ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/2 стр. 18-21
  • Како избегавме од страшната река лава!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како избегавме од страшната река лава!
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Нема потреба од загриженост?
  • „Мораме веднаш да бегаме!“
  • Илјадници бегаат по патот
  • Ноќ на безбедно
  • Брзо доаѓа помош
  • Загриженоста расте
  • Некои утешни вести
  • Можеме да се вратиме!
  • Една седмица подоцна
  • Грижа за жртвите од руандската трагедија
    Разбудете се! 1995
  • Христијанството на дело среде метеж
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Во сенката на Огнената Планина
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Острови во изградба
    Разбудете се! 1998
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/2 стр. 18-21

Како избегавме од страшната река лава!

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КОНГО (КИНШАСА)

ВТОРНИК, 15 јануари 2002 — навидум обичен ден во Централна Африка. Заедно со уште еден Јеховин сведок пристигнуваме во Гома, Киву, Конго (Киншаса) за да се сретнеме со Сведоците од регионот на Големите Езера.

Нема потреба од загриженост?

Иако вулканот Нјарагонго (висок 3.470 метри) е оддалечен 19 километри од градот Гома, неговото однесување ни го привлекува вниманието.a Можеме да чуеме како татне, а гледаме и чад што се крева од вулканот. За локалните жители тоа не е ништо необично во ова време од годината и тие воопшто не се загрижени.

Во текот на попладнето присуствуваме на состаноците на две собранија на Јеховините сведоци. И понатаму чувствуваме како земјата се тресе и слушаме татнежи. Изгледа дека тоа не вознемирува никого. Локалните власти упорно го уверуваат населението дека нема причина за паника. Иако еден вулканолог од Конго веќе неколку месеци предвидува ерупции, никој не му верува. Еден пријател лежерно коментира: „Вечерва небото ќе биде црвено поради активниот вулкан“.

„Мораме веднаш да бегаме!“

Кога се вративме онаму каде што бевме сместени, без никакво двоумење ни рекоа: „Мораме веднаш да бегаме!“ Ситуацијата е опасна. Градот се наоѓа во голема опасност. Колку само брзо се менуваат работите! Претходно дискутиравме за можноста да ја користиме Гома како главна локација за активностите на сведочење. Сега, доцна попладнето, ни велат да бегаме од градот, бидејќи се наоѓа во опасност да биде уништен!

Додека се спушта ноќта, небото станува црвено како оган — и тоа од добра причина! Реката лава од Нјарагонго се слева кон градот. Планината личи на огромен зовриен котел од кој претекува неговата содржина — огнена растопена лава што уништува сѐ што ѝ стои на патот. Никогаш не сме ги спакувале нашите куфери толку брзо! Речиси е 19.00 часот.

Илјадници бегаат по патот

Додека брзаме, патот што води надвор од Гома врие од мноштва луѓе што бегаат за да си го спасат животот. Повеќето одат пеш, носејќи го она што можеле да го земат набрзина. Мнозина носат товар на главата. Други се напикани во претоварените возила. Сите одат кон блиската граница со Руанда. Меѓутоа, вулканот не ги почитува границите што ги поставил човекот. Ниедна војска не може да го спречи напредувањето на лавата! Гледаме и војници што бегаат од лавата за да си го спасат животот. Речиси е невозможно автомобилите да продолжат по патот. Мораме да продолжиме пеш. Се наоѓаме среде мноштво од 300.000 луѓе што се туркаат — мажи, жени, деца и бебиња — кои бегаат од разбеснетиот вулкан. Земјата под нашите нозе продолжува да татне и да се тресе.

Сите бегаат за да си го спасат животот. Мојот пријател и јас, странци од еден голем град, се наоѓаме меѓу нив, заедно со неколку Сведоци што се грижат за нас. Нивното присуство и нивната голема грижа многу нѐ трогнуваат и ни даваат чувство на сигурност во оваа многу стресна и мачна ситуација. Луѓето бегаат со сѐ што можеле да понесат — облека, тенџериња и тави, неколку скудни намирници. Во ова море од луѓе, народот се турка. Некои од нив се судираат со колите што се обидуваат да поминат, при што некои ги испуштаат малкуте работи што ги носат, кои паѓаат и другите ги прегазуваат. Тешко му на оној што ќе се спрепне. Луѓето се многу напнати. Сите се престрашени. Се обидуваме да си го пробиеме патот до Гисенји, оддалечен само неколку километри, во Руанда. Го продолжуваме нашиот принуден марш.

