Што може да го научи затвореникот една птица?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА
СПОРЕД Sunday Tribune од Дурбан (Јужна Африка), птиците играат улога во омекнувањето на срцата на затворениците во затворот Полсмор. Во моментов, 14 осуденици учествуваат во една програма која вклучува грижа за папагалчињата кои се ставени во ќелиите.
Како функционира оваа програма? Во ќелијата на секој затвореник кој е вклучен во неа е ставен импровизиран инкубатор. Едно штотуку изведено пиленце се препушта на грижата на затвореникот, кој го храни беспомошното суштество секој час или два, ден и ноќ, во период од околу пет седмици. Потоа птичката се става во кафез, кој исто така се чува во ќелијата. Кога птичката ќе порасне, се продава. Некои затвореници толку се приврзуваат за своите птици што плачат кога ќе дојде мигот на неизбежната разделба.
Дури и некои закоравени криминалци станале многу понежни и поосетливи откако секојдневно им зборувале на птиците и се грижеле за нив. Еден затвореник рекол: „Јас ги скротувам птиците, но и тие ме скротија мене“. Друг затвореник вели дека птиците го научиле на стрпливост и самоконтрола. Еден осуден крадец вели дека грижата за една птичка го натерала да сфати дека да се биде родител „е голема одговорност“ — нешто што тој го запоставил во однос на своите деца додека бил на слобода.
Од грижата за овие птици произлегува уште една корист за затворениците. „Со вештините кои ги учат овде“, вели Викус Грес, кој ја започнал оваа програма, „кога ќе излезат од затвор тие можат да се вработат кај некој одгледувач на птици или ветеринар.“