Кога никој повеќе нема да се чувствува осамен
ИЗВЕШТАЈОТ во Битие 2:18 наведува дека, кога бил создаден првиот човек, „Господ, Бог, рече: ‚Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему‘ “. Луѓето биле создадени за да бидат со другите и да зависат од нив.
Најдобриот Пријател што можеме да го имаме е Јехова Бог. Апостол Павле го признава Јехова како „Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4). На Јехова му е жал кога страда некој од неговите слуги. Тој е Бог на сочувство. „Знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Зарем не си привлечен кон Јехова Бог и зарем не чувствуваш благодарност за вниманието што ни го посветува со љубов, љубезност и разбирање?
Јехова ги поткрепува осамените
Во минатото, многу Божји слуги биле во околности што ги терале да се чувствуваат осамени. Ним Јехова им бил извор на поткрепа и утеха. Да го земеме за пример Еремија, кој бил повикан да биде пророк уште кога бил многу млад. За разлика од сите други 40 писатели на Писмото, Еремија можеби најмногу зборувал за своите чувства. Бил плашлив и се чувствувал неспособен кога ја добил првата задача од Бог (Еремија 1:6). За да ја изврши, морал потполно да се потпира на Јехова. И навистина, Јехова бил со него „како силен јунак“ (Еремија 1:18, 19; 20:11).
Околу 300 години пред Еремија, кога царицата Језавела чула за смртта на своите пророци на Ваал, се заколнала дека ќе го погуби Илија. Илија бегал 450 километри на Хорив, кој се наоѓал на Синајскиот Полуостров. Таму влегол во една пештера за да ја помине ноќта, а Јехова Бог му го поставил ова прашање: „Што бараш ти тука, Илија?“ Илија објаснил дека мислел оти тој е единствениот обожавател на Јехова во целиот Израел, единствениот преостанат пророк што бил ревносен за Божјата служба. Јехова го уверил дека не е сам. Со него бил Јехова, а исто така и уште 7.000 сонародници на Илија, иако тој не знаел за нив. Јехова го утешил и го успокоил Илија и ја зацврстил неговата вера. Тој допрел до срцето на Илија, охрабрувајќи го пророкот да не се откаже од својата задача (1. Цареви 19:4, 9—12, 15—18). Ако некогаш се чувствуваме осамени или безвредни, како Илија, и ние можеме да го молиме Јехова за сила. Исто така, со тоа што ќе бидат проникливи, христијанските старешини можат утешно да им зборуваат на верните, помагајќи им да ја видат својата улога во извршувањето на Божјата намера (1. Солуњаните 5:14).
Од овие и од други примери можеме да сфатиме дека Јехова е спремен да ги поткрепи и со љубов да ги утеши оние што се чувствуваат осамени. Да, „Господ е засолниште на угнетуваните, тврдина на спасението во тешки денови“ (Псалм 9:9; 46:1; Наум 1:7).
Човек со длабоки чувства и сочувство
Исус Христос е пример на човек што заслужува восхит затоа што ги задржал своите емоции во совршена рамнотежа додека го имитирал Јехова. Лука опишува како реагирал Исус кога наишол на една погребна поворка во градот Наин: „Изнесуваа мртовец, единороден син на мајка си . . . Кога Господ ја здогледа, се сожали на неа и ѝ рече: ‚Престани да плачеш‘. Притоа пристапи и го допре одарот, и носачите застанаа, а тој рече: ‚Млад човеку, тебе ти велам: Стани!‘ И мртовецот седна и почна да зборува, и тој ѝ го даде на мајка му“ (Лука 7:12—15). Кај Исус биле предизвикани силни емоции. Тој бил сочувствителен човек. Замислете си само колку ја усреќил Исус осамената вдовица кога ѝ го вратил синот! Таа повеќе не била осамена.
Можеме да бидеме уверени дека Исус може „да сочувствува со нашите слабости“. Тој сигурно сочувствува со праведните луѓе што се осамени. Всушност, преку него можеме „да добиеме милосрдие и да најдеме незаслужена љубезност за помош во право време“ (Евреите 4:15, 16). Имитирајќи го Исус, можеме да стекнеме сочувство кон оние што тажат, што се измачени или осамени. Веројатно нема да бидеме толку осамени ако им помагаме на другите. Но, има уште еден начин на кој можеме да добиеме помош за да ги победиме негативните чувства поврзани со осаменоста.
Јеховината реч може да ни помогне да ја победиме осаменоста
Многумина утврдиле дека ‚преку утехата од Писмото имаме надеж‘. Божјата реч е полна со практични совети што можат да ни помогнат да ја победиме осаменоста (Римјаните 15:4; Псалм 32:8). На пример, Божјата реч нѐ опоменува ‚да не мислиме за себе повеќе отколку што треба да мислиме‘ (Римјаните 12:3). За да го примениме овој совет, можеби ќе треба да го промениме своето размислување. Понизноста и скромноста, односно реалистичното гледиште за нашите ограничувања, сигурно ќе ни помогнат да имаме урамнотежени и разумни очекувања. Божјата реч исто така нѐ советува да покажуваме искрен личен интерес за другите (Филипјаните 2:4). Тоа е нешто обострано. Додека се давате, Вие ќе добивате од другите. Ова корисно дружење помага да се растераат чувствата на празнина и му дава смисла на животот.
Библијата нѐ охрабрува нас како христијани ‚да не го оставаме нашето заедничко собирање‘ (Евреите 10:24, 25). Затоа, учествувајте во корисни активности, како што е редовното присуство на состаноците на Јеховините сведоци. Без сомнение, христијанските состаноци можат да придонесат за нашата духовна, емоционална и физичка благосостојба. Кога им зборуваме на другите за добрата вест за Божјето Царство, го исполнуваме животот со корисни активности. На тој начин мислите ни остануваат сосредоточени во исправна насока, ја зајакнуваме нашата вера и ја заштитуваме нашата надеж (Ефешаните 6:14—17).
Приближете му се на Јехова во молитва. Давид опоменал: „Довери му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Ако ја проучувате Божјата реч, ќе се чувствувате среќни (Псалм 1:1—3). Ако Ве обземат чувства на осаменост, медитирајте за Јеховината грижа полна со љубов, како што е откриена преку неговата Реч. Псалмистот напишал: „Мојата душа лежи во прав: врати ми го животот според Твојот збор“ (Псалм 119:25).
Кога никој нема да рече „осамен сум“
Јехова Бог ветил еден нов свет во кој нема да има грижи, фрустрации и негативни чувства. Во Библијата стои: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт повеќе нема да има, ни жалост, ни пискот, ни болка нема да има. Поранешните работи се поминати“ (Откровение 21:4). Да, некои од тие поранешни работи што ќе поминат се физичките, душевните и емоционалните болки што ги имаме денес.
Земјата ќе биде полна со пријателски настроени луѓе, кои ќе го збогатат нашиот живот. Преку своето небесно Царство во рацете на Исус Христос, Јехова засекогаш ќе нѐ излекува од осаменоста. Ќе ни даде да правиме нови и прекрасни работи во земниот рај. Наскоро ќе дојде ден кога никој од нас повеќе нема да рече „осамен сум“.
[Слика на страници 8 и 9]
Со Јеховина поткрепа нема да се чувствуваме осамено, дури и кога сме сами
[Слики на страница 10]
Што учиме од библиските извештаи за Еремија и Илија?