Броевите и Вие
ДАЛИ броевите имаат некакво скриено значење? „Се разбира!“, извикнуваат некои, укажувајќи на еден интересен пример — терористичките напади од 11 септември 2001.
„Штом ја чув веста“, вели еден нумеролог, „го забележав датумот: 11.9.2001.“ Нумеролозите обично го сметаат бројот 11 за еден од „главните броеви“. Затоа, страсните поборници на нумерологијата составиле список на различни поединости поврзани со терористичкиот напад што укажуваат на „главниот број“ 11. Ова е само дел од она што го откриле:
▪ Трагедијата се случи на датумот 11.9. . . . 1 + 1 + 9 = 11.
▪ 11 септември беше 254-тиот ден во годината. . . . 2 + 5 + 4 = 11.
▪ Авионот што ја удри северната кула беше Лет 11.
▪ Тој лет имаше 92 патници. . . . 9 + 2 = 11.
▪ Авионот што удри во јужната кула имаше 65 патници. . . . 6 + 5 = 11.
▪ Кулите близначки личеа на бројот 11.
▪ На англиски јазик, изразот „Њујорк Сити“ има 11 букви.
Нумерологијата, во која им се придава посебно значење на цифрите, нивните комбинации и нивниот збир — е раширена практика во Африка, Азија и Америките. Зошто е толку примамлива? Според една Веб-страница, дешифрирањето на буквите на азбуката што се користат во имињата — еден популарен аспект на нумерологијата — „дава точни информации во врска со личноста и со нејзиниот карактер, особини и недостатоци“. Според овој извор, проучувањето на „датумот на раѓање го открива нашиот животен пат, со сите негови радости и искушенија“.
Дали овие тврдења се точни? Или, пак, е можно да се кријат некакви опасности во метафизичкото изучување на броевите?