Младите прашуваат . . .
Како да се справам со предизвиците од тоа што сум посвоено дете?
„Всушност, не знам ништо за моите биолошки родители и тоа многу ме вознемирува“ (Барбара, 16 години).
„Немам никаква претстава за тоа каде точно сум роден или кои ми се родители. Понекогаш ноќе размислувам за тоа“ (Мат, 9 години).
„Кога ќе се скарам со татко ми и мајка ми мислам дека моите ‚вистински‘ родители можеби ќе имаа повеќе разбирање. Не е фер што мислам така и никогаш не сум им кажал за тоа“ (Кинтана, 16 години).
БЕЗ сомнение — може да биде предизвик да се живее како посвоено дете. Не е мал бројот на млади што се борат со чувства слични на оние опишани погоре. Мнозина се прашуваат дали треба да откријат кои се нивните биолошки родители или, пак, се прашуваат дали животот би им бил посреќен со нив. Но, тоа не се единствените предизвици.
Во претходната статија од оваа рубрика дискутиравме за неколку негативни претпоставки на некои млади што биле посвоени.a За да најдеш радост во животот иако си посвоено дете, неопходно е да се избориш со таквите обесхрабрувачки мисли. Но, кои се некои други предизвици што можат да се појават и како можеш да преземеш некои практични чекори за да се справиш со нив?
Дали ми се „вистински“ родители?
Тринаесетгодишниот Џејк вели дека порано многу размислувал за својата биолошка мајка. Поради тоа имал проблеми со родителите што го посвоиле. Тој си спомнува: „Секогаш кога ќе се налутев, ќе речев: ‚Ти не си ми вистинска мајка — не смееш да ме казнуваш така!‘ “
Како што можеш да видиш, Џејк морал да се справи со едно сериозно прашање: Која била неговата „вистинска“ мајка? Ако си посвоено дете, можеби се бориш со истото прашање, особено ако размислуваш дали твоите биолошки родители можеби ќе постапуваа со тебе подобро отколку родителите што те посвоиле. Но, дали самата биологија — процесот на раѓање — е единственото нешто што може да ги направи луѓето „вистински“ родители?
Втората мајка на Џејк не мислела така. Џејк вели: „Мајка ми ќе речеше: ‚Да, јас сум твојата вистинска мајка. Иако имаш родена мајка, сега јас сум ти вистинска мајка‘ “. Кога возрасните ќе земат некое дете во својот дом и ќе ја прифатат одговорноста да му обезбедат кров над глава, да го хранат и да го подигаат, грижејќи се за потребите на детето, тие му стануваат „вистински“ родители (1. Тимотеј 5:8). Веројатно така гледаат на тоа и надлежните органи во земјата каде што живееш. А како гледа Бог на оваа работа?
Да го разгледаме можеби најпрочуениот случај на посвојување во историјата — случајот на Исус Христос. Исус не бил биолошки син на дрводелецот Јосиф, но сепак Јосиф го посвоил детето како да е негово (Матеј 1:24, 25). Додека Исус растел, дали се бунел против авторитетот на Јосиф? Напротив, Исус сфатил дека Божја волја е да му биде послушен на својот втор татко. Исус бил добро запознаен со еден закон што Јехова им го дал на децата во Израел. Кој бил тој закон?
Почитувај ги татка си и мајка си
Писмото им вели на децата: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (Второзаконие 5:16). Зборот „почитувај“ честопати се користи во Библијата за да се укаже на почит, ценење и обѕир. На твоите законски старатели можеш да им покажеш таква почит на тој начин што ќе бидеш љубезен со нив, ќе го почитуваш нивното достоинство, ќе го сослушаш нивното гледиште и ќе бидеш спремен да ги исполниш разумните барања што ти ги поставуваат.
Но, што ако во некои прилики ти се чини дека твоите втори родители се неразумни? Се разбира, такво нешто ќе се случи. Сите родители се несовршени, сеедно дали те посвоиле или ти се биолошки родители. Поради нивните недостатоци, послушноста може да ти претставува вистински предизвик. Исто така, не изненадува тоа што во тие моменти си склон да се сосредоточиш на твојот статус на посвоено дете и да се прашуваш дали заради тоа имаш малку помала обврска да бидеш послушен. Но, дали тоа навистина е така?
Ќе ти биде од помош да размислиш малку за околностите на Исус. Сети се, тој бил совршен (Евреите 4:15; 1. Петрово 2:22). Но, неговиот татко што го посвоил не бил совршен, а не била совршена ниту неговата биолошка мајка. Според тоа, сосема веројатно имало моменти кога Исус можел да види дека неговите родители не биле во право. Дали се бунел против несовршеното поглаварство на Јосиф или поради пропустите во водството што му го давала мајка му, Марија? Не. Библијата ни кажува дека, додека Исус растел, ‚им останал подложен‘ на своите родители (Лука 2:51).
Според тоа, кога ти и твоите втори родители имате различни мислења, можеби си уверен дека тие не се во право. Но, мора да признаеш дека и ти си несовршен. Затоа, секогаш постои можноста дека ти не си во право. Како и да е, зарем не е најдобро да го следиш примерот на Исус? (1. Петрово 2:21). Тоа ќе ти помогне да бидеш послушен. Но, има една уште поголема причина зошто да им бидеш послушен на родителите.
Библијата вели: „Вие деца, бидете им послушни на своите родители во сѐ, зашто тоа е угодно во Господ“ (Колошаните 3:20). Да, кога си послушен, го радуваш твојот небесен Татко (Пословици 27:11). Исто така, тој сака да се научиш на послушност затоа што сака и ти да бидеш среќен. Неговата реч ги охрабрува младите да бидат послушни, додавајќи: „За да ти биде добро и да останеш долго на земјата“ (Ефешаните 6:3).
Зајакни ја врската со твоите втори родители
Добриот однос со твоите втори родители вклучува многу повеќе од почит и послушност. Веројатно сакаш топла семејна атмосфера полна со љубов. Твоите втори родители имаат одговорност да создадат таква атмосфера. Но, и ти можеш да одиграш важна улога во тоа. Како?
Прво, барај начини да се зближиш со родителите. Прашувај ги за нив, за нивниот живот, за тоа што ги интересира. Побарај од нив совет за некој проблем што те измачува, избирајќи време кога се опуштени и приемливи (Пословици 20:5). Второ, барај начини да дадеш свој дел за да функционира вашиот дом, на пример, така што ќе помагаш дома без да те тераат сосила.
Но, што е со твоите биолошки родители? Ако одлучиш да ги побараш или ако тие одлучат да те побарат тебе, дали тоа по секоја цена ќе ја загрози врската со твоите втори родители? Во минатото, агенциите за посвојување честопати одбивале да даваат информации што ќе им помогнат на биолошките родители да го најдат детето што го дале на посвојување, и обратно. Денес, пристапот по тоа прашање во некои земји е поотворен и многу посвоени деца се нашле лице в лице со биолошките родители на кои воопшто не се сеќаваат. Се разбира, во местото каде што живееш ти можеби тој пристап е поинаков.
Како и да е, лична одлука е дали да ги побараш твоите биолошки родители или не, и можеби таа одлука нема да биде лесна. Посвоените младинци имаат најразлични чувства во врска со тоа прашање. Некои копнеат да ги најдат своите биолошки родители; други одлучиле да не ги бараат. Меѓутоа, може да се чувствуваш сигурен затоа што многу посвоени младинци стапиле во контакт со своите биолошки родители без да го изгубат цврстиот однос што го имаат со родителите што ги посвоиле.
Побарај совет од твоите втори родители, па дури и од зрелите пријатели во христијанското собрание (Пословици 15:22). Внимателно одмери ги своите опции и остави да помине малку време пред да преземеш нешто. Во Пословици 14:15 стои: „Умниот внимава на својот чекор“.
Ако одлучиш да се обидеш да воспоставиш контакт со твоите биолошки родители, настојувај да ги увериш твоите втори родители во твојата постојана љубов и почит. На тој начин, додека постепено ги запознаваш оние што те родиле и те дале на посвојување пред многу време, ќе ја задржиш цврстата врска со родителите што те подигнале и воспитале.
Зајакни ја врската со твојот небесен Татко
Многу посвоени млади се борат со стравот да не бидат напуштени. Се плашат да не го изгубат своето второ семејство како што некогаш го изгубиле своето биолошко семејство. Таквиот страв е сосема разбирлив. Сепак, сети се на овие мудри зборови: „Во љубовта нема страв, но совршената љубов го истерува стравот“ (1. Јованово 4:18). Не дозволувај со тебе да завладее морбиден страв дека ќе ги изгубиш оние што ги сакаш. Наместо тоа, зајакни ја љубовта кон другите, вклучувајќи ги и сите од твојот дом. Но, над сѐ, зајакни ја твојата љубов кон твојот небесен Татко, Јехова Бог. Тој е совршено достоен за доверба и никогаш не ги напушта своите верни деца. Тој може да го смири твојот страв (Филипјаните 4:6, 7).
Катрина, која била посвоена како дете, вели дека тоа што ја чита Библијата многу ѝ помага повеќе да му се приближи на Бог и да води среќен и смисловен живот. Таа вели дека блискиот однос со Јехова „е толку важен затоа што нашиот небесен Татко знае како ни е“. Омилен стих на Катрина е стихот од Псалм 27:10, каде што стои: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Зошто мора да сум посвоено дете?“ во изданието на Разбудете се! од 8 август 2003.
[Слика на страница 30]
Барај начин да се зближиш со родителите што те посвоиле