Бесмртност на душата — раѓање на доктрината
„Ниедна тема поврзана со неговиот психички живот толку не го обземала човековиот ум како онаа за неговата состојба после смртта“ („ENCYCLOPÆDIA OF RELIGION AND ETHICS“).
1-3. На кој начин Сократ и Платон ја унапредувале идејата дека душата е бесмртна?
ЕДЕН 70-годишен изучувач и учител е обвинет за безбожност и расипување на младите умови со своето учење. Иако на своето судење тој изнесува брилјантна одбрана, пристрасната порота го прогласува за виновен и го осудува на смрт. Само неколку часови пред неговото погубување, на учениците собрани околу него остарениот учител им изнесува серија аргументи за да потврди дека душата е бесмртна и дека не треба да се плашат од смртта.
2 Осудениот човек не е никој друг туку Сократ, прочуениот грчки филозоф од петтиот век пр. н. е.a Неговиот ученик Платон ги запишал овие настани во есеите Апологија и Федон. На Сократ и Платон им се припишува заслугата дека се меѓу првите кои ја унапредиле идејата оти душата е бесмртна. Но, тие не биле зачетниците на ова учење.
3 Како што ќе видиме, корените на идејата за човечка бесмртност досегаат до уште подамнешни времиња. Меѓутоа, Сократ и Платон го исполирале концептот и го преобразиле во филозофско учење, правејќи го на тој начин попривлечно за културните класи од нивното време, а и после тоа.
Од Питагора до пирамидите
4. Пред Сократ, какви биле грчките гледишта за задгробниот живот?
4 Грците пред Сократ и Платон исто така верувале дека душата живее понатаму после смртта. Питагора, славниот грчки математичар од шести век пр. н. е., сметал дека душата е бесмртна и подложна на селење. Пред него, Талес од Милет, за кој се мисли дека е најраниот познат грчки филозоф, мислел дека бесмртна душа постои не само во луѓето, животните и растенијата туку и во таквите предмети како што се магнетите, бидејќи тие можат да го движат железото. Древните Грци тврделе дека душите на умрените биле превезувани со чун преку реката Стикс до едно огромно подземно подрачје, наречено подземен свет. Таму, судиите ги осудувале душите или на мачење со затвор во високи ѕидини или, пак, на блаженство во Елизиум.
5, 6. Како гледале Персијците на душата?
5 Во Иран, односно Персија на исток, во седмиот век пр. н. е. на сцената се појавил еден пророк по име Зороастер. Тој вовел еден начин на обожавање што станал познат како зороастризам. Ова била религијата на Персиското Царство, кое доминирало на светската сцена пред Грција да стане главна сила. Зороастриските стихови велат: „Во Бесмртноста душата на Праведниот секогаш ќе биде во Радост, но душата на Лажливецот сигурно ќе биде во мачење. А овие закони ги одреди Ахура Мазда [што значи „мудар бог“] преку Својот суверен авторитет“.
6 Учењето за бесмртност на душата исто така било дел од пред-зороастриската иранска религија. Древните племиња од Иран, на пример, се грижеле за душите на покојните со тоа што им нуделе храна и облека за да им користат во подземниот свет.
7, 8. Што верувале древните Египќани во врска со тоа дека душата ја преживува смртта на телото?
7 Верувањето во живот после смртта било централно за египетската религија. Египќаните сметале дека на душата на умреното лице ќе ѝ суди Озирис, главниот бог на подземниот свет. На пример, еден папирусен документ, за кој се тврди дека е од 14 век пр. н. е., го покажува Ануб, богот на мртвите, како ја води душата на писарот Хунефер пред Озирис. Срцето на писарот, кое ја претставува неговата совест, е мерено на терезија наспроти пердувот што божицата на вистината и правдата го носи на својата глава. Тот, еден друг бог, го запишува резултатот. Со оглед на тоа дека срцето на Хунефер не е тешко од вина, тоа тежи помалку од пердувот, и така на Хунефер му е дозволено да влезе во подрачјето на Озирис и да добие бесмртност. Папирусот исто така покажува едно женско чудовиште како стои покрај терезијата, спремно да го проголта починатиот, доколку срцето не го положи испитот. Египќаните исто така ги мумифицирале своите умрени и ги сочувувале телата на фараоните во импресивни пирамиди, бидејќи мислеле дека преживувањето на душата зависи од сочувувањето на телото.
8 Според тоа, разни древни цивилизации имале едно заедничко учење — бесмртност на душата. Дали ова учење го добиле од истиот извор?
Точката за потеклото
9. Која религија извршила влијание врз древниот свет на Египет, Персија и Грција?
9 „Во древниот свет“ — вели книгата The Religion of Babylonia and Assyria — „Египет, Персија и Грција го почувствувале влијанието на вавилонската религија.“ Оваа книга понатаму објаснува: „Со оглед на раниот контакт помеѓу Египет и Вавилонија, како што е откриено со плочите од Ел-Амарна, сигурно имало изобилни прилики за влевање на вавилонските гледишта и обичаи во египетските култови. Во Персија, култот на Митра го открива непогрешливото влијание на вавилонските сфаќања . . . Изучувачите сега толку општо признаваат дека постои силна примеса од семитски елементи и во раната грчка митологија и во грчките култови, што не се потребни натамошни коментари. Овие семитски елементи во голема мера се главно вавилонски“.b
10, 11. Какво било вавилонското гледиште за животот после смртта?
10 Но, зарем вавилонското гледиште за тоа што се случува после смртта не се разликува значително од она на Египќаните, Персијците и Грците? Разгледај го, на пример, вавилонскиот Еп за Гилгамеш. Неговиот остарен херој, Гилгамеш, гонет од реалноста на смртта, тргнува во потрага по бесмртност, но не успева да ја најде. Една винарка, која ја среќава во текот на своето патување, дури го охрабрува да го искористи животот најдобро што може, бидејќи нема да го најде бескрајниот живот што го бара. Пораката на целата епика е таа дека смртта е неизбежна, а надежта во бесмртност — илузија. Дали ова покажува дека Вавилонците не верувале во задгробен живот?
11 Професорот Морис Џестроу Јуниор од Универзитетот на Пенсилванија (САД), напишал: „Ниту луѓето ниту водачите на религиозната мисла [на Вавилонија] некогаш се соочиле со веројатноста од тотално уништување на она што еднаш било создадено. Смртта [според нивно гледиште] била премин во еден друг вид живот, а негирањето на бесмртноста само ја нагласувало невозможноста од избегнување на промената во постоењето, која била предизвикана со смртта“. Да, Вавилонците исто така верувале дека животот во некој вид, во некаков облик, продолжува после смртта. Ова го изразувале со закопување на предмети заедно со умрениот, заради нивна употреба во задгробниот живот.
12-14. а) После потопот, кое било родното место на учењето за бесмртност на душата? б) На кој начин доктрината се раширила по Земјата?
12 Јасно, учењето за бесмртност на душата оди наназад сѐ до древниот Вавилон. Според Библијата, книга која го носи печатот на точна историја, градот Вавел, односно Вавилон, бил основан од Нимрод, правнук на Ное.c После глобалниот потоп од времето на Ное, имало само еден јазик и една религија. Со основањето на градот и со градењето на една кула таму, Нимрод започнал една друга религија. Библискиот извештај покажува дека после збркувањето на јазиците во Вавел, неуспешните градители на кулата се раштркале и започнале нов живот, понесувајќи ја својата религија (1. Мојсеева 10:6—10; 11:4—9). На тој начин, вавилонските религиозни учења се рашириле по лицето на Земјата.
13 Традицијата вели дека Нимрод умрел од насилна смрт. Разумно е дека, по неговата смрт, Вавилонците би биле склони високо да го почитуваат како основач, градител и прв цар на нивниот град. Со оглед на тоа дека богот Мардук (Меродах) бил сметан за основач на Вавилон, некои изучувачи сугерирале дека Мардук го претставува обоготворениот Нимрод. Ако е така, тогаш идејата дека човекот има душа што ја преживува смртта мора да била општо прифатена барем до времето на Нимродовата смрт. Како и да е, страниците на историјата откриваат дека после потопот, родното место на учењето за бесмртност на душата било Вавел, односно Вавилон.
14 Сепак, на кој начин доктрината станала централна за повеќето религии од нашево време? Следниот дел ќе го испита нејзиното навлегување во источните религии.
[Фусноти]
a Пр. н. е. значи „пред нашата ера“. Н. е. означува „нашата ера“, честопати наречена А. Д., за Ано Домини, што значи „во годината на Господ“.
b Ел-Амарна е местото на урнатините на египетскиот град Акетатон, за кој се тврди дека бил изграден во 14 век пр. н. е.
c Види Библијата — Реч Божја или човечка?, страници 37—54, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слики на страница 6]
Египетско гледиште за душите во подземниот свет
[Слика на страница 7]
Сократ аргументирал дека душата е бесмртна