Грижа за жртвите од руандската трагедија
РУАНДА, лоцирана во срцето на Африка, наречена е „африканска Швајцарија“. Бујното зеленило што се гледа кога ќе се прелета оваа земја, остава впечаток на Едемска градина. Не е ни чудо што Руанда била опишувана како рај.
Некогаш, за секое исечено дрво биле засадувани по две нови. Еден ден од годината бил посветен на повторното пошумување. Покрај патиштата биле засадувани овошни дрвја. Патувањето низ земјата било слободно и лесно. Главните патишта кои ги поврзувале различните области со главниот град Кигали, биле асфалтирани. Главниот град брзо се ширел. Просечниот работник заработувал доволно пари за да врзе крај со крај во месецот.
Во Руанда, и христијанската активност на Јеховините сведоци напредувала. На почетокот на минатата година, преку 2.600 Сведоци биле вклучени во пренесувањето на добрата вест за Божјето Царство до населението на земјата, кое е претежно католичко и изнесува приближно осум милиони жители (Матеј 24:14). Во март, Сведоците воделе повеќе од 10.000 библиски студии во домовите на луѓето. Во Кигали и неговата околина имало 15 собранија.
Еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци забележал: „Во ноември 1992, служев во 18 собранија. Но, до март 1994, бројот порасна на 27. Секоја година се зголемуваше и бројот на пионерите (полновремени проповедници)“. Во сабота, 26 март 1994, бројот на присутните на Споменот на Христовата смрт беше 9.834.
Потоа, состојбата во Руанда прекуноќ се промени.a
Ненадеен крај на постоечкиот поредок
На 6 април 1994, околу 20.00 часот, претседателите на Руанда и на Бурунди, двајцата од племето Хуту, погинаа во авионска несреќа во Кигали. Таа ноќ можело да се чујат полициски свирки насекаде во главниот град, а патиштата биле блокирани. Потоа, во раните утрински часови, војници и мажи вооружени со мачети почнале да ги убиваат луѓето кои биле од племето Тутси. Нтабана Ежен — надгледникот на Јеховините сведоци во градот Кигали — неговата жена, синот и ќерката биле меѓу првите масакрирани.
Едно европско семејство на Јеховини сведоци ја проучувало Библијата со неколкумина соседи кои биле од племето Тутси. Деветмина од нив побарале заштита во домот на Европејците додека разбеснетите убијци оделе од куќа до куќа. За неколку минути, околу 40 разбојници влегле во куќата, кршејќи предмети и превртувајќи го намештајот. За жал, соседите кои биле Тутси, биле убиени. Меѓутоа, на другите, и покрај обидите да ги спасат своите пријатели, им било дозволено да побегнат и да ги спасат само своите животи.
Колежот траел со недели. Се проценува дека на крајот биле убиени 500.000 Руандци, а можеби и повеќе. Илјадници побегнале за да си го спасат животот, особено припадниците на племето Тутси. Подружницата на Јеховините сведоци во Заир ги извести браќата во Франција за нивната потреба од материјална помош. „Побаравме еден контингент со употребена облека“, објаснува подружницата во Заир. „Браќата во Франција ни испратија пет контингенти, главно нова облека и обувки.“ На 11 јуни беа испратени околу 65 тони облека. Подружницата во Кенија исто така им испрати облека и лекови на бегалците, како и списанијата Стражарска кула на нивниот локален јазик.
До јули, силите предводени од племето Тутси, наречени Руандски патриотски фронт, ги поразиле владините сили предводени од племето Хуту. Потоа, стотици илјади Хуту почнале да бегаат од земјата. Дошло до хаос кога два милиони или повеќе Руандци побарале засолниште во набрзина изградените логори во соседните земји.
Обиди за меѓусебна помош
Од шестмината кои работеле во преведувачкиот оддел на Јеховините сведоци во Кигали, двајца биле од племето Тутси — Анани Мбанда и Мукагисагара Дениз. Обидите на браќата Хуту да ги заштитат, биле успешни само неколку седмици. Но, кон крајот на мај 1994, двата Сведока од племето Тутси биле убиени.
Јеховините сведоци настојувале да ги заштитат сохристијаните од различно етничко потекло, ризикувајќи го, па дури и жртвувајќи го својот сопствен живот (Јован 13:34, 35; 15:13). На пример, Мукабалиса Чантал е Тутси. Кога припадниците на Руандскиот патриотски фронт барале припадници на племето Хуту на стадионот каде што престојувала, таа интервенирала во корист на своите браќа Хуту. Иако нејзините обиди ги иритирале бунтовниците, еден од нив извикал: „Вие Јеховините сведоци навистина имате цврсто братство. Вашата религија е најдобрата што постои!“
Да се остане слободен од етничка омраза
Тоа не значи дека Јеховините сведоци се потполно имуни на етничката омраза која стотици години постоела во овој дел на Африка. Еден Сведок од Франција, кој учествувал во акцијата за помош, забележал: „Дури и нашите христијански браќа мораат многу да се напрегаат за да не бидат заразени од омразата која е одговорна за неописливите масакри.
Се запознавме со браќа чии семејства биле масакрирани пред нивни очи. На пример, една христијанка била омажена само два дена кога бил убиен нејзиниот сопруг. Некои Сведоци виделе како ги убиваат нивните деца или родителите. Една сестра, која сега се наоѓа во Уганда, гледала како го колат целото семејство, вклучувајќи го и нејзиниот сопруг. Тоа само го нагласува страдањето, и емоционално и физичко, кое ги погодило сите семејства на Јеховините сведоци“.
Сѐ на сѐ, биле убиени околу 400 Сведоци во етничкото насилство. Но, ниеден не бил убиен од рацете на друг Сведок. Меѓутоа, припадниците на племињата Тутси и Хуту, членови на Римокатоличката и на Протестантската црква, испоклале илјадници луѓе. Како што е добро документирано, по целиот свет, Јеховините сведоци во никој случај не учествуваат во војните, во револуциите или во другите конфликти на овој свет (Јован 17:14, 16; 18:36; Откровение 12:9).
Неописливи страдања
Минатото лето, луѓето насекаде по светот можеа да видат сцени на скоро неверојатно човечко страдање. Стотици илјади руандски бегалци можеа да се видат како влегуваат во соседните земји и живеат таму под многу нехигиенски услови. Еден Јеховин сведок од Франција, кој работел во акцијата за помош, вака ја опишал состојбата што на 30 јули ја затекла неговата делегација.
„Бевме соочени со тотално ужасни сцени. Со километри, по патот беа поредени човечки тела. Заедничките гробници беа полни со илјадници лешеви. Неподнослива беше смрдеата додека поминувавме низ разбранетата толпа луѓе, а покрај мртвите тела си играа деца. Имаше лешеви на родители чии деца сѐ уште беа живи и се држеа за нивниот грб. Таквите сцени, кои повеќе пати се повторуваа, оставаат длабок впечаток. Ве обзема чувство на потполна беспомошност и не можете да останете ладнокрвни на таквиот ужас и пустош.“
Кога десетици илјади бегалци почнале да навлегуваат во Заир, во средината на јули, Сведоците од Заир отишле до границата и држеле библиски публикации за да можат нивните христијански браќа и заинтересираните лица да ги препознаат. Сведоците кои избегале од Руанда потоа биле собрани и однесени во Салата на Царството во соседна Гома, каде што им била укажана нега. И покрај недостатокот на соодветни лекови и прикладни објекти, Сведоците со медицинско искуство напорно работеле за да им ги олеснат болките на болните.
Брза реакција во страдањето
Во петок на 22 јули, Јеховините сведоци во Франција преку факс добиле SOS порака од Африка. Во неа била опишана ужасната состојба на нивните христијански браќа кои избегале од Руанда. Во рок од пет до десет минути по добиеното известување, браќата одлучиле да натоварат еден теретен авион со материјална помош. Поради тоа, еден цел викенд имало интензивна подготовка која била особено значајна со оглед на тоа што браќата биле тотално неискусни во организирањето на една таква голема акција за помош и тоа за толку кратко време.
Голем беше одѕивот на потребата од парични средства. Само во Белгија, Франција и Швајцарија, Сведоците дадоа прилог од преку 1.600.000 американски долари. Беа набавени материјали за помош, кои содржеа храна, лекови и опрема за преживување, а сето тоа беше спакувано и обележано во просториите на Јеховините сведоци во Лувр (Франција). Сведоците работеа дење и ноќе за да ја подготват пратката за Остенд (Белгија). На аеродромот таму, во среда на 27 јули, на еден теретен авион беа натоварени 35 тони. Следниот ден беше испратена една помала пратка, главно медицински работи. Во саботата, по два дена, еден друг лет однесе и друга пратка со лекови за жртвите.
Сведоци од Франција, вклучувајќи и еден лекар, отидоа за Гома пред да пристигне големата пратка. Во понеделник, 25 јули, кога д-р Анри Тале пристигнал во Гома, околу 20 Сведоци веќе умреле од колера, а други секојдневно умирале. Бидејќи пратката мораше да се достави преку Буџумбура (Бурунди), на оддалеченост од околу 250 километри, во Гома пристигна дури во петокот наутро, на 29 јули.
Борба со болеста
Во меѓувреме, во Гома, на локацијата каде што се наоѓаше малата Сала на Царството, околу 1.600 Сведоци и нивните пријатели беа сместени заедно. За сите тие луѓе имаше само еден клозет, никаква вода и мошне малку храна. Десетици луѓе, заразени од колера, беа насобрани во Салата на Царството. Стапката на смртност растеше.
Заразеното лице од колера потполно дехидрира. Очите стануваат стаклести, а потоа се превртуваат нагоре. Ако навреме се почне со терапијата за рехидрирање, лицето за два дена повторно станува на нозе. Затоа, веднаш се вложија напори за рехидрирање на браќата со малкуте лекови кои стоеја на располагање.
Освен тоа, браќата се обидоа да ги изолираат болните за да не се заразат другите. Настојуваа да ги префрлат бегалците што е можно подалеку од ужасните услови во Гома. Пронајдоа соодветно место во близината на езерото Киву, далеку од прашината и од мирисот на лешеви кој силно се чувствуваше во воздухот.
Беа ископани клозети и се воведоа строги правила за хигиена. Тоа вклучуваше миење на рацете во сад со асепсол и вода после употребата на клозетот. Важноста на тие мерки беше нагласена, а луѓето го прифаќаа она што се бараше од нив. Набргу беше намалено смртоносното ширење на болеста.
Кога пристигна големата пратка со хуманитарна помош во петок на 29 јули, во Салата на Царството во Гома беше поставена една малечка болница. Беа монтирани околу 60 кревети на расклопување, како и систем за прочистување на водата. Освен тоа, на Сведоците кои беа сместени на бреговите на езерото Киву им беа однесени шатори. За кратко време беа поставени 50 шатори, уредно подредени во редови.
Во една прилика, околу 150 Сведоци и нивните пријатели биле сериозно болни. До првата седмица од август, во Гома умреле преку 40 од нив. Но медицински средства и помош стигнаа навреме за да се спасат многу други животи и за да се спречи голем дел од страдањето.
Благодарен и духовен народ
Сведоците бегалци покажаа голема благодарност за сѐ што беше сторено за нив. Беа трогнати од љубовта што им ја покажаа нивните христијански браќа од другите земји, како и од јасниот доказ дека вистински припаѓаат на едно меѓународно братство.
И покрај нивните неволји, бегалците ја одржаа својата духовност. Всушност, еден набљудувач забележал дека „тие се позаинтересирани да добијат духовна храна отколку материјална помош, иако сето тоа им е многу потребно“. Во различните логори за бегалци беа нарачани 5.000 примероци од помошното средство за проучување на Библијата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, на руандскиот јазик кинјаруанда.b
Бегалците секој ден разгледуваа по еден библиски стих и организираа собраниски состаноци. Беа направени и подготовки за одржување на училишни часови со децата. Наставниците ги искористија тие часови за да даваат лекции по хигиена, истакнувајќи дека преживувањето зависи од придржувањето кон нив.
И понатаму е потребна грижа
Освен во Гома, стотици Сведоци бегалци беа лоцирани и на други места, како Рутшуру. И на тие браќа им беше укажана слична помош. На 31 јули, една делегација Сведоци од седум души дојде со авион од Гома до Букаву на југ, каде што имаше 450 Сведоци бегалци. Голем дел од нив исто така беа од Бурунди. Таму изби колера, па беше укажана помош за да се спречат смртни случаи меѓу браќата.
Следниот ден, делегацијата патуваше скоро 150 километри до Увира (Заир), каде што во околу седум места долж патот имаше приближно 1.600 Сведоци од Руанда и од Бурунди. Им беше дадена поука како да се заштитат од болеста. Еден извештај што се темели на сознанијата на делегацијата, гласеше: „Она што досега е направено е само почеток, и уште многу месеци ќе им биде потребна помош на 4.700 лица кои сега добиваат наша помош“.
Се известува дека до август, стотици Сведоци се вратиле во Руанда. Но практично сите домови и поседи се опљачкани. Затоа, повторното градење на домовите и на Салите на Царството, претставува вистински предизвик.
Божјите слуги и понатаму сесрдно се молат за оние кои толку многу настрадаа во Руанда. Знаеме дека додека се приближува крајот на овој систем на ствари, насилството ќе расте. Меѓутоа, Јеховините сведоци по целиот свет ќе продолжат да ја одржуваат својата христијанска неутралност и да покажуваат искрено сочувство.
[Фусноти]
a Види ја статијата „Трагедија во Руанда — Кој е одговорен?“, во Стражарска кула од 15 декември 1994.
b Издадено од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула од Њујорк, инк.
[Карта на страница 12]
(Види во публикацијата)
РУАНДА
Кигали
УГАНДА
ЗАИР
Рутшуру
Гома
Езерото Киву
Букаву
Увира
БУРУНДИ
Буџумбура
[Слики на страница 15]
Лево: Нтабана Ежен и неговото семејство беа масакрирани. Десно: Мукагисагара Дениз, од племето Тутси, беше убиена и покрај обидите на Хуту браќата да ја спасат
[Слики на страници 16 и 17]
Горе: Грижа за болните во Салата на Царството во Гома. Долу лево: Сведоците подготвија преку 35 тони материјална помош и ги испратија со товарен авион. Долу: Во близина на езерото Киву каде што Сведоците беа преместени. Долу десно: Руандски бегалци во Сала на Царството во Заир