Кога птиците ќе удрат во стакло
ЕДЕН клукајдрвец леташе право кон облакодерот и, среде бел ден, се удри во него и се струполи на земја. Оваа птица не го виде стаклото. Еден љубезен минувач застана покрај зашеметената птица и некое време ја набљудуваше, надевајќи се дека ќе оживее. Надежта му се оствари кога таа пушти глас, застана на нозе, ги накостреши пердувите и одлета.a
За жал, сите птици не го преживуваат ваквиот судир. Всушност, околу половина од оние што ќе удрат во стакло умираат од тоа. Како што известува Друштвото Одебон (Audubon Society), истражувањата покажуваат дека, само во САД, на ваков начин умираат повеќе од 100 милиони птици годишно. Меѓутоа, некои орнитолози сметаат дека реалната бројка е речиси една милијарада! Но, од која причина птиците удираат во згради? И дали би можеле да ги заштитиме на некаков начин?
Стаклото и светлината се фатални!
Стаклото им го загрозува животот на птиците. Кога прозорските стакла се чисти, птиците честопати можат да го видат само она што е на другата страна — на пример, зеленилото или небото. Од таа причина, птицата со сета сила лета право кон стаклото без да е свесна што ја чека. Некои се обидуваат да слетаат на декоративните растенија во некои стаклени фоајеа или домови.
Проблем можат да бидат и огледалните стакла. Под одредени околности, птиците не го забележуваат стаклото, туку само одразот на околината или на небото, и затоа страдаат. Иронично е тоа што некои од нив гинат на стакло во центрите за посетители и на набљудувачниците во резерватите за птици и во националните паркови! Д-р Даниел Клем Помладиот, професор по орнитологија и биологија, смета дека судирот со стакло е најчеста причина за смрт кај птиците предизвикана од човечки фактор, со исклучок можеби на уништувањето на нивните природни живеалишта.
Некои птици се особено изложени на ваква опасност. Повеќето песнопојни птици-преселници летаат кон своите одредишта ноќе или се ориентираат — барем делумно — според ѕвездите, така што можат да се збунат од силните светилки на високите згради. Всушност, некои птици губат ориентација и летаат бесцелно сѐ додека од исцрпеност не паднат на земја. Друг проблем можат да бидат ноќите кога времето е дождливо или облачно. Тогаш птиците летаат пониско, со што се зголемуваат шансите да удрат во некоја висока зграда.
Како се одразува на нивната бројност
Според еден извештај, само поради една висока зграда во Чикаго (Илиноис, САД), секоја година, за време на сезоната на миграција, гинат во просек по 1.480 птици. Тоа значи дека, за 14 години, оваа зграда била причина за смрт на околу 20.700 птици. Се разбира, реалниот број е несомнено многу поголем. Освен тоа, според зборовите на директорот на една канадска организација за заштита на птиците, жртвите „не се гулаби, галеби или гуски... туку загрозени видови“.
На пример, неодамна во Австралија, за само една година, загинаа 30 папагали од видот Lathamus discolor, од кои има само уште 2.000. Во САД, многу препарирани музејски експонати од птиците Vermivora bachmanii, кои досега се веројатно истребени, се всушност жртви на судир со еден светилник во Флорида.
Дури и ако го преживеат ударот, птиците се здобиваат со повреди или се изнемоштуваат. Ова може да биде особено опасно за птиците-преселници. Ако се повредат и паднат меѓу големи згради кои се збиени една до друга, можат да умрат од глад или да станат плен на други животни кои едвај чекаат вакви жртви.
Што би можеле да сториме
За да не се залетаат во стаклото, птиците мораат да го видат и да го препознаат како тврд предмет. За таа цел, некои станари се спремни донекаде да ја жртвуваат глетката и лепат проѕирни или обични налепници, или ставаат друга видлива ознака на надворешната страна од прозорецот. Според Клем, шарите или самите налепници не се толку важни колку што е растојанието на кое се поставени. Според резултатите од неговото истражување, ознаките не треба да бидат одвоени повеќе од 5 сантиметри хоризонтално и 10 сантиметри вертикално.
Како можат да бидат заштитени птиците-преселници кои летаат ноќе? „Судирот со згради ноќно време... може најлесно да се спречи со исклучување на светлата“, вели Лесли Џ. Еванс Огден, стручен советник за еколошки истражувања. Во некои градови, украсните светилки на облакодерите се придушуваат или се исклучуваат во одредено време од ноќта, особено во периодот на миграција на птиците. На други места, на прозорците на високите згради се поставуваат мрежи за птиците да не помислат дека одразот е небо.
Овие мерки можат да ги намалат ваквите несреќи за дури 80 отсто, со што би се спасиле милиони птици годишно. Меѓутоа, главната причина за овој проблем најверојатно нема да се реши бидејќи луѓето ги сакаат светлата и стаклата. Затоа, организациите за заштита на птиците, како што е Друштвото Одебон, се обидуваат да ги убедат архитектите и градежните фирми да покажат повеќе обѕир кон живиот свет.
[Фуснота]
a Птиците можат да бидат опасни кога се повредени, бидејќи не се свесни дека се обидуваш да им помогнеш. Освен тоа, некои од нив се преносители на заразни болести. Затоа, ако сакаш да ѝ помогнеш на некоја ранета птица, стави си ракавици, а потоа измиј си ги рацете. Ако се сомневаш дека постои некаква можност да ти бидат загрозени здравјето или безбедноста, не ѝ се приближувај. Побарај професионална помош доколку околностите го дозволуваат тоа.
[Рамка на страница 10]
КАДЕ ГИНАТ ПТИЦИТЕ?
Годишна проценка на бројот на птици во САД, чија смрт била предизвикана од човечки фактор:
◼ Антенски столбови — 40 милиони
◼ Пестициди — 74 милиони
◼ Мачки — 365 милиони
◼ Прозорски стакла — 100 милиони до 1 милијарда
◼ Уништување на природните живеалишта — непозната бројка, но се смета за најголемата причина за смрт
[Слика на страница 10]
Секоја година, од удар во прозорец умираат најмалку по 100 милиони птици, и тоа само во САД
[Извор на слика]
© Reimar Gaertner/age fotostock