ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/1 стр. 4-9
  • Комуникацијата во светот околу нас

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Комуникацијата во светот околу нас
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Испраќање сигнали со миризба
  • Растенија што „зборуваат“
  • ,Морзеова азбука‘ со светлина
  • Пердувести маестри на песната
  • Разговор под вода
  • Најистакнати суштества што комуницираат на земјата
  • Комуницирање во семејството и во собранието
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Божјата мудрост се гледа во природата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Животни
    Разбудете се! 2015
  • Комуникација — неопходна за сложениот екосистем на Земјата
    Разбудете се! 2004
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/1 стр. 4-9

Комуникацијата во светот околу нас

„Без комуникација, секој човек или животно би биле само остров изолиран од сите други такви острови“ (The Language of Animals — Јазикот на животните).

КОЈ ЗНАЕ колку животни можеби активно комуницираат меѓу себе во некој дел од шумата, во некоја савана, па дури и во Вашата градина. Книгата Јазикот на животните вели: „Животните ги користат сите сетила — гестикулираат со деловите и со положбата на телото; испраќаат и примаат едвај забележливи сигнали во облик на мириси — кои во случајот на исплашениот твор не се толку незабележливи; цвичат, крескаат, пеат и цвркотат; испраќаат и примаат електрични сигнали; испуштаат светлосни сигнали; ја менуваат бојата на кожата; ,танцуваат‘; па дури и тапкаат и ја затресуваат подлогата по која одат“. Но, што значат сите овие сигнали?

Научниците откриваат кое е значењето на сигналите на животните така што внимателно ги набљудуваат. На пример, тие забележале дека, кога бантам⁠-​кокошката (мала домашна птица) ќе види некој копнен грабливец како што е ласицата, таа испушта едно гласно как, как, как за да ги предупреди другите кокошки. Но, ако здогледа сокол, бантам⁠-​кокошката испушта само еден долг писок. Секој повик е проследен со брза реакција кај другите во склад со заканата, што покажува дека овие птици си разменуваат смисловни информации. Слична разлика во повиците е забележана и кај други птици.

„Еден од главните начини да се проучи комуникацијата кај животните“, стои во книгата Songs, Roars, and Rituals (Песни, рикања и ритуали), „е да се сними сигналот што нѐ интересира и потоа да им се пушти снимката на животните за да се види дали ќе реагираат онака како што се очекува.“ Испитувањата со бантам⁠-​кокошката ги дале истите резултати што биле забележани и во природата. Оваа метода е делотворна дури и кај пајаците. За да се утврди што ги привлекува женките на волчјите пајаци кон мажјаците што се додворуваат — кои се обидуваат да ги импресионираат женките мавтајќи кон нив со своите влакнести предни нозе — во еден експеримент истражувачите снимиле на видеокасета мажјак на волчјиот пајак и компјутерски ги отстраниле влакната од неговите нозе. Кога на женката ѝ ја пуштиле оваа снимка, таа одеднаш го изгубила интересот за мажјакот. Што сфатиле од ова? Женките на волчјите пајаци очигледно се привлечени само од мажјаци што мавтаат со влакнести нозе!

Испраќање сигнали со миризба

Многу животни си испраќаат сигнали со помош на силни хемикалии наречени феромони, кои обично се лачат во посебни жлезди или се наоѓаат во урината или изметот. Исто како што се препознава на кој човек му припаѓа имотот врз основа на оградата и плочката со натпис или врз основа на бројот, феромоните ја означуваат и ја одредуваат територијата на некои животни, вклучувајќи ги кучињата и мачките. Иако не може да се види со очи, овој многу ефикасен облик на одбележување им овозможува на животните од ист вид да се држат на оптимално растојание едно од друго.

Но, феромоните не служат само за означување на територијата. Тие се како хемиска огласна табла што другите животни ја „читаат“ со голема заинтересираност. Мирисните ознаки, вели книгата How Animals Communicate (Како комуницираат животните), „веројатно вклучуваат дополнителни информации во врска со животното што живее на таа територија, како што е неговата возраст, полот, физичката сила и други способности, [како и] репродуктивниот стадиум во кој се наоѓа. . . Миризбата што животното ја користи за означување служи како негов пасош за идентификација“. Се разбира, некои животни ги сфаќаат овие мирисни ознаки многу сериозно — што им е добро познато на чуварите на зоолошките градини. Откако ќе ги исчистеле кафезите или надворешниот ограден простор, чуварите забележале дека многу животни веднаш го одбележуваат повторно своето подрачје. Навистина, „ако ја нема неговата миризба, животното е вознемирено и може да почне да се однесува ненормално, па дури и да стане стерилно“, стои во наведената книга.

