетите Уран, Нептун и Плутон не им биле познати на раните астролози бидејќи не биле откриени сѐ до пронаоѓањето на телескопот. Тогаш, како астролошките карти кои биле цртани со векови пред тоа ги објаснувале нивните „влијанија“? Освен тоа, зошто „влијанието“ на една планета било добро, а на друга „зло“ кога сега науката знае дека сите тие во основа се маса од безживотни карпи или гасови, кои со голема брзина се движат во вселената?
▪ Генетиката вели дека темелот за особините на нашата личност се формира не при раѓањето туку при зачнувањето, кога еден од милионите сперматозоиди од таткото се спојува со една единствена јајце-клетка од мајката. Сепак, астрологијата го врзува хороскопот со моментот на раѓањето. Според гледиштето на астрологијата, оваа разлика од околу девет месеци би дала еден сосема поинаков профил на личност.
▪ Временската пресметка за движењето на Сонцето од едно до друго соѕвездие, од гледна точка на еден набљудувач од Земјата, денес заостанува околу еден месец во однос на времето пред 2.000 години кога биле нацртани астролошките карти и табели. На тој начин, лицето кое е родено на крајот од јуни или во почетокот на јули, астрологијата го става во рак (многу осетлив, променлив, резервиран). Меѓутоа, во тоа време, Сонцето е всушност во соѕвездието близнаци, што би требало да го направи лицето комуникативно, духовито, разговорливо.
Јасно, астрологијата нема ни разумна ни научна подлога.
[Слики на страница 71]
Скршени огледала, црни мачки и некои броеви се темел за суеверија. Кинескиот знак за „четири“ на кинески и на јапонски се изговара како зборот „смрт“
[Слики на страница 74]
Лево, Базилика на нашата дева Марија од Гвадалупе (Мексико), каде што католиците се молат за чудесни оздравувања. Десно, Стоунхенџ (Англија) — се вели дека таму древните Друиди го обожавале Сонцето
[Слика на страница 80]
Некои луѓе се обраќаат кај шамани и врачеви
[Слики на страница 81]
Други имаат свои сеанси, алфабетски таблици, кристални топки, тарот карти и претскажувачи
[Слики на страница 82]
Гатање на Ориентот, користењето записи на оклопи на желки и јин-јанг симболот имаат долга историја
[Слики на страница 87]
Многу луѓе ги консултираат хороскопите, верувајќи дека положбата на Сонцето, Месечината, планетите и ѕвездите во моментот на раѓањето влијае врз нивниот живот
[Слики на страница 90]
Со истресување на стапчето за претскажување од садот, поклоникот добива порака и толкување