Кога детството е ценето
ДОБРОТО детство многу зависи од доброто родителство. Но, што значи тоа да се биде добар родител? Веројатно сте чуле совети на таа тема. Посветете им време на децата. Слушајте кога зборуваат. Дајте им здраво водство. Соживувајте се со нив — делете ги нивните радости и болки. Бидете им вистински пријател без да се откажете од својот авторитет како родител. Се разбира, ваквите често повторувани начела ќе им помогнат на родителите добро да си ја завршат работата. Но, има нешто уште поосновно и поважно што мора да дојде на прво место.
Милиони родители во целиот свет утврдиле дека следењето на библиските начела е клуч за да се биде добар родител. Зошто? Затоа што мудриот Автор на Библијата, Јехова Бог, е оној што го основал семејното уредување (Битие 1:27, 28; 2:18—24; Ефешаните 3:15). Според тоа, неговата инспирирана Реч е најдобро место за да се бара водство во поглед на воспитувањето на децата. Но, како може една толку стара книга како што е Библијата да фрли светлина врз денешната тенденција да се им се скрати детството на децата? Да разгледаме неколку библиски начела што важат на ова поле.
„Според чекорот на децата“
Јаков, синот на Исак, бил татко на повеќе од 12 деца. Во Библијата се запишани неговите мудри зборови во врска со едно патување на неговото семејство: „Децата се кревки . . . Мојот господар [Исав, постариот брат на Јаков] нека оди пред својот слуга, а јас ќе одам полека . . . според чекорот на децата“ (Битие 33:13, 14).
Јаков знаел дека неговите деца не се мали возрасни луѓе. Тие биле „кревки“ — помали, понежни и со поголеми потреби од возрасните луѓе. Наместо да ги присилува децата да патуваат со неговиот чекор, тој го забавил чекорот за да се усогласи со нивниот. Во овој поглед тој ја одразил мудроста што ја покажува Бог кон своите човечки деца. Нашиот Татко ги знае нашите ограничувања. Тој не очекува од нас повеќе отколку што е разумно (Псалм 103:13, 14).
Дури и некои животни одразуваат таква мудрост, бидејќи Бог ги направил „инстинктивно мудри“ (Пословици 30:24, NW). На пример, природонаучниците забележале дека едно цело стадо слонови ќе го усогласи својот чекор со чекорот на некое мало слонче што е меѓу нив, и ќе се движи полека сѐ додека слончето почне да оди во чекор со другите.
Некои сегменти на современото општество ја изгубиле од вид Божјата мудрост. Но, тоа не мора да го направите и Вие. Имајте на ум дека Вашето дете е ‚кревко‘ — не може да ги носи товарите и одговорностите на возрасните. На пример, ако сте самохран родител и имате некој тежок личен проблем и се наоѓате во искушение да му се доверите на своето дете, спротивставете ѝ се на таквата силна желба. Наместо тоа, побарајте некој зрел возрасен пријател што може да Ви помогне да излезете на крај со проблемот — по можност некој што ќе Ви помогне да ги примените мудрите совети од Библијата (Пословици 17:17).
Слично на тоа, не дозволувајте темпото во животот на Вашето дете да стане толку брзо, толку испланирано или толку строго организирано што ќе му ја истисне од животот сета младешка забава. Одете со чекор што е соодветен за Вашето дете, а не со чекор што ропски го следи темпото на денешниот свет. Библијата мудро советува: „Не дозволувајте светот околу вас да ве притисне во својот калап“ (Римјаните 12:2, Phillips).
‚Сѐ има свое време‘
Едно друго мудро библиско начело гласи: „Сѐ има свое доба, и секоја работа под небото свое време“. Се разбира, има време кога се работи. Децата треба да завршат многу работи — вклучувајќи и учење, помагање дома и духовни активности. Меѓутоа, во истиот библиски стих стои дека има и „време за смеење“ и „време за играње“ (Проповедник 3:1, 4).
Децата имаат посебна потреба да играат, да се смеат, да ја трошат својата младешка енергија на еден релативно безгрижен начин. Ако секој момент им е исполнет со училишни, со воншколски активности и со други сериозни одговорности, тогаш нивната потреба за игра ќе остане незадоволена. Тоа, пак, може да биде причина да станат раздразливи, па дури и малодушни (Колошаните 3:21).
Да разгледаме како да го примениме истото библиско начело и на други начини. На пример, бидејќи има време за сѐ, зарем тоа не покажува дека детството е време кога треба да се биде дете? Веројатно ќе одговорите потврдно, но Вашите деца можеби нема секогаш да се согласат со тоа. Многу често, малите момчиња и девојчиња сакаат да го прават она што гледаат дека го прават возрасните. На пример, девојчињата можеби се на искушение да се облекуваат и да се дотеруваат како да се жени. Раниот почеток на пубертетот може да го зголеми притисокот што го чувствуваат да изгледаат постари.
Мудрите родители ја гледаат опасноста од таквата тенденција. Некои реклами и облици на забава во овој деградиран свет ги претставуваат децата како добро запознати со сексот и како предвреме созреани. Шминката, накитот и провокативното облекување се сѐ повообичаени меѓу малите. Но, зошто од децата да се прави поголемо искушение за перверзните луѓе што сакаат сексуално да ги искористуваат? Помагајќи им на децата да се облекуваат на начин што е соодветен за нивната возраст, родителите применуваат уште едно библиско начело: „Умниот човек го забележува злото и се засолнува“ (Пословици 27:12).
Уште еден пример: Ако се дозволи спортот да стане главен приоритет на детето, тоа може да води до неурамнотежен живот, во кој повеќе ќе нема свое време за сѐ. Библијата мудро советува: „Телесното вежбање е корисно за малку; а побожната оддаденост е корисна за сѐ, зашто има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ (1. Тимотеј 4:8).
Не дозволувајте Вашите деца да го стекнат ставот „најважно е да се победи“. Многу родители ја одземаат сета забава од спортовите и од игрите терајќи ги своите деца да имаат претерано натпреварувачки дух, да победат по секоја цена. Затоа, некои деца се чувствуваат наведени да мамат, па дури и да ги повредуваат другите играчи само за да победат. Сигурно дека никогаш не вреди да се победи по таа цена!
Да се научи самосовладување
На децата честопати им е тешко да научат дека има свое време за сѐ. Ним не им е лесно стрпливо да чекаат кога сакаат нешто. Што е уште полошо, изгледа дека човечкото општество е решено да ги задоволува желбите на брз начин. Медиумите за забава честопати ја пренесуваат пораката: „Земи што сакаш и тоа веднаш!“
Не им попуштајте на таквите влијанија со тоа што ќе ги разгалувате и во сѐ ќе им угодувате на своите деца. „Способноста да се одложи задоволувањето на желбите е еден важен аспект од емоционалната интелигенција“, вели книгата The Child and the Machine (Детето и машината). „Самодисциплината и хармонијата со околината се силен противотров на сѐ поголемото насилство меѓу децата во и надвор од училиштето“. Библијата го содржи ова корисно начело: „Кој го разгалува својот слуга од неговата младост, подоцна тој ќе стане неблагодарник“ (Пословици 29:21, NW). Иако овој стих директно се однесува на односот со младите слуги, многу родители утврдиле дека истото начело многу им користи и на нивните деца.
Потребата на децата од она што Библијата го нарекува ‚дисциплина и Јеховино умствено насочување‘ е една од нивните најголеми потреби (Ефешаните 6:4). Дисциплината полна со љубов им помага на децата да стекнат особини како што се самосовладување и стрпливост. Овие особини ќе им помогнат да бидат среќни и да водат исполнет живот.
Кога нема да постои ниедна закана за детството
Но, можеби ќе се прашате: ‚Дали мудриот Бог полн со љубов, кој ги инспирирал овие корисни начела, навистина имал намера нашиот свет да биде ваков каков што е сега? Дали сакал децата да растат во свет што честопати е повеќе опасен отколку грижлив?‘ Може да Ве утеши сознанието дека Јехова Бог и неговиот Син, Христос Исус, имаат нежна љубов кон човештвото, вклучувајќи ги и децата на секоја возраст. Наскоро тие ќе ги отстранат од земјата сите злобни луѓе (Псалм 37:10, 11).
Дали би сакале да имате претслика за тој мирољубив, среќен период? Само замислете си ја оваа сцена, која на прекрасен начин е опишана во Библијата: „Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води“ (Исаија 11:6). Во свет во кој толку често детството се уништува или безмилосно се скратува, колку само е утешно да се знае дека Бог ветува таква светла иднина за човештвото на земјата! Јасно, Творецот има намера детството да не биде ниту изгубено ниту скратено — само среќно и ценето.
[Слика на страница 8]
Наместо да им ги натоварувате личните проблеми на своите деца, доверете му се на некој друг возрасен
[Слика на страници 8 и 9]
Децата имаат потреба од игра