Божјата мудрост се гледа во природата
„Тој нѐ учи нас повеќе отколку земните животни и нѐ прави помудри од небесните птици“ (ЈОВ 35:11).
ПТИЦИТЕ имаат неверојатни способности. Тие изведуваат воздушни маневри на кои можат да им завидат и конструкторите на летала. Некои видови птици летаат илјадници километри над едноличниот океан и непогрешливо пристигнуваат на својата цел.
Друга извонредна природна дарба на птиците — која уште повеќе открива колку е мудар Оној што ги создал — е нивната способност да комуницираат меѓусебно со крици и со песни. Да разгледаме неколку примери.
Говорот на птиците
Некои видови птици почнуваат да комуницираат уште пред да се изведат од јајцето. На пример, препелицата снесува осум јајца, и тоа по едно јајце на ден. Ако сите јајца се развиваат со исто темпо, ќе се изведат во период од осум дена. Тогаш на мајката ќе ѝ биде тешко да се грижи за разџивкани пиленца стари една недела, додека истовремено лежи и врз едно неизведено јајце. Но, интересно е што сите осум пиленца се изведуваат во период од само шест часа. Како е можно тоа? Истражувачите откриле дека една од главните причини е тоа што ембрионите на препелицата комуницираат меѓусебно додека сѐ уште се во јајцата и на некој начин се „договараат“ да се испилат речиси истовремено.
Кога птичките ќе пораснат, обично мажјакот е тој што пее. Тоа го прави особено во сезоната на парење за да ја означи својата територија или за да привлече женка. Секоја од илјадниците видови птици си има свој „јазик“, а тоа ѝ помага на женката да ги препознае мажјаците од својот вид.
Птиците најмногу пеат рано наутро и на зајдисонце, и тоа со добра причина. Во тие периоди има помалку ветар и други звуци. Истражувачите откриле дека песните на птиците се слушаат 20 пати подобро рано наутро и приквечер, отколку во текот на денот.
Иако најчесто мажјаците се песнопојците, не само тие туку и женките испуштаат најразлични крици, односно краткотрајни звуци, што си имаат свое значење. На пример, зебите имаат „речник“ од девет различни крици. Тие испуштаат еден вид крик за да предупредат на опасност од воздухот — како што е некоја грабливка која бара храна — но испуштаат поинаков крик за да предупредат на опасност што се заканува од земјата.
Неспоредлив дар
Вродената мудрост на птиците сигурно е нешто посебно. Но, кога станува збор за способноста на комуницирање, никој не може да се спореди со луѓето. Бог нѐ создал „помудри од небесните птици“, пишува во Јов 35:11. Само човекот може да изрази апстрактни, сложени мисли и идеи преку звуци што ги создава со своите гласни жици или, пак, користејќи гестови.
За разлика од другите живи суштества, изгледа дека бебето на човекот е програмирано да учи сложени јазици. Во списанието American Scientist, кое излегува на интернет, стои: „Бебињата можат да го научат јазикот дури и кога нивните родители не им зборуваат директно; глувите деца дури и измислуваат свои сопствени знаци доколку дома не се користи знаковен јазик“.
Способноста да ги изразиме нашите мисли и емоции со зборови или со гестови е навистина прекрасен дар од Бог. Но, еден уште поголем дар што им е даден на луѓето е способноста да комуницираат со Бог преку молитва. Всушност, Јехова Бог нѐ повикува да разговараме со него. „Не бидете загрижени за ништо“, пишува во Библијата, „туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6).
Кога стоиме пред тешки одлуки, Јехова сака да ја користиме огромната ризница на мудрост што дал да се запише во Библијата. Исто така, тој ќе ни помогне да дознаеме како да ги примениме советите што ќе ги прочитаме во неа. „Ако некому од вас му недостига мудрост“, рекол библискиот писател Јаков, „нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување, и ќе му ја даде“ (Јаков 1:5).
До каков заклучок доаѓаш?
До каков заклучок доаѓаш кога ќе чуеш некоја убава птичја песна или некое детенце како учи да ги изговори своите први зборови? Дали ја гледаш Божјата мудрост во она што го создал?
Откако размислувал за начинот на кој бил создаден, псалмистот Давид бил поттикнат да му рече на Бог: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден. Твоите дела се чудесни, и мојата душа тоа добро го знае“ (Псалм 139:14). Додека со ценење ја истражуваш Божјата мудрост која јасно се гледа во она што го создал, ќе стекнеш уште поцврста вера дека тој е способен да те води во животот.
[Истакната мисла на страница 5]
Способноста да комуницираме е дар од Бог
[Извор на слика на страница 4]
© Dayton Wild/Visuals Unlimited