Како да се соочите со осаменоста
НЕ Е ЛЕСНО човек да се соочи со осаменоста. Станува збор за силни емоции. Како може да се излезе на крај со осаменоста? Што направиле некои луѓе за да го победат ова силно чувство?
Како да се соочите со осаменоста
Хеленa сака да биде сама кога донесува некои одлуки, но смета дека осаменоста може да биде опасна. Кога била дете, немало голема комуникација помеѓу нејзе и родителите. Бидејќи не знаела како да го придобие нивното внимание, се заклучувала во својата соба. Таа раскажува: „Кај мене почнаа да се јавуваат нарушувања во исхраната. Западнав во депресија. Си велев: ‚Зошто да се грижам за проблемите на татко ми и мајка ми кога тие не се грижат за моите?‘ Тогаш си помислив дека бракот би можел да ја исполни празнината што ја предизвикуваше осаменоста. Барав излез во бракот. Но, по кратко време си размислував: ‚Зошто да му го уништам животот на некого? Прво ќе треба јас да си го средам моето размислување!‘ Го молев Јехова да ми помогне, излевајќи му ја мојата болка.
Во Библијата најдов многу утешни зборови, како што се оние од Исаија 41:10: ‚Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница‘. Овие зборови многу ми помогнаа затоа што дотогаш се чувствував како да немам татко. Денес редовно ја читам Библијата и му се молам на мојот небесен Татко. Научив да се борам против осаменоста“.
Кога човек ќе изгуби некој свој сакан, чувствува тага, која може да премине во осаменост. Лујза, која има 16 години, вака ја искажува својата болка: „Татко ми загина кога имав пет години. Побарав утеха од баба ми, но никогаш не почувствував дека таа ме сака. Не добив многу љубов во детството, кога најмногу ми требаше. Помеѓу осмата и деветтата година од мојот живот, трипати се обидов да се самоубијам. Мислев дека тоа ќе биде најдобро за семејството бидејќи мајка ми едвај успеваше да донесе дома храна за моите три сестри и за мене. Тогаш се поврзавме со Јеховините сведоци. Една млада брачна двојка искрено се заинтересира за мене. Тие ми велеа: ‚Ние те цениме и ни требаш‘. Зборовите ‚Ни требаш‘ ми дадоа многу сила. Понекогаш не можам да му ги изразам моите чувства на некој друг, но кога ги читам статиите што се објавени во Стражарска кула и Разбудете се! му се заблагодарувам на Јехова, бидејќи преку тие публикации ја чувствував неговата љубов. Направив многу промени. Денес можам да се смеам, а исто така и да ѝ ги искажам на мајка ми моите чувства кога сум тажна или радосна. Понекогаш ми се враќаат спомени од минатото, но не како порано, кога се обидував да се самоубијам или кога престанав да зборувам со моите сакани. Секогаш се сеќавам на она што го рекол псалмистот Давид: „Заради своите браќа и пријатели ќе викам: ‚Мир на тебе‘ “ (Псалм 122:8).
Марта е разведена веќе 22 години, и за тоа време сама го подигнала своето дете. „Кога мислам дека не сум успеала во нешто, повторно ми доаѓаат чувства на безвредност и осаменост“, вели таа. Како се справува со тие чувства? Таа објаснува: „Открив дека најдобар начин да се справам со нив е веднаш да му ги кажам на Јехова Бог. Кога се молам, знам дека не сум сама. Јехова ме разбира подобро отколку што се разбирам јас самата. Исто така, се обидувам да најдам начини да покажувам личен интерес за другите. Особено мојата полновремена служба ми помага да се борам против негативните чувства. Кога им зборувате на другите за благословите што ќе ги донесе Божјето Царство и кога гледате дека оние што Ве слушаат немаат никаква надеж и не гледаат крај на своите проблеми, сфаќате дека имате силни причини да сакате да живеете и да продолжите да се борите“.
Елба, која има 93 години и чие единствено дете служи како мисионер во друга земја, ни кажува како се справува со осаменоста: „Кога ќерка ми и нејзиниот сопруг добија покана да присуствуваат на Школата Гилеад на Watchtower, тие зрачеа од радост, а со нив се радував и јас. Подоцна, кога беа доделени да служат во друга земја, почнав малку да бидам себична. Знаев дека повеќе нема да ми бидат во близина и бев малку тажна. Ситуацијата ми изгледаше како таа на Јефтај и неговата единствена ќерка, опишана во Судии, поглавје 11. Морав со солзи да го молам Јехова да ми прости. Моите деца контактираат со мене. Знам дека се многу зафатени, но каде и да служат, наоѓаат време да ме информираат, споделувајќи ги со мене искуствата што ги имале во службата на теренот. Повеќепати ги читам нивните писма. Имам чувство како да зборуваат со мене секоја седмица, и многу сум им благодарна за тоа. Исто така, христијанските старешини во моето собрание ни посветуваат соодветно внимание на нас постарите и болните, се интересираат дали имаме превоз за да одиме на собраниските состаноци и се грижат за сѐ друго што ни треба. Сметам дека моите духовни браќа и сестри се благослов од Јехова“.
И Вие можете да се соочите со осаменоста
Независно од тоа дали сте млади или стари, самци или во брак, дете со родители или сираче и независно од тоа дали сте изгубиле некој свој сакан или сте осамени од некоја друга причина, има начини да се справите со своите чувства. Хокабед е една девојка што има 18 години, а нејзиниот татко го напуштил своето шестчлено семејство за да отиде во друга земја. Таа вели: „Зборувајте отворено! Важно е да си кажеме што ни лежи на душа. Ако не го правиме тоа, никој нема да нѐ разбере“. Таа препорачува: „Престанете да мислите премногу на себе. Барајте помош од позрелите, а не од младите што можеби се во полоша ситуација од Вашата“. Лујза, спомната претходно, вели: „Срдечната молитва до Јехова ни ја дава помошта што ни е потребна за да излеземе од ќорсокак“. Хорхе, на кого му умрела жената, кажува како се бори со осаменоста: „Потребна е истрајност. Многу ми помага тоа што се интересирам за другите. Ако ‚покажуваме сочувство‘ кога разговараме со другите, нашите разговори ќе бидат смисловни и ќе ни помогнат да ги откриеме убавите особини кај другите“ (1. Петрово 3:8).
Можат да се направат многу работи за да се победи осаменоста. Но, дали некогаш ќе дојде ден кога осаменоста ќе биде само минато? Ако да, како ќе се исполни тоа? Овие прашања ќе ни ги одговори следната статија.
[Фуснота]
a Некои имиња се променети.
[Истакната мисла на страница 8]
„Срдечната молитва до Јехова ни ја дава помошта што ни е потребна за да излеземе од ќорсокак“ (Лујза).
[Рамка/слики на страница 7]
Што да направите за да не бидете осамени
◼ Мислете на тоа дека Вашата ситуација може да се промени, дека не е трајна туку нешто вообичаено што го доживуваат и другите.
◼ Не очекувајте премногу од себе.
◼ Општо земено бидете задоволни со себе.
◼ Стекнете добри навики на исхрана и вежбање и спијте доволно.
◼ Кога сте сами, користете го времето правејќи нешто креативно и учејќи нешто ново.
◼ Внимавајте да не ги просудувате луѓето што ги сретнувате врз основа на Вашите искуства од минатото.
◼ Ценете ги своите пријатели и нивните посебни особини. Работете на тоа да стекнете добар круг пријатели. Побарајте предлози од постарите, поискусни лица.
◼ Правете нешто за другите — насмевнете им се, упатете им љубезен збор, споделете со нив некоја мисла од Библијата.Чувството дека сте им потребни на другите е лек против осаменоста.
◼ Избегнувајте да фантазирате за филмски и ТВ-ѕвезди или за ликови од книги или од Интернет, замислувајќи си дека сте во романтична врска со нив.
◼ Ако сте во брак, не очекувајте сопружникот да ги задоволи сите Ваши емоционални потреби. Научете да давате и да земате, да си помагате и да се поддржувате.
◼ Научете да разговарате со другите и бидете добар слушател. Сосредоточете се на луѓето и на нивните интереси. Бидете сочувствителни.
◼ Признајте дека сте осамени и разговарајте со зрел пријател, некој во кого имате доверба. Не премолчувајте кога Ви е тешко.
◼ Немојте премногу да пиете, или воопшто немојте да пиете. Вашите проблеми нема да се удават во алкохолот — со текот на времето повторно ќе испливаат на површината.
◼ Не бидете горди. Простувајте им на оние што Ве повредуваат и поправете го односот со нив. Не бидете премногу недоверливи кон другите.
[Слика на страница 6]
Како може да се излезе на крај со осаменоста?