Ноќ на безбедно

Доаѓаме до една гостилница, но, се разбира, повеќе нема места за сместување. Мораме да се задоволиме со тоа што ќе седнеме околу една маса во градината. Напорно пешачевме три и пол часа. Радосни сме што сме живи и надвор од опасноста и што сме заедно со нашите христијански браќа кои патуваа заедно со нас. За среќа, ниеден Сведок не го изгуби животот.

Очигледно е дека ноќта ќе мора да ја минеме надвор. Од ова безбедно растојание, можеме да го набљудуваме небото над градот Гома што е црвено како оган. Тоа навистина е многу импресивно и убаво! Полека се разденува. Татнењето и тресењето продолжија и во текот на ноќта. Кога ќе помислиме на тешките настани што се случија изминатиот ден, не можеме а да не сочувствуваме со илјадниците семејства што мораа да бегаат заедно со своите мали деца.

Брзо доаѓа помош

Сведоците од Кигали, главниот град на Руанда, ни се придружуваат во петок напладне, 18 јануари. Стапува во акција еден одбор за хуманитарна помош составен од браќа од Гома и Гисенји. Прва цел е да се сместат Сведоците бегалци во шесте Сали на Царството што се наоѓаат во близина. Ова е направено истиот ден. Крај патот е поставен знак на француски и на свахили, кој го покажува патот до една локална Сала на Царството, каде што на бегалците може да им се даде помош и утеха. Истиот ден, три тона артикли што ги задоволуваат основните потреби пристигнуваат во Салата на Царството, каде што се сместени Сведоците. Следниот ден, сабота, во Кигали пристигнува еден камион натоварен со храна, ќебиња, церади, сапун и лекови.

Загриженоста расте

Ова е време на голема загриженост. Како можат да се задоволат потребите на сите овие луѓе? Што е со вулканот? Кога ќе престане ерупцијата? До кој степен е уништен градот Гома? Вестите што доаѓаат до нас и постојаното тресење на земјиштето не ветуваат ништо добро. Експертите стравуваат дека опасното ниво на сулфур диоксид ќе ја загади атмосферата. Исто така, постои загриженост дека водата во езерото Киву ќе се загади како резултат на хемиски реакции.

Во текот на 48 часа од ерупцијата, се шират вознемирувачки извештаи. Потоа, во сабота попладне дознаваме дека приближно 10.000 луѓе, меѓу кои има и 8 Сведоци заедно со едно дете, се заробени во лавата што ги опкружува, која на некои места е длабока 2 метра. Воздухот е полн со отровни гасови. Стравуваме за нивните животи. Работите изгледаат безнадежно. Дури и катедралата во Гома е речиси уништена од безмилосното напредување на лавата. Во тие моменти никој не мисли дека Гома ќе се подигне од пепелта.

Некои утешни вести

Во недела во 9.00 часот добиваме телефонски повик од еден од браќата што се опкружени со лавата. Ни кажува дека ситуацијата се менува. Има подобрување. Паѓа дожд, лавата се лади, а атмосферата се прочистува. Иако лавата сѐ уште е жешка и опасна, луѓето почнуваат да ги преминуваат реките лава за да дојдат на побезбедно место. Градот не е сосема уништен.

Ова е првата добра вест откако започнаа настаните што потсетуваа на катаклизма. Вулканот изгледа помалку активен. Стручњаците во близина изнесуваат спротивставени гледишта. Успеваме да стапиме во контакт со соседниот град Букаву, кој се наоѓа на другиот крај на езерото Киву. Дознаваме дека во Букаву пристигнале со чамец пет семејства на Сведоци, како и три деца без родители. Сведоците во тој град ќе се погрижат за нив.

