Христијанството на дело среде метеж
СЀ ПОЧНА ненадејно еден ден во април 1994. Во една авионска несреќа загинаа претседателите на Бурунди и на Руанда. За неколку часа, Руанда беше проголтана од насилство од ужасни размери. За помалку од три месеци, преку 500.000 Руандци — мажи, жени и деца — беа мртви. На тој период некои луѓе се осврнуваат како на „геноцид“.
Половината од 7,5-те милиони жители на Руанда мораа да бегаат. Во нив спаѓаа 2,4 милиони кои побараа прибежиште во соседните земји. Тоа беше најголемиот и најбрзиот егзодус на бегалци во современата историја. Во Заир (сега Демократска Република Конго), во Танзанија и во Бурунди брзо беа подигнати бегалски кампови. Некои од овие кампови — најголеми на светот — им дадоа засолниште на 200.000 луѓе.
Меѓу бегалците имаше многу Јеховини сведоци, мирољубиви луѓе кои ги применуваат библиските начела во својот живот. Во која земја и да живеат, тие задржуваат строга неутралност и го применуваат начелото што е олицетворено во зборовите од Исаија 2:4: „Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови; народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“. Јеховините сведоци се нашироко признати како религиозна група која не учествуваше во геноцидот во Руанда.
Исус Христос рекол дека неговите следбеници ‚не се [дел, NW] од светот‘. Меѓутоа, бидејќи се „во светот“, тие не можат секогаш да го избегнат метежот на нациите (Јован 17:11, 14). За време на геноцидот во Руанда, скоро 400 Сведоци ги изгубија своите животи. Околу 2.000 Сведоци и лица заинтересирани за пораката на Царството, станаа бегалци.
Дали тоа што не се дел од светот значеше дека Јеховините сведоци не прават ништо кога ќе се случи некоја несреќа? Не. Божјата Реч вели: „Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: ‚Одете си со мир, грејте се и наситете се!‘, а не им даде што им е потребно за телото — каква полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2:15—17). Љубовта кон ближниот ги мотивира Сведоците да им помагаат и на оние кои не ги делат нивните религиозни гледишта (Матеј 22:37—40).
Иако Јеховините сведоци ширум светот копнееја да им помогнат на своите соверници кои се соочуваат со катастрофалната ситуација во Руанда, координирањето на акцијата за помош ѝ беше доделено на Западна Европа. Во летото 1994, еден тим од Сведоци доброволци од Европа поита да им помогне на своите христијански браќа и сестри во Африка. За руандските бегалци беа подигнати добро организирани кампови и полски болници. Огромни количини облека, ќебиња, храна и библиска литература им беа доставувани со авион или со некое друго средство. Повеќе од 7.000 измачени лица — скоро трипати повеќе од бројот на Јеховините сведоци во Руанда во тоа време — имаа корист од акцијата за помош. До декември таа година, илјадници бегалци, вклучувајќи ги и повеќето од оние кои беа Јеховини сведоци, се вратија во Руанда за повторно да го започнат својот живот.
Војна во Конго
Во 1996, во источниот регион на Демократска Република Конго избувна војна. Ова подрачје граничи со Руанда и со Бурунди. Таму повторно имаше силување и убивање. Среде куршуми што фучат и запалени села, луѓето бегаа за да си го спасат животот. Јеховините сведоци беа фатени во метежот, и околу 50-мина умреа. Некои беа убиени од залутани куршуми. Други, пак, беа заклани затоа што припаѓаа на некоја одредена етничка група или, пак, беа погрешно сфатени како непријатели. Едно село каде што живееја околу 150 Сведоци, беше уништено со оган. Во други села, десетици домови и неколку Сали на Царството беа изгорени. Лишени од домови и имоти, Сведоците побегнаа во други подрачја и им беше помогнато од страна на тамошните сообожаватели.
Војната ја следи глад, бидејќи жетвата се уништува, залихите со храна се крадат, а каналите за снабдување се пресечени. Расположливата храна е скапа. Во Кисангани, на почетокот од мај 1997, 1 килограм компири чинеше околу три долара, далеку повеќе од финансиските способности на повеќето луѓе. Мнозинството можеше да си дозволи да јаде само еден оброк дневно. Се разбира, оскудицата на храна ја следат болести. Неисхранетоста ја ослабнува способноста на телото да спречува маларија, дијареични болести и желудочни проблеми. Особено страдаат и умираат децата.
Проценување на потребата
Повторно, Јеховините сведоци во Европа брзо се оѕваа на потребата. До април 1997, еден тим за помош, кој вклучуваше двајца лекари, долета со лекарства и пари. Во Гома, локалните Сведоци веќе беа организирале одбори за помош за да ја проценат ситуацијата за да може да се даде непосредна помош. Тимот го истражи градот и околните подрачја. Беа испратени гласници за да добијат извештаи од пооддалечените места. Беа добиени информации од Кисангани, сместен повеќе од 1.000 километри западно од Гома. Локалните браќа помогнаа да се координира акцијата за помош во Гома, каде што живеат 700 Сведоци.
Еден христијански старешина од Гома рече: „Бевме длабоко трогнати кога ги видовме нашите браќа кои дојдоа од толку далеку за да ни помогнат. Пред да дојдат тие, ние си помагавме меѓусебно. Браќата мораа да бегаат од селското подрачје во Гома. Некои ги изгубија своите домови и ги напуштија своите ниви. Ние ги зедовме во нашите домови и ја делевме нашата облека и она малку храна што ја имавме. Она што ние можевме да го сториме локално, не беше многу. Некои од нас пострадаа од неисхранетост.
Меѓутоа, браќата од Европа донесоа пари кои ни овозможија да купиме храна, која беше скудна и многу скапа. Храната дојде во еден важен момент, бидејќи мнозина немаа ништо за јадење во своите домови. Храната ја делевме и на Сведоци и на не-Сведоци. Да не дојдеше помошта баш тогаш, мнозина ќе умреа, особено деца. Јехова го спаси својот народ. Не-Сведоците беа многу импресионирани. Мнозина коментираа за нашето единство и љубов. Некои признаа дека нашата религија е вистинската“.
Иако локално се купуваше храна и се даваа лекарства, беше потребно повеќе. Постоеше потреба од облека и ќебиња, како и од поголеми залихи храна и лекарства. Беше потребна и помош за повторно да се изградат домовите што беа уништени.
Луѓето даваат великодушно
Браќата во Европа повторно беа желни да помогнат. Канцеларијата на Јеховините сведоци кај Лувије (Франција) разгласи повик до собранијата во Долината на Рона, како и во Нормандија, и до дел од подрачјето на Париз. Овде влезе во игра едно друго библиско начело: „Кој скржаво сее, скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее. Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или од принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Коринтјаните 9:6, 7).
Илјадници лица радосно ја искористија приликата да дадат. Кутии и торби со облека, чевли и други предмети се слеваа во Салите на Царството и потоа беа префрлувани до канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Франција. Таму, 400 доброволци беа спремни да земат учество во следниот чекор од операцијата „Помогнете му на Заир“. Додека подарените добра се слеваа, овие доброволци ја сортираа, ја здиплуваа и ја пакуваа облеката во кутии што беа ставани една на друга по 30 во една палета. Децата мислеа и на своите млади братчиња и сестрички во Африка и им испратија играчки — сјајни лимузинки, вртимушки, кукли и мечиња. Тие беа спакувани заедно со предметите неопходни за живот. Сѐ на сѐ, беа наполнети и отпремени за Конго девет 12-метарски контејнери.
Колку помош беше испратено до Централна Африка со помошта на илјадниците Сведоци од Белгија, Франција и Швајцарија? До јуни 1997, вкупниот износ беше 500 килограми лекарства, 10 тони високопротеински бисквити, 20 тони друга храна, 90 тони облека, 18.500 пара чевли и 1.000 ќебиња. Беше доставена и библиска литература. Сево ова беше многу ценето, утешувачко за бегалците и им помогна да ги поднесат своите испити. Цената на залихите вкупно изнесуваше скоро 1.000.000 долари (САД). Таквите прилози беа доказ за братството и љубовта меѓу оние кои му служат на Јехова.
Дистрибуирање во Конго
Додека добрата почнаа да стигнуваат до Конго, двајца браќа и една сестра дојдоа од Франција за да работат со локалните одбори за помош. Во врска со благодарноста што ја покажаа конгоанските Сведоци, Жозелин рече: „Добивме многу писма на благодарност. Една сиромашна сестра ми даде еден украс од малахит. Други ни дадоа свои фотографии. Додека заминувавме, сестрите ме бакнуваа, ме прегрнуваа и липаа. И јас плачев. Мнозина дадоа такви коментари како: ‚Јехова е добар. Јехова мисли на нас‘. Така, тие увидоа дека заслугата за ова давање му припаѓа на Јехова. Кога ја дистрибуиравме храната, браќата и сестрите го фалеа Јехова со песни на Царството. Беше многу трогателно“.
Еден лекар по име Лоик беше член на тимот. Мнозина навалуваа во Салата на Царството и стрпливо го чекаа својот ред да побараат негова помош. Сакајќи и таа да стори нешто, една конгоанска сестра направи и приложи околу 40 крофни за оние кои чекаа за на лекар. Со оглед на тоа дека чекаа околу 80 луѓе, секој доби по половина крофна.
Помош за лицата кои не се Сведоци
Оваа хуманитарна помош не беше давана исклучително на Јеховини сведоци. И други извлекоа корист, како што беше случај со мнозина во 1994. Ова е во склад со Галатјаните 6:10, каде вели: „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“.
Сведоците дистрибуираа лекарства и облека до повеќе основни училишта и до едно сиропиталиште близу Гома. Сиропиталиштето е дом за 85 деца. На едно поранешно патување за проценување на ситуацијата, тимот за помош го посети сиропиталиштето и вети дека ќе им обезбеди 50 кутии високопротеински бисквити, кутии со облека, 100 ќебиња, лекарства и играчки. Децата се построија во дворот и пееја за посетителите. Потоа, тие поднесоа едно посебно барање — дали би можеле да добијат една фудбалска топка за да можат да си играат?
По неколку седмици, тимот за помош го исполни своето ветување дека ќе донесе залихи. Импресиониран од великодушноста и од она што го прочитал во библиската литература што ја добил, управникот на сиропиталиштето рече дека тој е на пат да стане Јеховин сведок. А дали на децата им беше дадена една фудбалска топка? „Не“ — одговори Клод, координаторот на тимот за помош од Франција. „Им дадовме две фудбалски топки.“
Логори за бегалци
Помошта не беше ограничена на Конго. Илјадници бегалци беа побегнати од воената зона во една блиска земја, каде што брзо беа подигнати три логори за бегалци. Сведоците отпатуваа и таму за да видат што би можело да се стори. Кога овој извештај беше подготвуван, логорите засолнуваа 211.000 бегалци, главно од Конго. Околу 800 беа Сведоци и нивни деца, како и поединци кои се заинтересирани за добрата вест за Царството. Еден непосреден проблем во логорите беше недостигот на храна. Во еден логор имаше доволно храна само за три дена, во која спаѓаше тригодишен грав.
Меѓутоа, Сведоците беа во добро расположение. Иако имаа малку библиска литература, тие водеа редовни состаноци под отворено небо за да се изградуваат духовно. Исто така, беа зафатени проповедајќи им ја добрата вест за Божјето Царство на другите во логорите (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25).
Истражниот тим на Сведоците вклучуваше еден лекар. Иако властите им дозволија да поминат само по неколку дена во секој логор, тие одржаа медицински консултации. Оставија лекарства и пари кај христијанските старешини. На тој начин, браќата беа во можност да преживеат. Тие се надеваа дека Сведоците во логорите ќе можат наскоро да се вратат во својата татковина.
А што е со иднината? Исус Христос претскажал дека нашево време ќе биде време на голем метеж, време обележано со војни и со оскудици на храна (Матеј 24:7). Јеховините сведоци знаат дека само Божјето Царство ќе го оконча страдањето што постои сега на Земјата. Под неговото владетелство, нашиот земен дом ќе стане рај на мир, на изобилство и вечна среќа за послушното човештво (Псалм 71:1, 3, 16). Во меѓувреме, Сведоците ќе ја објавуваат добрата вест за тоа небесно Царство и ќе продолжат да им помагаат на сообожавателите и на другите во времиња на потреба.
[Истакната мисла на страница 4]
Од 1994 наваму, само Јеховините сведоци од Европа испратија повеќе од 190 тони храна, облека, лекарства и други залихи помош до регионот на Големите Езера во Африка
[Рамка на страница 6]
Христијанска љубов спроведена во дело
Меѓу оние кои ревносно учествуваа во проектот „Помогнете му на Заир“ во Франција, беше и Рут Дане. Како дете, била затворана во нацистички концентрациони логори поради својата христијанска вера. Таа коментира: „Бевме толку среќни што можевме да сториме нешто за нашите браќа и сестри во Африка! Но, имаше нешто што ме направи двојно среќна. Во 1945, кога се вративме дома од Германија, немавме апсолутно ништо. Дури и облеката што ја носевме беше позајмена. Но, набргу добивме материјална помош од нашите духовни браќа од Америка. Така, оваа акција за помош ми дозволи да ја возвратам љубезноста што ни беше покажана толку одамна. Колкава само предност е да се биде дел од едно такво големо семејство од браќа кои христијанската љубов ја спроведуваат во дело!“ (Јован 13:34, 35).
[Слика на страница 7]
Наскоро — земен рај со изобилство за сите