Не дозволувај осаменоста да ти го уништи животот
ОСАМЕНОСТА може да им ги уништи животите како на младите така и на старите. Во списанието Redbook, писателката Јудит Вјорст вели: „Осаменоста лежи како камен на срце. . . . Осаменоста нѐ остава празни и очајни. Осаменоста прави да се чувствуваме како дете без мајка, како залутано јагне, толку мало и изгубено во светот толку огромен и незаинтересиран“ (септември, 1991).
Разделување од пријателите, непозната околина, развод, смртен случај или прекин во комуникацијата — сите овие работи можат да предизвикаат да се чувствуваш осамен. Дури и кога се опкружени со други луѓе, некои се длабоко осамени.
Што можеш да сториш?
Ако те нападне осаменост, дали едноставно мора да бидеш беспомошна жртва? Можеш ли да сториш било што за да ја спречиш осаменоста да те уништува чекор по чекор или да ти ја одзема волјата за живот? Навистина можеш. Достапен ни е многу корисен совет. А најдобриот совет е даден во Божјата инспирирана Реч, Библијата. Ваквото охрабрување е можеби токму она што ти е потребно за да се бориш со осаменоста (Матеј 11:28, 29).
На пример, можеби ќе те охрабри читањето на извештајот за Рут, една млада жена која пред околу 3.000 години живеела на Средниот Исток. Ако некој требало да пати од осаменост, тогаш таа била прва. Кога умрел нејзиниот сопруг, таа заминала со својата свекрва да живее во една непозната средина, во Израел (Рут 2:11). Иако била лишена од својата фамилија и од поранешните пријатели, и се наоѓала во туѓа и непозната земја, во Библијата не постои никаков знак дека таа дозволила осаменоста да ја проголта. Можеш да ја прочиташ нејзината историја во библиската книга Рут.
Треба да задржиш позитивен став како Рут. Начинот на кој размислуваш за работите и настаните може да поттикне осаменост. Ен, која четири години го негувала својот татко за време на една истоштувачка болест, го потврдува тоа. Кога тој умрел, таа станала крајно осамена. „Се чувствував како да бев празна и тотално безвредна — како никому повеќе да не му требав“, вели таа. „Но, се соочив со фактот дека сега мојот живот е изменет и сфатив дека, за да се борам со мојата осаменост, морам да го сторам најдоброто од моите моментални прилики“. Понекогаш не можеш да ги промениш околностите, но можеби можеш да го промениш својот став кон нив.
Иако е од помош да се биде вработен во корисни активности, тоа сепак не е секогаш целосниот одговор за борба против осаменоста. Ирена, која останала вдовица по само шест месеци брак, сфатила дека тоа е случај кај неа. „Сфатив дека осаменоста најмногу напаѓаше кога бев најмалку зафатена“, вели таа, „па така, се концентрирав на тоа да се дружам со другите и да им помагам да се борат со нивните проблеми.“ Помагањето на другите носи радост, а осамените христијани можат да најдат изобилство работа во Господовото дело (Дела 20:35; 1. Коринтјаните 15:58).
Дозволи им на пријателите да ти помогнат
Списанието The New York Times ги опишува осамените деца како повредени од „рани поради тоа што немаат пријатели“ (28. април 1991). Многумина осамени, и млади и стари, се чувствуваат како да немаат пријатели. Затоа, вистинска предност е да се има искреното пријателство кое го нуди заинтересираното собрание. Работи напорно да го прошириш својот круг на пријатели во собранието, и дозволи им да ти помогнат во границите на нивните можности. Тоа е една од работите зошто служат пријателите — да дадат поддршка во време на неволја (Изреки 17:17; 18:24).
Сепак, биди свесен дека поради твојата емоционална болка, можеби ќе им отежнеш на твоите пријатели да ти помогнат. Како? Писателот Џефри Јанг објаснува: „Некои осамени луѓе . . . ги потиснуваат потенцијалните пријатели, било со узурпирање на дискусијата или со тоа што зборуваат работи кои се непријатни или несоодветни. На овој или оној начин, хронично осамените луѓе се склони да ги поткопаат блиските пријателства“ (U.S.News & World Report, 17. септември 1984).
Понекогаш, работите можеш да ги направиш уште полоши со тоа што ќе се изолираш од другите луѓе. Петар, еден човек во своите 50-ти години, го сторил тоа. Откако умрела неговата сопруга, тој увидел дека се повлекува од другите, иако длабоко во себе ја посакувал нивната помош. „Имаше денови“, вели тој „кога не можев да го поднесам друштвото на другите и со текот на времето се фатив себе си како бегам од видокругот на луѓето“. Ова може да биде опасно. Додека периодите на осаменост можат да бидат од корист, изолирањето е штетно (Изреки 18:1, НС). Петар го сфатил тоа. Тој вели: „Со текот на времето го надминав тоа, се соочив со ситуацијата и, со помош на пријателите, бев во можност да го обновам мојот живот“.
Па сепак, немој да мислиш дека другите се должни да ти помагаат. Обиди се да не бараш премногу. Радосно прифати било каков израз на љубезност кој ќе ти се укаже и покажи ценење за тоа. Но, исто така, задржи го на ум и овој добар совет кој се наоѓа во Изреки 25:17: „Не оди често во куќата на пријателот свој, за да не му додеваш и да не те намрази“. Франсис, која се соочила со длабока осаменост кога, после 35 години брак, умрел нејзиниот сопруг, чувствува дека ваквата внимателност е важна. „Биди разумен спрема она што го очекуваш“, вели таа „и не барај премногу од другите. Не биди вечно на нечиј праг барајќи помош“.
Јехова се грижи
Дури и ако човечките пријатели некогаш те разочараат, ти сѐ уште можеш да го имаш Јехова Бог како твој Пријател. Биди уверен дека тој се грижи за тебе. Задржи јака доверба во него и постојано барај засолниште и заштитничка грижа (Псалм 26:10; 90:1, 2; Изреки 3:5, 6). Моавката Рут го сторила ова и била богато благословена. Замисли, таа станала дури и предок на Исус Христос! (Рут 2:12; 4:17; Матеј 1:5, 16).
Моли му се постојано на Јехова (Псалм 33:4; 61:7, 8). Маргарет сфатила дека молитвата е извор на голема сила во борбата со осаменоста. Таа учествувала во полновремената служба на проповедање заедно со нејзиниот сопруг сѐ додека тој не умрел, иако сѐ уште бил млад. „Секогаш ми се допаѓало да се молам на глас и да му кажувам на Јехова за сѐ, за сите мои стравови и грижи“, вели таа. „Тоа ми помага да ги поставам работите на исправно место кога осаменоста притискаше. А кога гледав како Јехова одговараше на тие молитви, стекнував доверба во него“. Таа има голема корист од следењето на советот од апостол Петар: „Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6, 7; Псалм 54:22).
Добриот однос со Јехова ќе ти помогне да задржиш нешто што осамените луѓе честопати го губат — самопочитувањето. Кога нејзиниот сопруг умрел од рак, новинарката Џенет Купферман напишала за „чувствата на мало самопочитување и безвредност“. Таа вели: „Тоа е она чувство на безвредност кое толку многу вдовици ги турка во скоро самоубиствена депресија“.
Запомни дека Јехова многу те цени. Тој не мисли дека си безвреден (Јован 3:16). Бог ќе те поткрепува исто како што во минатото го поткрепувал својот народ, Израелците. Тој им рекол: „Нема да те отфрлам. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не се вознемирувај, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со десницата на Мојата правда“ (Исаија 41:9, 10).
Не обвинувај го Бог
Најмногу од сѐ, немој да го обвинуваш Бог за својата осаменост. Јехова не е виновен. Неговата намера за тебе, и за целото човештво, отсекогаш била секој да ужива во добро, задоволувачко друштво. Кога Бог го создал Адам, тој рекол: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“ (1. Мојсеева 2:18). Тоа Јехова и го сторил кога ја создал Ева, првата жена. Да не била сатанската побуна, човекот и жената заедно со семејствата што би ги произвеле, никогаш не би искусиле осаменост.
Секако, Јеховиното привремено допуштање на злото имало за последица осаменоста да расте и да се појават други страдања. Меѓутоа, задржи јасно во мислите дека ова е привремено. Изгледа дека маките на осаменоста полесно се поднесуваат кога се гледаат во светлото на она што Бог ќе го стори за тебе во неговиот нов свет. Во меѓувреме тој ќе те поткрепи и ќе те утеши (Псалм 17:2; Филипјаните 4:6, 7).
Спознанието за ова може да ти даде сила. Кога Франсис (претходно спомнатата) останала вдовица, таа пронашла голема утеха, особено ноќе, во зборовите од Псалм 4:8: „Затоа мирно легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност“. Размислувај за чувства како што се оние кои се наоѓаат во книгата Псалми. Размислувај и за тоа како Бог се грижи за тебе, како што е покажано во Псалм 22:1-3.
Како може да им се помогне на осамените?
Основниот начин да им се помогне на осамените е да им се покаже љубов. Секогаш одново Библијата го охрабрува Божјиот народ да покажува меѓусебна љубов, особено во време на неволја. „Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов“, напишал апостол Павле (Римјаните 12:10). Всушност, Божјата инспирирана Реч вели: „Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринтјаните 13:8). Како ќе им покажеш љубов на оние кои се осамени?
Наместо да ги отфрлаат или игнорираат осамените луѓе, заинтересираните поединци можат да им ја покажат својата љубезна наклонетост со тоа што стрпливо ќе им помагаат секогаш кога е можно. Тие ќе бидат како Јов, кој рекол: „Зашто јас го спасував страдалникот што викаше и беспомошниот сирак [и секој кој немаше помошник, НС] . . . на вдовичиното срце му донесував радост“ (Јов 29:12, 13). Наименуваните старешини во христијанското собрание и сочувствителните пријатели можат да постапуваат на истиот обѕирен начин задоволувајќи ги основните човечки потреби за разбирање, топлина и утеха. Тие можат да покажат сочувство, а понекогаш ќе можат да ја задоволат и потребата за доверлив разговор (1. Петрово 3:8).
Често пати тоа се мали, но многу битни работи кои пријателите треба да ги сторат за осамените луѓе. На пример, кога на соверник ќе му умре некој близок, од голема корист можат да бидат нашите љубезни дела на вистинско пријателство. Немој да ги потценуваш љубезностите како што се: покана на ручек, внимателно слушање, или еден охрабрувачки разговор. Овие работи може да се многу делотворни во помагањето на лицето да се бори со осаменоста (Евреите 13:16).
Веројатно секој од нас одвреме навреме ќе осети напади на осаменост. Сепак, осаменоста не треба да стане казна. Исполни го својот живот со значајни, изградувачки активности. Дозволи им на пријателите да ти помогнат кога ќе можат. Имај доверба во Јехова Бог. Задржи го цврсто во мислите охрабрувачкото ветување забележано во Псалм 33:19: „Бројни се маките на праведниците, но од сите нив Господ ќе ги избави“. Сврти се кон Јехова за помош и не дозволувај осаменоста да ти го уништи животот.
[Рамка на страница 24]
НЕКОИ НАЧИНИ ЗА БОРБА ПРОТИВ ОСАМЕНОСТА
▪ Остани блиску до Јехова
▪ Барај утеха читајќи ја Библијата
▪ Задржи позитивен христијански став
▪ Остани вработен во целисходни активности
▪ Прошири го твојот круг на пријатели
▪ Олесни им на пријателите да ти помогнат
▪ Не се изолирај туку негувај пријателска љубов
▪ Имај доверба дека Јехова се грижи за тебе
[Рамка на страница 24]
КАКО МОЖЕШ ДА ИМ ПОМОГНЕШ НА ОСАМЕНИТЕ
▪ Дај разбирање, топлина и утеха
▪ Задоволи ја потребата за доверлив разговор
▪ Истрај во вршењето на ситни работи кои се од помош
[Слика на страница 23]
И покрај нејзините тешки околности, нема никакво навестување дека Рут дозволила осаменоста да ѝ го уништи животот