Кога детството е скратено
ПОД мрачното небо, едномоторниот авион бучел додека малото летало забрзувајќи полетало од пистата. Тоа бил медиумски настан за кој се известувало на вестите, се фотографирало, а репортерите восхитено поставувале прашања и делеле комплименти во изобилство. Кој привлекол толкаво внимание? Тоа не бил ниту пилотот ниту единствениот патник во авионот — еден возрасен човек — туку ќерката на патникот. Таа имала седум години.
Со авионот требало да управува малото девојче. Тоа требало да собори некој рекорд и да следи стриктен распоред. Медиумите требало да чекаат на следната станица. Затоа, и покрај облачното време, пилотот, девојчето и татко ѝ се качиле во авионот. Детето седело на перниче за да може да гледа над таблата со инструменти и користело продолжени педали за да може со стапалата да ги достигне педалите на подот.
За жал, летот бил многу краток. Наидувајќи на една ненадејна бура, авионот го променил правецот, откажал и се срушил, при што загинале сите тројца што биле во него. Одеднаш, наместо фалба, медиумите разгласиле жалење. Некои репортери и уредници се прашувале дали и медиумите не одиграле некаква улога во таа трагедија. Многу луѓе почнале да бараат да не му се дозволи на ниедно дете да управува со авион. Во Соединетите Држави биле донесени закони во врска со ова. Но, зад сензационалноста и едноставните решенија се наѕирале подлабоки спорни прашања.
Таа трагедија навела некои луѓе сериозно да размислат за еден тренд во нашево време. Денес на децата им се скратува детството со тоа што уште на многу рана возраст се принудени пребрзо да ги преземат задачите на возрасните. Точно, последиците не се секогаш толку драматични или трагични. Но, можат да бидат длабоки и долготрајни. Да разгледаме неколку начини на кои детството може да биде скратено.
Образовани набрзина
Разбирливо е што родителите сакаат нивните деца да успеат. Но, кога таа желба ќе стане претерана, родителите можат да ги преоптоварат децата, прерано барајќи премногу од нив. Овој процес честопати започнува сосема невино. На пример, станува сѐ повообичаено родителите да ги запишуваат децата во воншколски активности, од спортови до часови по музика или балет. Честопати земаат и приватни часови.
Се разбира, не е погрешно да се развиваат талентите или интересот на детето. Но, дали постои опасност да се претера? Јасно е дека постои бидејќи некои деца имаат речиси исто толку притисоци колку што имаат и вознемирените и зафатени возрасни. Списанието Time забележува: „Децата што некогаш имале детство сега имаат наставна програма; децата што треба спонтано да ја трошат својата младешка енергија сега работат организирани како пчели“.
Некои родители се надеваат дека нивните мали деца ќе започнат со кариера на генијални спортисти, музичари или актери. Пред да им се родат децата, родителите веќе ги запишуваат во претшколски установи, надевајќи се дека ќе ги подобрат нивните изгледи за успех. Освен тоа, некои мајки се запишуваат во „предпородилни универзитети“ што нудат музичко образование за бебињата што сѐ уште се во утробата. Целта е да се стимулира нивниот мозок што е во развој.
Во некои земји децата се тестираат за да се утврдат нивните вештини во читање и математика пред да наполнат шест години. Ваквата пракса предизвикала загриженост во врска со емоционалната штета. На пример, што се случува со едно дете што „нема да положи“ во градинка? Дејвид Елкајнд, автор на книгата Скратено детство, забележува дека училиштата се склони пребрзо и прерано да ги етикетираат децата. Елкајнд тврди дека тоа го прават заради полесно управување, а не заради ефикасно поучување на децата.
Дали тоа што на децата им се врши притисок да станат способни мали возрасни пред да дојде време си има своја цена? Елкајнд е вознемирен од начинот на кој општеството ја прифатило идејата дека децата треба да се оспособат да ги носат товарите на возрасните. Тој вели: „Тоа ја одразува нашата склоност да ги прифатиме сѐ поголемите и понепопустливи стресови на денешните млади како нешто ‚нормално‘ “. Всушност, изгледа дека претставата за тоа што е нормално за децата брзо се менува.
Трка за победа
Изгледа многу родители мислат дека е нормално, па дури и препорачливо, да ги поучат своите деца дека најважно е да се победи — особено во спортот. На многу деца денес мотивација им се олимписките медали. За да уживаат во славата на оние неколку моменти победа и да си обезбедат добар живот кога ќе станат возрасни, некои деца се под притисок да си го скратат, па дури и да се откажат од своето детство.
Да размислиме за гимнастичарките. Тие започнуваат уште на многу млада возраст со строга рутина што ги става нивните мали тела под огромен стрес. Минуваат години додека тие умствено и физички се подготвуваат за олимписките натпревари. Се разбира, само неколку од нив ќе бидат победници. Дали оние што нема да успеат ќе сметаат дека вредело да жртвуваат голем дел од својата младост за да ги постигнат крајните резултати? По некое време, дури и победничките можеби ќе се посомневаат во тоа.
Во емотивен поглед, непопустливата желба да станат врвни атлетичарки може да им го скрати детството на овие девојчиња. Но, таквото ригорозно тренирање може да го спречи нивниот природен физички развој. Кај некои е спречен растот на коските. Вообичаени се проблеми со исхраната. Во многу случаи пубертетот настапува подоцна — дури и со години. Меѓутоа, многу девојчиња денес се соочуваат со еден сосема спротивен проблем: ран почеток на пубертетот. (Видете ја горната рамка.)
Деца што имаат сѐ освен детство
Ако им верувате на медиумите за забава, можеби ќе помислите дека да се има идеално детство значи да се ужива во сите можни луксузи. Некои родители многу работат за да им ја обезбедат секоја можна материјална удобност на своите деца, вклучувајќи и раскошен дом, неограничена забава и скапа облека.
Сепак, не е мал бројот на децата што пораснале на таков начин, а сепак пијат, се дрогираат и се однесуваат раздразливо, бунтовно. Зошто? Многу од нив вријат од огорченост затоа што се чувствуваат запоставени. На децата им требаат родители што ќе ги сакаат и ќе се грижат за нив. Родителите што се премногу зафатени да го прават ова можеби мислат дека работат на тоа да им обезбедат среќа на своите деца — но можеби го прават токму спротивното.
Д-р Џудит Пафази зборува за „родители што и двајцата работат, кои припаѓаат на групи со добар општествен и финансиски статус“, и вели дека тие честопати ги разгалуваат децата затоа што потсвесно сфаќаат дека за нивниот стремеж по материјални работи цената ја плаќа семејството“. Според неа, родителите во такви случаи се обидуваат „да платат за да се ослободат од обврската да бидат родители“.
Децата честопати плаќаат висока цена. Иако живеат во голем материјален луксуз, им недостигаат најважните состојки за едно убаво детство: времето и љубовта на родителите. Без водство, без дисциплина и насочување, тие прерано се соочуваат со прашањата на возрасните, со мала или никаква подготовка. ‚Дали да земам дрога? Да имам секс? Да станам ли насилен кога ќе се налутам?‘ Веројатно самите ќе си најдат одговор, и тоа од врсниците или од ликовите од телевизијата или од филмовите. Честопати резултатите од тоа му ставаат на детството ненадеен, па дури и трагичен крај.
Да се биде другиот „возрасен“
Кога некое семејство со двајца родители одеднаш ќе стане семејство со еден родител, независно од тоа дали причината е смрт, одвојување или развод, децата честопати страдаат емоционално. Се разбира, многу семејства со еден родител добро се снаоѓаат. Но, кај некои, на децата им се скратува детството.
Се разбира, некој самохран родител понекогаш може да биде осамен. Но, како резултат на тоа, некои му дозволуваат на детето — обично на најстарото — да ја преземе улогата на другиот „возрасен“ во семејството. Понекогаш родителот, можеби поради очај, му се доверува на помладиот син или ќерка, оптоварувајќи го детето со проблеми што тоа не е спремно да ги носи. Некои самохрани родители стануваат премногу зависни од детето во емоционален поглед.
Други родители сосема креваат раце од своите одговорности, присилувајќи го на тој начин детето да ја преземе улогата на возрасен во семејството. Кармен и сестра ѝ, спомнати претходно, побегнале од таквата ситуација кога почнале да живеат на улица. Додека и самите биле деца, тие биле ставени во ситуација да им бидат родители на помладите браќа и сестри. Товарот бил потежок отколку што можеле да носат.
Без сомнение, да им се скрати детството на децата е опасна практика што треба да се избегнува ако е воопшто можно. Но, има добра вест: Возрасните можат да преземат позитивни чекори за да се погрижат нивните деца да уживаат во своето детство. Кои се тие чекори? Да испитаме некои одговори што го положиле испитот на времето.
[Рамка на страница 6]
Предизвиците на раниот пубертет
Дали во денешно време девојчињата порано влегуваат во пубертет? Меѓу научниците се води полемика околу ова прашање. Некои велат дека во средината на 19 век, просечната возраст на која почнувал пубертетот кај девојчињата била 17 години, додека денес е под 13 години. Според едно истражување што било спроведено меѓу 17.000 девојчиња во 1997 година, околу 15 проценти од девојките од бела раса и 50 проценти од девојките со африканско-американско потекло во Соединетите Држави ги покажуваат првите знаци на пубертет на возраст од осум години! Меѓутоа, некои лекари ги оспоруваат овие откритија и ги опоменуваат родителите да не го прифаќаат толку раниот развој како нешто „нормално“.
Како и да е, оваа ситуација претставува предизвик и за родителите и за децата. Списанието Time коментира: „Освен физичките промени, уште повеќе загрижува потенцијалниот психолошки ефект на прераниот сексуален развој кај децата што треба да читаат бајки, а не да се бранат од волци . . . Детството и така и така е премногу кратко“. Во оваа статија се поставува следново загрижувачко прашање: „Ако телото ги турка младите девојки во возрасна доба пред нивните срца и мисли да бидат спремни за тоа, што ќе биде изгубено засекогаш?“
Честопати, она што е изгубено е невиноста — преку сексуално искористување. Една мајка отворено вели: „Девојките што изгледаат позрело за нивна возраст се како мед [за пчелата]. Тие привлекуваат постари момчиња“. Цената што ја плаќаат затоа што се под притисок да станат сексуално активни на рана возраст е висока. Една млада девојка може да ја изгуби самопочитта, чистата совест, па дури и физичкото и емоционалното здравје.
[Слика на страница 5]
Пренатрупаните распореди можат да водат до проблеми
[Слика на страница 7]
Ако се врши притисок врз децата да имаат претеран натпреварувачки дух, спортовите и игрите повеќе нема да бидат забавни
[Слика на страница 7]
Материјалните поседи не се замена за добар родител