Вилијам Тиндејл — човек со визија
Вилијам Тиндејл е роден во Англија, „на границата со Велс“, веројатно во Глостершир, иако точното место и датумот не можат да се одредат. Во октомври 1994 година, Англија ја славеше 500-годишнината од раѓањето на човекот кој „ни ја даде нашата англиска Библија“. Поради ова дело, Тиндејл бил убиен како маченик. Зошто?
ВИЛИЈАМ ТИНДЕЈЛ се истакнал во студиите по грчки и латински. Во јули 1515 година, кога имал околу 21 година, на оксфордскиот универзитет добил титула магистер на науки. До 1521 година бил ординиран римокатолички свештеник. Во тоа време, католицизмот во Германија бил во метеж поради активноста на Мартин Лутер. Но, Англија останала католичка земја сѐ до 1534 година кога кралот Хенри VIII конечно ги прекинал односите со Рим.
Иако англискиот бил општ јазик во времето на Тиндејл, сето образование се одвивало на латински. Тој исто така бил и јазик на црквата и на Библијата. Во 1546 година, на Концилот во Тренто било повторено дека треба да се употребува исклучително латинската Вулгата на Ероним од петтиот век. Меѓутоа, неа можеле да ја читаат само образованите. Зошто на луѓето од Англија им била ускратена Библијата на англиски и слободата да ја читаат? „И Ероним ја преведе библијата на својот мајчин јазик: зошто не можеме и ние?“, аргументирал Тиндејл.
Чекор на вера
После неговиот престој во Оксфорд и веројатно дополнителните студии во Кембриџ, Тиндејл две години бил ментор на младите синови на Џон Волш во Глостершир. Во текот на овој период, тој ја потхранувал својата желба да ја преведе Библијата на англиски и, без сомнение, со помошта на Еразмовиот нов библиски текст со грчки и латински паралелни колони, имал прилика да ги развие своите преведувачки вештини. Во 1523 година, Тиндејл го напуштил семејството Волш и отпатувал за Лондон. Намерата му била од Катберт Тунстал, бискупот на Лондон, да побара дозвола за својот превод.
Тунсталовото овластување било неопходно затоа што подготовките на синодот во Оксфорд од 1408 година, познати како Уставот од Оксфорд, забранувале преведување или читање на Библијата на мајчин јазик, освен со дозвола од некој бискуп. Поради тоа што се осмелиле да ја прекршат оваа забрана, многу патувачки проповедници, познати како лоларди, биле запалени како еретици. Тие лоларди ја читале и ја ширеле Библијата на Џон Виклиф, еден англиски превод на Вулгата. Тиндејл сметал дека дошло времето да се преведат Христијанските списи од грчки во една нова, автентична верзија за неговата црква и за народот на Англија.
Бискупот Тунстал бил учен човек кој сторил многу за да го охрабри Еразмо. Како доказ за неговите лични вештини, со одобрение од Тунстал, Тиндејл превел еден од говорите на Исократ, еден тежок грчки текст. Тој бил многу оптимистичен во поглед на тоа дека Тунстал ќе развие пријателство со него, дека ќе има негово покровителство и дека ќе ја прифати неговата понуда да го преведе Светото писмо. Што сторил бискупот?
Одбиен — зошто?
Иако Тиндејл имал акредитивно писмо, Тунстал не сакал да го види. Затоа Тиндејл морал да му пише, барајќи да разговараат. Дали Тунстал на крајот го удостоил Тиндејл да се сретне со него, не е познато, но неговиот одговор гласел: ‚Куќата ми е преполна‘. Зошто Тунстал така намерно го игнорирал Тиндејл?
Реформаторското дело на Лутер на европскиот континент предизвикало голема загриженост кај Католичката црква, а тоа имало реперкусии и во Англија. Во 1521 година, кралот Хенри VIII објавил една енергична статија во одбрана на папата, а против Лутер. Во знак на благодарност, папата му ја доделил на Хенри титулата „Бранител на верата“.a Хенриевиот кардинал Волси исто така бил активен и ги уништил Лутеровите илегално увезени книги. Како католички бискуп лојален на папата, на кралот и на својот кардинал, Тунстал имал морална обврска да сузбие секакво мислење кое било наклонето кон бунтовниот Лутер. Тиндејл бил првоосомничен. Зошто?
За време на неговиот престој кај семејството Волш, Тиндејл бестрашно говорел против незнаењето и занесеноста на локалното свештенство. Меѓу нив бил и Џон Стоуксли, кој го запознал Тиндејл уште во Оксфорд. Тој на крајот го заменил Катберт Тунстал како бискуп на Лондон.
Противењето спрема Тиндејл се гледа и од една конфронтација со еден висок свештеник, кој рекол: „Подобро е да сме без Божјиот закон отколку без папскиот“. Тиндејл одговорил со значајните зборови: „Му се спротивставувам на Папата и на сите негови закони. Ако ме поживее Бог, нема да поминат многу години додека направам едно селанче да знае за Библијата повеќе од тебе“.
Тиндејл морал да се појави пред управителот на ворчестерската бискупија поради лажни обвиненија за ерес. „Тој грубо ми се закануваше и ме пцуеше“, се сеќавал Тиндејл подоцна, додавајќи дека бил третиран како „куче“. Но, немало доказ со кој Тиндејл би бил обвинет за ерес. Историчарите мислат дека сите овие работи тајно му биле пренесени на Тунстал за да се изврши влијание врз неговата одлука.
По една година помината во Лондон, Тиндејл заклучил: „Во лондонската палата на мојот господар немаше соба за да го преведувам новиот Завет, а . . . немаше место за тоа ни во цела Англија“. Имал право. Во атмосфера на репресија предизвикана од Лутеровото дело, кој печатар во Англија би се осмелил да отпечати Библија на англиски? Затоа, во 1524 година, Тиндејл го поминал Англискиот Канал за никогаш повеќе да не се врати.
Во Европа — нови проблеми
Со своите скапоцени книги, Вилијам Тиндејл нашол засолниште во Германија. Со себе носел 10 фунти, кои љубезно му ги дал неговиот пријател Хамфри Монмаут, еден влијателен лондонски трговец. Овој подарок бил скоро доволен во тие времиња да му овозможи на Тиндејл да ги печати Грчките списи коишто планирал да ги преведе. Монмаут подоцна бил уапсен поради поддржување на Тиндејл и поради тоа што наводно бил симпатизер на Лутер. Откако бил сослушуван и фрлен во Лондонската кула, Монмаут бил ослободен дури кога испратил петиција со извинување до кардинал Волси.
Каде точно отишол Тиндејл во Германија, не е познато. Некои докази укажуваат на Хамбург, каде што можеби поминал една година. Дали се сретнал со Лутер? Тоа е неизвесно, иако обвинението против Монмаут вели дека се сретнале. Но, едно е сигурно: Тиндејл работел многу напорно околу преведувањето на Грчките списи. Каде би можел да даде да се печати неговиот ракопис? Таа задача му ја доверил на Петер Квентел од Келн.
Сѐ одело добро додека противникот Џон Добнек, инаку познат како Коклиус, не дознал што се случува. Коклиус веднаш му ги соопштил своите наоди на еден близок пријател на Хенри VIII, кој брзо му издал забрана на Квентел за печатење на Тиндејловиот превод.
Тиндејл и неговиот помошник Вилијам Рој, побегнале за да си ги спасат животите, земајќи ги со себе страниците од Матеевото евангелие кое веќе било отпечатено. По реката Рајна отпловиле до Вормс, каде што ја довршиле својата работа. Со текот на времето, биле отпечатени 6.000 примероци од првото издание на Тиндејловиот New Testament (Нов завет).b
И покрај противење — успех
Преведувањето и печатењето биле еден проблем, но пренесувањето на Библиите до Британија друг. Црковните застапници и световните власти биле решени да ги спречат пратките преку Англискиот Канал, но љубезните трговци имале решение. Скриени во бали од облека и друга трговска стока, томовите биле прошверцувани до англискиот брег, а потоа до Шкотска. Тиндејл бил охрабрен, но неговата битка штотуку започнала.
На 11 февруари 1526 година, кардинал Волси, придружуван од 36 бискупи и други црковни достоинственици, се собрале кај катедралата Св. Павле во Лондон „за да видат како големите кошници со книги се фрлани во огнот“. Меѓу нив имало и некои примероци од Тиндејловиот скапоцен превод. Од ова прво издание сега постојат само два примерока. Единствениот комплетен примерок (недостасува само насловната страница) се наоѓа во Британската библиотека. Иронично е што другиот, на кој му недостасува 71 страница, бил откриен во библиотеката на катедралата Св. Павле. Како дошла таму, никој не знае.
Непоколебан, Тиндејл продолжил да создава нови изданија од својот превод, кои систематски биле конфискувани и запалувани од страна на англиското свештенство. Потоа Тунстал ја променил тактиката. Направил договор со еден трговец по име Аугустин Пакингтон да ги купува сите книги напишани од Тиндејл, вклучувајќи го и New Testament (Новиот завет), со цел да ги изгори. Тоа и било средено со Тиндејл, со кого Пакингтон имал направено договор. Делото Chronicle (Летопис) од Хали, вели: „Бискупот ги имаше книгите, Пакингтон благодарноста, а Тиндејл парите. Потоа, кога биле отпечатени повеќе Нови завети, голем број Библии брзо дошле во Англија“.
Зошто свештенството толку жестоко се противело на Тиндејловиот превод? Додека латинската Вулгата тежнеела да го прикрие светиот текст, Тиндејловиот превод од оригиналниот грчки за првпат му ја пренел библиската порака на англискиот народ на еден разбирлив јазик. На пример, во 1. Коринтјаните, поглавје 13, Тиндејл избрал грчкиот збор ага́пе да го преведе со „љубов“, наместо со „милосрдност“. Тој инсистирал на „собрание“ наместо „црква“, за да ги истакне обожавателите, а не црковните згради. Меѓутоа, последната капка која ја прелеала чашата за свештенството, била кога Тиндејл го заменил зборот „свештеник“ со „старешина“ и кога употребил „покае“, наместо „испашта“, со што го лишил свештенството од неговата наводна свештеничка моќ. Во врска со ова, Дејвид Даниел вели: „Чистилиштето не постои; нема исповедање на уво и испаштање. Овие две доктрини кои придонесоа за богатството и моќта на Црквата, доживеаја слом“ (William Tyndale—A Biography — Вилијам Тиндејл — Биографија). Тоа бил предизвикот што го изнел Тиндејловиот превод, а современата наука во потполност ја поткрепува точноста на неговиот избор на зборови.
Антверпен, предавство и смрт
Помеѓу 1526 и 1528 година, Тиндејл се преселил во Антверпен, каде што можел да се чувствува безбеден меѓу англиските трговци. Таму ги напишал The Parable of the Wicked Mammon (Параболата за злобниот мамон), The Obedience of a Christian Man (Послушноста на христијанскиот човек) и The Practice of Prelates (Обичајот на прелатите). Тиндејл продолжил со своето преведувачко дело и бил првиот кој го употребил Божјето име, Јехова, во еден англиски превод на Хебрејските списи. Името се појавува преку 20 пати.
Сѐ додека Тиндејл останал со својот пријател и добротвор Томас Појнц во Антверпен, бил заштитен од интригите на Волси и неговите шпиони. Тиндејл станал добро познат по својата грижа за болните и сиромашните. Конечно, Англичанецот Хенри Филипс лукаво ја придобил довербата на Тиндејл. Како последица на тоа, во 1535 година, Тиндејл бил предаден и одведен во замокот Вилворд, 10 километри северно од Брисел. Таму бил затворен 16 месеци.
Кој го најмил Филипс, не може со сигурност да се каже, но осомничениот бил бискупот Стоуксли, кој тогаш бил зафатен со запалување на „еретици“ во Лондон. На својата смртна постела во 1539 година, Стоуксли „се радувал што за време на својот живот имал запалено педесет еретици“, вели В. Ј. Хитон во книгата The Bible of the Reformation (Библијата на реформацијата). Во тој број спаѓал и Вилијам Тиндејл кој бил задавен пред неговото тело да биде јавно запалено во октомври 1536 година.
Во комисијата која го сослушувала Тиндејл имало тројца угледни доктори по теологија од католичкиот универзитет во Лувен, каде што бил запишан Филипс. Исто така, присутни биле тројца каноници од Лувен и тројца бискупи заедно со други достоинственици за да видат како Тиндејл е осуден за ерес и распопен. Сите биле задоволни кога тој умрел, на возраст од веројатно 42 години.
Пред околу сто години, биографот Роберт Демаус рекол: „Тиндејл секогаш се истакнувал со својата бестрашна чесност“. На Џон Фрит, својот соработник кој бил запален од Стоуксли во Лондон, Тиндејл му напишал: „Никогаш не сум изменил ниту еден слог од Божјата реч против мојата совест ниту го правам тоа денес, па макар да ми даваат сѐ што е на Земјата, било задоволство, чест или богатство“.
На тој начин, Вилијам Тиндејл го жртвувал својот живот за предноста на народот на Англија да му даде Библија која тој би можел лесно да ја разбере. Колкава само цена платил — но каков скапоцен подарок!
[Фусноти]
a Титулата Fidei Defensor наскоро била отпечатена на кованиците во кралството, а Хенри побарал оваа титула да им биде доделувана и на неговите наследници. Денес, таа се појавува околу главата на суверенот на британските кованици како Fid. Def., или само како F.D. Интересно е што титулата „Бранител на верата“ после тоа била отпечатена во посветата на кралот Џејмс во преводот King James Version од 1611 година.
b Оваа бројка не е точно утврдена; некои авторитети велат 3.000.
[Рамка на страница 29]
РАНИ ПРЕВОДИ
Барањето на Тиндејл да се преведе Библијата на јазикот на обичниот народ не било неразумно или без преседан. Еден превод на англосаксонски бил направен во десеттиот век. Кон крајот на XV век, во Европа слободно циркулирале печатени Библии преведени од латински на: германски (1466), италијански (1471), француски (1474), чешки (1475), холандски (1477) и каталонски (1478). Во 1522 година, Мартин Лутер го објавил својот Нов завет на германски. Сѐ што барал Тиндејл било да ѝ се дозволи на Англија да го стори истото.
[Извор на слика на страница 26]
Библија во позадината: © The British Library Board; Вилијам Тиндејл, со љубезна дозвола од ректорот, соработниците и научниците од колеџот Хертфорд (Оксфорд)