Сирија — звуци на едно интересно минато
СЕ НАОЃАЛА на една од раскрсниците на древниот свет — местото каде што некогаш се сретнувале караванските патишта што минувале од Медитеранот до Кина и од Египет до Анадолија. По нејзиното тло некогаш газеле акадски, вавилонски, египетски, персиски, грчки и римски војски. Со векови подоцна, низ неа минале Турците и крстоносците. Во поново време, француски и британски војски се бореле да завладеат со неа.
Денес, дел од овој регион сѐ уште го носи името по кое бил познат пред илјадници години — Сирија. Иако ова подрачје претрпело многу промени, таму сѐ уште одекнуваат звуците на историјата. Тоа е една земја што е од посебен интерес за оние што ја проучуваат Библијата, бидејќи Сирија одиграла улога во библиската историја.
Дамаск — древен град
Да го земеме за пример Дамаск, престолнината на Сирија. Се вели дека тој е еден од најстарите градови на светот што постојано биле населени уште од основањето. Дамаск, кој е сместен во подножјето на Антиливан и низ кој тече реката Барада, со векови служел како добредојдена оаза на работ на големата Сириска Пустина. Веројатно патријархот Авраам поминал покрај овој град додека одел на југ, кон Ханаан. Исто така, тој го зел Елиезер „од Дамаск“ како слуга во своето домаќинство (Битие 15:2).
Речиси 1.000 години подоцна, сириските цареви од Сова војувале против Саул, првиот цар на Израел (1. Самоил 14:47). И вториот цар на Израел, Давид, се борел со царевите од Арам (хебрејско име за Сирија), ги поразил и ‚поставил намесник во Дамаскиот Арам‘ (2. Самоил 8:3—8). Така, Израел и Сирија станале долгогодишни непријатели (1. Цареви 11:23—25).
До првиот век н.е., непријателството помеѓу Сиријците и Евреите очигледно стивнало. Во тоа време, во Дамаск имало дури и неколку еврејски синагоги. Можеби ќе се сетите дека Савле (подоцна Павле) од Тарс бил на патот од Ерусалим за Дамаск кога се преобратил во христијанството (Дела 9:1—8).
Во денешен Дамаск нема докази за минувањето на Авраам или за победата на Давид. Но, има остатоци од стариот римски град и од еден главен пат низ стариот град што ја следи древната римска Виа Ректа (улицата Права). Во една куќа токму на оваа улица, Ананиј го нашол Савле откако Савле на чудесен начин се преобратил во христијанството, непосредно пред да влезе во Дамаск (Дела 9:10—19). Иако улицата денес изгледа многу поинаку отколку во римско време, токму овде апостол Павле ја започнал својата извонредна кариера. Улицата Права завршува со римската порта Баб-шарки. Градските ѕидини, на кои се наредени куќи, ни помагаат да разбереме како можел Павле да избега на тој начин што бил спуштен во кош низ еден отвор во ѕидот (Дела 9:23—25; 2. Коринќаните 11:32, 33).
Палмира — историска оаза
По тричасовно возење во правец на североисток од Дамаск, ќе дојдете до еден импресивен археолошки локалитет: Палмира, која во Библијата е наречена Тадмор (2. Летописи 8:4). Сместена на полпат помеѓу Средоземното Море и реката Еуфрат, оваа оаза се наводнува од подземните води што извираат овде, а доаѓаат од планините на север. Древниот трговски пат помеѓу Месопотамија и земјите на запад минувал покрај Плодната полумесечина, што значи дека се протегал далеку на север од Палмира. Меѓутоа, во првиот век пр.н.е., поради политичката нестабилност на северот, станало пожелно да се најде покуса, појужна рута. Оттогаш Палмира влегла во својот зенит.
Бидејќи била корисна за Рим како тампон-зона на источната периферија на царството, Палмира била присоединета кон римската провинција Сирија, но по извесно време била прогласена за слободен град. По должината на една величествена улица со колонади биле нанижани големи храмови, импресивни лакови, бањи и театар. Портиците (тремови со столбови) на секоја страна биле поплочени за пешаците, но главната централна улица била оставена непоплочена за да им биде полесно на караваните со камили што минувале таму. Караваните што редовно патувале на трговскиот пат помеѓу Кина и Индија на Исток, и низ грчко-римскиот свет на Запад, застанувале да се одморат во Палмира. Таму биле присилени да плаќаат даноци што биле наметнати на свилата, зачините и другите трговски производи што ги пренесувале.
Кога била во својот зенит, во третиот век н.е., во Палмира имало околу 200.000 жители. Токму во овој период нејзината амбициозна кралица Зенобија се фатила во костец со Рим и конечно била поразена во 272 н.е. На овој начин, Зенобија несвесно исполнила дел од едно пророштво што го запишал пророкот Даниел околу 800 години пред тоаa (Даниел, 11. поглавје). По поразот на Зенобија, извесно време Палмира постоела како оддалечена стратешка база на Римската Империја, но никогаш повторно не ја повратила својата поранешна моќ и блесок.
Во правец на Еуфрат
По тричасовно возење низ пустината во правец на североисток, ќе дојдете до градот Деир ез Зор, каде што може да се види импресивната река Еуфрат. Овој историски воден пат го напушта својот извор во планините на источна Анадолија, (азискиот дел на Турција), влегува во Сирија северно од Каркемиш, а потоа тече на југоисток низ Сирија и влегува во Ирак. Недалеку од границата со Ирак лежат урнатините на два древни сириски града.
Сто километри на југоисток, на еден завој на реката Еуфрат, лежат урнатините на древниот утврден град Дура Европос. Уште 25 километри во правец на југоисток лежи локалитетот Мари. Овој некогаш напреден трговски град бил разорен од вавилонскиот цар Хамураби во 18 век пр.н.е. Од архивите на неговата царска палата биле извадени најмалку 15.000 глинени плочки со натписи — документи што многу придонеле за да оживее историјата.
Кога војските на Хамураби го уништиле градот, ги срушиле горните ѕидови полнејќи ги на тој начин долните соби со цигли и земја. Ова послужило како заштита за ѕидните слики, статуите, керамиката и безброј други предмети сѐ додека во 1933 еден француски тим од археолози не го открил овој локалитет. Овие предмети можат да се видат во музеите во Дамаск и Алеп, како и во Лувр (Париз).
Древни градови во северозападна Сирија
Следејќи го текот на реката Еуфрат во правец на северозапад, ќе стигнете до Алеп (Халеб). Исто како што е случај со Дамаск, се тврди дека и Алеп е еден од најстарите градови во светот што биле постојано населени. Алепските покриени пазари, наречени сук, се меѓу најживописните на Блискиот Исток.
Веднаш на југ од Алеп е Тел Мардих, местото каде што се наоѓал древниот град-држава Ебла. Ебла, моќен трговски град, бил највлијателен во северна Сирија во втората половина на третиот милениум пр.н.е. Со тамошните ископувања биле откриени остатоците на еден храм посветен на вавилонската божица Иштар. Била откриена и една царска палата од чии архиви се извадени околу 17.000 глинени плочки. Предметите од Ебла можат да се видат во музејот во Идлиб, гратче оддалечено 25 километри од овој локалитет.
Јужно, на патот за Дамаск, лежи Хама, библискиот Емат (Броеви 13:21). Реката Оронт се извива низ Хама, придонесувајќи тој да биде еден од најубавите сириски градови. Потоа доаѓа Рас Шамра, местото каде што се наоѓал древниот град Угарит. Во третиот или вториот милениум пр.н.е. Угарит бил напредно трговско пристаниште, исполнето со обожавање на Ваал и Дагон. Од 1929 наваму, француските археолози откопале многу глинени плочки и бронзени предмети со натписи, кои откриле многу за деградирачката природа на обожавањето на Ваал. Ова ни помага полесно да разбереме зошто Бог ги осудил на истребување Ханаанците, кои го обожавале Ваал (Второзаконие 7:1—4).
Да, во денешна Сирија сѐ уште можат да се чујат звуците на едно интересно минато.
[Фуснота]
a Видете ја статијата „Темнокосата господарка на сириската дивина“, во изданието на Стражарска кула од 15 јануари 1999, издадена од Јеховините сведоци.
[Карта на страници 24 и 25]
(Види во публикацијата)
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
‐‐ Спорни граници
ЕГИПЕТ
ИЗРАЕЛ
ЈОРДАН
ЛИБАН
СИРИЈА
ДАМАСК
Барада
Оронт
Хама (Емат)
Угарит (Рас Шамра)
Ебла (Тел Мардих)
Алеп (Халеб)
Каркемиш (Јераблус)
Еуфрат
Зенобија
Деир ез Зор
Дура Европос
Мари
Палмира (Тадмор)
ИРАК
ТУРЦИЈА
[Слики на страница 24]
Дамаск (долу) и улицата Права (горе)
[Слика на страница 25]
Куќи во вид на улишта
[Слика на страница 25]
Угарит
[Слика на страница 25]
Хама
[Слика на страница 26]
Мари
[Слика на страница 26]
Алеп
[Извор на слика]
© Jean-Leo Dugast/Panos Pictures
[Слика на страница 26]
Царска палата (Ебла)
[Слика на страница 26]
Пастири кај Зенобија
[Слики на страница 26]
Палмира
[Слика на страница 26]
Еуфрат кај Дура Европос
[Извори на слики на страница 25]
Деца: © Jean-Leo Dugast/Panos Pictures; куќи во вид на улишта: © Nik Wheeler