ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • sh погл. 3 стр. 41-68
  • Заеднички нишки во митологијата

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Заеднички нишки во митологијата
  • Потрагата на човештвото по Бог
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Факти и измислици за создавањето
  • Потопот — факт или мит?
  • Потопот и богочовекот Гилгамеш
  • Легенди за Потопот во другите култури
  • Насекаде распространетото верување во бесмртна душа
  • Обожавање на Сонцето и човечки жртви
  • Митолошки богови и божици
  • Христијански митови и легенди?
  • Заеднички нишки
  • Потопот во легендите на светот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Раното христијанство и римските богови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Бесмртност на душата — раѓање на доктрината
    Што ни се случува кога ќе умреме?
  • Дали има само еден вистински Бог?
    Разбудете се! 2006
Повеќе
Потрагата на човештвото по Бог
sh погл. 3 стр. 41-68

Поглавје 3

Заеднички нишки во митологијата

1-3. а) Зошто треба да сме заинтересирани за митовите? б) Што ќе опфатиме во ова поглавје?

ЗОШТО да разгледуваме митови? Зарем тие не се само измислици од далечното минато? Иако е точно дека многу од нив се темелат на измислици, сепак, некои се темелат на факти. Земи ги за пример митовите и легендите кои можат да се најдат по целиот свет, а се темелат на фактот за светската Поплава, односно Потопот, за кој зборува Библијата.

2 Причина зошто разгледуваме митови е тоа што тие се темел за верувања и ритуали кои сѐ уште постојат во денешните религии. На пример, трагата на верувањето во бесмртна душа може да се следи уште од древните асировавилонски митови, преку египетската, грчката и римската митологија па сѐ до христијанскиот свет, во чија теологија станало основна догма. Митовите се доказ дека древниот човек трагал по богови, како и по смислата на животот. Во ова поглавје кратко ќе опфатиме некои теми кои се заеднички за митовите во главните светски култури. Додека ги разгледуваме овие митологии, ќе забележиме како создавањето, Потопот, лажните богови и полубогови, бесмртната душа и обожавањето на Сонцето редовно се појавуваат како заеднички нишки во шаренилото на митологијата. Но, зошто тоа е така?

3 Многу често сржта се состои од историски факт, лице или настан, кој подоцна бил преувеличен или искривен така што попримил облик на мит. Еден од овие историски факти е библискиот запис за создавањето.a

Факти и измислици за создавањето

4, 5. Кои се некои од верувањата во грчката митологија?

4 Постојат изобилство митови за создавањето, но ниту еден од нив не ја содржи едноставната логика која ја има библискиот запис за создавањето (Битие, поглавја 1, 2). На пример, извештајот кој се наоѓа во грчката митологија звучи варварски. Првиот Грк што ги запишал митовите на еден систематски начин бил Хесиод, кој во осмиот век пр.н.е. ја напишал својата Теогонија. Тој објаснува како настанале боговите и светот. Почнува со Геја, или Гаја (Земја), која го раѓа Уран (Небо). Она што следи понатаму го објаснил изучувачот Џеспер Грифин во The Oxford History of the Classical World (Оксфордска историја на класичниот свет):

5 „Хесиод ја кажува приказната, која му била позната на Хомер, за низата небесни богови. Најпрвин врховен бог бил Уран, но поради тоа што ги задушувал своите деца, Геја го охрабрила својот син Крон да го кастрира. Крон, пак, од своја страна, ги голтал своите сопствени деца, сѐ додека неговата сопруга Реа не му дала да изеде еден камен наместо Зевс; детето Зевс било одгледано на Крит, го присилило својот татко да ги поврати неговите браќа и сестри, и заедно со нив и со помош на други го поразил Крон и неговите Титани, па ги исфрлил во Тартар“.

6. Според Џеспер Грифин, кој веројатно е изворот на голем дел од грчката митологија?

6 Од кој извор Грците ја добиле оваа чудна митологија? Истиот автор одговара: „Изгледа дека крајното потекло е сумерско. Во овие источни приказни наоѓаме низа богови, а мотивите за кастрирање, проголтување и за камен се повторуваат на начини кои, иако се различни, покажуваат дека сличноста со Хесиод не е коинциденција“. На древната Месопотамија и Вавилон треба да гледаме како на извор на многу митови кои продреле во другите култури.

7. а) Зошто не е лесно да се добијат информации за древните кинески митови? б) Како еден кинески мит го објаснува создавањето на Земјата и на човекот? (Спореди Битие 1:27; 2:7.)

7 Древната митологија на кинеската народна религија не е секогаш лесна за дефинирање, бидејќи многуте записи биле уништени во периодот од 213—191 пр.н.е.b Меѓутоа, некои митови останале, како што е оној кој опишува како била обликувана Земјата. Професорот по ориентална уметност, Ентони Кристи, пишува: „Дознаваме дека Хаосот бил како јајце на кокошка. Не постоеле ни Небото ни Земјата. Од јајцето се родил Панку, додека од неговите тешки елементи била направена Земјата, а од лесните елементи — Небото. Панку е претставен како џуџе, облечен во мечкина кожа или наметка од лисја. За 18.000 години растојанието меѓу Земјата и Небото се зголемувало по три метри на ден и Панку растел со исто темпо така што неговото тело ја исполнило празнината. Откако тој умрел, различните делови од неговото тело се претвориле во различни природни елементи . . . Од болвите на неговото тело настанал човечкиот род“.

8. Како настанале јазиците според митологијата на Инките?

8 Една легенда на Инките од Јужна Америка објаснува како еден митски творец му го дал говорот на секој народ. „Тој му даде на секој народ јазик на кој ќе зборува . . . Му даде битие и душа на секого, како на мажите така и на жените, и му заповеда на секој народ да се симне под Земјата. Така секој народ го помина подземјето и излезе на местата во кои тој ги определи“ (The Fables and Rites of the Yncas — Бајки и обреди кај Инките од Кристобал де Молина од Куско, цитирано во South American Mythology — Јужноамериканска митологија). Изгледа дека во овој случај фактичната срж на овој мит на Инките е библискиот извештај за збркувањето на јазиците во Вавел (Битие 11:1—9). Но сега, да го свртиме нашето внимание кон Потопот опишан во Библијата, во Битие 7:17—24.

Потопот — факт или мит?

9. а) Што ни кажува Библијата за претпотопните услови на Земјата? б) Што морало да направат Ное и неговото семејство за да бидат избавени од Потопот?

9 Враќајќи нѐ наназад околу 4.500 години, до отприлика 2.500 година пр.н.е., Библијата ни кажува дека бунтовните духовни Божји синови се материјализирале во човечки облик и ‚си земале жени‘. Ова неприродно вкрстување ги произвело насилничките нефилими, „од стари времиња, по сила прочуени луѓе“. Нивното необуздано однесување влијаело врз претпотопниот свет до тој степен што Јехова рекол: „,Ќе ги истребам луѓето што ги создадов од лицето на земјата . . . зашто се покајав што ги создадов‘. Ама Ное најде благодат во Господовите очи“. Понатаму извештајот продолжува со конкретните и практични чекори што морал да ги преземе Ное за да се спаси од Потопот себеси, своето семејство и различните животински видови (Битие 6:1—8, 13—8:22; 1. Петрово 3:19, 20; 2. Петрово 2:4; Јуда 6).

10. Зошто библискиот извештај за Потопот не треба да се смета за мит?

10 Записот за претпотопните настани раскажан во Битие современите критичари го жигосуваат како мит. Сепак, верните мажи како, на пример, Исаија, Езекиел, Исус Христос и апостолите Петар и Павле ја прифатиле историјата за Ное и верувале во неа. Исто така, неа ја поддржува и фактот што таа се одразила во толку многу митологии ширум светот, вклучувајќи го и древниот Еп за Гилгамеш, како и митовите на Кина, и на Астеките, Инките и Маите. Имајќи го на ум библискиот запис, да ја разгледаме сега асировавилонската митологија и нејзините осврнувања на еден потопc (Исаија 54:9; Езекиел 14:20; Матеј 24:37; Евреите 11:7).

Потопот и богочовекот Гилгамеш

11. На што се темели нашето спознание за Епот за Гилгамеш?

11 Враќајќи се наназад во историјата можеби за околу 4.000 години, наидуваме на прочуениот акадски мит наречен Епот за Гилгамеш. Нашето спознание за него се темели главно на еден текст на клинесто писмо што потекнува од библиотеката на Асенафар, кој владеел во древната Ниневија.

12. Кој бил Гилгамеш, и зошто не бил популарен? (Спореди Битие 6:1, 2.)

12 Тоа е приказна за потфатите на Гилгамеш кој е опишан како две третини бог и една третина човек, т.е. полубог. Во една верзија од епот се вели: „Во Уруг тој изгради ѕидови, голем бедем и храм на благословениот Еан за богот на небесниот свод Ану и за Иштар — божицата на љубовта . . . нашата дама на љубовта и војната“. (Види го пописот на асировавилонските богови и божици во рамката на страница 45.) Меѓутоа, Гилгамеш не бил некое суштество кое било баш пријатно да се има во близина. Жителите на Уруг им се жалеле на боговите: „Неговата страст не остава девица на нејзиниот љубовник, ниту ќерка на воинот ниту, пак, сопруга на благородникот“.

13. а) Каква акција презеле боговите, и што сторил Гилгамеш? б) Кој бил Утнапиштим?

13 Каква акција презеле боговите како одговор на приговорот на луѓето? Божицата Аруру го создала Енгиду за да биде човечки ривал на Гилгамеш. Меѓутоа, наместо да бидат непријатели, тие станале блиски пријатели. Во текот на епот, Енгиду умира. Скршен, Гилгамеш плаче: „Кога ќе умрам, зарем нема да бидам како Енгиду? Болка ми ја обзеде утробата. Плашејќи се од смртта, јас талкам низ степата“. Сакал да ја дознае тајната на бесмртноста и пошол да го најде Утнапиштим, преживеаниот од потопот кому му била дадена бесмртност заедно со боговите.

14. а) Што му било кажано на Утнапиштим да стори? (Спореди Битие 6:13—16.) б) Каков бил исходот од епското патување на Гилгамеш?

14 Конечно Гилгамеш го наоѓа Утнапиштим, кој му ја кажува приказната за потопот. Како што пишува на плочката XI од епот, позната како Плочка за Потопот, Утнапиштим ги прераскажува упатствата кои му се дадени во врска со Потопот: „Сруши ја (оваа) куќа, изгради брод! Остави ги поседите, барај го животот . . . На бродот земи го семето од сите живи суштества“. Зарем ова не звучи некако слично на библиското укажување на Ное и на Потопот? Но, Утнапиштим не може да му додели бесмртност на Гилгамеш. Гилгамеш, разочаран, се враќа дома во Уруг. Извештајот завршува со неговата смрт. Севкупната порака на епот е жалоста и фрустрацијата поради смртта и другиот свет. Тие древни луѓе не го нашле Богот на вистината и надежта. Меѓутоа, врската на епот со библискиот едноставен извештај за претпотопна ера е сосема видлива. Сега, да го разгледаме извештајот за Потопот на начинот на кој го претставуваат другите легенди.

