Од мајка Земја до божици на плодноста
ДАЛИ ја препознаваш божицата која е на насловната страница од ова списание? Тоа е Изида, древна египетска мајка-божица. Ако си бил во музеј или си прелистал некоја книга за античката историја, веројатно веќе си видел идоли кои личат на неа. Но размисли за следново: дали би ѝ се клањал и дали би ја обожавал божицата Изида?
Ако ѝ припаѓаш на некоја од религиите на христијанството, тогаш тоа прашање можеби ти се чини чудно. Веројатно би рекол дека го обожаваш Творецот, Оној на кого му се обраќаме со ”Оче наш кој си на небесата“ (Матеј 6:9). Помислата за клањање на мајка-божица може да изгледа чудно, дури и одбојно. И покрај тоа, таквото обожавање било многу раширено низ целата историја, и би можел да бидеш многу изненаден кога ќе дознаеш кој ја обожава големата мајка-божица денес.
Но, пред да зборуваме за тоа, да ја разгледаме распространетоста на обожавањето на мајката-божица во старо време за да стекнеме претстава за позадината. Овој вид на обожавање изгледа бил многу ран облик на лажна религија. Археолозите пронашле мали статуи и слики на голи мајки-божици на античките локации по цела Европа, од медитеранските земји до Индија.
На мајката Земја се гледало како на постојан извор на сите видови на живот, која дава живот и потоа го зема назад при нивната смрт. Како таква луѓето ја обожавале, но истовремено се плашеле од неа. Во почетокот, луѓето верувале дека нејзините репродуктивни сили не биле сексуални. Потоа, според митологијата, таа го родила машкиот небески Татко и станала негова жена. Оваа двојка создала безброј други богови и божици.
Вавилонскиот прототип
Во Вавилонскиот пантеон главна божица била Иштар, идентична со сумерската божица на плодноста, Инана. Необично е тоа што била и божица на војната и божица на љубовта и сладострасноста. Во својата книга Les Religions de Babylonie et d’Assyrie (Религиите на Вавилон и Асирија), францускиот научник Едуар Дорм рекол за Иштар: ”Таа била божица, госпоѓа, милостива мајка која ги слуша молитвите и посредува кај разгневените богови и ги смирува. (...) Била возвишувана над сите, станала божица над божиците, кралица на сите богови, суверено божество на небото и земјата.“
Обожавателите на Иштар ја нарекувале ”Девица“, ”Света Девица“ и ”Мајка Девица“. Во старото сумеро-акадско дело ”Prayer of Lamentation to Ishtar“ (Молитви на тагување до Иштар) стои: ”Ти се молам, о Госпоѓо над госпоѓите, божице над божиците. О Иштар, кралице на сите народи. (...) О поседничке на сета божествена моќ, која ја носиш круната на власта. (...) Капелите, светите места, посветените предели и светилишта ти оддават почест. (...) Има ли место без твојот лик? (...) Погледни ме, о Госпоѓо моја; прими ги моите молитви.“a
Обожавањето на мајката-божица се шири
Ориенталистот Едуар Дорм зборува за ”ширењето на обожавањето на Иштар“. Тоа се проширило по цела Месопотамија, а во Египет, Феникија и Ханан, како и во Анатолија (Мала Азија), Грција и Италија била обожавана или самата Иштар или некои други божици со различни имиња но со слични особини.
Главната мајка-божица која се обожавала во Египет била Изида. Историчарот Х. Џ. Велс напишал: ”Изида привлекла многу приврзаници кои ѝ ги заветувале своите животи. Во храмот стоеле нејзините кипови, крунисана како Кралица на небото, со малото дете Хор во рацете. Пред неа пламтеле и се топеле свеќи, а заветните приноси од восок виселе насекаде по светилиштето“ (The Outline of History). Обожавањето на Изида било многу популарно во Египет. Тоа исто така се проширило низ подрачјето на Медитеранот, особено низ Грција и Рим, и допрело дури до западна и северна Европа.
Обожавањето на мајка-божица во Феникија и Ханан било усмерено на Ашторет, или Астарта, за која се верувало дека била жена на Баал. Како и нејзината вавилонска копија Иштар, и таа била божица на плодноста и војната. Во Египет се пронајдени стари натписи во кои Астарта е наречена небеска госпоѓа и кралица на небото. Израелците морале да водат постојана борба против срамното влијание на обожавањето на оваа божица на плодноста.
На северозапад во Анатолија, еквивалент на Иштар била Сибила, позната како Големата Мајка на боговите. Исто така била наречена серодилка, сехранителка и мајка на сите благословени. Од Анатолија култот на Сибила се раширил прво во Грција, а потоа во Рим, каде преживеал долго во нашата ера. Обожавањето на оваа божица на плодноста вклучувало лудо играње, саморанување на свештениците, кандидати за свештенство кои сами се кастрирале и поворки во кои се носела нејзината статуа со многу сјај.b
Старите Грци ја обожавале божицата Мајка Земја наречена Геа. Но, во нивниот пантеон се нашле божиците од видот на Иштар, како што се Афродита, божица на плодноста и љубовта; Атена, божица на војната и Деметра, божица на полјоделството.
Во Рим, Венера била божица на љубовта, па како таква одговарала на грчката Афродита и вавилонската Иштар. Меѓутоа, Римјаните исто така ги обожавале божиците Изида, Сибила и Минерва (грчката Атена), а сите на овој или оној начин биле одраз на вавилонскиот прототип на Иштар.
Јасно е дека обожавањето на мајката-божица со илјадници години претставувало силно соперништво на чистото обожавање на големиот Творец, Јехова. Дали обожавањето на големата мајка-божица изумрело? Или преживеало сѐ до ден-денес? Те молиме, продолжи да читаш понатаму.
[Фусноти]
a Ancient Near Eastern Texts, приредено од Џејмс Б. Причард, Princeton University Press, стр. 383-4.
b Уште една божица на плодноста која била обожавана во Мала Азија била Артемида Ефеска, која ќе биде разгледана во следната статија.
[Слика на страница 3]
Вавилонската ИШТАР персонифицирана како ѕвезда
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола од Британскиот Музеј
[Слика на страница 4]
Египетската ИЗИДА со детето-бог Хор
[Извор на слика]
Musée du Louvre, Paris