Ебла — еден древен град излегува од заборав
Летото 1962 година, Паоло Матија, млад археолог од Италија, го испитувал теренот во низините на северозападна Сирија со извесна несигурност. Внатрешноста на Сирија се сметала за археолошки сиромашна. Сепак, од ископувањата започнати две години потоа во Тел Мардих, на околу 60 километри јужно од Алепо, ќе се роди она што мнозина го сметаат за ‚најзначајното археолошко откритие на 20 век‘.
СТАРИТЕ записи го потврдуваат постоењето на градот Ебла. Но, никој не знаел под кое од многуте ритчиња расфрлени низ Блискиот Исток би можел да се најде. Еден текст зборува за победата на Саргон, царот на Акад, над „Мари, Јармути и Ебла“. Во еден друг запис, сумерскиот крал Гудеја ги спомнува скапоцените греди кои ги добил од „планината Ибла [Ебла]“. Името Ебла се појавува и во Карнак (Египет), во еден список на древни градови што ги освоил фараонот Тутмос III. Сега ти е јасно зошто археолозите се обидувале да пронајдат каде е Ебла.
Понатамошните ископувања родиле плод. Во 1968 година бил откриен дел од статуата на Ибит-Лим, кралот на Ебла. Натписот на неа содржел завет напишан на акадски јазик, кој покажувал дека статуата ѝ била посветена на божицата Иштар, која ‚сјаела во Ебла‘. Да, археолошките пронајдоци изнеле на светлина „еден нов јазик, една нова историја и една нова култура“.
Во периодот од 1974 до 1975 година се потврди дека Тел Мардих е, всушност, древната Ебла, благодарение на плочите со клинесто писмо на кои постојано се спомнува ова древно име. Ископувањата исто така покажаа дека градот бил најмалку двапати обновен на таа локација. По првиот период кога имал важна улога, тој бил потполно уништен. Потоа Ебла била обновена, но само за повторно да биде уништена и да потоне во заборав кој ќе трае со векови.
Еден град, многу истории
Повеќето древни градови биле изградени на наносни рамнини, како што е рамнината меѓу реките Тигар и Еуфрат, што овозможувало развој на богато земјоделство. Првите градови спомнати во Библијата се наоѓале токму во Месопотамија (1. Мојсеева 10:10). Изгледа дека името Ебла значи „Бела карпа“, и се однесувало на подлогата од варовник на која лежел градот. Оваа локација очигледно била избрана затоа што слоевите варовник обезбедувале постојани резерви вода, нешто многу значајно за регион што бил далеку од поголемите реки.
Поради ретките дождови, во Ебла се одгледувале во големи количини само жита, грозје и маслинки. Областа била погодна и за одгледување стока, особено овци. Стратешката положба на Ебла — помеѓу месопотамската рамница и брегот на Средоземното Море — придонела да се развие трговијата со дрвена граѓа, со полускапоцени камења и со метали. Градот управувал со област населена со околу 200.000 луѓе, а речиси 10% од нив живееле во главниот град.
Остатоците од една голема палата покажуваат колку раскошно живееле жителите на градот во овој период. Во градот се влегувало низ една порта висока од 12 до 15 метри. Како што минувало времето, палатата била проширувана за да ги задоволи сѐ поголемите потреби на сѐ помоќната управа. Владините службеници работеле под една сложена хиерархија — на кралот и кралицата им помагале „лордови“ и „старешини“.
Биле пронајдени повеќе од 17.000 глинени плочки и фрагменти. Но, во времето кога се користеле, најверојатно постоеле повеќе од 4.000 цели плочки, внимателно наредени на дрвени полици. Овие документи даваат доказ за тоа колку широк пазар покривала Ебла. На пример, градот тргувал со Египет, за што даваат доказ кралските симболи на два фараона. Плочките биле главно напишани на сумерско клинесто писмо. Но, некои од нив биле напишани на еблатски, многу стар семитски јазик кој може да се дешифрира благодарение на овие документи. Ориенталистите биле изненадени од откривањето на ваков стар семитски јазик. Интересно е што некои плочки содржеле двојазични списоци, на сумерски и еблатски јазик. Книгата Ебла — на прагот на модерната цивилизација (Ebla—Alle origini della civiltà urbana) ги нарекува овие списоци „најстарите досега познати речници“.
Ебла претставувала и воена сила, за што сведочат ископаните резбарии на кои се прикажани војници од Ебла како ги погубуваат своите непријатели или ги носат отсечените глави на непријателите. Сепак, славата на Ебла згаснала откако Асирија и Вавилон се здобиле со сѐ поголема моќ. Времето кога се одиграле тие настани не може да се утврди со сигурност, но изгледа дека прво Саргон I (не оној што е спомнат во Исаија 20:1), а потоа неговиот внук Нарам-Син извршиле напад на Ебла. Археолошките докази покажуваат дека освојувачите биле насилни, а нивните напади свирепи.
Но, како што беше спомнато, по некое време градот повторно бил подигнат, и дури станал значаен во регионот. Новиот град бил изграден според прецизен план, во кој бил нагласен раскошот. Во долниот дел на градот постоело место посветено на божицата Иштар, која Вавилонците ја сметале за божица на плодноста. Можеби си чул за познатата Порта на Иштар, откриена во урнатините на Вавилон. Изгледа дека особено впечатлив објект во Ебла бил објектот во кој живееле лавови, кои божицата Иштар ги сметала за свети животни. Ова ни ја отвора темата за религијата во Ебла.
Религијата во Ебла
Како и секое друго место на древниот Исток, и Ебла имала пантеон од богови. Некои од нив биле Ваал, Адад (име што се појавува во склоп на името на некои сириски цареви) и Даган (1. Царевите 11:23; 15:18; 2. Царевите 17:16). Жителите на Ебла ги обожавале сите нив. Тие ги почитувале дури и боговите на другите народи. Археолошките пронајдоци сведочат дека, особено во вториот милениум пр.н.е., за богови биле прогласувани и обожавани и наследниците на царскиот престол.
Но, довербата во нивните богови не била целосна. Новоизградената Ебла била опкружена со огромни кружни дупли ѕидишта, кои не можеле да останат незабележани од непријателот. Опсегот на надворешните ѕидишта бил речиси три километри. Сѐ уште може јасно да се види каде биле подигнати.
Но, дури и на вака обновената Ебла ѝ дошол крајот. Можно е Хетејците, околу 1600 год. пр.н.е., да ѝ го задале последниот удар на оваа некогашна голема сила. Според една древна поема, Ебла била „скршена како керамичка ваза“. Набрзо почнала да исчезнува од историјата. Во еден документ што го напишале на својот пат кон Ерусалим во 1098 година, крстоносците ја спомнуваат некогашната Ебла како истурена позиција, наречена Мардих. По стотици години, Ебла била повторно откриена и извлечена од сенката на заборавот.
[Рамка на страница 14]
ЕБЛА И БИБЛИЈАТА
Една статија издадена во 1976 година во списанието Biblical Archeologist ја разбудила љубопитноста на стручњаците за библијата. Толкувачот на плочките од Ебла ја спомнал можноста дека, меѓу другото, плочките содржат и имиња на луѓе и места што се спомнати со векови подоцна во Библијата. Најверојатно додавајќи на она што било напишано, некои почнале да пишуваат дека Ебла дава археолошки доказ за веродостојноста на извештајот од 1. Мојсеева.a Језуитот Мичел Дахуд тврдел дека „глинените плочки [од Ебла] ги расветлуваат мрачните делови на Библијата“. На пример, тој бил уверен дека тие можат да фрлат повеќе светлина на „проблемот со староста на името на Богот на Израел“.
Сега овие текстови се испитани со поголема објективност. Поради фактот дека и еврејскиот и еблатскиот јазик се семитски јазици, неоспорно е дека некои имиња на градови или на поединци може да се слични или исти со оние во Библијата. Но, тоа не е доказ дека се однесуваат на истите луѓе или места. Останува да се види во иднина колку откритијата од Ебла ќе влијаат врз проучувањето на Библијата. Што се однесува до Божјето име, писателот на статијата во Biblical Archeologist одрекува дека некогаш рекол дека името „Јахве“ било спомнато во текстовите од Ебла. Некои сметаат дека знакот ја во клинестото писмо се однесува на еден од пантеонот божества во Ебла, додека доста други стручни лица сметаат дека тоа е само еден обичен граматички знак. Во секој случај, тој не се однесува на единствениот вистински Бог, Јехова (5. Мојсеева 4:35; Исаија 45:5).
[Фуснота]
a Во 4. поглавје од книгата Библијата — Реч Божја или човечка?, издадена од Јеховините сведоци, е објаснето како археологијата оди во прилог на извештаите од Библијата.
[Карта/слика на страница 12]
(Види во публикацијата)
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
ХАНААН
СИРИЈА
Алепо
Ебла (Тел Мардих)
Еуфрат
[Извор на слика]
Археолог: Missione Archeologica Italiana a Ebla - Università degli Studi di Roma ‘La Sapienza’
[Слика на страници 12 и 13]
Златен ѓердан од околу 1750 год. пр.н.е.
[Слика на страница 13]
Остатоци од големата палата
[Слика на страница 13]
Уметнички приказ на глинени плочки што биле чувани во архива
[Слика на страница 13]
Плочка со клинесто писмо
[Слика на страница 13]
Египетска царска палка, 1750 — 1700 год. пр.н.е.
[Слика на страница 13]
Војник од Ебла со глави од непријателите
[Слика на страница 14]
Столб посветен на божицата Иштар
[Извор на слика]
Missione Archeologica Italiana a Ebla - Università degli Studi di Roma ‘La Sapienza’
[Извор на слика на страница 13]
Сите слики (освен остатоците од палатата): Missione Archeologica Italiana a Ebla - Università degli Studi di Roma ‘La Sapienza’