Гледиште на Библијата
Што треба да знаете за Божиќ
МИЛИОНИ луѓе во целиот свет го прославуваат Божиќ секоја година. Можеби и Вие сте еден од нив. Од друга страна, пак, можеби немате обичај да учествувате во религиозните аспекти на оваа популарна прослава. Како и да е, веројатно нема да го избегнете влијанието на Божиќ. Тоа е навлезено во светот на трговијата и забавата дури и во нехристијанските земји.
Што знаете Вие за Божиќ? Дали прославата на Христовото раѓање има поддршка во Библијата? Што стои зад оваа популарна прослава која се одржува секој 25 декември, односно 7 јануари?
Забрана на Божиќ
Ако одвоите малку време да истражувате на оваа тема, ќе откриете дека Божиќ нема корени во вистинското христијанство. Многу библиски изучувачи со различна верска припадност го признаваат ова. Имајќи го тоа на ум, не треба да Ве изненади тоа што во 1647, во Англија, парламентот на Кромвел донел одредба Божиќ да биде ден на окајување на гревовите, а во 1652 сосема го забранил. Од 1644 до 1656, секоја година парламентот намерно бил свикуван на 25 декември. Според историчарката Пени Л. Рестад, „министрите што проповедале за раѓањето на Христос ризикувале да бидат ставени в затвор. Црковните администратори биле казнувани ако ги украсувале своите цркви. Со закон, продавниците останувале отворени на Божиќ како и на секој друг обичен работен ден“. Зошто биле преземани такви драстични мерки? Пуританските реформатори верувале дека црквата не треба да создава традиции што ги немало во Писмото. Тие активно проповедале и дистрибуирале литература што ги осудувала божиќните прослави.
Слични ставови постоеле и во Северна Америка. Од 1659 до 1681, Божиќ бил забранет во колонијата во Заливот Масачусетс.a Според законот што бил донесен тогаш, Божиќ не требало да се прославува на ниеден начин. Оние што го прекршувале овој закон биле казнувани. Не само пуританците во Нова Англија, туку и некои групи во средните колонии не биле волни да го прославуваат Божиќ. Квекерите од Пенсилванија биле подеднакво непоколебливи како и пуританците во своето гледиште за оваа прослава. Еден извор вели дека „кратко откако Американците извојувале независност, Елизабет Дринкер, која и самата била квекер, ги поделила жителите на Филаделфија во три категории. Едни биле квекери, ‚кои не го сметале [Божиќ] за нешто повеќе од обичен ден‘, други го славеле од религиозни причини, а останатите ‚го минувале во разврат и распуштеност‘ “.
Хенри Ворд Бичер, прочуен американски проповедник што израснал во ортодоксно калвинистичко домаќинство, не знаел многу за Божиќ сѐ до својата 30-та година. „За мене Божиќ беше непознат ден“, напишал Бичер во 1874.
И раните цркви на баптистите и конгрегационалистите не нашле библиска основа за да го прославуваат Христовото раѓање. Еден извор забележува дека баптистичката црква во Њупорт (Род Ајленд) го прославила Божиќ првпат дури на 25 декември 1772. Ова било приближно 130 години по основањето на првата баптистичка црква во Нова Англија.
Потеклото на Божиќ
New Catholic Encyclopedia признава: „Датумот на Христовото раѓање не се знае. Евангелијата не укажуваат ниту на денот ниту на месецот . . . Според претпоставката што ја изнел Х. Узенер . . . и што е прифатена од повеќето изучувачи денес, за раѓањето на Христос бил одреден датумот на римската рамноденица (25 декември според јулијанскиот, 7 јануари според грегоријанскиот календар), бидејќи тој ден сонцето почнувало да се враќа на северното небо и паганските поклоници на Митра го прославувале диес наталис Солис Инвикти (роденденот на непобедливото сонце). На 25 декември 274 година, Аврелиј го прогласил богот на Сонцето за главен заштитник на империјата и му посветил храм на Марсовото Поле. Божиќ потекнува од време кога во Рим бил особено силен култот на сонцето“.
Cyclopœdia од Меклинток и Стронг вели: „Прославувањето на Божиќ не е наложено од Бог ниту, пак, потекнува од Н[овиот] З[авет]. Денот на Христовото раѓање не може да се утврди од Н[овиот] З[авет], ниту од кој и да е друг извор“.
„Празна измама“
Со оглед на горенаведеново, дали вистинските христијани треба да учествуваат во божиќните традиции? Дали на Бог му е угодно неговото обожавање да се меша со религиозните верувања и практики на оние што не го обожаваат? Во Колошаните 2:8, апостол Павле опоменал: „Пазете, некој да не ве одведе како свој плен со помош на филозофијата и со празна измама според човечката традиција, според елементарните работи на светот, а не според Христос“.
Апостолот исто така напишал: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што имаат заедничко праведноста и беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината? Понатаму, каква хармонија постои меѓу Христос и Велијар [Сатана]? Или каков удел има верниот со неверникот?“ (2. Коринќаните 6:14, 15).
Со оглед на непобитните докази што се достапни, Јеховините сведоци не учествуваат во божиќните прослави. Во склад со Писмото, тие настојуваат да практикуваат ‚облик на обожавање кој е чист и неизвалкан од гледна точка на нашиот Бог‘, на тој начин што остануваат „без дамка од светот“ (Јаков 1:27).
[Фусноти]
a Основана во 1628 од англиските пуританци, колонијата во Заливот Масачусетс била најголема и најуспешна од првите населби во Нова Англија.
[Истакната мисла на страница 14]
Англискиот парламент го забранил Божиќ во 1652
[Истакната мисла на страница 15]
„За мене Божиќ беше непознат ден“ (ХЕНРИ ВОРД БИЧЕР, АМЕРИКАНСКИ СВЕШТЕНИК)
[Слика на страница 15]
Пагански поклоници на Митра и на богот на Сонцето (прикажани на плиток релјеф) го прославувале 25 декември
[Извор на слика]
Musée du Louvre, Paris