Трагедија во Руанда — кој е одговорен?
„Во моментот пред да му биде расцепен черепот на 23-годишниот механичар“, известил U.S.News & World Report, „еден од напаѓачите му рекол на Хитијисе: ‚Мора да умреш бидејќи си Тутси‘“.
КОЛКУ често била повторувана една ваква сцена во малата централноафриканска земја Руанда во текот на месеците април и мај! Во тоа време, во и околу Кигали — главниот град на Руанда — имало 15 собранија на Јеховините сведоци. Надгледникот на градот, Нтабана, бил Тутси. Тој, неговата сопруга, синот и деветгодишната ќерка, Шами, биле меѓу првите заклани лица кога избувнал бесот на насилство.
Илјадници жители на Руанда биле секојдневно убивани — од недела во недела. „Во последните шест недели загинаа 250.000 луѓе во една кампања на геноцид и одмазда која може да се мери со крвавата чистка на Кмер Руж во Камбоџа, во средината на 1970-тите“, известило гореспоменатото списание во средината на мај.
Списанието Time навело: „Во сцена што потсетува на нацистичка Германија, од една група од 500 луѓе беа издвоени децата само затоа што личеле на Тутси. . . . Претседателот на општината на јужниот град Бутаре, кој е оженет за една Тутси, бил ставен пред [еден мачен] избор од страна на Хуту селани: би можел да ја спаси својата сопруга и деца само ако го предаде семејството на сопругата — нејзините родители и помладата сестра — да бидат убиени. Тој се согласил“.
Во преведувачката канцеларија на Јеховините сведоци во Кигали работеа шест лица, четири од нив Хуту и двајца Тутси. Тутси беа Анани Мбанда и Мукагисагара Дениз. Кога во куќата дошла милицијата заедно со пљачкашите, тие се разлутиле кога виделе дека Хуту и Тутси живеат заедно. Сакале да ги убијат Мбанда и Дениз.
„Почнаа да ги вадат безбедносните игли од гранатите“, рече Емануел Нгиренте, еден од Хуту браќата, „заканувајќи се дека ќе нѐ убијат, бидејќи живееме заедно со нивните непријатели. . . . Бараа голема сума пари. Им ги дадовме сите пари што ги имавме со нас, но не беа задоволни. Како компензација решија да ни земат сѐ што можеа да користат, вклучувајќи и еден леп-топ компјутер што го користевме во нашата преведувачка работа, нашата копир машина, радија, кондури и сл. Ненадејно си заминаа без да убијат никого од нас, но рекоа дека ќе се вратат подоцна“.
Во наредните денови пљачкашите продолжија да доаѓаат и секојпат Хуту Сведоците молеа за животите на своите пријатели Тутси. Конечно, кога за Мбанда и Дениз стана преопасно да останат таму, беа направени подготовки да отидат со другите Тутси бегалци во блиското училиште. Кога училиштето беше нападнато, Мбанда и Дениз успеале да побегнат. Тие успеале да преминат неколку барикади, но, на крај, на една од нив сите Тутси биле одвлечкани на страна и Мбанда и Дениз биле убиени.
Кога војниците се вратиле во преведувачката канцеларија и откриле дека Сведоците кои биле Тутси заминале, немилосрдно ги претепале браќата кои биле Хуту. Тогаш, во близина експлодирал еден минофрлач и браќата успеале да си го спасат животот.
Како што продолжило убивањето низ земјата, бројот на мртвите достигнал најверојатно пола милион. Со текот на времето, од осумте милиони жители на Руанда, помеѓу два и три милиони, или повеќе, ги напуштиле своите домови. Многумина од нив побарале засолниште во соседните Заир и Танзанија. Неколку стотици Јеховини сведоци биле убиени, а многу други се наоѓаат помеѓу оние кои побегнале во логори надвор од земјата.
Што го распалило ваквиот колеж и егзодус без преседан? Дали можело да се спречи? Каква била ситуацијата пред да избувне насилството?
Хуту и Тутси
И двете соседни земји, Руанда и Бурунди, се населени со Хуту — обично ниски, набиени, Банту народ, и со Тутси — обично повисоки, со посветла кожа, народ кој уште е познат како Ватуси. Во двете земји Хуту сочинуваат околу 85 отсто од населението, а Тутсите 14 отсто. Помеѓу овие две етнички групи биле забележани судири уште во XV век. Сепак, поголемиот дел од времето тие живееле заедно во мир.
„Живеевме заедно во мир“, рече една 29-годишна жена за 3.000 Хуту и Тутси кои живееле во селото Руганда, сместено на неколку километри источно од Заир. Меѓутоа, во април, ненадејни напади од Хуту банди ја избришале скоро целата Тутси популација во селото. The New York Times објаснил:
„Сторијата на ова село е сторијата на Руанда: Хуту и Тутси живееја заедно, меѓусебно склопувајќи бракови, не водејќи сметка, или дури и не знаејќи кој е Хуту, а кој Тутси.
Тогаш нешто пукна. Во април, толпи од Хуту низ целата земја почнале да беснеат, убивајќи ги Тутсите каде и да ги најдат. Кога почнале убивањата, за да се заштитат, Тутсите бегале во црквите. Толпите ги следеле, претворајќи ги светилиштата во гробишта кои останале испрскани со крв“.
Што го разгорело убивањето? Тоа била смртта на претседателите на Руанда и на Бурунди (обајцата Хуту), што се случи на 6. април, во една авионска несреќа во Кигали. Овој настан на некој начин им дал замав на масакрите, не само над Тутсите туку и над било кој Хуту за кој се сметало дека е нивни симпатизер.
Во исто време, се засилиле борбите помеѓу бунтовничките сили — Р.П.Ф. (Руандски патриотски фронт) во кој доминираат Тутси — и Силите на владата, со кои доминираат Хуту. До јули Р.П.Ф. ги поразиле Силите на владата и извојувале контрола над Кигали и поголемиот дел од Руанда. Плашејќи се од репресалии, на почетокот на јули, стотици илјади Хуту ја напуштиле земјата.
Кој е одговорен?
Кога бил запрашан да објасни зошто така ненадејно избувнало насилството во април, еден Тутси земјоделец рекол: „Тоа е поради лошите водачи“.
Навистина, низ вековите политичките водачи ширеле лаги за своите непријатели. Под водство на „кнезот на овој свет“, Сатана Ѓаволот, светските политичари го убедувале својот народ да се бори против оние од друга раса, племе или нација и да ги убива (Јован 12:31; 2. Коринтјаните 4:4; 1. Јованово 5:19). Ситуацијата во Руанда не била ништо поинаква. The New York Times известил: „Политичарите секогаш одново се обидувале да ја форсираат етничката лојалност и етничките стравови — во случајот на Хуту, да ја задржат контролата над владата; во случајот на Тутси, да соберат поддршка за бунтовничкиот фронт“.
Бидејќи луѓето од Руанда се слични во многу нешта, никој не би се надевал тие да се мразат и меѓусебно да се убиваат. „Хуту и Тутси го зборуваат истиот јазик и обично ги имаат истите традиции“, напишал репортерот Рејмонд Бонер. „По многу генерации на меѓусебно склопување бракови, физичките разлики — Тутсите високи и слаби, а Хуту ниски и подебели — исчезнале до таа мера што жителите на Руанда честопати не се сигурни дали некој е Хуту или Тутси.“
Но сепак, неодамнешната баража на пропаганда имаше еден неверојатен ефект. Илустрирајќи го проблемот, Алекс де Вал, директор на групата Африкански права, рекол: „Селаните во подрачјата окупирани од страна на Р.П.Ф. се наводно вчудовидени што Тутси војниците немаат рогови, опашки и очи кои светат во темницата — како што биле опишани во радиоемисиите кои тие ги слушаат“.
Не се само политичарите тие кои го обликуваат мислењето на луѓето, тоа го прави и религијата. Кои се главните религии во Руанда? Дали и тие се одговорни за трагедијата?
Улогата на религијата
The World Book Encyclopedia (1994) вели за Руанда: „Повеќето луѓе се римокатолици. . . . Римокатоличката и другите христијански цркви управуваат со повеќето основни и средни училишта“. Всушност, весникот National Catholic Reporter ја нарекол Руанда „70% католичка нација“.
Британскиот The Observer дава позадина на религиозната ситуација во Руанда, објаснувајќи: „Во текот на 1930-те, кога црквите се бореа за контрола во образовниот систем, католиците ја преферираа аристократијата на Тутсите додека протестантите се здружија со угнетеното Хуту мнозинство. Во 1959, Хуту приграбиле моќ и брзо се здобиле со поддршка од католиците и протестантите. Протестантската поддршка на Хуту мнозинството и понатаму останува многу јака“.
Дали, на пример, протестантските црковни водачи ги осудиле масакрите? The Observer одговара: „Двајца свештеници [англиканци] беа запрашани дали тие ги осудуваат убијците кои ги исполниле црквите на Руанда со тела на обезглавени деца.
Тие одбија да одговорат. Ги заобиколуваа прашањата, се збунија, гласот им зарипна, и длабокиот корен на руандската криза беше откриен — најстарите членови на англиканската црква служат како трчкала на политичките господари кои проповедаа убиство и ги наполнија реките со крв“.
Навистина, црквите на т. н. христијанство во Руанда не се ништо поинакви од црквите на било кое друго место. На пример, за нивната поддршка на политичките лидери во I светска војна, британскиот генерал Франк П. Крозер рекол: „Христијанските цркви се најпрефинетите поттикнувачи на жедта за крв со кои располагаме и ги користиме наголемо“.
Да, религиозните водачи носат голем дел од одговорноста за она што се случи! National Catholic Reporter од 3. јуни 1994, известил: „Борбите во африканската нација вклучуваат ‚вистински геноцид за кој, за жал, дури и католиците се одговорни‘, рече папата“.
Очигледно, црквите пропуштиле да поучуваат за вистинските христијански начела, темелени на такви стихови како Исаија 2:4 и Матеј 26:52. Според францускиот весник Le Monde, еден свештеник се жалел: „Тие се колат меѓусебно, заборавајќи дека се браќа“. Еден друг свештеник од Руанда признал: „Христијаните беа убивани од други христијани, по вековни проповеди за љубов и проштевање. Тоа беше еден неуспех“. Le Monde прашал: „Како може да се избегне помислата дека Тутси и Хуту, кои војуваат во Бурунди и Руанда, беа поучувани од истите христијански мисионери и ги посетуваа истите цркви?“
Вистинските христијани се поинакви
Вистинските следбеници на Исус Христос живеат според неговата заповед ‚да се љубат еден со друг‘ (Јован 13:34). Дали можеш да си го замислиш Исус, или некој од неговите апостоли, како зема мачета и сецка некого до смрт? Ваквото дивјачко убивање ги идентификува луѓето како ‚ѓаволски чеда‘ (1. Јованово 3:10-12).
Јеховините сведоци немаат удел во војните, револуциите или во било какви конфликти поттикнати од светските политичари, кои се под контрола на Сатана Ѓаволот (Јован 17:14, 16; 18:36; Откровение 12:9). Наместо тоа, Јеховините сведоци покажуваат вистинска љубов еден кон друг. Така, за време на масакрите, Хуту Сведоците спремно ги ставиле своите животи на коцка, во обидите да ги заштитат своите браќа кои биле Тутси.
Сепак, ваквите трагедии не треба да нѐ изненадуваат. Во Исусовото пророштво што се однесува на „свршетокот на светот“, тој претскажал: „Тогаш . . . ќе ве убијат“ (Матеј 24:3, 9). За среќа, Исус ветил дека ќе се сети на верните кога ќе биде воскресението на мртвите (Јован 5:28, 29).
Во меѓувреме, Јеховините сведоци во Руанда и насекаде во светот се решени да продолжат да се потврдуваат како Христови ученици, љубејќи се еден со друг (Јован 13:35). Нивната љубов дава сведоштво дури и среде овие сегашни маки, како што тоа го открива придружниот извештај „Сведоците во логори за бегалци“. Сите треба да запомниме што рекол Исус во своето пророштво: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13).
[Рамка на страница 29]
СВЕДОЦИТЕ ВО ЛОГОРИ ЗА БЕГАЛЦИ
Од јули оваа година, околу 4.700 Сведоци и нивни придружници се наоѓале во логори за бегалци. Во Гома (Заир) имало 2.376, во Букаву 454 и во Увира 1.592. Покрај тоа, имало и околу 230 во Бенако (Танзанија).
Самото пристигнување до центрите за бегалци не било лесно. Едно собрание од 60 Сведоци се обидело да го премине мостот Русумо, главниот пат до логорите за бегалци во Танзанија. Бидејќи биле одбиени, пешачеле покрај брегот на реката една недела. Тогаш решиле да се обидат да преминат со кануи. Успеале, а по неколку дена, безбедно стигнале до логорот во Танзанија.
Јеховините сведоци од други земји организирале големи пратки со помош. Сведоците во Франција собрале преку сто тони облека и девет тони обувки, како и залихи меѓу кои имало надоместок за исхрана и лекови кои биле испратени во подрачјата каде што имало потреба. Меѓутоа, првото нешто за кое браќата во логорите за бегалци често прашувале, биле Библија или списанијата Стражарска кула и Разбудете се!.
Многумина набљудувачи биле импресионирани од љубовта што ја покажале Сведоците во Заир и Танзанија, кои ги посетиле и им помогнале на своите протерани браќа. „Вас ве посетија луѓе од вашата религија“, велат бегалците, „но, нас не нѐ посети нашиот свештеник“.
Сведоците станаа добро познати во логорите, најмногу поради нивното единство, уредност и наклоност полна со љубов (Јован 13:35). Вреди да се забележи и тоа дека во Бенако (Танзанија), на Сведоците им беа потребни само 15 минути за да ги пронајдат соверниците бегалци, помеѓу приближно 250.000 луѓе во логорот.