Легенди за Потопот во другите култури

15. Зошто сумерската легенда за потоп е од интерес за нас?

15 Уште постар од извештајот во Епот за Гилгамеш е сумерскиот мит кој го претставува „Зиусудра, еквивалент на библискиот Ное, опишан како побожен, богобојазлив цар, кој постојано чекал божествени откровенија во сонови или волшебни зборови“ (Ancient Near Eastern Texts Relating to the Old Testament — Стари блискоисточни текстови поврзани со Стариот завет). Според истиот извор, овој мит „ја нуди најблиската и највозбудлива паралела на библискиот материјал која досега е откриена во сумерската литература“. Сумерската цивилизација извршила влијание врз вавилонската и асирската, кои дошле подоцна.

16. Од кој извор би можеле да потекнуваат кинеските легенди за потоп?

16 Книгата China—A History in Art (Кина — историја во уметноста) зборува дека еден од древните владетели на Кина бил Ју, „победникот во големиот Потоп. Ју со канали ги спровел водите од потопот во реките и морињата за повторно да го насели својот народ“. Експертот за митологија, Џозеф Кемпбел, пишувал за кинескиот „Период на Големите десетмина“, велејќи: „Во оваа важна ера, која завршува со Потоп, во раниот Чоу период од митологијата биле назначени десет императори. Значи, изгледа дека она што ние овде го гледаме можеби е локално преобразување на низата од стариот сумерски список на цареви“. Потоа, Кемпбел навел и други работи од кинеските легенди кои изгледа го „засилуваат аргументот за месопотамски извор“. Тоа нѐ враќа на истиот основен извор на многу митови. Меѓутоа, приказната за Потопот се појавува и во двете Америки, на пример, во Мексико во периодот на Астеките во 15 и 16 век н.е.

17. Какви легенди за потоп имале Астеките?

17 Астетската митологија зборува за четири претходни ери. Во текот на првата ера Земјата била населена со џинови. (Тоа е уште еден потсетник за нефилимите, џиновите на кои укажува Библијата во Битие 6:4.) Таа митологија содржи легенда за еден исконски потоп во кој „горните води се споиле со долните, збришувајќи ги хоризонтите и правејќи сѐ да биде еден безвременски космички океан“. Дождот и водата ги контролирал богот Тлалок. Меѓутоа, неговиот дожд не бил добиен евтино, туку бил даден „во замена за крв од жртвувани жртви чии пролеани солзи ќе симулираат и така ќе поттикнат врнење дожд“ (Mythology—An Illustrated Encyclopedia [Митологија — илустрирана енциклопедија]). Една друга легенда наведува дека во четвртата ера владеела Калкиутлику, божица на водата, чиј универзум бил збришан со потоп. Луѓето се спасиле така што се претвориле во риби!

18. Какви извештаи преовладуваат во јужноамериканската митологија? (Спореди Битие 6:7, 8; 2. Петрово 2:5.)

18 Слично на тоа, и Инките имале свои легенди за Потопот. Британскиот писател Харолд Озборн наведува: „Можеби најприсутни обележја на јужноамериканскиот мит се приказните за една поплава . . . Митовите за поплава се многу раширени и меѓу планинските луѓе и меѓу племињата од тропските низини. Поплавата обично се поврзува со создавањето и со Богојавлението [манифестација] на творецот-бог . . . Понекогаш тоа се сметало за божествена казна со која се збришало постоечкото човештво во подготовка за појавување на еден нов род“.

19. Опиши ја легендата на Маите за потопот.

19 Исто така, Маите во Мексико и во Централна Америка имале своја легенда за Потопот која вклучувала една сеопшта поплава, т.е. хајококаб, што значи „вода над Земјата“. Католичкиот бискуп Лас Касас напишал дека гватемалските Индијанци „го нарекле бутик, збор кој значи потоп од многу води и претставува конечен суд, па така веруваат дека треба да дојде еден друг бутик, што е еден друг потоп и суд, не со вода туку со оган“. Ширум светот постојат уште многу легенди за потопот, но неколкуте кои веќе ги наведовме служат за да ја потврдат сржта на легендата — историскиот настан кој е раскажан во книгата Битие.

Насекаде распространетото верување во бесмртна душа

20. Какво било асировавилонското верување за задгробниот живот?

20 Меѓутоа, сите митови немаат темел во некој факт или во Библијата. Во својата потрага по Бог, залажувајќи се со илузијата за бесмртност, човекот се фаќал за сламка. Како што ќе видиме во оваа книга, верувањето во бесмртна душа или неговите варијанти се наследство кое до нас дошло во текот на милениумите. Луѓето од древната асировавилонска култура верувале во задгробен живот. New Larousse Encyclopedia of Mythology објаснува: „Под Земјата, зад бездната на Апсу [која е полна со слатка вода и ја опкружува Земјата], лежи пеколно живеалиште, во кое луѓето слегуваат после смртта. Тоа е ‚Земја од која нема враќање‘ . . . Во овие предели на вечна темнина, сите души на умрените — едиму — ‚дотерани, како птици, во облека од крилја‘, се измешани заедно“. Според тој мит, со овој подземен свет владеела божицата Ерешигал — „Принцеза на големата Земја“.

21. Што се случувало со мртвите, според египетското верување?

21 И Египќаните имале своја идеја за бесмртна душа. Пред да може душата да стигне до едно среќно засолниште, таа морала да се измери во однос на Маат, божицата на вистината и правдата, која била симболизирана со пердувот на вистината. Во таа постапка помагале или Анубис, богот со глава на чакал, или Хорус, соколот. Ако била одобрена од Озирис, таа душа ќе продолжела да го споделува блаженството со боговите. (Види ја илустрацијата на страница 50.) Како што честопати е случај, и тука ја наоѓаме заедничката нишка на концептот на вавилонската бесмртна душа кој ги обликува религијата, животот и постапките на луѓето.

22. Каков бил кинескиот концепт за мртвите, и што се правело за да им се помогне?

22 Старата кинеска митологија вклучувала едно верување за преживување после смртта и потреба предците да се одржат среќни. Предците биле „замислувани како живи и моќни духови, сите живо заинтересирани за благосостојбата на своите живи потомци, но способни да се разгневат и да казнат ако не им се угоди“. На мртвите требало да им се даде секаква помош, вклучувајќи и придружници при смртта. На тој начин „некои Шанг цареви . . . биле погребани заедно со некаде од сто до триста човечки жртви, кои требало да бидат нивни служители на другиот свет. (Овој обичај ја поврзува древна Кина со Египет, Африка, Јапонија и други места, каде што се давале слични жртви.)“ (Религиите на човекот, од Џон Б. Нос). Верувањето во бесмртна душа во овие случаи довело до човечки жртви. (Спореди Проповедник 9:5, 10; Исаија 38:18, 19.)

23. а) Кој и што бил Хадес во грчката митологија? б) Што е Хадес според Библијата?

23 Грците, кои имале формулирано многу богови во својата митологија, биле исто така загрижени за мртвите и за нивното одредиште. Според митовите, одговорен за тоа подрачје на густа темнина бил синот на Крон и брат на боговите Зевс и Посејдон. Неговото име било Хадес, а неговото подрачје било именувано според него. Како душите на мртвите доаѓале во Хадесот?d

24. а) Што се случувало во подземниот свет, според грчката митологија? б) Каква сличност постои меѓу грчката митологија и Епот за Гилгамеш?

24 Писателката Елен Свицер објаснува: „Имало . . . застрашувачки суштества во подземниот свет. Таму бил Харон, кој управувал со сплавот со кој оние кои неодамна умреле биле превезувани од земјата на живите до подземниот свет. Харон барал да му се плати за услугата за превезување [преку реката Стикс], па затоа Грците честопати ги погребувале своите мртви со една паричка под јазикот за да се осигураат дека тие имаат да платат за возарина. Мртвите души кои не можеле да платат, биле држани на погрешната страна од реката, на еден вид ничија земја, и можеле да се вратат и да ги прогонуваат живите“.e

25. Кој се нашол под влијание на грчкото размислување во врска со душата?

25 Грчката митологија за душата продолжила да влијае врз римскиот концепт, а грчките филозофи како, на пример, Платон (околу 427—347 пр.н.е.) имале силно влијание врз раните отпаднички христијански мислители кои го прифатиле учењето за бесмртност на душата во својата доктрина, иако таа немала библиски темел.

26, 27. Како Астеките, Инките и Маите гледале на смртта?

26 Астеките, Инките и Маите, исто така верувале во бесмртна душа. За нив смртта била толкава мистерија каква што била и за другите цивилизации. Тие имале свои церемонии и верувања кои им помагале да се помират со неа. Како што објаснува археолошкиот историчар Виктор В. фон Хаген во својата книга The Ancient Sun Kingdoms of the Americas (Древните царства на Сонцето во двете Америки): „Мртвите всушност биле живи: тие само поминале од една фаза во друга; тие биле невидливи, неопипливи, неранливи. Мртвите . . . станале невидливи членови на кланот“. (За разлика од тоа, види Судии 16:30; Езекиел 18:4, 20.)

27 Истиот извор ни кажува дека „[Инка] Индијанецот верувал во бесмртност; всушност тој верувал дека нема никогаш да се умре . . . мртвото тело само станувало немртво и ги презело влијанијата од невидливите сили“. И Маите верувале во душа, како и во 13 небеса и 9 пеколи. Значи, каде и да се свртиме, луѓето сакале да ја одречат реалноста на смртта, а бесмртната душа била патерица за потпирање во тој поглед (Исаија 38:18; Дела 3:23).

28. Кои се некои од верувањата кои преовладуваат во Африка?

28 Африканските митологии исто така содржат укажувања на една душа која преживува. Многу Африканци живеат во страв од душите на умрените. New Larousse Encyclopedia of Mythology наведува: „Ова верување е поврзано со едно друго — континуирано постоење на душата после смртта. Маѓосниците можат да ги привикуваат душите за да им помогнат во нивната моќ. Душите на умрените честопати се селат во телата на животните или можеби реинкарнираат во растенија“. Како последица од тоа, припадниците на Зулу не убиваат некои змии за кои веруваат дека се духови на нивните роднини.

29. Објасни ги легендите на некои племиња од јужна Африка. (Спореди Битие 2:15—17; 3:1—5.)

29 Масаите од југоисточна Африка веруваат во творец наречен Нгаи кој покрај секој Масаи става ангел чувар како заштита. При смртта, ангелот ја носи душата на војникот на другиот свет. Претходно цитираната енциклопедија Larousse ја дава Зулу легендата за смртта која го вклучува првиот човек Ункулункулу кој во овој мит станал врховно битие. Тој го испратил камелеонот за да му каже на човештвото: „Луѓето нема да умрат!“ Камелеонот бил спор и се задржал по патот. Затоа Ункулункулу испратил поинаква порака преку еден гуштер, велејќи: „Луѓето ќе умрат!“ Гуштерот стигнал прв „и оттогаш па наваму ниеден човек не ѝ побегнал на смртта“. Со некои варијанти, истава легенда постои и меѓу племињата Бешуана, Басуто и Баронга.

30. Што ќе видиме за душата во понатамошниот дел од оваа книга?

30 Додека продолжуваме да ја проучуваме потрагата на човештвото по Бог, ќе видиме колку митот за бесмртната душа бил, а и сѐ уште е, важен за човештвото.

Обожавање на Сонцето и човечки жртви

31. а) Што верувале Египќаните за богот на Сонцето Ра? б) Како ова е во спротивност со она што го вели Библијата? (Псалм 19:4—6).

31 Египетската митологија опфаќа опсежен пантеон на богови и божици. Како и во многу други древни општества, додека Египќаните трагале по Бог, се приклониле кон обожавање на она што го поддржувало нивниот секојдневен живот — Сонцето. На тој начин, под името Ра (Амон--Ра), тие го обожавале суверениот господ на небото, кој секој ден пловел со чамец од исток кон запад. Кога се спуштала ноќта, тој патувал по еден опасен пат низ подземниот свет.

32. Опиши еден од празниците на богот на огнот Хуицилопочтли (Хуехуетеотл).

32 Човечките жртви биле заедничко обележје на обожавањето на Сонцето во религиите на Астеките, Инките и Маите. Астеките прославувале еден постојан круг од религиозни празници на кои принесувале човечки жртви на нивните различни богови, особено при обожавањето на богот на Сонцето, Тескатлипока. Исто така, на празникот на богот на огнот, Хуицилопочтли (Хуехуетеотл), „воените заробеници играле заедно со своите поробувачи и . . . биле набрзина вртени околу еден заслепувачки оган, потоа фрлани во јаглења и изнесувани додека сѐ уште биле живи со цел нивните срца, кои сѐ уште чукале, да бидат извадени и принесени на боговите“ (Древните царства на Сонцето во двете Америки).

33. а) Што вклучувало обожавањето на Инките? б) Што вели Библијата за човечките жртви? (Спореди 2. Царства 23:5, 11; Еремија 32:35; Езекиел 8:16.)

33 Уште појужно, религијата на Инките имала сопствени жртви и митови. Во древното обожавање на Инките биле принесувани деца и животни на богот на Сонцето, Инти и на Виракоча, творецот.

Митолошки богови и божици

34. Кои ја сочинувале најистакнатата египетска тријада, и какви улоги имале тие?

34 Најистакната од египетските тријади е онаа која е составена од Изида, симбол на божественото мајчинство, Озирис, нејзин брат и брачен другар, како и Хорус, нивни син, обично претставен со сокол. Понекогаш, египетските статуи ја прикажуваат Изида како го дои своето дете, и тоа во една поза која многу потсетува на статуите и сликите од девица и дете во христијанскиот свет, кои се појавиле на сцената после повеќе од две илјади години. Со текот на времето, Озирис, сопругот на Изида, постигнал популарност како бог на мртвите бидејќи понудил надеж за вечен среќен живот за душите на мртвите на другиот свет.

35. Која била Хатор, и кој бил нејзин главен годишен празник?

35 Египетската Хатор била божица на љубовта и радоста, музиката и танцот. Таа станала кралица на мртвите, помагајќи им со една скала да се искачат на небото. Како што објаснува New Larousse Encyclopedia of Mythology, таа била прославувана со големи свечености, „пред сѐ, на Денот на нова година, што било годишнина на нејзиното раѓање. Пред разденување, свештеничките го изнесувале кипот на Хатор на терасата за да ја изложат на зраците на сонцето кое изгревало. Веселбата која следела, била изговор за еден вистински карневал, и денот завршувал со песна и пијанчење“. Дали работите се измениле многу во однос на новогодишните прослави после илјадници години?

36. а) Каква била религиозната сцена за Израел во 16 век пр.н.е.? б) Какво посебно значење имале десетте неволји?

36 Во својот пантеон Египќаните имале и многу животински богови и божици како, на пример, Апис бикот, Банадед овенот, Хект жабата, Хатор кравата и Себек крокодилот (Римјаните 1:21—23). Таква била религиозната сцена на која се нашле Израелците како робови во заробеништво во 16 век пр.н.е. За да ги ослободи од тврдокорниот стисок на фараонот, Јехова, Богот на Израел, морал да испрати десет различни неволји врз Египет (Излез 7:14—12:36). Овие неволји се сведувале на едно добро смислено понижување на митолошките богови на Египет. (Види ја рамката на страница 62.)

37. а) Какви личности биле некои од римските богови? б) Како однесувањето на боговите влијаело врз нивните следбеници? в) Какво искуство имале Павле и Варнава во Листра?

37 Сега, да прејдеме на боговите од древна Грција и Рим. Рим позајмил многу богови од древна Грција, заедно со нивните доблести и пороци. (Види ги рамките на страници 43 и 66.) На пример, Венера и Флора биле дрски проститутки; Бахус бил пијаница и развратник; Меркур бил друмски разбојник, а Аполон заводник на жени. Се известува дека Јупитер, таткото на боговите, извршил прељуба или инцест со околу 59 жени! (Каков само потсетник на бунтовните ангели кои живееле во диви бракови со жените пред Потопот!) Бидејќи обожавателите биле склони да го одразуваат однесувањето на своите богови, зарем е чудно тоа што римските императори, како што биле Тибериј, Нерон и Калигула, воделе развратен живот како прељубници, блудници и убијци?

38. а) Опиши какво обожавање се практикувало во Рим. б) Како религијата влијаела врз римскиот војник?

38 Во својата религија, Римјаните внеле богови од многу традиции. На пример, тие со одушевеност го прифатиле обожавањето на Митра, персискиот бог на светлината, кој станал нивни бог на Сонцето (види ја рамката на страници 60, 61) и на сириската божица Атаргатис (Иштар). Тие ја претвориле грчката Артемида, жената ловец, во Дијана, а имале и сопствени варијанти на египетската Изида. Исто така, ја присвоиле келтската тријада од божици на плодноста (Дела 19:23—28).

39. а) Кој владеел со римското свештенство? б) Опиши една од римските верски церемонии.

39 За да ги практикуваат своите јавни култови во стотици светилишта и храмови, тие имале различни свештеници, и сите тие „дошле под власт на понтифекс максимус [врховниот свештеник], кој бил поглавар на државната религија“ (Atlas of the Roman World — Атлас на римскиот свет). Истиот атлас наведува дека една од римските церемонии била тауроболиум во која „обожавателот стоел во една јама и се капел во крвта на еден бик кој бил жртвуван над него. Од овој ритуал излегувал во состојба на прочистена невиност“.

Христијански митови и легенди?

40. Како многу изучувачи гледаат на настаните од раното христијанство?

40 Според некои современи критичари, и христијанството содржи митови и легенди. Дали навистина е така? Многу изучувачи ги отфрлаат како митови раѓањето на Исус од девица, неговите чуда и неговото воскресение. Некои дури велат дека тој никогаш не постоел, и дека неговиот мит е пренесен од подревната митологија и од обожавањето на Сонцето. Експертот за митологија Џозеф Кемпбел напишал: „Затоа, неколку изучувачи сугерирале дека никогаш не постоел ни Јован [Крстител] ни Исус, туку само бог на водата и бог на Сонцето“. Но, ние треба да запомниме дека многу од овие исти изучувачи се атеисти и на тој начин во потполност отфрлаат секакво верување во Бог.

41, 42. Кој доказ ја поддржува историската точност на раното христијанство?

41 Меѓутоа, ова скептично гледиште му пркоси на историскиот доказ. На пример, еврејскиот историчар Јосиф (околу 37 — околу 100 н.е.) напишал: „На некои Евреи уништувањето на Иродовата војска им изгледало како божествена одмазда, и тоа сигурно праведна одмазда, заради неговото однесување со Јован, кој имал прекар Крстител. Тоа било затоа што Ирод го погубил, иако овој бил добар човек“ (Марко 1:14; 6:14—29).

42 Истиов историчар го потврдил и историското постоење на Исус Христос кога напишал дека се јавил „некој Исус, волшебник од човек, ако воопшто може да се нарече човек . . . кого неговите ученици го нарекувале син Божји“. Понатаму тој рекол дека „Пилат го осудил . . . па дури и сега родот на оние кои според него се наречени ‚Месијанисти‘ не е изумрен“f (Марко 15:1—5, 22—26; Дела 11:26).

43. Каква основа имал апостол Петар да верува во Христос?

43 Затоа, христијанскиот апостол Петар можел со целосно уверување како сведок на Исусовото преображение да го напише следново: „Не, не ве запознавме со силата и со присутноста на нашиот Господ Исус Христос следејќи препредено смислени лажни прикаски [грчки митос], туку станувајќи очевидци на неговата величественост. Зашто тој прими чест и слава од Бог, Таткото, кога преку величествената слава до него дојдоа овие зборови: ‚Ова е мојот син, мојот љубен, кого самиот сум го одобрил‘. Да, овие зборови ги чувме како дојдоа од небото додека бевме со него на светата гора“ (2. Петрово 1:16—18).g

44. Кое библиско начело треба да преовладува во секој конфликт меѓу човечкото мислење и Божјата реч?

44 Во овој конфликт меѓу човечкото „експертско“ мислење и Божјата реч, мораме да го примениме начелото кое беше наведено претходно: „Тогаш, за што се работи? Ако некои не изразиле вера, дали можеби нивниот недостиг на вера ќе ја направи Божјата верност неделотворна? Никогаш да не се случи тоа! Туку Бог нека се најде вистинит, макар секој човек се покажува лажливец, токму како што е напишано: ‚За да се покажеш праведен во своите зборови и за да победиш кога ќе ти се суди‘“ (Римјаните 3:3, 4).

Заеднички нишки

45. Кои се некои заеднички нишки во светската митологија?

45 Овој краток преглед на некои од светските митологии служеше за да покаже некои заеднички обележја, од кои многу потекнуваат од Вавилон — месопотамската колевка на повеќето религии. Постојат заеднички нишки, без разлика дали се работи за фактите од создавањето или за извештаите за периодот кога на земјата живееле полубогови и џинови и кога една поплава ги уништила злите или, пак, во основните религиозни концепти за обожавањето на сонцето и за бесмртната душа.

46, 47. а) Кое библиско објаснување можеме да го понудиме за заедничкото потекло и заедничките нишки на митологијата? б) Кои понатамошни аспекти на древното обожавање ќе бидат обработени?

46 Од библиска гледна точка, овие заеднички нишки можеме да ги објасниме кога ќе се сетиме дека по Потопот, пред повеќе од 4.200 години, на Божја заповед човештвото се распрснало од Вавел во Месопотамија. Иако се одвоиле и формирале семејства и племиња со различни јазици, тие започнале со истото основно разбирање за претходната историја и религиозните концепти (Битие 11:1—9). Низ вековите, ова разбирање се искривило и во секоја култура било дотерано, што имало за последица многу измислици, легенди и митови кои дошле до нас денес. Овие митови, одвоени од библиската вистина, пропуштиле да го доближат човештвото до вистинскиот Бог.

47 Меѓутоа, човештвото ги изразувало своите религиозни чувства и на други различни начини — спиритизам, шаманизам, магија, обожавање предци итн. Дали тие ни кажуваат нешто за потрагата на човештвото по Бог?

[Фусноти]

a За детално разгледување на создавањето, види ја книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? издадена од Watchtower Bible and Tract Society.

b За поновата митологија на Кина, која е последица од влијанието на будизмот, таоизмот и конфучијанизмот, ќе биде дискутирано во поглавја 6 и 7.

c За подетална дискусија за доказите за Потопот како историја, види Увид во Писмото, том 1, страници 327, 328, 609—612, издаден од Watchtower Society.

d Во Христијанските грчки списи зборот „хадес“ се појавува десет пати, не како митолошка личност, туку како општ гроб на човештвото. Тоа е грчки еквивалент на хебрејскиот шеол. (Спореди Псалм 16:10, NW; Дела 2:27, Kingdom Interlinear. Види Увид во Писмото, том 1, страници 1015, 1016, издаден од Watchtower Society.)

e Интересно е тоа што Утнапиштим, херојот од Епот за Гилгамеш, имал свој каикчија, Уршанаби, кој го пренел Гилгамеш преку водите на смртта за да се сретне со преживеаниот од потопот.

f Според традиционалниот текст на Јосиф, фуснота, страница 48 од изданието на Harvard University Press, том IX.

g За понатамошни информации за христијанството, види поглавје 10.

[Рамка на страница 43]

Грчки и римски божества

Многу богови и божици од грчката митологија имале слични положби во римската митологија. Долнава табела набројува некои од нив.

Грчки Римски улога

Аполон Аполон Бог на светлината, медицината и поезијата

Арес Марс Бог на војната

Артемида Дијана Божица на ловот и раѓањето

Асклепиј Ескулап Бог на лекувањето

Атина Минерва Божица на занаетите, војната и мудроста

Афродита Венера Божица на љубовта

Геја Тера Симбол на Земјата, како и мајка и

сопруга на Уран

Деметра Церес Божица на растенијата

Дионис Бахус Бог на виното, плодноста и

разузданото однесување

Ерос Купидон Бог на љубовта

Зевс Јупитер Владетел на боговите

Крон Сатурн За Грците владетел на Титаните и

татко на Зевс. Во римската митологија

и бог на земјоделството

Плутон, Хадес Плутон Бог на подземниот свет

Посејдон Нептун Бог на морето. Во грчката митологија,

и бог на земјотресите и коњите

Реа Опс Сопруга и сестра на Крон

Уран Уран Син и сопруг на Геја и татко на Титаните

Хера Јунона Заштитничка на бракот и на жените.

Кај Грците сестра и сопруга на Зевс;

кај Римјаните сопруга на Јупитер

Хермес Меркур Гласник за боговите; бог на

трговијата и науката и заштитник

на патниците, крадците и вагабонтите

Хестија Веста Божица на огништето

Хефест Вулкан Ковач за боговите и бог на огнот

и обработката на метали

Хипнос Сомнус Бог на сонот

На темел на The World Book Encyclopedia, 1987, том 13.

[Рамка на страница 45]

Асиро-вавилонски богови и божици

Ану — врховен бог кој владее со небесата; татко на Иштар

Ашур — национален бог на воините кај Асирците; исто така бог на плодноста

Еа — бог на водата. Татко на Мардук. Го предупредил Утнапиштим за потопот

Енлил (Бел) — господар на воздухот; подоцна во грчката митологија одговара на Зевс. Вавилонците го присвоиле како Мардук (Бел)

Иштар — божествена персонификација на планетата Венера; составен дел од нејзиниот култ била светата проституција. Во Феникија се нарекувала Астарте, во Сирија Атаргатис, во Библијата Астарта (1. Цареви 11:5, 33), во Грција Афродита, во Рим Венера

Мардук — главен меѓу вавилонските богови; „ги опфаќал сите други богови и ги презел сите нивни различни функции“. Израелците го нарекувале Меродах

Син — бог-месечина, член на тријадата која го вклучувала Шамаш (Сонцето) и Иштар (планетата Венера)

Тамуз (Думузи) — бог на жетвата. Љубовник на Иштар

Шамаш — бог-сонце на светлината и правдата. Претходник на грчкиот Аполон

(На темел на New Larousse Encyclopedia of Mythology)

[Рамка/слики на страници 60 и 61]

Боговите на римскиот војник

Рим бил прочуен по својата дисциплинирана војска. Силата на неговата империја зависела од моралот и од делотворноста на воените легии. Дали религијата била фактор на кој можело да се смета? Да, и за наша среќа, Римјаните зад себе оставиле јасен доказ за својата окупација во облик на патишта, тврдини, водоводи, колосеуми и храмови. На пример, во Нортамбрија, во северниот дел на Англија, се наоѓа прочуениот Адријанов ѕид кој бил изграден околу 122 н.е. Што откриле ископувањата за активноста на римскиот гарнизон и за улогата на религијата?

Во музејот Housesteads сместен во близина на ископаните урнатини од еден римски гарнизон на Адријановиот ѕид, еден експонат наведува: „Религиозниот живот на римскиот војник бил поделен на три дела. Прво . . . култот на обоготворените императори и обожавањето на заштитничките богови на Рим, како што биле Јупитер, Викторија и Марс. Секоја година, на местото каде што се одржувале паради, во секоја тврдина му бил посветуван еден олтар на Јупитер. Од сите војници се очекувало да учествуваат на празниците со кои ги прославувале родендените, деновите кога стапиле на престолот и победите на обоготворените императори“. Колку само е тоа слично на обичаите во денешните војски, во кои капеланите, олтарите и знамињата се редовен дел од обожавањето во војската.

Но, кое било второто обележје на верскиот живот на римскиот војник? Тоа било обожавање на заштитничките богови и на духот чувар на нивната единица, „како и на боговите кои ги донеле од својата татковина.

На крај, тука биле култовите кои ги следел секој поединец. Сѐ додека еден војник ги исполнувал своите обврски кон официјалните култови, бил слободен да го обожава кој бог сакал“. Тоа звучи како состојба на многу голема слобода на обожавање, но „исклучок биле оние религии, меѓу кои бил Друидизмот, чии практики се сметале за нехумани, како и оние во кои постоело сомнение во однос на лојалноста кон државата — на пример, христијанството“. (Спореди Лука 20:21—25; 23:1, 2; Дела 10:1, 2, 22.)

Интересно е тоа што во 1949, во еден глиб во Керобург, многу близу до Адријановиот ѕид, бил откриен еден храм на Митра. (Види ја фотографијата.) Археолозите проценуваат дека тој бил изграден околу 205 н.е. Содржи слика на еден бог на Сонцето, олтари и еден натпис на латински кој делумно наведува: „На непобедливиот бог Митра“.

[Рамка на страница 62]

Египетските богови и десетте неволји

Јехова извршил суд над египетските немоќни богови преку десетте неволји (Излез 7:14—12:32).

Неволја опис

1 Нил и другите води се претвориле во крв.

Посрамен е богот на Нил, Хапи

2 Жаби. Божицата на жабите Хект е немоќна

да го спречи тоа

3 Прашина претворена во мушички. Тот, господарот

на маѓијата, не можел да им помогне на

египетските маѓесници

4 Штркли во целиот Египет освен во Гесен

каде што живееле Израелците. Ниеден бог

не можел да го спречи тоа — па дури ни Птах,

творецот на универзумот ниту, пак, Тот,

господарот на маѓијата

5 Помор на стоката. Ниту светата божица-крава

Хатор ниту бикот Апис можеле да ја спречат

оваа неволја

6 Чиреви. Божествата исцелители Тот, Изида и

Птах не можеле да помогнат

7 Грмотевици и град. Била разоткриена немоќта

на Решпу, господарот на молњата, и Тот,

богот на дождот и грмотевицата

8 Скакулци. Тоа било удар за богот на плодноста

Мин, заштитник на посевите

9 Три дена темнина. Ра, надмоќниот бог на

Сонцето, и Хорус, соларен бог, биле посрамени

10 Смрт на првороденците, вклучувајќи го и оној

на фараонот, кој се сметал за олицетворен бог.

Ра (Амон Ра), бог на Сонцето и понекогаш

претставуван како овен, не бил способен

да го спречи тоа

[Рамка на страница 66]

Митологијата и христијанството

Кога пред речиси две илјади години на сцената стапило христијанството, обожавањето на митските богови во древна Грција и древен Рим било во полн замав. Во Мала Азија сѐ уште преовладувале грчки имиња, што објаснува зошто луѓето од Листра (денешна Турција) ги нарекле христијанските исцелители Павле и Варнава ‚богови‘, осврнувајќи се на нив како на Хермес односно Зевс, наместо како на римските Меркур и Јупитер. Извештајот вели дека ‚Зевсовиот свештеник чиј храм бил пред градот, донел бикови и венци кај портите и сакал заедно со мноштвото да принесе жртви‘ (Дела 14:8—18). Павле и Варнава едвај го убедиле мноштвото да не им принесува жртви. Тоа илустрира колку луѓето од тоа време сериозно ја сфаќале својата митологија.

[Слика на страница 42]

Планината Олимп (Грција), наводниот дом на боговите

[Слика на страница 47]

Глинена плочка со натпис на клинесто писмо кое претставува дел од Епот за Гилгамеш

[Слика на страница 50]

Анубис, бог со глава на чакал, кој мери срце-душа на левата страна од вагата во однос на Маат, божицата на вистината и правдата, која е симболизирана со еден пердув; Тот го пишува резултатот на една плочка пред да му го објави на Озирис

[Слики на страница 55]

Калчиутлике, астетска божица на слатката вода; сад во облик на був кој има вдлабнатина; се верува дека во таа вдлабнатина биле ставани жртвуваните срца

[Слика на страница 57]

Египетската тријада, од лево: Хорус, Озирис и Изида

[Слики на страница 58]

Обожавањето на Сонцето кај Инките се практикувало на Мачу Пикчу (Перу)

Интихуатана, помалата слика, „столб за врзување“ на Сонцето, можеби се користела во поврзаност со обожавањето на Сонцето на Мачу Пикчу

[Слики на страница 63]

Прикази на Хорус соколот, Апис бикот и Хект жабата. Египетските богови не можеле да ги спречат неволјите кои ги испратил Јехова, вклучувајќи го и претворањето на Нил во крв

[Слики на страница 64]

Грчки божества, одлево: Афродита, Зевс го носи Ганимед, пехарникот на боговите, и Артемида

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели