ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w92 15/1 стр. 5-8
  • Потопот во легендите на светот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Потопот во легендите на светот
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зачудувачки сличности
  • Древни легенди за Потопот
  • Легенди од Далечниот Исток
  • Американски легенди
  • Јужниот Пацифик и Азија
  • Заедничко потекло
  • Извештајот за Ное и Потопот — дали е само мит?
    Одговор на библиски прашања
  • Уништен еден цел свет!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Ное и потопот — вистина, а не бајка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Потопот — факт или бајка?
    Разбудете се! 1997
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
w92 15/1 стр. 5-8

Потопот во легендите на светот

ПОТОПОТ од Ноевите денови бил таква опустошувачка катаклизма која човештвото не ќе може никогаш да ја заборави. Околу 2 400 години подоцна, Исус Христос зборувал за него како за историски факт (Матеј 24:37-39). Овој страшен настан оставил таква неизбришлива трага врз човечкиот род што постојат легенди за него насекаде по светот.

Во книгата Myths of Creation (Митови за создавањето), Филип Фројнд проценува дека повеќе од 250 племиња и народи раскажале преку 500 легенди. Како што може и да се очекува, низ вековите, овие легенди во голема мера биле украсувани со измислени настани и личности. Меѓутоа, во сето тоа можат да се најдат некои основни сличности.

Зачудувачки сличности

Со преселувањето на луѓето од Месопотамија после Потопот ги пренесувале и извештаите за катастрофата во сите делови на Земјата. Оттаму, жителите на Азија, на островите на Јужниот Пацифик, Северна Америка, Средна Америка и Јужна Америка имаат приказни за овој импресивен настан. Многу легенди за Потопот постоеле далеку пред луѓето да бидат изложени на влијанието на Библијата. Сепак, легендите имаат некои основни обележја кои се заеднички со библискиот извештај за Потопот.

Некои легенди споменуваат насилни џинови кои живееле на Земјата пред Потопот. За споредба, Библијата укажува дека пред Потопот непослушните ангели се материјализирале во тела од месо, живееле заедно со жените, што имало за последица да се создаде род од џинови наречени Нефилими (1. Мојсеева 6:1-4, NW; 2. Петрова 2:4, 5, Бакотиќ).

Легендите за Потопот обично укажуваат дека еден човек бил предупреден за доаѓањето на поплава од божествено потекло. Според Библијата, Јехова Бог го предупредил Ное дека Тој ќе ги уништи оние кои се зли и насилни. Бог му рекол на Ное: „Крајот на секое тело пред очите Мои дојде, зашто се исполни земјата со неправда од нив; и, еве, Јас ќе ги истребам нив од земјата“ (1. Мојсеева 6:13).

Легендите во врска со Потопот воглавно укажуваат дека тој предизвикал сеопшто уништување. Слично на тоа, Библијата вели: „И се засили водата на земјата толку многу, што ги покри сите високи планини, какви што има под целото небо. Сѐ, што на суво имаше здив во ноздрите свои, изумре“ (1. Мојсеева 7:19, 22).

Повеќето легенди за Потопот велат дека еден човек го преживеал Потопот заедно со едно или повеќе други лица. Многу легенди велат за него дека нашол засолниште во чамец што самиот го изградил, и дека застанале на планина. За споредба, Библијата вели дека Ное изградил арка. Таа исто така вели: „Само Ное остана, и оние, кои беа со него во ковчегот“ (1. Мојсеева 6:5-8; 7:23). Според Библијата, после Потопот ‚се запрел ковчегот на планината Арарат‘ каде Ное и неговото семејство излегле од арката (1. Мојсеева 8:4, 15-18). Легендите исто така укажуваат дека преживеаните од Потопот започнале повторно да ја населуваат Земјата, како што покажува Библијата дека сторило семејството на Ное (1. Мојсеева 9:1; 10:1).

Древни легенди за Потопот

Имајќи ги на ум претходните мисли, да разгледаме некои легедни за Потопот. Да почнеме со Сумерците, древен народ кој ја населувал Месопотамија. Нивната верзија за Потопот била пронајдена на глинена плочка ископана во урнатините на Нипур. Оваа плочка вели дека сумерските богови Ану и Енлил одлучиле да го уништат човештвото со огромен потоп. Предупреден од богот Енки, Зиусудра и неговото семејство биле во можност да преживеат во џиновски чамец.

Вавилонскиот еп на Гилгамеш содржи многу детаљи. Според него, Гилгамеш го посетил својот предок Утнапиштим кој откако го преживеал Потопот, добил на дар вечен живот. Во разговорот кој уследил, Утнапиштим објаснил дека му било речено да изгради брод и да го земе добитокот, дивите ѕверови и своето семејство во него. Го изградил бродот во вид на огромна коцка, секоја страна долга по 60 метри и на шест ката. Тој му рекол на Гилгамеш дека олујата траела шест дена и шест ноќи, а потоа вели: „Кога дојде седмиот ден, ураганот, Потопот, ударот на битката беше скршен, кој го спопадна како војска. Морето стана мирно, циклонот замре, Потопот престана. Погледнав кон морето, звукот на гласовите беше престанал. И сето човештво беше се претворило во глина“.

Кога пловилото се приземјило на планината Нисир, Утнапиштим пуштил гулабица која се вратила на бродот откако не нашла место за одмор. Потоа пуштил ластовичка која исто така се вратила. На крајот пуштил гавран, а кога тој не се вратил, знаел дека водата се повлекла. Тогаш Утнапиштим ги пуштил животните и принел жртва.

Оваа мошне стара легенда е доста слична на библискиот извештај за Потопот. Меѓутоа, му недостасуваат сликовитите детаљи и едноставноста на библискиот извештај и не дава разумни димензии на арката ниту го наведува времето кое е означено во Писмото. На пример, во епот Гилгамеш се вели дека невремето траело шест дена и шест ноќи, додека Библијата вели дека „се лиеше дожд на земјата четириесет дена и четириесет ноќи“ — непрестаен силен дожд додека на крај не била прекриена целата планета со вода (1. Мојсеева 7:12).

И покрај тоа што Библијата споменува осуммина преживеани во Потопот, во грчката легенда преживеале само Деукалион и неговата жена, Пира (2. Петрова 2:5). Според оваа легенда, пред Потопот, Земјата била населена со насилни поединци наречени луѓе од бронза. Богот Зевс одлучил да ги уништи со голем потоп, па му наредил на Деукалион да изгради простран ковчег и да влезе во него. Кога поплавата се повлекла, ковчегот застанал на планината Парнасус. Деукалион и Пира се симнале од планината и така човештвото повторно започнало.

Легенди од Далечниот Исток

Во Индија постои легенда за Потопот во која преживеал човекот Ману. Нему му покажала наклоност една мала риба која нараснала во огромна и го предупредила на опустошувачки потоп. Ману изградил чамец, а рибата го влечела додека не го оставила на копно на една планина во Хималаите. Кога потопот се повлекол, Ману се симнал од планината и со Ида, персонификација на неговата жртва, го обновил човечкиот род.

Според кинеската потопна легенда, богот на громот им дал еден заб на две деца, Нува и Фуси. Ги поучил како да го засадат и да се засолнат во тиквата која ќе израсне од него. Од забот брзо пораснало дрво и родило огромна тиква. Кога богот на громот предизвикал пороен дожд, децата се качиле во тиквата. Иако потопот кој настанал ги удавил сите преостанати жители на Земјата, Нува и Фуси преживеале и повторно ја населиле планетата.

Американски легенди

Индијанците од Северна Америка имаат различни легенди кои ја содржат заедничката тема за потоп кој уништил сѐ освен неколку луѓе. На пример, Арикарите, Кадо народ, велат дека еднаш Земјата била населена со човечки род кој бил толку силен што ги исмејувале боговите. Богот Несару ги уништил тие џинови со помош на потоп, но го зачувал својот народ, животните и пченка во една пештера. Хавасупаи народот вели дека богот Хокомата предизвикал поплава која го уништила човештвото. Меѓутоа, човекот Точопа ја зачувал својата ќерка Пукехе така што ја ставил во еден шуплив трупец.

Индијанците во Средна и Јужна Америка имаат потопни легенди со основни сличности. Маите од Средна Америка верувале дека голема дождовна змија го уништила светот со порои од вода. Во Мексико, верзијата на Чималпопоките вели дека потоп ги преплавил планините. Богот Тезкатлипока го предупредил човекот Ната, кој издлабил еден трупец каде тој и неговата жена, Нена, нашле засолниште додека водата не се повлекла.

Во Перу, Чинчите имаат легенда за петдневен потоп кој ги уништил сите луѓе освен еден кого една лама којашто зборувала го одвела на сигурно во една планина. Ајмарите во Перу и Боливија велат дека богот Виракоча излегол од езерото Титикака и го создал светот и ненормално високи и силни мажи. Поради тоа што првиот род го гневел, Виракоча ги уништил со потоп.

Индијанците Тупинамба од Бразил зборуваат за едно време кога голем потоп ги удавил сите нивни претци освен оние кои преживеале во кануи или на врвовите од високите дрвја. Кашинауа индијанците од Бразил, Макушите од Гвајана, Карибијците од Средна Америка, и племињата Она и Јаган од Тиера дел Фуего во Јужна Америка се едни од многуте племиња кои имаат легенди за потоп.

Јужниот Пацифик и Азија

Ширум Јужниот Пацифик, легендите за потоп со неколку преживеани се вообичаени. На пример, на Самоа постои една легенда за потоп од старо време кој ги уништил сите освен Пили и неговата жена. Тие се засолниле во една карпа, а после потопот повторно ја наполниле Земјата со луѓе. На Хавајските острови, богот Кане бил вознемирен од луѓето, па испратил потоп за да ги уништи. Само Нуу побегнал во еден голем чамец кој на крајот се запрел на една планина.

На Минданао на Филипините, Атаите велат дека Земјата еднаш била покриена со вода која ги уништила сите освен двајца мажи и една жена. Ибаните од Саравак, Борнео, велат дека само неколку луѓе ја избегнале поплавата така што побегнале на највисоките ридови. Во легендите на Игоротите од Филипините, преживеале само брат и сестра така што побарале засолниште на планината Покис.

Сојотите од Сибир, Русија, велат дека една џиновска жаба, која ја потпирала Земјата, се поместила и предизвикала планетата да биде поплавена. Еден стар човек и неговото семејство преживеале на сплав што самиот го направил. Кога водата се повлекла, сплавот се запрел на една висока планина. Угријците од западен Сибир и од Унгарија исто така велат дека преживеаните употребиле сплавови, но биле однесени во различни делови од Земјата.

Заедничко потекло

Што можеме да заклучиме од овие многубројни легенди за Потопот? Иако тие во голема мера се разликуваат по деталите, сите имаат некои заеднички црти. Укажуваат на потеклото на една гигантска и незаборавна катаклизма. Наспроти живописните варијации во приказната низ вековите, нивната основна тема е како нишка која ги поврзува со еден голем настан — светскиот Потоп, раскажан во едноставниот, објективен библиски извештај.

Со оглед на тоа дека легендите за Потопот воглавно постојат помеѓу народи кои немале допир со Библијата сѐ до последниве векови, би било погрешно да се тврди дека извештајот од Писмото влијаел врз нив. Уште повеќе, The International Standard Bible Encyclopedia вели: „Универзалноста на потопните извештаи обично се зема како доказ за општото уништување на човечкиот род преку потоп (...) Освен тоа, некои од древните извештаи биле напишани од народи кои многу се спротивставувале на хебрејско-христијанската традиција“ (том 2, стр. 319). Затоа со сигурност можеме да заклучиме дека легендите за Потопот ја потврдуваат реалноста на библискиот извештај.

Бидејќи живееме во свет полн со насилство и неморал, добро ќе сториме ако го читаме библискиот извештај за Потопот кој е запишан во Битие, поглавје 6 до 8. Ако длабоко размислуваме за причината за оваа општа Поплава — вршењето на она што е зло во Божји очи — во него ќе видиме животоважно предупредување.

Наскоро сегашниов зол систем ќе доживее неповолна пресуда од Бог. За среќа, сепак ќе има преживеани. Ти можеш да бидеш помеѓу нив ако внимаваш на зборовите од апостол Петар: „Светот од [Ноевото] време претрпе уништување кога беше потопен со вода. Но со истата реч небесата и земјата кои се сега, се оставени за оган и се зачувани за денот на судот и за уништување на безбожните луѓе. (...) Бидејќи сите овие работи ќе се распаднат, какви луѓе треба да бидете во светите постапки на однесување и делата на оддаденост на Бог, очекувајќи го присуството на Јеховиниот ден и цврсто задржувајќи го на ум“ (2. Петрово 3:6-12, NW).

Дали цврсто ќе го задржиш на ум присуството на Јеховиниот ден? Ако го сториш тоа и ако постапуваш во склад со Божјата волја, ќе се радуваш на големи благослови. Оние кои на тој начин му угодуваат на Јехова Бог можат да имаат вера во новиот свет на кој се осврнува Петар кога додава: „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13).

[Слика на страница 7]

Вавилонските легенди за потоп биле пренесувани од генерација на генерација

[Слика на страница 8]

Дали внимаваш на предупредувањето од Петар така што го задржуваш Јеховиниот ден во мислите?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели