Младите прашуваат . . .
Како да ја пребродам ненадејната трагедија?
„Зошто терористите мораа да ја убијат мајка ми?“ (Кевин).a
„[Пред 11 септември] ги сакав тунелите. Сега си замислувам како умирам во тунел што експлодира“ (Питер).
МАЈКА МУ на Кевин беше убиена на 11 септември 2001, кога беше нападнат Светскиот трговски центар во Њујорк Сити. Питер не доживеал слична ужасна загуба, но сепак бил многу потресен од тие настани.
Еден извештај од вестите вели: „Илјадници деца што живеат во Њујорк имаат психички проблеми поврзани со [нападите на] 11 септември. Во многу случаи тие проблеми ќе потраат до зрелоста“. Алармантно е тоа што знаци за емоционални трауми биле „исто толку присутни кај децата што не биле во близина на местото на настанот колку што биле присутни и кај децата што биле очевидци на нападите“.b
Истото може да се рече и за други трагедии, како што се самоубиствените бомбардирања во Израел и престрелките на други места. Во врска со таквите престрелки, еден стручњак за последиците од трауми рекол: „Дури и ако [децата] живеат на оддалеченост од 2.000 милји од местото, овие настани можат сепак да ја зголемат [нивната] вознемиреност“.
Која е причината за тоа? Кога ќе се случат катастрофални настани, младите се изложени на поплава од многу живи извештаи во медиумите. Постојано се повторуваат ужасни слики на терористички бомбардирања, престрелки на училиште и природни катастрофи, и затоа на многу млади им е тешко да ги избришат тие слики од мислите. Не изненадува што едно истражување кое го спроведе Комисијата за образование во Њујорк Сити откри: „Шест месеци откако се урна Светскиот трговски центар, 76 проценти од 8.266 ученици во државните училишта сѐ уште често мислеле на терористичките напади“.
Живееме во она што Библијата го нарекува „страшни времиња“ (2. Тимотеј 3:1—5, New International Version). Како можеш да ги пребродиш ужасните трагедии?c
Зошто се случуваат лоши работи
Еден начин да се справиш со емоциите што те преплавуваат е да ги подбудиш своите „способности за јасно размислување“ (2. Петрово 3:1). Обиди се да гледаш на работите разумно, од Божја гледна точка. На пример, можеби ќе треба да се потсетиш дека многу трагедии едноставно се резултат на „времето и непредвидените настани“ (Проповедник 9:11, NW). Исус Христос дал пример за ова кога зборувал за уривањето на една кула во Силоам. Во таа локална несреќа загинале 18 луѓе. Меѓутоа, Исус јасно кажал дека жртвите не биле казнети од Бог. Тие умреле едноставно затоа што се нашле на погрешно место во погрешно време (Лука 13:1—5). Ако размислуваш за овој факт, тоа може да ти помогне реално да гледаш на катастрофите.
Јасното размислување исто така ќе спречи да станеш ‚лут на Јехова‘ и да го обвинуваш за тажните настани (Пословици 19:3, NW). Далеку од тоа да ги предизвикува нашите проблеми, Јехова е „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Кога ќе се случат трагедии, треба да му се приближиме — а не гневно да се оддалечиме од него. Размислувај за библиските зборови од Јаков 1:13: „Никој, кога е во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“.d
Еден трагичен настан што се случил пред многу векови на Блискиот Исток може да ни послужи да ја илустрираме оваа мисла. Библијата ни кажува дека единствениот преживеан во таа катастрофа известил: „Божји оган удри од небото, ги изгоре твоите овци и пастири и ги проголта“ (Јов 1:16). Каква ужасна несреќа! Тој престрашен човек очигледно мислел дека Бог бил виновен за неа. Сепак, Бог не бил виновен. Јов 1:7—12 открива дека огнот не го испратил Бог туку Божјиот Непријател — Сатана Ѓаволот!
Тоа било една несекојдневна ситуација: Јехова му дал на Сатана посебна дозвола да го испита интегритетот на Јов. Но, немој да заклучиш дека Сатана е директно одговорен за природните катастрофи како што се бурите и поплавите.e Сепак, Библијата вели дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Затоа, тој може да користи човечки застапници за да предизвика пустош и уништување.
Меѓутоа, не треба да се чувствуваме беспомошно. Да разгледаме уште една случка, запишана во Библијата во 1. Самоил 22:12—23. Таму дознаваме за злобниот масакр на една група верни свештеници и нивните семејства. Несомнено и Сатана одиграл некаква улога во поттикнувањето на злобниот цар Саул да го изврши тој свиреп чин. Меѓутоа, верниот Давид, кој подоцна и самиот станал цар, го напишал 52. Псалм, во кој изразил доверба дека Бог ќе ги уништи злобните што биле виновни за таа несреќа (Псалм 52:5).
Слично и денес, можеш да бидеш уверен дека Бог нема засекогаш да ги толерира убиствата и насилничките постапки на кои поттикнува Ѓаволот. Библијата, всушност, ветува дека Бог наскоро ќе го употреби својот Син, Исус, „да ги разбие делата на Ѓаволот“! (1. Јованово 3:8). На крајот нема да остане никаква трага од штетата што ја направил Сатана. Преку воскресение, Бог може дури и да ги врати во живот оние што умреле во трагичните чинови на насилство или тероризам (Дела 24:15).
Практични начини да ја пребродиш трагедијата
Оваа библиска надеж може да ти помогне да не дозволиш да те обземе страв. Но, можеш да преземеш и некои практични чекори. На пример, забележи го библиското начело од Пословици 12:25. Само ако им ги кажеш своите чувства на другите ќе можеш да го добиеш „добриот збор“ на охрабрување. Тоа ќе ти помогне и да сфатиш дека не си сам во тие тешки моменти. Затоа, ако си многу потресен, обиди се отворено да зборуваш со твоите родители или со некој зрел член на христијанското собрание.f
Друг предлог: Немој претерано да гледаш живописни извештаи на трагичните настани што се прикажуваат во медиумите. Со тоа само ќе ти биде потешко да ги избришеш од мислите вознемирувачките слики (Псалм 119:37).
Дали си христијанин? Ако да, држи се за твојата рутина на христијански активности (Филипјаните 3:16). Во таквите активности спаѓа и тоа да присуствуваш на состаноците заедно со сохристијаните и да им зборуваш на другите за својата вера (Евреите 10:23—25). Тоа ќе ти помогне да не се задржуваш постојано на негативни мисли. Ако се изолираш, тоа само ќе ти наштети — емоционално и духовно (Пословици 18:1, NW).
Во секоја стресна ситуација особено ќе ти биде од помош да продолжиш секојдневно да ја читаш Библијата. Мајката на една девојка по име Лорен умирала од рак. Забележи како се справила Лорен со оваа трагична ситуација: „Се сеќавам дека ја прочитав книгата Јов неколку пати во текот на тие тешки моменти. И книгата Псалми ми даде голема утеха. Додека ги читав утешните зборови од Писмото, чувствував како Јехова да ме прегрнува“. Сестра ѝ Мишел исто така си спомнува: „Ако некој ден пропуштев да ја читам Библијата, го чувствував тоа. Умот автоматски ми се враќаше на негативни мисли. Тоа што ја читав Библијата ми ја даде духовната храна што ми беше потребна за да го издржам секој ден“.
Ако си доживеал загуба — особено ако ти умрел некој сакан — многу можеш да се утешиш ако ја прочиташ брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш.g Одвој си време да ги прочиташ и да медитираш за сите наведени стихови. Исто така, медитирај и за надежта во воскресение. „Дословно си ја замислував мајка ми како се враќа за време на воскресението“, вели Лорен. „Си замислував дека ја слушам како вели: ‚Се вратив. А што зготвивте за вечера?‘ Тоа ќе ми измамеше насмевка“.
Тоа што ќе се потпираш на Јехова во молитва исто така може да ти ја даде силата што ти е потребна за да ги поднесеш најстрашните трагедии. Лорен се сеќава: „Бев во собата кога мајка ми почина. Веднаш му се помолив на Јехова да ми даде сила да издржам и да го поднесам сето тоа. И веднаш го почувствував Божјиот мир“. Биди конкретен во твоите молитви до Јехова. Точно кажи му како се чувствуваш. „Излевајте ги срцата пред Него“, поттикнува псалмистот (Псалм 62:8).
Како што минува времето, неволјите на земјата најверојатно ќе се зголемуваат (2. Тимотеј 3:13). Сепак, Библијата ветува: „Злосторниците ќе бидат сотрени . . . Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:9—11, 29). Ако се држиш цврсто за оваа надеж, тоа ќе ти помогне успешно да се справиш со трагедиите кога ќе се случат.
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Според стручњаците за ментално здравје, некои од тие симптоми можат да бидат емоционална затапеност, ноќни кошмари, изолираност, престанување со нормалните активности и чувства на вина и гнев.
c Иако во оваа статија конкретно се зборува за трагедии што се од широки размери, советите можат да се применат и за личните трагедии, како што е загубата на некој сакан.
d За дискусија за тоа зошто Бог го допушта злото, види 7. поглавје од книгата Обожавај го единствениот вистински Бог, издадена од Јеховините сведоци.
e Види „Прашања од читателите“ во англиското издание на Стражарска кула од 1 декември 1974.
f Во случаи на многу голема емоционална болка или депресија, веројатно ќе биде потребна медицинска помош.
g Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 20]
Ќе биде мудро да не се изложуваш премногу на потресните слики што се прикажуваат во медиумите