Јехова и Христос — најистакнати комуникатори
”Суверениот Господ Јехова нема да направи ништо додека не им ја открие својата доверлива работа на своите слуги, пророците“ (АМОС 3:7, ”NW“).
1. Кои методи на комуникација се користат денес?
ДЕНЕС комуникацијата е мултимилионска работа. Сите книги кои се објавени, сите весници и списанија кои редовно се печатат, сите радио и телевизиски програми кои се емитуваат, како и сите филмови и театарски претстави, се настојувања да се комуницира. Истото важи и за сите писма кои се напишани и испратени како и за сите телефонски повици. Сето тоа се настојувања да се комуницира.
2. Кои се некои примери на напредок кои луѓето ги постигнале во техничкиот поглед во комуникацијата?
2 Напредокот што луѓето го постигнале на техничките подрачја од комуникацијата е зачудувачки. На пример, оптичките кабли, кои се многу подобри во однос на бакарните кабли, можат истовремено да пренесуваат повеќе десетици илјади телефонски разговори. Потоа, тука се комуникациските сателити кои кружат околу Земјата во вселената и кои имаат опрема за пренесување на телефонски, телеграфски, радио и телевизиски сигнали. Еден таков сателит може истовремено да обработува 30 000 телефонски пораки!
3. Што се случува кога постојат јазови во комуникацијата?
3 Но, и покрај сите овие средства за комуникација, во светот постои толку многу беда поради недостиг на комуникација меѓу поединци. Така ни се кажува дека ”постои растечка провалија — огромен ’комуникациски јаз‘ — помеѓу оние кои владеат и оние над кои се владее.“ И што е т.н. јаз на генерации ако не пропуст на родителите и нивните деца успешно да комуницираат едни со други? Брачните советниците изјавуваат дека најголемиот проблем во бракот е недостатокот на комуникација помеѓу мажот и жената. Недостаток на исправна комуникација може да предизвика дури и смрт. На почетокот од 1990 година, 73 лица го изгубија животот во авионска несреќа, за која веројатно во голема мера придонел недостатокот на комуникација помеѓу пилотот и контролата на летање. Насловната страница на еден весник гласела: ”Пречка во комуникациите доведе до трагедија.“
4. (а) Што се подразбира под ”комуникација“? (б) Која е целта на комуникацијата на христијаните?
4 Што е комуникација во христијански контекст? Според еден речник, ”комуникација“ значи ”пренесување на информација, мисла или чувство, така што да биде примено или разбрано на задоволителен начин“. Еден друг речник го дефинира како ”метода на делотворно изразување на мисли.“ Запази ја дефиницијата ”делотворно изразување на мисли.“ Начинот на кој христијаните меѓусобно комуницираат мора посебно да биде делотворен, бидејќи има за цел да ги достигне срцата на луѓето со вистината од Божјата Реч, со надеж дека тие ќе постапуваат според наученото. Таквата комуникација е исклучително мотивирана од несебичност и од љубов.
Јехова како Комуникатор
5. Кој е еден од првите начини на кој Јехова Бог комуницирал со човекот?
5 Јехова Бог без сомнение е најголемиот Комуникатор. Бидејќи нѐ создал на своја слика и по свое обличје, тој е во состојба да комуницира со нас, а ние можеме да комуницираме со другите за него. Од самото создавање на човекот, Јехова им соопштувал информации на своите земски суштества за себеси. Еден начин на кој го сторил тоа е преку своите видливи дела на создавање. Во врска со тоа, псалмистот кажува: ”Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески. Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива“ (Псалми 18:1, 2 [19:1, 2, ДК]). А во Римјаните 1:20, (NW) сме известени дека Божјите ”невидливи особини јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму“ (NW). Зборовите ”јасно се гледаат“ значат дека тоа е делотворна комуникација!
6. Што им соопштил Јехова на своите земски суштества додека биле во Еденската градина?
6 Оние кои немаат вера во Бог и во неговите божествени откровенија ќе се обидуваат да нѐ убедат дека човекот е препуштен на сопствени извори на информација за да утврди зошто постои. Но, Божјата Реч јасно покажува дека Бог од почетокот комуницирал со човекот. Така на првиот маж и жена Бог им го дал налогот за создавање на потомство: ”Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над (...) сите животни.“ Бог исто така им дал да јадат до ситост од плодовите во градината — со само еден исклучок. Тогаш, кога Адам и Ева станале непослушни, Јехова го соопштил првото месијанско ветување, и со тоа му дал на човештвото искра на надеж: ”И уште ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу семето твое и семето нејзино; тоа ќе ти стои на главата а ти ќе го каснеш во петата“ (1. Мојсијева 1:28; 2:16, 17; 3:15, ДК).
7. Што открива 1. Мојсеева за Јеховиното комуницирање со своите слуги?
7 Кога Адамовиот син Каин бил исполнет со убиствена завист, Јехова Бог комуницирал со него, и всушност му рекол: ’Внимавај! Си бараш беља!‘ Но Каин одбил да го послуша тоа предупредување и го убил својот брат (1. Мојсеева 4:6-8). Потоа, кога Земјата се наполнила со насилство и зло, Јехова му ја соопштил на праведниот Ное Својата намера да ја исчисти Земјата од сѐ што ја валка (1. Мојсеева 6:13–7:5). После потопот, кога Ное и неговото семејство излегле од арката, Јехова ја комуницирал со нив својата намера во врска со светоста на животот и крвта, а со помош на виножито им дал гаранција дека никогаш повеќе нема да ги уништи сите живи суштества со потоп. Неколку века подоцна, Јехова му ја соопштил на Авраам Својата намера да ги благослови сите семејства на човештвото преку Авраамовото Семе (1. Мојсеева 9:1-17; 12:1-3; 22:11, 12, 16-18). А кога Бог објавил дека ќе ги уништи полно изопачените луѓе на Содома и Гомора, љубезно му го соопштил тоа на Авраам со зборовите: ”Како да кријам од Авраама, слугата Свој, што сакам да направам?“ (1. Мојсеева 18:17).
8. На кои четири начина комуницирал Јехова со своите слуги на Земјата?
8 Почнувајќи од Мојсеј, Јехова користел долга редица на пророци да комуницира со Израел (Евреите 1:1). Понекогаш користел усмена заповед како кога му рекол на Мојсеј: ”Напиши ги за себе овие зборови“ (2. Мојсеева 34:27). Јехова многу почесто комуницирал со своите говорници со помош на визии, како што веќе направил со Авраам.a Јехова употребувал и соништа за да комуницира со луѓето, и тоа не само со своите слуги туку и со оние кои биле поврзани со неговите слуги. На пример, Јехова предизвикал двајца затвореници кои биле со Јосиф да имаат соништа кои Јосиф им ги протолкувал. Јехова исто така предизвикал и фараонот и Навуходоносор да имаат соништа кои им ги протолкувале неговите слуги Јосиф и Даниел (1. Мојсеева 40:8–41:32; Даниел 2. и 4. поглавје). Понатаму, во многу прилики Јехова користел ангели како гласници за да комуницира со своите слуги (2. Мојсеева 3:2; Судиите 6:11; Матеј 1:20; Лука 1:26).
9. Што го поттикнало Јехова да комуницира со својот народ Израел, и од кој негов израз може да се види тоа?
9 Сите овие облици на Јеховино комуницирање преку неговите пророци ја одразувале неговата љубов спрема својот народ Израел. На пример, преку својот пророк Езекиел изјавил: ”Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилев?“ (Езекиел 33:11). Јехова бил долготрпелив и стрплив Комуникатор со својот бунтовен народ од старо време, како што може да се види од 2. Летописи 36:15, 16 [2. Дневника, ДК]: ”Господ, Бог на нивните татковци, им испраќаше Свои гласници уште во рано утро, зашто Му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште. Но тие се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Негови, (...) та немаше за него спасение.“
10. Како комуницира Јехова денес со својот народ, и до колкава мера е тој Бог на комуникација?
10 Денес ја имаме Божјата инспирирана Реч, Библијата, преку која Јехова ни соопштува информации за себе, за своите намери и својата волја во врска со нас (2. Тимотеј 3:16, 17). Всушност, како што Врховниот Комуникатор, Јехова, изјавува: ”Суверениот Господ Јехова ништо нема да направи додека не им ја открие својата доверлива работа на своите слуги, пророците“ (Амос 3:7, NW). Тој им објавува на своите слуги што има намера да стори.
Божјиот Син како Комуникатор
11. Кој е Јеховиното најистакнато средство во комуницирањето со човекот, и зошто е прикладен неговиот наслов ”Реч“?
11 Од сите застапници кои Јехова ги употребувал да ја соопшти Својата волја, најистакнатиот е Речта, Логосот, кој станал Исус Христос. Што била смислата на тоа што бил наречен Реч или Логос? Тоа укажува дека тој е Јеховиниот Главен Говорник. А што е говорник? Тоа е оној кој го соопштува она што друг го кажува. Така Логосот станал оној којшто ја соопштува речта на Јехова Бог до Неговите интелигентни земски творби. Таа улога е толку важна што е наречен Реч (Јован 1:1, 2, 14, ДК).
12. (а) За која цел дошол Исус на Земјата? (б) Што сведочи за неговото верно исполнување на таа цел?
12 Самиот Исус му рекол на Понтиј Пилат дека неговата главна цел на доаѓањето на Земјата била да му ја соопшти вистината на човештвото: ”Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). А извештајот во Евангелијата ни кажува колку добро ја извршил таа задача. Неговата Проповед на гората е призната како најголема проповед која некогаш е одржана од човек. Колку добро комуницирал преку таа проповед! ’Масите од луѓе [кои ја слушнале проповедта] биле зачудени од начинот на кој поучувал‘ (Матеј 7:28, NW). Во врска со една друга прилика, читаме: ”Мноштвото народ го слушаше со уживање“ (Марко 12:37, Ст). Кога некои службеници биле испратени да го уапсат Исус, се вратиле без него. Зошто? На фарисеите им одговориле: ”Никогаш човек не говорел како овој човек“ (Иван 7:46, Ст).
Христовите ученици ополномоштени да бидат комуникатори
13. Што покажува дека Христос не бил задоволен од тоа да биде единствен комуникатор?
13 Исус не бил задоволен да биде единствен комуникатор, па прво овластил 12 апостоли, а потоа 70 евангелизатори, да одат како оние кои ќе ја соопштуваат добрата вест за Царството (Лука 9:1; 10:1). Потоа, кратко пред да се вознесе на небото, ги ополномоштил своите ученици да извршуваат посебна задача. Каква задача? Како што читаме во Матеј 28:19, 20, ги поучил да бидат комуникатори; а требало да поучуваат и други исто така да станат комуникатори.
14. Колку биле делотворни првите христијански комуникатори?
14 Дали учениците биле делотворни комуникатори? Навистина биле! Како резултат на нивното проповедање, на Пентакост 33 н.е., 3 000 души се приклучиле кон новооформеното христијанско собрание. Набргу бројката се зголемила на 5 000 луѓе (Дела на апостолите 2:41; 4:4). Не е чудо што нивните еврејски непријатели ги обвиниле дека цел Ерусалим го наполниле со своето учење и подоцна се жалеле дека со своето проповедање ја превртеле целата населена Земја! (Дела на апостолите 5:28; 17:6).
15. Кое посредство го употребил Јехова во наше време за да комуницира со луѓето?
15 А што да се каже за нашето време? Како што е проречено во Матеј 24:3, 45-47, Господарот, Исус Христос, го поставил ’тој верен и разумен роб‘, кого го сочинуваат помазани христијани, да се грижи за целиот негов имот на Земјата во текот на овој ден на неговата присутност (NW). Тој верен и разумен роб денес е претставен преку Водечкото тело на Јеховините сведоци, кое како свој јавен застапник го има Библиското и трактатно друштво Стражарска кула. Било најприкладно тој верен и разумен роб исто така да биде наречен Божји канал на комуникација. Тој роб, пак, нас нѐ охрабрува да бидеме добри комуникатори. Всушност, првото издание на Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност (Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence) ги советувал своите читатели: ”Ако имате сосед или пријател за кого мислите дека ќе биде заинтересиран или дека ќе има корист од поуките [од ова списание], можете да му го свртите вниманието на тие поуки; така ќе имате прилика да ја проповедате Речта и ќе им правите добро на сите луѓе.“
16. Што покажува дека е потребно повеќе од самото читање на Библијата за да Бог делотворно комуницира со своите земски слуги?
16 Меѓутоа, за да се стекне точно спознание кое доведува на патот на животот не е доволно само да се има пристап до Божјата Реч и лично да се чита. Сети се на етиопскиот дворски службеник кој го читал пророштвото на Исаија но не го разбирал тоа што го читал. Евангелизаторот Филип му го објаснил пророштвото, после кое бил спремен да се крсти како ученик на Христос (Дела на апостолите 8:27-38). Дека за некого е потребно повеќе отколку само читање на Библијата може да се види од Ефесјаните 4:11-13, (NW), кадешто Павле покажува дека Христос не само што дал некои како инспирирани апостоли и пророци, туку дал и ”некои како евангелизатори, некои како пастири и учители, во поглед на уредувањето на светите, за делото на службата, за изградувањето на телото на Христос, додека сите не достигнеме до единство во верата и во точното спознание на Синот Божји, до потполно возрасен човек“.
17. По кој ознаки можеме да го препознаеме посредништвото кое Јехова денес го употребува за да му ги соопшти своите намери на човештвото?
17 Како можеме да ги препознаеме оние кои Јехова Бог и Исус Христос ги употребуваат за да им помогнат на луѓето кои стануваат христијани да ја достигнат зрелата состојба? Според Исус, еден од знаците на препознавање ќе биде тоа што ќе се љубат едни со други како што Исус ги љубел своите следбеници (Јован 13:34, 35). Друг знак на препознавање: Тие нема да бидат дел од светот, како што и Исус не бил дел од светот (Јован 15:19; 17:16). Уште еден таков знак ќе биде тоа што ја признаваат Божјата Реч како вистина, како што ја признавал Исус, постојано повикувајќи се на нејзиниот авторитет (Матеј 22:29; Јован 17:17). Ставање на Божјето име во преден план, како што тоа го правел Исус, ќе биде уште еден знак (Матеј 6:9; Јован 17:6). А уште еден знак ќе биде следењето на Исусовиот пример во проповедањето на Божјето Царство (Матеј 4:17; 24:14). Постои само една група која ги исполнува овие барања, имено, меѓународните комуникатори познати како христијански Сведоци на Јехова.
18. Кои три подрачја на комуникација ќе бидат разгледани во следните статии?
18 Комуникацијата, меѓутоа, вклучува одговорност спрема другите. Со кого христијаните се одговорни да комуницираат? Во основа, постојат три подрачја на кои христијаните мораат да бидат заинтересирани да ги држат отворени линиите на комуникација: семејниот круг, христијанското собрание и христијанската служба на проповедање. Следните статии ќе ги обработат тие обележја на нашата тема.
[Фуснота]
a Види 1. Мојсеева 15:1; 46:2; 4. Мојсеева 8:4; 2. Самуелова 7:17, ДК; 2. Дневника 9:29, ДК; Исаија 1:1; Езекиел 11:24; Даниел 2:19; Авдија 1; Наум 1:1; Дела на апостолите 16:9; Откровение 9:17).
Како би одговорил?
◻ Каква штета може да настане поради недостиг на комуникација?
◻ Кои се двајцата најистакнати комуникатори?
◻ Кои различни средства ги употребувал Бог за да комуницира со човекот?
◻ Како се истакнал Исус како комуникатор?
◻ Колку биле успешни првите христијани во комуницирањето?
[Слика на страница 18]
Како својот небесен Татко, Исус бил сочувствителен комуникатор