Разумно гледиште за приватноста
„ГОСПОДОВИТЕ ОЧИ СЕ НА СЕКОЕ МЕСТО И ГИ НАБЉУДУВААТ И ЛОШИТЕ И ДОБРИТЕ“ (Пословици 15:3).
НА МАЛКУ луѓе би им била пријатна помислата дека некој го набљудува секое нивно движење, надгледувајќи ги нивните тајни помисли и откривајќи ги нивните најдлабоки желби. Сепак, Библијата вели дека Бог може да го прави токму тоа. Во Евреите 4:13, таа наведува: „Нема ниедно создание кое не е видливо пред неговиот поглед, туку сѐ е голо и отворено изложено пред очите на оној кому ние мораме да му положиме сметка“. Зарем ова не е нарушување на приватноста? Воопшто не. Зошто?
Да илустрираме: Додека пливате на плажа, можеби Ве набљудува секогаш будното око на спасувачот. Тоа не го сметате за нарушување на приватноста. Всушност, неговото присуство Ви дава чувство на сигурност. Знаете дека тој брзо ќе ви дојде на помош ако Ви се случи нешто. Исто така, мајката постојано го набљудува секое движење на своето бебе. Ако не го прави тоа, ќе ја сметаат за несовесна мајка.
Слично на тоа, Јехова Бог ги набљудува нашите мисли и постапки затоа што секогаш ни го посакува најдоброто. Еден библиски пророк навел: „Зашто Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него“ (2. Летописи 16:9). Но, до кој степен Јехова ги гледа нашите лични мисли и постапки? Неколку случки поврзани со Исус, Божјиот Син, ќе ни дадат извесен увид во тоа.
Способност да се читаат срцата и мислите
Додека Исус бил на ручек во домот на еден фарисеј, некоја жена што била позната како грешница дошла и клекнала крај нозете на Исус. Почнала да плаче, а потоа со својата коса ги избришала солзите со кои ги натопила Исусовите нозе. Извештајот наведува: „Кога го здогледа тоа фарисејот кој го повика, во себе си рече: ‚Да беше овој човек пророк, би знаел која е и каква е оваа жена која го допира‘ “. Исусовиот одговор покажува дека тој не само што го знаел минатото на таа жена, туку знаел и што си рекол тогаш фарисејот „во себе“ (Лука 7:36—50).
Во една друга прилика, Исус бил соочен со група луѓе што биле против тоа тој да прави чуда. Извештајот што е запишан во Матеј 9:4 вели: „Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: ‚Зошто мислите зло во своите срца?‘ “ Способноста на Исус да ги знае мислите на другите била нешто повеќе од итро нагаѓање.
Ако размислиме за извештајот за воскресението на Лазар, ќе видиме дека е вклучено нешто многу повеќе. Исусовиот близок пријател Лазар бил мртов четири дена. Неговите мисли исчезнале и тој почнал да се распаѓа (Псалм 146:3, 4). Кога Исус заповедал да се отвори влезот на гробот на Лазар, Лазаровата сестра Марта приговорила: „Господи, сега веќе сигурно смрди“. Сепак, со помош на Божјата сила, Исус го воскреснал Лазар со сите негови лични спомени што биле неопходни за Лазар да биде истата личност што бил пред да умре (Јован 11:38—44; 12:1, 2).
Способноста на Јехова Бог да ги знае нашите најдлабоки мисли ја потврдуваат Исусовите зборови во врска со молитвата. Пред да ги поучи своите ученици за пример-молитвата, Исус рекол: „Бог, вашиот Татко, знае што ви треба уште пред да го замолите“. Исто така, рекол: „Кога се молиш, влези во својата приватна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли му се на својот Татко кој е во тајност; тогаш твојот Татко, кој гледа во тајност, ќе ти отплати“ (Матеј 6:6, 8).
Користи од тоа што знаеме дека Бог нѐ набљудува
Дали тоа што знаеме дека Бог ги испитува сите срца и дека ги знае „сите мисли и намери“ ги ограничува нашите движења и нашата слобода? (1. Летописи 28:9). Напротив, тоа што ќе признаеме дека ништо не можеме да скриеме од Бог може да биде сила што ќе нѐ мотивира на добро.
Елизабет, спомната во уводната статија, вели дека главна причина зошто е чесна не е тоа што на работното место е набљудувана со камерите за надзор. Таа вели: „Тоа што знам дека Јехова гледа како се однесувам ме мотивира да бидам чесна во сѐ, дури и кога не сум на работа“.
Џим кажува нешто слично. Тој работи во фабрика каде што крадењето од страна на вработените е вообичаен проблем. Но, Џим не сака да краде од својот работодавец. Тој вели: „Точно е дека веројатно ќе можам да се извлечам без да ме откријат ако крадам од мојата фирма, но го ценам мојот однос со Бог и знам дека тој гледа сѐ што правам“.
Сознанието дека Бог ги знае сите наши постапки, заедно со желбата да се има добар однос со него, може да мотивира едно лице да направи големи промени во животот. На пример, Даг израснал во христијанско семејство, но никогаш не го сфаќал сериозно фактот дека Бог може да гледа што прави. Затоа живеел двоен живот. Со своето семејство одел на христијански состаноци, а потоа со пријателите земал дрога. Толку ги сакал моторите што се придружил на една насилничка банда моторџии што ги биел лош глас. За да биде прифатен, Даг правел тешки престапи.
По неколку години, Даг повторно почнал да ја проучува Библијата. Почнал да гледа на Јехова како на вистинска личност која знае што прават луѓето и која е засегната од нивните постапки. Даг бил мотивиран да почне да живее во склад со Божјите високи морални мерила. Иако во бандата било обичај добро да го претепаат секого што ќе ја напушти, Даг дошол на еден нивни состанок и пред сите нејзини членови изјавил дека ќе се повлече. Тој си спомнува: „Кога станав да зборувам, ми се чинеше дека срцето ќе ми излета од градите. Се чувствував како Даниел во лавовската јама. Но, во себе му се помолив на Јехова и потоа смирено објаснив зошто излегувам од бандата. Кога си заминав, сите освен еден, се поздравија со мене и ми посакаа сѐ најубаво. Ја почувствував вистинитоста на Исаија 41:13: „Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‚Не бој се, Јас ти помагам‘ “. Даг смета дека Јехова му ја дал силата што му била потребна за да го промени својот живот.
Разумно гледиште
Не е разумно да мислиме дека можеме да скриеме нешто од Бог и тоа да биде наша приватна работа. Библијата отворено наведува: „Безумникот рече во своето срце: ‚Нема Бог!‘ “ (Псалм 14:1). Како што беше истакнато во претходната статија, луѓето измислиле камери за вршење надзор што се способни да препознаат некое конкретно лице од цело мноштво луѓе. Измислиле направи за прислушување што можат да издвојат некој посебен глас од илјадници други кои го користат телефонскиот систем. Тогаш, сигурно дека Творецот на човечкиот мозок може да се уфрли во мисловните процеси на секој поединец секогаш кога смета дека тоа е потребно.
Иако нашиот Творец има право да ги знае сите наши приватни работи, луѓето го немаат тоа право. Апостол Петар ги советува сите оние што сакаат да ја стекнат Божјата наклоност: „Никој од вас да не страда како . . . злосторник или како некој кој се меша во туѓи работи“ (1. Петрово 4:15). И апостол Павле опоменува да не се мешаме „во туѓи работи“ (1. Тимотеј 5:13).
Екстремен пример за ‚мешање во туѓи работи‘ е растечкиот тренд во некои земји приватни лица да користат аудио или видео снимање за да ги шпионираат другите. На пример, во Јапонија, маратонката Наоко Такахаши, која освоила златен медал на Олимписките игри во Сиднеј, неодамна открила дека во нејзината бања имало скриено минијатурна камера што ја снимала без нејзино знаење. Била направена видеокасета и илегално биле продадени илјадници примероци.
Исто така, раширена е и кражбата на идентитетот или измамата, постапка во која се користи напредна технологија за да се украдат лични детали. Сосема е разумно да се преземат чекори да се заштити приватноста од неовластено вршење надзор.a Библијата наведува: „Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна“ (Пословици 22:3).
Тајни постапки — јавно положување сметка
Додека криминалот, насилството и тероризмот се во пораст, владите сѐ повеќе ќе ги држат на око своите граѓани. Но, наскоро нема да има потреба од камери за надзор и од направи за прислушување. Библијата ветува дека во блиска иднина, Јехова Бог ќе го повика целото човештво да положи сметка за своите постапки, и оние што ги направиле јавно и оние што ги направиле тајно (Јов 34:21, 22).
Оттогаш натаму, на земјата нема да има насилство, омраза и криминал, кои толку долго го измачувале човештвото. Зошто ќе биде возможно тоа? Затоа што во тоа време не само што Јехова блиско ќе ги познава сите луѓе туку и сите луѓе блиско ќе го познаваат Јехова. Ќе се обистинат зборовите на пророкот Исаија: „Не ќе се прави повеќе зло, не ќе се опустува на сета Моја света гора: земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“ (Исаија 11:9).
[Фуснота]
a Видете ја рамката „Внимавајте!“
[Истакната мисла на страница 12]
Тоа што ќе признаеме дека ништо не можеме да скриеме од Бог може да биде сила што ќе нѐ мотивира на добро
[Рамка/слика на страница 11]
Внимавајте!
ПРИВАТНОСТА И ОН-ЛАЈН САЈТОВИ ЗА РАБОТНИ МЕСТА: Оние што бараат вработување и ја оставаат својата кратка биографија он-–лајн, се соочуваат со значителни закани на нивната приватност. Таа биографија може со години да остане на он-лајн сајтовите за работни места и може да стане дури и извор на информации за кражба на идентитетот. Некои сајтови за работни места бараат да се остават лични податоци од оние што бараат работа, како што се името, адресата, возраста и дотогашното работно искуство, а потоа ѝ ги доставуваат тие информации на некоја трета странка, како што се рекламните агенти.
ПРИВАТНОСТА И МОБИЛНИТЕ КОМУНИКАЦИИ: Моментално не постои евтин начин да се гарантира приватноста на безжичните или на мобилните телефони.b Ако разговарате за некоја приватна работа, можеби ќе биде побезбедно да користите стандарден телефон. Проверете дали и Вие и лицето со кое разговарате користи стандарден телефон. Сигналите од многу безжични телефони можат да се фатат со радиоскенери, а некои сигнали можат да се фатат и со други безжични телефони или со беби-аларм. Ако купите нешто по телефон и го кажете бројот на Вашата кредитна картичка и датумот кога истекува, може да биде прислушуван Вашиот разговор на безжичен или на мобилен телефон и би можеле да станете жртва на измама.c
[Фуснота]
b Дигиталните системи на мобилните телефони, како што е GSM, нудат многу повисок степен на сигурност од прислушување.
c Информациите се адаптирани од веб-сајтот на Privacy Rights Clearinghouse.
[Слика на страница 9]
Будното око на спасувачот не го сметаме за нарушување на приватноста
[Слики на страница 10]
Сознанието дека Бог ги знае нашите постапки го мотивирало Даг да направи промени во својот живот