Барселона — музеј на бои и стилови под ведро небо
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ЗАМИСЛЕТЕ СИ за момент дека се шетате низ некоја пространа уметничка галерија. Можат да се видат бројни дела што веднаш ќе Ви го пленат вниманието и фантазијата. Каде и да погледнете, очите Ви ги привлекува бескрајна разновидност од необични облици, форми и бои што Ве оставаат без здив. Меѓутоа, оваа изненадувачка уметничка колекција не е сместена во некоја зграда или палата. Градот Барселона е овој огромен уметнички музеј под ведро небо — а особено забележителен е Куадрат д’Орa (Златниот кварт). Уметничките дела што се изложени не се слики ниту скулптури туку самите згради. Тие му нудат на посетителот една извонредна разновидност од стилови и декорации.
Сместена на североисточниот медитерански брег на Шпанија, само 160 километри јужно од француската граница, Барселона веројатно има најмногу европски карактеристики од сите други шпански градови. Во изминативе стотина години, таа стана синоним за архитектонски иновации и за уметнички стил.
И покрај повремените освојувања од страна на Римјаните, Визиготите, Маварите и Франките, Барселона прераснала во трговски центар. Во 14 век, овој град станал најважен индустриски град и пристаниште на Медитеранот. Готските згради и катедралата, кои денес се наоѓаат на истакнато место во срцето на градот, датираат уште од тој век. Величественоста на готската архитектура 1), во која се применувале усовршени и софистицирани техники на градба, сведочи за богатството и напредокот што го уживала Барселона во тој период.
Во 16 век, Шпанија го свртела своето внимание кон Запад, бидејќи трговијата со колониите носела поголема добивка. Но, со почетокот на индустриската револуција во 19 век, Барселона станала престолнина на шпанската текстилна индустрија и градот повторно доживеал процвет.
Се раѓа еден нов град
Брзиот напредок во 19 век му донел на овој град и богатство и извесни проблеми. Населението на Барселона нагло се зголемило во втората половина на тој век, но површината на градот не се зголемила. Морало да се стори нешто за да се реши проблемот со пренаселеноста. Градежниот инженер Илдефонс Серде добил задача да направи план за да се урбанизира околниот простор и да се прошири градот.
Планот на Серде, направен во 1859, бил наречен Л’Исхемпле, односно проширување, и денес така е наречен централниот дел на овој град. Според неговиот план, требало да се формира една вкрстена мрежа од улици со дрвореди и станбени блокови во облик на квадрати, кои биле подредени во речиси совршена симетрија. Требало да се издигне една нова, величествена, поздрава Барселона.
Градот почнал многу брзо да расте во склад со планот на Серде. Секој блок згради бил проектиран на посебен начин, што на посетителите денес им дава прилика да гледаат архитектонски градби со посебен шарм, разновидност и убавина. Биле вметнати и стилски авении и булевари. Роберт Хју, во својата книга Barcelona, пишува дека Л’Исхемпле ‚е една од најинтересните урбанистички површини во Европа поради архитектурата што ја содржи‘.
Поради сѐ поголемиот напредок на Барселона, таа била град-домаќин на Светската изложба во 1888. Арк де триомф 2) (Триумфалната порта) која се наоѓа во близина на центарот на градот, била изградена во спомен на тој важен настан. Меѓутоа, овој необичен споменик сведочи и за појавата на едно уметничко движење што ја направи Барселона нешто посебно меѓу градовите во светот.
Нова уметност што го разубавува градот
Во почетокот на 20 век, арт нуво — декоративен уметнички стил инспириран од природните облици — почнал да цвета низ Европа и Соединетите Држави.b Барселона имала пари да инвестира, бил подготвен урбанистички план за градби со кои ќе се прошири градот, а имала и иновативни архитекти што едвај чекале да почнат да експериментираат. Така, арт нуво му го дал на градот неговиот уникатен изглед. Антонио Гауди (1852—1926) бил најистакнат претставник на новиот уметнички правец и тој оставил неизбришлив белег врз урбанистичкиот изглед на Барселона.
Во Барселона можат да се најдат повеќето од најубавите примери на делата на Гауди, а неколку од нив се наоѓаат на списокот на зградите на Светското културно наследство. Истакнат пример за тоа е Каса Мила 3), односно Ла Педрера, која се наоѓа на Пасех де Грасија во близина на центарот на градот. Во оваа градба на ниедно место не можат да се најдат прави ѕидови. Брановидната фасада изгледа како да е издлабена во песочник. Однадвор ја красат огради од ковано железо што личат на букет од листови и на грмушки. Внатре, искривените тавани и столбови имаат секакви можни облици.
Друг брилијантен пример за генијалноста на Гауди е Каса Батељо 4), која исто така се наоѓа на Пасех де Грасија. Од 1904 до 1906, Гауди преуредил една зграда што била сопственост на Хозеп Батељо и Казановас, еден богат индустријалец. Овој архитект проектирал куќа што изгледала како да била земена од светот на фантазијата. Брановидниот покрив личи на ’рбет на диносаурус, а ќерамидите се како крлушки од риба. Зградата изгледа речиси неверојатно.
Незавршеното ремек-дело на Гауди, црквата Саграда Фамилија 5), можеби е најзначајниот пример за неговата оригиналност. Четирите кули на северната фасада личат на капки од стврднат восок што се слеваат по страните на четири високи свеќници. Овие високи кули, кои ги надвишуваат околните згради, станале меѓународен симбол на Барселона.
Подеднакво изненадува и Парк Гуел 6), парк направен по замисла на Гауди што се наоѓа на едно ритче на западната страна на градот. Извитканите скулптури и столбови, разнобојните мозаици и необичните згради и оџаци претставуваат контраст на актрактивните градини што се наоѓаат околу нив. Уште една изложба на облици и бои е Палау де ла мусика каталана 7) (Музичка палата) што ја проектирал Доменек и Монтане, современик на Гауди.
Помеѓу планините и морето
Местоположбата на Барселона, како и нејзиното архитектонско наследство, му дава на градот еден посебен дух. Планините Кољсерола го опкружуваат градот на запад, а на исток се граничи со Средоземното Море. Морето многу придонело за тоа Барселона да стане главно трговско пристаниште на Шпанија. Не изненадува тоа што во близина на пристаништето стои една статуа на Кристифор Колумбо 8) која е свртена кон морето.
Заштитен од планините и морето, градот има умерена клима што оди во прилог на животот под ведро небо. Во текот на целата година улиците се полни со луѓе од рано наутро до доцна навечер. Улични кафулиња и ресторани има речиси на секој чекор, и тие ги мамат минувачите со миризбата на тазе мелено кафе или со приликата да ја пробаат локалната кујна. На пазарите за храна, како што е познатиот пазар Бокерија што се наоѓа на Ла Рамбла, авенија со дрвореди, се продава речиси секакво можно овошје, зеленчук и риба.
Меѓутоа, ниедна посета на Барселона нема да биде целосна ако не го посетите Моњуик, стрмно брдо што се издигнува во близина на морето. Посетителите на Моњуик можат да уживаат во музеи, уметнички галерии и спектакуларни глетки на градот и на Средоземното Море. И главните објекти што се користеа за Олимписките игри во 1992 се наоѓаат на Моњуик. Јеховините сведоци ја посетија Барселона на меѓународниот конгрес што се одржа од 31 јули до 3 август. За овој настан беше изнајмен огромниот фудбалски стадион Камно за да можат да се сместат сите делегати.
Иако Барселона, како и повеќето големи градови, си има свои проблеми, посетителите секогаш уживаат во неговиот медитерански амбиент. Сеедно дали станува збор за штандовите со цвеќиња и кафулињата на Ла Рамбла, за тесните улици и древниот сјај на Готскиот кварт или за фасцинантната архитектура на градот, Барселона преставува незаборавен музеј на бои и стилови под ведро небо.
[Фусноти]
a Овој назив е каталонски, службен јазик што се зборува во Барселона и околната област Каталонија. Тој спаѓа во романската група јазици и сличен е со шпанскиот и францускиот. Повеќето луѓе во градот зборуваат и шпански и каталонски.
b Овој уметнички стил во Шпанија е познат како модернисмо.
[Карта на страница 14]
(Види во публикацијата)
Барселона
Мадрид
Севиља
[Слика на страница 16]
Вентилаторите и оџаците на Каса Мила
[Извор на слика]
Godo-Foto
[Извор на слика на страница 15]
Фотографии горе: Godo-Foto
[Извори на слики на страница 17]
Sandra Baker/Index Stock Photography
Godo-Foto