Осаменост — да се препознаат причините
ЕДНО е човек да е сам, но сосема друго да е осамен. Оној што е сам можеби по своја желба нема контакти со никого. Оној што е осамен силно копнее да биде со некого, но е сам.
Според тоа, во некои околности може и да сакаш да бидеш сам. Многумина намерно остануваат сами за да се молат или длабоко да размислуваат, како што понекогаш правел и Исус Христос (Матеј 14:13; Лука 4:42; 5:16; 6:12). Меѓутоа, осаменоста е болно чувство. Што може да доведе до тоа некој да се чувствува осамено?
● Отуѓеноста во пренаселените градови
Во големите градови, илјадници, па дури и милиони луѓе живеат многу блиску еден до друг. Парадоксално е што пренаселеноста довела до тоа многу луѓе да се чувствуваат осамени. Големата раздвиженост во градовите може да ги спречи тамошните жители да ги запознаат своите соседи и, поради тоа, можеби живеат живот меѓу туѓинци. Вообичаената недоверба во непознати лица, како и желбата да се заштити приватноста, се можеби главните причини зошто луѓето во поголемите градови се чувствуваат осамени.
● Нечовечниот однос кон вработените
Начинот на кој се водат многу големи фирми ги навел луѓето што се вработени во нив да се чувствуваат осамени и неспособни без оглед на положбата. Работниците честопати се под постојан притисок и стрес.
Освен тоа, постојаното преместување на персоналот во големите компании создава чувство на несигурност, изолираност и осаменост меѓу вработените. Коментирајќи за високиот број на самоубиства меѓу вработените во некои француски корпорации, дневниот весник International Herald Tribune вели дека многу работници во Франција имаат чувство дека се „под крајно силен притисок од темпото на економските промени“.
● Електронската комуникација
Проф. Тецуро Сајто од Јапонија вели: „Можеме да бидеме сигурни дека мобилните телефони и другите уреди ќе ја намалат комуникацијата и блискоста меѓу луѓето“. Австралискиот весник The Sunday Telegraph го извести следново: „Технологијата... ги отуѓува луѓето еден од друг. Тие... попрво би пратиле имејл или СМС-порака отколку да разговараат“.
Коментирајќи зошто се чувствува осамена, Рејчел од Франција (21) вели: „Луѓето сѐ помалку се трудат да се видат со тебе бидејќи си мислат дека пораките преку мобилен и преку компјутер се доволни. Но, тоа прави да се чувствувам уште поосамена“.
● Промената на средината
Поради економската криза, луѓето честопати мораат да се селат за да го задржат работното место или за да најдат работа. Ги напуштаат своите соседи, пријатели, училишта, а понекогаш и своите семејства. Се чувствуваат како пресадено растение чии корени останале зад него.
Франсис се присетува на денот кога пристигнал од Гана во Франција. Тој објаснува: „Новиот јазик, тоа што немав пријатели и студената клима придонесоа да се чувствувам многу осамен“.
Спомнувајќи си за преселбата во Англија како имигрант, Бејџат вели: „Ми беше тешко да се привикнам на сосема поинаква култура. Имав познајници, но немав блиски пријатели или роднини со кои би можела отворено да разговарам и да им се доверам“.
● Смртта на некој близок
Смртта на брачниот партнер остава длабока рана кај ужаленото лице. Ова е случај особено кога едниот од нив подолго време се грижел за другиот. Ужалените честопати чувствуваат огромна празнина.
Фернанде, вдовица која живее во Париз, објаснува: „Најтешко ми е што повеќе не можам да му се доверам на мојот сопруг, кој ми беше најдобар пријател“. Ани вели дека нејзиниот сопруг особено ѝ недостига кога треба да донесе важни одлуки во врска со здравјето или со други работи.
● Разводот, разделбата, самештвото
Разводот или одвоеното живеење често раѓа чувства на осаменост и неуспех. Обично најмногу страдаат децата — многу повеќе отколку што се мислеше порано. Некои стручњаци сметаат дека постои голема веројатност децата на разведени родители да бидат осамени и како возрасни.
Оние што не се во брак бидејќи не можат да најдат соодветен брачен другар обично минуваат низ периоди на осаменост. Ваквите чувства може да ги засилат нетактични коментари, како: „Да си најдеше некого полесно ќе ти беше“.
Осаменост доживуваат и самохраните родители. Родителството носи радост, но и проблеми кои самохраните родители мораат да ги решаваат без да се посоветуваат со брачен партнер.
● Староста и неискуството поради младоста
Постарите честопати може да се чувствуваат осамени, дури и ако најблиските не ги запоставуваат. Роднините или пријателите можеби доаѓаат одвреме-навреме, но што кога со денови или седмици никој не доаѓа?
Од друга страна, и младите патат од осаменост. Многумина стануваат зависни од рекреација за која не ти треба друг — гледање телевизија, играње видеоигри и минување безброј часови пред компјутерот.
Постои ли решение за сѐ позачестената осаменост? Што може да ти помогне да се избориш со неа?
[Истакната мисла на страница 5]
„Новиот јазик, тоа што немав пријатели и студената клима придонесоа да се чувствувам многу осамен“