Доаѓаат малите сини пингвини на парада!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
МНОШТВОТО е во молк и исчекување. Будните очи се загледани во далечината за да ги здогледаат врвните изведувачи. Сцената што ја осветлуваат рефлектори оживува кога на работ на водата одеднаш се појавува една ситна фигура. Низ мноштвото се разнесува возбуден џагор кога ѝ се придружува уште една, а потоа уште една. Ноќната претстава започна. На парада доаѓаат малите сини пингвини од Островот Филип!
Пингвините првпат стапиле на светската сцена кога прочуените истражувачи Васко де Гама и Фердинанд Магелан пловеле по големите јужни океани во 16 век. Во почетокот, луѓето се прашувале како да го класификуваат пингвинот. Имал пердуви како птица, пливал како риба, а одел по копно како копнено животно. На крајот, пердувите биле тие што ја решиле работата. Само птиците имаат пердуви — според тоа, мора да е птица. Тргнувајќи од достоинствениот кралски пингвин и аделискиот пингвин на Антарктикот па сѐ до екваторијалниот пингвин на островите Галапагос, оваа фамилија од птици што не летаат ја сочинуваат 18 видови.
Би сакале ли да посетите една колонија пингвини во нивното природно живеалиште? Тогаш, дојдете на Островот Филип — само 140 километри југоисточно од современиот град Мелбурн (Австралија). Секоја година овде доаѓаат околу 500.000 посетители за да му се восхитуваат на ова минијатурно чудо. Што ги прави толку симпатични малите пингвини на Островот Филип?
„Слатки, ама палави“
Облечени во нивните црно-бели пердувчиња што им даваат свечен изглед, малите пингвини брзо ги пленуваат оние што ги гледаат. Високи околу 33 сантиметри и тешки само еден килограм, тие се најмалите пингвини на светот. Но, немојте да бидете измамени! Она што им недостига во големината сосема го надоместуваат со жилавоста и издржливоста.
„Малите сини пингвини се слатки, ама палави“, објаснува професор Мајк Кален, кој подолго од 20 години ги изучувал пингвините во колонијата на Островот Филип. Овие најмали пингвини се и најбучни. Ноќе од колонијата се разлеваат звуци на р’жење, крескање, викање и пискање додека пингвините ги бранат своите гнезда од натрапници, се рекламираат за да дојдат до партнер или уживаат во „хорски вежби“ со своите партнери.
Кога биле првпат опишани во 1780, малите сини пингвини со право биле наречени Eudyptula minor, од грчкиот јазик што значи „добар мал нуркач“. Со своите аеродинамични тела во облик на торпедо, со мазните водоотпорни пердуви и со крилјата што личат на перки, изгледа како дословно да летаат во водата.
Идеален „елек за спасување“
Во својата потрага по храна, овие пингвини можат да препливаат и до 100 километри на ден, а ако е потребно остануваат на море со денови или недели без прекин. Како спијат додека се на море? Одговорот лежи во нивните извонредно дизајнирани пердуви. Пингвините имаат дебело крзно од пердувчиња и испреплетени пердуви, три до четирипати погусто од она на птиците што летаат. Воздухот што се задржува во ова крзно ѝ дава изолација на птицата и природна способност да се одржува на водата — многу слично на елек за спасување. Така, еден пингвин може лесно да спие на море, нишајќи се горе-долу како тапа, со перки раширени како стабилизатори, додека клунот безбедно му стои над површината на водата.
Се разбира, дури и дебелото крзно на пингвинот не би било заштита ако целото накисне во студената вода каде што бара храна оваа птица. За пингвинот тоа не е проблем — една специјална масна жлезда што се наоѓа над опашката на птицата лачи течен восок. Пингвинот си ги чисти пердувите, користејќи го клунот за да го разнесе овој восок насекаде низ пердувите, одржувајќи ги водоотпорни, чисти и здрави. Ниеден нуркач не би можел да има подобро дизајниран костим за нуркање за да се справи со животот на море.
Дали ова суштество што оди во океанот има проблеми поради солената морска вода? Две жлезди конструирани на посебен начин, сместени над секое око, ја отстрануваат солта од морската вода. Само со едно затресување на клунот, пингвинот ја отстранува непотребната сол од секоја носница.
Освен тоа, пингвините имаат очи што се специјално дизајнирани да гледаат подеднакво добро и под вода и над вода. Јасно, ова суштество е совршено опремено за својот живот во вода. Но, за наша среќа, малите пингвини не го минуваат целото свое време на море.
Нивната врска со копното
Островот Филип и блиското копно имаат нерамен, песоклив брег прекриен со густа трева и лисја. Ова претставува идеално живеалиште за колонијата од 26.000 мали сини пингвини. Животот започнува во едно гнездо што родителите трудољубиво го ископале во некоја крајбрежна песочна дина. Штотуку снесеното јајце можеби ќе остане студено, но сепак способно да се развие во жив организам, во текот на неколку дена пред двата родитела да почнат совесно да се менуваат на должност да лежат врз јајцето. Во долниот дел на стомакот, птиците што се спариле имаат едно специјално оголено место за лежење врз јајцето, кое е богато со крвни садови. Кога лежат врз некое јајце, ова оголено место се исполнува со топла крв и на тој начин се пренесува топлината што е неопходна за да се развие јајцето. Кога пингвинот не лежи врз јајцето, ова оголено место се повлекува, а со тоа се овозможува пердувите повторно да ја вршат својата функција да не пропуштаат вода и возрасната единка да може да се врати на море за да се нахрани.
Штом ќе се изведе, пиленцето расте феноменално брзо. За само осум до десет седмици, младиот пингвин е голем колку возрасниот и спремен е за на море. „Извонредно е тоа што младите пингвини заминуваат на долги патувања на море опремени само со врвен прибор од физиолошка опрема . . . и со низа од инстинкти за преживување“, забележува книгата Little Penguin—Fairy Penguins in Australia (Малите сини пингвини — неверојатните пингвини на Австралија).
Во текот на следните една до три години, новоизведените пингвинчиња можат да талкаат со илјадници километри, минувајќи го поголемиот дел од времето на море. Оние што преживуваат обично се враќаат во својата домашна колонија за да се размножуваат — во радиус од 500 метри од нивното родно место. Од каде знаат како да се вратат дома? Некои тврдат дека пингвините се раководат според сонцето, користејќи вграден биолошки часовник како замена за движењето на сонцето по небото. Други веруваат дека пингвините ги препознаваат познатите географски ориентири. Во секој случај, претставата на овие „морнари“ што се враќаат на копното по некое долго патување или по некој напорен ден кога рибареле, привлекува мноштва луѓе на Островот Филип.
Парадата може да започне!
Додека се спушта квечерина, стотици возбудени посетители си ги зафаќаат своите места, спремни да ја гледаат ноќната парада на пингвините. Пингвините веќе се собрале во близина на брегот зад запенетите бранови во големи групи, односно јата, составени од стотици птици. Плажата е осветлена со неколку рефлектори. Дувка нежно ветренце, а мали бранчиња го заплискуваат крајбрежјето. Низ публиката минува бран на сомневање. Каде се пингвините? Дали ќе излезат на брегот? Токму тогаш се појавуваат првите мали сини пингвини и нервозно се влечкаат по работ на водата. Но, одеднаш се преплашуваат и ги снемува во пената од брановите. Внимавајќи да не станат плен на грабливците, како што се орлите, пингвините се крајно будни во секое време. Наскоро повторно се појавуваат и постепено стекнуваат самодоверба. Конечно, еден смел пингвин излегува од водата и енергично се тетерави низ плажата кон засолништето од дини. Другите од неговата група брзо тргнуваат по него. Игнорирајќи ги светлата и набљудувачите, тие маршираат низ плажата, оставајќи впечаток дека се на некоја раздвижена парада.
Кога безбедно ќе стигнат до дините, пингвините се видливо опуштени и се собираат во поголеми групи за да си ги исчистат пердувите. Група по група ја преминуваат плажата на ваков начин, застанувајќи за да се дружат и да „си направат муабет“ со соседите пред да си заминат дома. За некои ова значи дека, пред да дојдат до своите гнезда, ќе треба вкочането да чекорат, да потскокнуваат и да се искачуваат по една стрмна карпа висока 50 метри.
Мали пингвини — големи прашања
Како што е случај и со други суштества во светот, малите сини пингвини се соочуваат со бројни предизвици, од кои многу се поврзани со човекот. Заканите вклучуваат испуштање на нафта од бродовите што поминуваат, намалување на нивниот животен простор поради активностите на човекот и грабливци што не се својствени за тој регион, како што се лисиците и домашните миленичиња.
Се вложуваат пофални напори за да се решат овие проблематични прашања. Во последниве години, бројот на мали сини пингвини во резерватот за пингвини на Островот Филип се стабилизира. „Ја добиваме битката . . . но полека“, вели професор Кален. Тој додава: „Најголемиот предизвик со кој се соочуваме сега е да се обезбеди храна за малите сини пингвини . . . а тоа е поврзано со судбината на океаните и човештвото во целина“. Ефектите што ги имаат врз резервите на храна во океанот глобалното загревање и климатските услови, како што е Ел Нињо, создаваат големи проблеми што истражувачите сега интензивно ги проучуваат.
Резултатите од ова истражување несомнено ќе го зголемат нашето ценење за разновидната, но сепак кревка планета што ја делиме. Благодарение на нежната грижа што веќе е покажана кон животинскиот свет на Островот Филип, и Вие можеби еден ден ќе имате прилика да бидете меѓу гледачите што возбудено шепотат: „Доаѓаат малите сини пингвини на парада!“
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
ОСТРОВОТ ФИЛИП
[Слики на страници 16 и 17]
Гледачи, седишта и рефлектори — подготвена е сцената за парада на пингвините
[Слики на страница 17]
Од пиленце до сосема возрасна птица за само десет седмици
[Извор на слика на страница 15]
Фотографии: Photography Scancolor Australia
[Извор на слика на страница 16]
Фотографии на страници 16 и 17: Photography Scancolor Australia