Можеме да се вратиме!

Во понеделник, 21 јануари, можеме да ги охрабриме и да ги утешиме жртвите во Гисенји, како и да утврдиме кои се нивните потреби. Дознаваме дека браќата што привремено се сместени во шесте Сали на Царството се организираат. Успеваме да добиеме точен број на оние што избегале — 1.800, вклучувајќи ги и децата.

Како ќе се одвиваат работите во иднина? Локалните власти планираат брзо да подигнат кампови за бегалци. Меѓутоа, некои луѓе сѐ уште имаат непријатни сеќавања од камповите за бегалци што беа подигнати по геноцидот во 1994. Одлучуваме да се вратиме во Гома, и некаде напладне пристигнуваме во градот. Околу 25 проценти од него се уништени. Можеме да чекориме по лавата што сега се стврднува, која течела низ градските улици. Сѐ уште е топла, а гасовите што испаруваат продираат во атмосферата. Многу луѓе решаваат да се вратат во градот.

Во 13.00 часот, се состануваме со 33 христијански старешини во Салата на Царството во собранието Гома Центар. Сите се едномислени: Одлучуваат да се вратат во Гома. „Овде ни е местото“, велат тие. Што е со ризикот повторно да дојде до ерупција на вулканот? „Навикнати сме на тоа“, гласи одговорот. Тие стравуваат дека, ако не се вратат скоро, сѐ што имаат ќе биде опљачкано. Следниот ден сите семејства на Сведоците што побегнале се враќаат во Гома. И поголемиот дел од оние 300.000 луѓе што ја преминале границата се вратија во погодениот град.

Една седмица подоцна

Градот повторно врие од активност. Очигледно е дека нема да умре. Наскоро се започна со работа да се израмни лавата доволно за да можат повторно да се соединат двата дела од градот што беа поделени. Сѐ што ѝ стоеше на патот на лавата беше уништено. Трговскиот центар и административниот дел на градот исто така беа уништени. Се проценува дека беше уништена една третина од аеродромската писта.

Едно точно пребројување покажува дека меѓу оние што изгубија сѐ и останаа без дом има 180 семејства на Сведоци. Одборот за хуманитарна помош прави подготовки да им се помогне на приближно 5.000 мажи, жени и деца да добијат дневна порција храна. Пратката од церади што ја приложија Јеховините сведоци од Белгија, Франција и Швајцарија ќе се користи за да се направи привремено засолниште за оние што останаа без дом, како и за места за состанување на собранијата чии Сали на Царството беа многу оштетени или уништени. Некои од семејствата што останаа без дом ќе се сместат кај Сведоците чии домови се неоштетени, додека други ќе бидат сместени во привремени засолништа.

Во петок, 25 јануари, десетина дена по таа страшна ноќ, 1.846 души присуствуваат на еден состанок што се одржува во еден школски двор во Гома за да ги слушнат охрабрувачките зборови од Писмото. Браќата изразуваат голема благодарност за утехата и за практичната помош што ја дава Јехова преку својата организација. Ние посетителите сме длабоко трогнати од храброста и силната вера што ја покажаа браќата и покрај нивните тешки околности. Среде таа неволја, колкаво само задоволство е да се биде дел од едно братство што е обединето во обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова, Изворот на вечна утеха! (Псалм 133:1; 2. Коринќаните 1:3—7).

[Фуснота]

a На јазикот свахили, вулканот е познат како мулима ја мото, што значи „огнена планина“.

[Карти на страници 18 и 19]

(Види во публикацијата)

Линиите со стрелки покажуваат каде течела лавата

КОНГО (КИНШАСА)

Планината Нјарагонго

↓ ↓ ↓

Аеродромот во Гома ↓ ↓

↓ ГОМА

↓ ↓

ЕЗЕРОТО КИВУ

РУАНДА

[Слики на страница 19]

Растопената лава принуди десетици илјади жители да побегнат од градот Гома

[Извор на слика]

AP Photo/Sayyid Azim

[Слики на страници 20 и 21]

За една седмица Сведоците ги организираа своите христијански состаноци

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели