ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/12 стр. 19-22
  • Засолниште за печатењето на Библијата

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Засолниште за печатењето на Библијата
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Палење книги и калуѓери
  • Од печатар до маченик
  • Една белешка на маргините го чинела живот
  • Прво одобрена, потоа забранета
  • „Бискупот ги имаше книгите . . . Тиндејл ги имаше парите“
  • Тиндејловите врски со Антверпен
  • „Највредниот споменик на Тиндејл“
  • Наследството на Тиндејл
  • Вилијам Тиндејл — човек со визија
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Како дошла Библијата до нас — дел два
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Тие ја сакале Божјата Реч
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Тие ја ценеле Библијата — извадок (Вилијам Тиндејл)
    Разно
Повеќе
Разбудете се! 2002
g02 8/12 стр. 19-22

Засолниште за печатењето на Библијата

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БЕЛГИЈА

Пред речиси 500 години, во Антверпен (Белгија) биле направени првите отпечатени примероци на комплетната Библија. Што ги привлекло печатарите на Библијата кон тој град? На кои ризици се изложиле со тоа што ја печателе Библијата? За да го дознаеме тоа, мораме да се вратиме во почетокот на 16 век.

АНТВЕРПЕН лежи во устието на реката Шелда, на оддалеченост од 89 километри од Северното Море. Во 16 век, во текот на неговата таканаречена Златна ера, Антверпен доживеал невиден економски просперитет. Всушност, овој град брзо се развил и станал најголемо европско пристаниште и еден од неколкуте градови во Западна Европа што имале повеќе од 100.000 жители.

Растот на Антверпен ги привлекол трговците од цела Европа. Ова, како и зголемениот просперитет, придонело за потолерантен став од страна на градските власти, што овозможило Антверпен да стане расадник на нови идеи. Опуштената клима ги привлекла печатарите што сметале дека таму е безбедно да се печатат и да се шират овие нови идеи. По кратко време, бројот на печатари, издавачи и продавачи на книги во Антверпен во 16 век изнесувал 271. Тогашните судии за прекршоци гордо го опишувале својот град како „прибежиште и стакленик за сите уметности, науки, нации и доблести“.

Палење книги и калуѓери

Меѓу новите идеи што биле печатени и што кружеле меѓу луѓето биле и идеите на Мартин Лутер (1483—1546). Тој бил водач на реформацијата, религиозно движење што довело до појавата на протестантизмот. Само шест месеци откако започнала реформацијата, делата на Лутер веќе се појавиле во книжарниците на Антверпен. Не е за изненадување тоа што католичката црква била незадоволна. Во јули 1521, црквата охрабрила јавно да се запалат 400 таканаречени еретички книги во Антверпен. По две години, двајца августински калуѓери од Антверпен, кои ги симпатизирале идеите на Лутер, биле запалени живи на клада.

Овие напади не запреле една група смели печатари во Антверпен. Храброста на овие печатари одиграла битна улога за да се направи Библијата достапна за обичниот човек. Кои биле некои од тие печатари?

Од печатар до маченик

Адријан ван Берген бил печатар и продавач на книги. Во 1522 бил ставен во клада затоа што продавал лутерански книги и кратко потоа бил осуден на затвор. Добил помилување, но веднаш се вратил на својата работа. Повторно почнал да печати — овој пат делумен холандски превод на Лутеровиот „Нов завет“. Тој бил издаден во 1523, само една година откако првпат бил издаден Лутеровиот „Нов завет“ во Германија.

Меѓутоа, во 1542, кога во неговата куќа во Делфт (Холандија) биле пронајдени многу забранети книги, ван Берген повторно бил уапсен. Најнапред еден судија му изрекол блага казна — да седи два часа на губилиште со „некои од забранетите книги околу вратот“. Но подоцна, казната на ван Берген била променета во смртна казна, и на овој храбар печатар му била отсечена главата со меч.

Една белешка на маргините го чинела живот

Во тоа време најпродуктивниот печатар на Библии на холандски јазик бил Јакоп ван Лисфелд. Тој објавил вкупно 18 библиски изданија на холандски јазик. Во 1526 отпечатил комплетна холандска Библија. Таа Библија се појавила четири години пред првата комплетна отпечатена Библија на француски јазик и девет години пред објавувањето на првата комплетна Библија на англиски јазик! Библијата на ван Лисфелд главно се темелела на Лутеровата дотогаш сѐ уште незавршена Библија на германски јазик.

Последното холандско издание на ван Лисфелд, во 1542, содржело слики од дрворези и нови белешки на маргините. На пример, покрај Матеј 4:3, една слика од дрворез го прикажувала Ѓаволот како брадосан калуѓер со бројаница и со козји нозе. Меѓутоа, особено белешките на маргините го разгорувале бесот на католичката црква. Една белешка — која гласела „Спасението доаѓа само преку Исус Христос“ — била употребена како основа за да се осуди на смрт ван Лисфелд. Иако ван Лисфелд аргументирал дека неговата Библија била отпечатена со црковната дозвола за печат Cum gratia et privilegio, во 1545 му била отсечена главата во Антверпен.

Прво одобрена, потоа забранета

Во меѓувреме, во Франција, прочуениот католички хуманист Жак Лефевр д’Етапл се зафатил со преведување на Библијата од латински на француски јазик, иако го консултирал и оригиналниот грчки текст. Д’Етапл сакал да ја направи Библијата достапна за обичниот човек. Тој напишал: „Доаѓа време кога Христос ќе се проповеда на еден чист начин неизмешан со човечки традиции, што сѐ уште не е случај“. Во 1523 издал еден француски превод на „Новиот завет“ во Париз. Теолозите од престижниот универзитет Сорбона не го одобриле неговиот превод затоа што бил на народен јазик. Соочен со нивниот напад, д’Етапл избегал од Париз и отишол во Стразбур, во североисточна Франција.

Како резултат на ваквото противење, печатарите во Франција повеќе не се осмелувале да ја печатат Библијата на француски јазик. Тогаш, каде можел д’Етапл да ја отпечати својата Библија? Антверпен бил логичен избор. Изданието на Библијата на д’Етапл од 1530, отпечатено во Антверпен од Мертен де Кајзер, било прв француски превод на Библијата во еден том. Интересно, де Кајзер го отпечатил овој превод со одобрување на католичкиот универзитет во Лувен, најстариот универзитет во Белгија, и со лично одобрување на императорот на Светата римска столица, Карло V! Сепак, во 1546, преводот на д’Етапл бил додаден кон списокот на книги што им биле забранети на католичките читатели.

„Бискупот ги имаше книгите . . . Тиндејл ги имаше парите“

Во Англија, во текот на истиот период, ординираниот свештеник Вилијам Тиндејл сакал да ја преведе Библијата на англиски јазик. Сепак, бискупот од Лондон, Катберт Танстал, го одбил. Кога Тиндејл сфатил дека нема да може да ја преведе Библијата во Англија, избегал во Германија. Конечно, во февруари 1526, успеал да го даде на печатење првиот комплетен англиски превод на „Новиот завет“. Пред да помине еден месец, во Англија веќе се појавиле првите примероци на овој превод.

Но, бискупот Танстал бил решен да го спречи обичниот народ да ја чита Библијата. Затоа ги запалил сите примероци од Тиндејловата верзија што можел да ги најде. Сепак, тие и понатаму кружеле меѓу луѓето. Затоа бискупот се договорил со еден трговец по име Пакингтон тој да ги купи сите Библии што ги имал Тиндејл пред тие да го напуштат континентот и да пристигнат во Англија. Тиндејл ја прифатил понудата и ги искористил заработените пари за да го подобри својот превод и да отпечати ревидирано издание. „И така, дотаму отиде зделката“, коментира еден извор од тоа време. „Бискупот ги имаше книгите, Пакингтон ја имаше благодарноста, а Тиндејл ги имаше парите“. Така, бискупот од Лондон ненамерно го финансирал Тиндејл додека работел на преведувањето на Библијата!

Тиндејловите врски со Антверпен

Но, дури и откако сите тие примероци биле купени и запалени, Тиндејловиот „Нов завет“ и понатаму преминувал во Англија. Како било можно тоа? Двајца смели печатари во Антверпен, Ханс и Кристофер ван Руермонд, отпечатиле неколку тајни изданија на Тиндејловиот „Нов завет“. Иако овие Библии содржеле бројни печатарски грешки, луѓето во Англија биле сосема спремни да ги купат.

Меѓутоа, во 1528, Ханс бил затворен во Лондон затоа што отпечатил 1.500 примероци од Тиндејловиот „Нов завет“ и затоа што однел 500 примероци во Англија. Веројатно умрел во некој англиски затвор. Во 1531, и братот на Ханс, Кристофер, бил ставен в затвор во Англија затоа што го продавал ‚Новиот завет‘. Веројатно и Кристофер умрел како затвореник.

„Највредниот споменик на Тиндејл“

— отпечатен во Антверпен

Од 1529 до 1535, Тиндејл го поминал поголемиот дел од времето во Антверпен, каде што околината повеќе му одговарала за работата. Таму, во 1530, Мертен де Кајсер го отпечатил Тиндејловиот превод на Пентатеухот, во кој првпат на англиски јазик се појавило името Јехова.

Во мај 1535, Тиндејл бил уапсен во Антверпен. Додека венеел в затвор, еден од неговите ученици, Мајлс Кавердејл, го завршил Тиндејловиот превод на Хебрејските списи. На 6 октомври 1536, во Вилворд (Белгија), Тиндејл бил врзан на колец, задавен и запален. Неговите последни зборови биле: „Господе, отвори му ги очите на кралот на Англија!“

Наследството на Тиндејл

Недолго по погубувањето на Тиндејл, кралот Хенри VIII од Англија дал дозвола во црквите да се чита еден библиски превод. Го отпечатил Матијас Кром, еден друг печатар од Антверпен. Оваа Библија, општо позната како Библијата на Матеј (наречена според Томас Метју), се состои главно од преводот на Тиндејл.a Колку само е иронично тоа што бискупите сега го користеле преводот што го палеле неколку години претходно — преводот заради кој бил убиен Тиндејл!

Голем дел од преводот на Тиндејл е зачуван во King James Version. Така, многу изрази од King James Version што оставиле печат врз англискиот јазик ги смислил Тиндејл и првобитно ги отпечатил во Антверпен. Преведувачите на King James Version ги зеле директно од Тиндејл добро познатите изрази како што се „знаци на времињата“, „вишите власти“ и „Зар сум јас чувар на својот брат?“ (Битие 4:9; Матеј 16:3; Римјаните 13:1). Според професор Латре, влијанието што го извршил Тиндејл врз англискиот јазик е уште поголемо од влијанието на Шекспир!

Во втората половина на 16 век, Антверпен ја изгубил климата на религиозна толеранција и својата положба како засолниште за печатењето на Библијата. Оваа промена главно била предизвикана од прогонството што го потстрекнала контрареформацијата на католичката црква. Па сепак, храброста и жртвите на тие рани печатари на Библијата во Антверпен многу придонеле за да се направи Божјата реч достапна за библиските читатели во светот денес.

[Фуснота]

a Томас Метју веројатно било псевдоним за Џон Роџерс, пријател и соработник на Тиндејл.

[Слики на страница 19]

Горе: Рачно поставување печатарски букви; Мартин Лутер ја преведува Библијата; древна мапа на градот Антверпен

[Слика на страница 20]

Штандот за книги на Јакоп ван Лисфелд

[Слики на страница 21]

Жак Лефевр д’Етапл и насловната страница на неговото издание на Библијата од 1530, отпечатено во Антверпен

[Слика на страница 21]

Јавно палење Библии на англиски јазик во Лондон

[Слики на страница 22]

Вилијам Тиндејл, една страница од неговата Библија, и Мајлс Кавердејл

[Извори на слики на страница 20]

Страница 19: Словослагач: Printer’s Ornaments/by Carol Belanger Grafton/Dover Publications, Inc.; Лутер: Од книгата Bildersaal deutscher Geschichte; мапа: Со љубезна дозвола на Museum Plantin⁠-​Moretus/Stedelijk Prentenkabinet Antwerpen; страница 21: Портрет: Од книгата Histoire de la Bible en France; страница на Библијата: © Clichè Bibliothèque nationale de France, Paris; палење Библии: Од книгата The Parallel Bible, The Holy Bible, 1885; страница 22: Тиндејл: Од книгата The Evolution of the English Bible; Кавердејл: Од книгата Our English Bible: Its Translations and Translators

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели