ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/5 стр. 5-8
  • Парадоксот на приватноста

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Парадоксот на приватноста
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Приватноста против безбедноста
  • Дали камерите ги спречуваат криминалците?
  • Како да добијам поголема приватност?
    Младите прашуваат
  • Погрешно ли е да сакаш малку приватност?
    Разбудете се! 2010
  • Погрешно ли е да сакаш малку приватност?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
  • Разумно гледиште за приватноста
    Разбудете се! 2003
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/5 стр. 5-8

Парадоксот на приватноста

„И НАЈСИРОМАШНИОТ ЧОВЕК МОЖЕ ВО СВОЈАТА КОЛИБА ДА ИМ СЕ СПРОТИВСТАВИ НА СИТЕ СИЛИ НА КРУНАТА“ (ВИЛИЈАМ ПИТ, БРИТАНСКИ ПОЛИТИЧАР, 1759—1806).

ВО ЗБОРОВИТЕ на Пит е содржана идејата дека секој човек треба да има право на извесна приватност, да изгради заштитен ѕид околу некој дел од својот живот што ќе го штити од непожелно надгледување.

Луѓе од различни култури може да имаат различно сфаќање за приватноста. На пример, на пацифичките острови Самоа, честопати куќите воопшто немаат ѕидови и повеќето работи што ги прави семејството лесно можат да се видат однадвор. Сепак, дури и таму се смета за неучтиво да се појде непоканет во нечиј дом.

Уште одамна луѓето ја увиделе потребата од извесна мера на приватност. Илјадници години пред Вилијам Пит да ја даде својата прочуена изјава, Библијата укажала на потребата да се почитува приватноста на другите луѓе. Цар Соломон напишал: „Ретко влегувај во куќата на својот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази“ (Пословици 25:17). Апостол Павле советувал: „Да си поставите за цел . . . да си ја гледате работата“ (1. Солуњаните 4:11).

Правото на приватност е толку важно што The UNESCO Courier го нарекува „камен-темелник на граѓанските права“. Во сличен дух, еден влијателен латиноамерикански политичар рекол: „Во извесна смисла, сите човекови права се аспекти на правото на приватност“.

Меѓутоа, во денешнава клима на пораст на криминалот и на глобалниот тероризам, владите и службите за одржување на јавниот ред и мир сѐ повеќе сметаат дека мораат да ги пробијат барикадите на приватноста за да можат да ги заштитат своите граѓани. Зошто? Затоа што криминалните елементи во општеството го користат правото на приватност како покривка за злоба. Значи, се води битка за да се урамнотежи одговорноста на владата да ги заштити своите граѓани и правото на поединецот да има своја приватност.

Приватноста против безбедноста

Терористичките напади од 11 септември 2001, кои го потресоа светот, ја променија претставата што многу луѓе ја имаа во врска со правото на владата да се меша во некои аспекти на приватноста на поединецот. „На 11 септември работите се променија“, рекол за BusinessWeek еден поранешен член на државната трговска комисија на САД. Тој забележал: „Терористите се движат во општество во кое нивната приватност е заштитена. Ако е потребно извесно нарушување на приватноста за да бидат разоткриени, повеќето луѓе ќе речат ‚Ајде, направете го тоа‘.“ Истото списание известува: „Анкетите што се спроведени по 11 септември покажуваат дека 86% од Американците се за поширока употреба на системите за препознавање на лицето; 81% сакаат построга контрола на банкарските трансакции и на трансакциите што се вршат со кредитни картички; и 68% се за еден посебен вид лична карта“.

Личните карти за кои размислуваат некои западни влади, ќе ги содржат отисоците од прстите и снимка од мрежницата на сопственикот, и ќе овозможат пристап до секакво криминално досие и финансиски извештај што го има тој. Од технолошка гледна точка, возможно е информациите од личната карта да се поврзат со информациите од кредитната картичка и да се споредат со податоците од камерите за надзор со кои може да се препознае нечие лице. На овој начин, криминалците би можеле да бидат уапсени откако ќе ги купат материјалите што им се потребни за нивните криминални дејствија.

Ако криминалците се обидат да избегнат да бидат откриени на тој начин што ќе кријат бомби, пиштоли или ножеви под облеката, па дури и зад цврстите ѕидови на својот дом, тие сепак ќе можат да бидат фатени. Со помош на направите со кои располагаат некои служби за безбедност може да се види што носите под облеката. Најновите радарски апарати ѝ овозможуваат на полицијата да ги открие лицата што се движат во соседната просторија, па дури и нивното дишење. Но, дали зголемените можности за надзор задолжително водат до пониска стапка на криминал?

Дали камерите ги спречуваат криминалците?

Кога нагло почнала да расте стапката на криминал во Борк, град во внатрешноста на Австралија, биле поставени четири интерни телевизиски камери. Како резултат на тоа, криминалот драматично се намалил. Но, ваквиот успех не е случај насекаде. Во обидот да се намали стапката на криминал во Глазгов (Шкотска), во 1994 биле поставени 32 камери. Една студија на Шкотското централно одделение за истражување открила дека една година откако биле поставени вакви камери, се намалил бројот на некои видови криминални дела. Меѓутоа, извештајот забележал: „Криминалните дела со кои се крши моралот, вклучувајќи проституција, се зголемија за 120 случаи, криминалните дела на нечесност се зголемија за 2185 случаи, а најразличните прекршоци (вклучувајќи и престапи во поврзаност со дрогата) се зголемија за 464 случаи“.

Дури и ако надзорот придонесе да се намали криминалот во некое подрачје, можеби нема да се намали и вкупната стапка на криминал. The Sydney Morning Herald истакнува еден феномен што полицијата и криминолозите го нарекуваат „преместување“. Истиот весник навел: „Кога криминалците ќе видат дека ќе ги фати камера или дека полицијата патролира во извесно подрачје, тие се префрлуваат на друго место за да извршуваат криминални дела“. Можеби ова ќе Ве потсети на нешто што било напишано во Библијата уште многу одамна: „Оној кој прави подли работи ја мрази светлината и не доаѓа кај светлината за да не бидат укорени неговите дела“ (Јован 3:20).

Предизвикот со кој се соочуваат службите за одржување на јавниот ред и мир е тоа што и најсовремениот систем за радарска или рентгенска контрола не може да открие што има во мислите или во срцето на личноста, а сепак, токму таму мора да се води вистинската битка за да се намали криминалот, омразата и насилството.

Но, веќе постои еден облик на надзор што е далеку посеопфатен од која и да е технологија што досега е измислена од човек. За овој облик на надзор и за позитивното влијание што може да го има врз однесувањето на човекот ќе дискутираме во следната статија.

[Истакната мисла на страница 6]

„Терористите се движат во општество во кое нивната приватност е заштитена“

[Рамка/слика на страница 7]

Колку приватна работа се вашите здравствени картони?

Можеби многу луѓе мислат дека е загарантирана приватноста на нивните здравствени картони — информации за нивните посети кај лекарот или во болница. Сепак, како што предупредува Privacy Rights Clearinghouse, организација за заштита на приватноста, „можеби имате лажно чувство на сигурност“. Во својата книга Database Nation​—The Death of Privacy in the 21st Century, Симсон Гарфинкел наведува: „Денес, здравствените картони имаат поширока примена . . . Нив ги користат работодавците и осигурителните компании за да одредат кој да биде примен на работа и кој да биде осигуран. Ги користат болниците и религиозните организации за да бараат донации. Дури и трговците ‚купуваат‘ здравствени картони во потрага по потенцијални муштерии“.

Исто така, Гарфинкел забележува: „Задржувањето на доверливоста е усложнето од фактот што при една вообичаена посета во болница, пристап до картонот на пациентот им е потребен на 50 до 75 луѓе“. На некои места самите пациенти можеби несвесно се одрекуваат од своето право на приватност на тој начин што, кога се примени во болница, потпишуваат формулари за општа согласност за интервенција. Потпишувајќи ги овие формулари „ѝ дозволувате на здравствената установа да им ги доставува Вашите медицински информации на осигурителни компании, на владини служби и на други установи“, наведува Privacy Rights Clearinghouse.

[Рамка/слики на страница 8]

Приватноста против трговските интереси

Луѓето што користат Интернет се особено подложни на непожелен надзор. Privacy Rights Clearinghouse наведува: „Практично нема он⁠-​лајн активности или услуги што гарантираат апсолутно право на приватност . . . Корисниците на Интернет можат да наоѓаат информации или документи на сајтови . . . или пак корисниците можат едноставно да ги „прелистуваат“ списоците со услуги без да вршат какви и да било други функции. Многу корисници очекуваат таквите активности да бидат анонимни. Но, не се анонимни. Возможно е да се регистрираат многу он⁠-​лајн активности, вклучувајќи и до кои групи за дискусија или фајлови имал пристап претплатникот и кои веб⁠-​сајтови ги посетил . . . Податоците за ‚шемата на прелистување‘ на претплатникот . . . би можеле да бидат скапоцен извор на приход . . . Трговците ги користат овие информации како основа да направат прецизни списоци на он⁠-​лајн корисници со слични побарувања и однесување“.

На кој друг начин Вашето име би можело да заврши на некој од нивните списоци за испраќање продажни реклами? Вашето име можат да го добијат ако направите некоја од следниве работи:

◼ Ако пополните гарантен лист или картичка за регистрирање на производот.

◼ Ако се зачлените или донирате пари во клубови, организации или добротворни установи.

◼ Ако се претплатите на списанија, ако се зачлените во некој клуб на читатели или во музички клуб.

◼ Ако Вашето име и адреса се внесени во телефонски именик.

◼ Ако учествувате во лотарија или во други игри на среќа.

Освен тоа, кога користите тековна сметка или кредитна картичка за да ги платите производите што ги купувате, компанијата ќе може да го поврзе Вашето име и адреса со списокот на купени производи бидејќи тие минуваат низ скенер за цени. На тој начин може да се состави детална база на податоци за Вашите навики на купување и евентуално трговците да ги искористат за свои цели.a

[Фуснота]

a Информациите се адаптирани од веб⁠-​сајтот на Privacy Watch Clearinghouse.

[Слики на страници 6 и 7]

Дали надзорот го намалува криминалот?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели