Комуникација што води во живот
ОД СИТЕ суштества на Земјата, луѓето се единствените што не се задоволуваат само со тоа да комуницираат меѓу себе. Без оглед на националноста, општествената положба, полот или степенот на образование, луѓето покажуваат вродена желба да комуницираат со највишото битие, имено, со Бог.
Дали тоа е само некакво смешно суеверие? Во никој случај! Како што спомнавме во претходната статија, Бог ги создал луѓето по својот лик. Во нас всадил способност да ги разбираме духовните работи. Во ова спаѓа и желбата да комуницираме со него како со наш небесен Татко (Битие 1:27; Матеј 5:3). Всушност, Бог смета дека комуникацијата со него е толку важна што за него се вели дека е оној што ,ја послушува молитвата‘ (Псалм 65:2).
Колкава само чест е да му се обраќаме на Семоќниот во молитва! Повеќето луѓе би сметале дека е привилегија да разговараат насамо со некоја личност што е на висока положба, како што е некој претседател или премиер. Сепак, Јехова Бог е највисоката личност во универзумот! Исто така, не мораме да закажеме термин за да разговараме со него. Можеме да се молиме во секое време и на секое место. Можеме да се молиме дури и во себе, од длабочината на срцето (1. Самоил 1:12—15). Меѓутоа, Јехова бара од нас да бидеме искрени и да му бидеме послушни (Михеј 6:8; Матеј 6:5—13). На крајот на краиштата, добрата комуникација е обострана, зар не?
Дали го слушате Бог?
Како може некој да го слуша Бог? Првенствено на тој начин што ќе ги чита и ќе ги применува учењата што се наоѓаат во неговата пишана Реч, Светото писмо (2. Тимотеј 3:16; 2. Петрово 1:20, 21). ,Човек живее од секоја изјава што излегува од Јеховината уста‘, рекол Исус (Матеј 4:4). Дали го слушате Бог така што ја читате и ја применувате неговата пишана Реч?
Оние што редовно комуницираат со Јехова ја стекнуваат неговата наклоност и уживаат во „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6, 7; Пословици 1:33). Исто така, тие имаат изглед за вечен живот на рајска земја, ослободени од сите грижи и страдања што ги доживуваме денес (Псалм 37:29; Јован 17:3). Колку само прекрасни награди добиваме ако го користиме чудото на интелигентно комуницирање најдобро што можеме!
[Слика на страница 10]
Комуникацијата со Бог вклучува читање на Библијата и молитва