Феромоните играат голема улога и во светот на инсектите. На пример, феромоните што предупредуваат на опасност ги наведуваат инсектите да образуваат рој и да тргнат во напад. Феромоните што ги тераат инсектите да се соберат во група ги привлекуваат сите инсекти кон некој извор на храна или кон некое место што е соодветно за да се направи гнездо. Во нив спаѓаат половите феромони, на кои некои суштества се многу осетливи. Мажјаците на свилената буба имаат две многу усовршени антени што личат на мали, нежни ливчиња на папарат. Овие антени се толку осетливи што можат да откријат еден единствен молекул на половиот феромон што го испушта женката! Околу 200 такви молекули го наведуваат мажјакот да почне да ја бара женката. Но, комуникацијата со помош на хемиски средства не е ограничена само на животинскиот свет.

Растенија што „зборуваат“

Дали сте знаеле дека растенијата можат да комуницираат меѓу себе, па дури и со извесни животни? Списанието Discover известува дека истражувачите во Холандија забележале како еден вид грав, кога е нападнат од црвениот пајак, испушта една хемикалија што сигнализира опасност и привлекува други ситни инсекти што се хранат со црвениот пајак. Слично на тоа, кога пченката, тутунот и памукот ќе ги нападнат гасеници, тие испуштаат во воздухот некои хемикалии што привлекуваат оси — кои се смртни непријатели на гасениците. Еден истражувач рекол: „Растенијата не велат само: ,Да, оштетен сум‘, туку кажуваат и кој точно им нанесува штета. Тоа е еден многу сложен и неверојатен систем“.

Подеднакво е зачудувачка и комуникацијата помеѓу едно и друго растение. Според Discover, истражувачите „забележале дека врбата, тополата, евлата и брезата ги слушаат дрвјата од својот вид, и дека стракчињата јачмен слушаат други такви стракчиња. Во секој од овие случаи, оштетените растенија, сеедно дали се изедени од гасеници, дали се инфицирани од габи или пепелница, [или] се нападнати од црвени пајаци . . . испуштаат хемикалии што изгледа ги покренуваат одбрамбените механизми на неоштетените растенија кои се во близина“. Дури и растенијата од друга сорта реагираат на хемиските аларми.

Кога е нападнато или предупредено на напад, растението активира сопствен одбрамбен механизам. Во него спаѓаат отрови што убиваат инсекти или, пак, супстанции што ја попречуваат, па дури и ја спречуваат способноста на напаѓачот да го изеде растението. Идните истражувања на ова фасцинантно поле можат да водат до уште позачудувачки откритија, од кои некои можат да се искористат и во земјоделството.

,Морзеова азбука‘ со светлина

„Малечките фенери што ги носат низ воздухот, кои почнуваат да трепкаат пред да се појават ѕвездите, ја обвиткаа со прекрасна магија мојата сосема обична населба“, напишала Сузан Твајт, еколог, во една статија во врска со светулките. Овие инсекти од фамилијата бубачки користат речник што се темели на светлина, кој „варира од едноставен предупредувачки блесок па сѐ до комплицирни светлосни повици и одговори помеѓу потенцијалните партнери“, вели Твајт. Бојата на нивното светло варира од зелена до жолта и портокалова. Затоа што женките ретко летаат, повеќето блесоци што ги гледаме се од мажјаците. (Видете ја рамката „Ладната светлина на светулката“.)

Секој од 1.900-те видови светулки има своја сопствена шема на испраќање светлосни сигнали. Таа би можела да се состои од три сигнали, на интервали од околу една секудна, или од низа сигнали со различно траење и во различни интервали. Кога бара партнер, мажјакот лета наоколу испуштајќи светлосни сигнали според својата шифра за додворување. „Женката го препознава врз основа на времетраењето на светлосните сигнали“, стои во списанието Audubon, и „реагира со светлосен сигнал ,Тука сум‘ во интервал што е карактеристичен за нејзиниот вид.“ Мажјакот ја препознава нејзината безгласна покана и слетува кај неа.

Пердувести маестри на песната

„Според времетраењето, разновидноста и сложеноста, ниедни звуци што ги создава кое и да е друго животно не можат да се рамнат со птичјата песна“, вели Дејвид Атенбороу во својата книга The Life of Birds (Животот на птиците). Птичјите песни не доаѓаат од грлото туку од еден орган наречен сиринкс, кој се наоѓа длабоко во градниот кош на птицата, каде што се двои душникот пред да навлезе во белите дробови.

Песните на птиците се делумно наследени, а делумно се учат од родителите. Птиците можат да научат дури и локални акценти. Во книгата Животот на птиците стои: „Косот со потекло од косовите што биле однесени во Австралија во текот на деветнаесеттиот век за да ги развеселат европските доселеници со звуци што ги потсетувале на татковината, сега имаат многу препознатливи австралиски акценти“. Звуците на мажјакот на лироопашестата птица, за кои се вели дека се најсложени и најмелодични од сите птичји песни, речиси сосема се научени од другите птици. Всушност, лироопашестите птици се толку надарени имитатори што можат да го копираат речиси секој звук што ќе го чујат — вклучувајќи и музички инструменти, лаеж на кучиња, алармни уреди, удари на секира, па дури и звуците на премотување на филмот во фотоапаратот! Се разбира, сето ова имитирање главно има за цел да го импресионира потенцијалниот партнер.

Клукајдрвците, кои обично го користат клунот за да копаат за да најдат храна, во светот на птиците имаат улога на свирачи на ударни инструменти, кои им даваат сигнали на другите птици удирајќи со клунот по шупол трупец или гранка што одекнува. Некои може дури и да „користат возбудливи нови ,инструменти‘ . . . кров од ребрест лим или метална цевка за печка“, вели Атенбороу. Птиците комуницираат и визуелно, со или без музичка придружба. На пример, тие може да си испраќаат сигнали така што парадираат со своите прекрасни разнобојни перја.

Кога мажјакот на австралискиот црн какаду ја означува својата територија, тој прави сѐ — удира, испушта звуци, прави ритмички движења и парадира истакнувајќи ги пердувите. Откршува некое соодветно гранче, го зема со нозете и удира со него по некое суво стебло. Во исто време, ги раширува крилјата, ја отвора перјаницата како да е лепеза, ја ниша главата напред-назад и испушта крескави звуци — приредувајќи една навистина извонредна претстава!

Некои птичји повици ги препознаваат и другите животни. Размислете за медарката, која е една мала птица слична на дрозд и живее главно во Африка. Како што покажува и самото име, со својот препознатлив крик медарката го води медојадот, кој припаѓа на фамилијата ласици и личи на јазовец, до едно дрво во кое има кошница со пчели. Кога оваа птица ќе слета на дрвото или во негова близина, испушта еден поинаков звук со кој, всушност, вели: „Во близина има мед!“ Медојадот го пронаоѓа дрвото, со канџите прави дупка во стеблото и ужива во слаткиот пронајдок.

Разговор под вода

Откако беше пронајден хидрофонот, апарат за слушање под вода, истражувачите се зачудени од многуте звуци што доаѓаат од морските длабочини. Од тивко зуење до гласни крици, па дури и крескање, овие звуци се толку многубројни што луѓето во подморниците ги користат за да ги прикријат звуците што ги создава работата на нивните мотори. Но, и звуците што ги испуштаат рибите следат одредени обрасци. Во својата книга Secret Languages of the Sea (Тајните јазици на морето), морскиот биолог Роберт Баргес вели: „Додека една риба може да ,квичи, да кокодака и да лае‘, а потоа точно да го повтори сето тоа, друга риба може да ,чкрипи и да реже‘, а во друга прилика ,да струга и да гребе‘ “.

На кој начин рибите испуштаат звуци, со оглед на тоа што немаат гласни жици? Баргес вели дека некои од нив ги користат мускулите што се „прицврстени за ѕидовите на нивниот воздушен меур кој личи на балон за да предизвикаат вибрација на неговите ѕидови сѐ додека воздушниот меур“ не почне да одекнува како тапан. Други риби крцкаат со забите или ги отвораат и затвораат жабрите испуштајќи карактеристичен тап или остар звук. Дали сево ова е само некакво бесмислено „дрдорење“? Изгледа дека не е. Исто како копнените животни, и рибите испуштаат звуци за да „го привлечат спротивниот пол, за да се ориентираат, за да се одбранат од непријателот, како и за општа комуникација и за заплашување“, вели Баргес.

Рибите имаат и добар слух. Всушност, многу видови имаат внатрешно уво и една низа клетки осетливи на притисок, кои се наоѓаат по должината на средниот дел од двете страни на рибата. Оваа низа клетки, наречени странична линија, можат да го регистрираат притисокот на звучните бранови што минуваат низ водата.

Најистакнати суштества што комуницираат на земјата

„Кога го изучуваме човечкиот јазик“, напишал професорот по лингвистика Ноам Чомски, „пристапуваме кон она што некои би можеле да го наречат ,суштина на човекот‘, т.е. карактеристична особина на умот која, колку што знаеме досега, е својствена само за човекот“. Барбара Луст, професор по лингвистика и развој на човекот, навела: „Децата на возраст од само три години веќе имаат значително спознание за структурата и за синтаксата на јазикот, а тоа спознание е толку сложено и прецизно што на која и да е позната теорија за учењето сигурно ѝ е тешко да објасни како било стекнато“.

Меѓутоа, Библијата ни дава разумно објаснување за чудото на човечкиот јазик. Таа му го припишува овој дар на Творецот, Јехова Бог, кој го создал човекот по својот „лик“ (Битие 1:27). Но, на кој начин таа божествена карактеристика се гледа во нашите говорни вештини?

За пример да го земеме давањето имиња на работите. Професорот од областа на комуникација со помош на говор, Гранк Данс, напишал дека луѓето „се единствените суштества што можат да даваат имиња“. Од Писмото може да се види дека тоа е карактеристика што ја поседува Бог. Во самиот почеток на извештајот за создавањето, Библијата ни кажува дека Бог „ја нарече светлината ден, а темнината ја нарече ноќ“ (Битие 1:5). Според Исаија 40:26, очигледно е дека Бог ѝ дал поединечно име на секоја ѕвезда — навистина еден зачудувачки подвиг!

Откако Бог го создал Адам, една од првите задачи што му ги дал била да им даде имиња на животните. Колкав само предизвик мора да претставувала таа задача за моќта на забележување и за креативноста на Адам! Подоцна, Адам ѝ дал име на својата сопруга, Ева. На своето прво дете, пак, таа му го дала името Каин (Битие 2:19, 20; 3:20; 4:1). Оттогаш, луѓето не штеделе труд да му дадат име на сѐ што може да се замисли — и тоа сѐ во интерес на комуникацијата. Да, помисли само колку би било тешко да има интелигентна комуникација кога не би имало имиња.

Освен тоа што имаат способност и желба да даваат имиња на сѐ, луѓето имаат и многу други вештини на комуницирање, а некои од нив не се поврзани со говорот. Навистина, нема граници на она што можеме да го споделиме еден со друг, од сложени концепти до најнежни чувства. Сепак, има еден посебен облик на комуникација што ги надминува сите други, како што ќе видиме во следната статија.

[Рамка/слика на страница 6]

ЛАДНАТА СВЕТЛИНА НА СВЕТУЛКАТА

Преку 90 проценти од енергијата на вжарената сијалица се губи во облик на топлина. Ефикасноста на светлината од светулката, која е резултат на сложени хемиски реакции, изнесува од 90 до 98 проценти, при што речиси воопшто не се губи на топлина. Затоа, со право е наречена ладна светлина. Хемиските реакции при кои се создава светлината се одвиваат во специјални клетки наречени фотоцити. Тие се активирани и деактивирани од нервите.

[Извор на слика]

John M. Burnley/Bruce Coleman Inc.

[Рамка/слика на страници 8 и 9]

КОРИСНИ СОВЕТИ ЗА ДА ЈА ПОДОБРИТЕ ВАШАТА ВЕШТИНА НА КОМУНИЦИРАЊЕ

1. Слушајте заинтересирано кога зборуваат другите и не доминирајте со разговорот. Луѓето ќе преминат преку погрешно изговорен збор или преку граматичка грешка, но нема да им биде симпатичен некој што сака да зборува а не сака да слуша. ,Бидете брзи на слушање, бавни на зборување‘, вели Библијата (Јаков 1:19).

2. Интересирајте се за животот и за сѐ околу Вас. Читајте градиво на многу теми, но сепак користете добро просудување. Кога разговарате за она што сте го научиле, бидете скромни и понизни во разговорот (Псалм 5:5; Пословици 11:2).

3. Збогатете го својот речник — но со практични зборови, а не со високозвучни термини што свртуваат внимание кон говорникот. Во врска со Исус, луѓето рекле: „Никогаш друг човек не зборувал така“ (Јован 7:46). Сепак, дури и луѓе „неуки и обични“ лесно можеле да ги разберат Исусовите зборови (Дела 4:13).

4. Зборувајте јасно и точно изговарајте ги зборовите. Но, избегнувајте да звучите премногу прецизно или извештачено. Кога зборуваме јасно и разбирливо и не ги изговараме зборовите слеано ниту, пак, ги „голтаме“ краевите на зборовите, му даваме достоинство на нашиот говор и покажуваме обѕир кон оние што нѐ слушаат (1. Коринќаните 14:7—9).

5. Прифатете го тоа дека Вашите вештини на комуницирање се дар од Бог. Тоа ќе Ве мотивира да покажете должна почит кон тие вештини (Јаков 1:17).

[Слика на страница 5]

Свилените буби имаат многу осетливи антени

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Phil Pellitteri

[Слика на страници 6 и 7]

Клукајдрвец

[Слика на страница 7]

Рајска птица

[Извор на слика]

© Michael S. Yamashita/CORBIS

[Слика на страница 7]

Црн какаду

[Извор на слика]

Roland Seitre

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели