Мачка со смешни уши
ОВЧАРОТ Вилијам Рос многу сакал расни мачки. Еден ден, во 1961, Рос отишол на фармата на својот сосед во Пертшир (Шкотска). Таму ја видел Сузи, мачката на соседот. Но, Сузи не личела на обична домашна мачка. Таа била бела и од мешан сој, а врвовите на ушите ѝ биле свиткани нанапред, што ѝ давало смешен изглед. Воодушевен од овој пронајдок, Рос зел едно женско маченце со свиткани уши од мачињата што ги омачила Сузи околу една година подоцна.
Потоа Рос контактирал со некоја жена од Лондон што одгледувала животни и се интересирала за генетиката на мачките, па така заедно помогнале да се започне со една програма за размножување на потомството на Сузи. Не изненадува тоа што овој вид мачки го добил името скотиш фолд (шкотска мачка со свиткани уши). Оттогаш, тие станале многу популарни. Меѓутоа, британските здруженија за мачки не се согласиле да ги регистрираат како посебен вид. Некои изразиле загриженост дека овие мачки можеби се склони на извесни здравствени проблеми поради присуството на генот што предизвикува ушите да им бидат свиткани. Но, ваквата загриженост не спречила оваа раса да биде регистрирана во Соединетите Држави, каде што во почетокот на 1970-тите била воведена програма за нивно размножување. Всушност, кон крајот на истата деценија, овие мачки станале шампиони на изложбите во таа земја.
Зошто им се свиткани ушите?
„Што им е на ушите на Вашата мачка?“, често прашуваат луѓето кога првпат ќе видат скотиш фолд. Ушите им се свиткани поради мутацијата во еден доминантен ген, како што го нарекуваат научниците. Дури и ако малото маче го наследи овој ген само од еден родител, тоа ќе биде скотиш фолд.
Меѓутоа, постои голема разлика од мачка до мачка во тоа колку им се свиткани ушите. Некои мачки воопшто немаат свиткани уши, а други мачки имаат еден, два или три преклопи. На Сузи, првобитната мачка скотиш фолд, ушите ѝ биле свиткани само малку. На мачките што учествуваат на изложби ушите обично им се преклопени трипати и речиси им се залепени за главата. Интересно е тоа што овие мачки се раѓаат со исправени уши. Но, кога маченцата ќе наполнат околу три недели, одгледувачите веќе можат да препознаат кои од нив ќе имаат свиткани уши.
Невнимателното вкрстување на овие мачки може да предизвика здравствени проблеми. На пример, ако и мачката и мачорот имаат свиткани уши, нивното потомство може да има генетичка грешка како што е вродената остеодистрофија, при која се јавуваат деформитети на коските. Затоа, уважените одгледувачи постојано одат кај други одгледувачи за да ги вкрстуваат мачките од видот скотиш фолд со други видови мачки што имаат исправени уши. За таа цел одгледувачите честопати користат британски и американски мачки со кратки влакна на крзното.
Друг потенцијален здравствен проблем е поврзан со хигиената на ушите, особено кај мачките на кои ушите им се свиткани трипати. Бидејќи ушите им се свиткани толку блиску до главата, обично се валкаат однатре. Во Илустрирана енциклопедија на раси на мачки (The Illustrated Encyclopedia of Cat Breeds) се препорачува сопствениците нежно да ја чистат „внатрешната страна на преклопите со навлажнето стапче за уши“. Но, добро е тоа што здравите мачки „не се многу склони на ушни инфекции и паразити, како што имаше сомневање пред неколку години“, стои во The Cat Site, Интернет Веб-страница за оние што имаат мачки.
Мили другарчиња
Се смета дека скотиш фолд се благи, мили и интелигентни мачки. Живеат околу 15 години и изгледа дека најмногу сакаат да живеат во удобен домашен амбиент. „Скотиш фолд е слатка, мирна и дружељубива мачка што ги сака и луѓето и другите миленичиња“, стои во Илустрирана енциклопедија на раси на мачки. Тие имаат тивок, цвркотен глас што не го користат често. Дури и кога се гладни, честопати само ќе застанат и ќе Ве гледаат право во очи додека не им дадете храна.
Како и сите други мачки, скотиш фолд ги има во многу бои и шари како со долги така и со кратки влакна. Сепак, нивната популарност расте поради тоа што имаат свиткани уши, тркалезна глава, кус врат, лице како буф и големи тркалезни очи. Всушност, овој вид мачки станале еден од најбараните видови во светот. Потенцијалните купувачи честопати мораат да чекаат шест или повеќе месеци за да добијат мало маченце. Се разбира, ако некој муштерија сака маче што ќе има одредена должина на влакната на крзното, боја или пол, ќе мора да чека подолго.
Кога Вилијам Рос случајно ја сретнал Сузи во 1961, веројатно не ни помислувал дека потомците на оваа обична селска мачка ќе бидат толку прифатени, особено со оглед на тоа што популарноста на овој вид мачки не се должи на некоја вродена добра карактеристика туку на генетичка мутација што главно се гледа во ушите.