Решенија за твојата осаменост
АКО патиш од осаменост, прашај се: ‚Можам ли некако да ја подобрам ситуацијата? Треба ли да направам некакви промени во животот? Ако да, кои?‘ Следниве прашања може да ти помогнат да се преиспиташ и да најдеш практични решенија.
Треба ли да си го променам ставот?
Секој може да се почувствува осамен. Но, оваа негативна емоција станува вистински проблем само ако потрае. Тоа може да биде знак дека нешто не е во ред со твојот став кон животот. Коренот на проблемот би можел да биде начинот на кој постапуваш кога си во друштво. Некои несвесно оставаат впечаток како да се оградени со бодликава жица, и со тоа ги обесхрабруваат другите да се спријателат со нив. Понекогаш, сѐ што е потребно е да се смени ставот.
Да ја земеме за пример Сабине, која отишла да живее во Англија. Таа вели: „Потребно е време за двајца кои тукушто се запознале да стекнат заемна доверба и да се чувствуваат опуштени и сигурни еден покрај друг. Помага ако ги прашаш другите нешто за нив, на пример од каде се и слично. Еднаш ми рекоа: ‚Ниедна култура не е идеална. Потруди се да го видиш најдоброто во секоја‘“. Како Сабине, и ти можеш кај луѓето од друга култура да најдеш особини што вреди и самиот да ги стекнеш.
Дали избегнувам да бидам во друштво?
Прашај се: ‚Избегнувам ли да бидам во друштво? Дали другите би се однесувале попријателски со мене ако јас се однесувам попријателски со нив?‘ Ако е така, потруди се да бидеш подруштвен. Розелиз (30), која се преселила од Гвадалупе во Англија, вели: „Луѓето што се чувствуваат осамени имаат склоност да бегаат од друштво“. Таа предлага: „Гледај дали и некој друг изгледа осамен. Биди првиот што ќе го започне разговорот. Само со едно прашање може да започне пријателство што ќе трае со години“.
Меѓутоа, за да се развие блиско пријателство, потребни се време и труд. Еден од првите чекори е да научиш да слушаш. Ако вистински му посветиш внимание на другиот додека зборува, ќе ти биде многу полесно да разговараш со него за работи што го интересираат. Запомни, соживувањето раѓа пријателство.
Дали сум негативен кон себеси?
Ниското мислење за себеси може да те спречи да склопуваш пријателства. Прашај се: ‚Дали сум претерано склон да гледам негативно на себе?‘ Абигаил (15) од Гана признава: „Понекогаш имав негативни мисли кои правеа да се чувствувам осамена. Мислев дека никој не ме сака и дека сум безвредна“. Можеш да бидеш сигурен дека ако се трудиш да им пријдеш на другите и некако да им помогнеш, нема да мислат дека си безвреден. Би можеле да ти возвратат така што ќе се спријателат со тебе. Тогаш, зошто да не го направиш првиот чекор?
Ако размислуваш кои позитивни чекори да ги преземеш за да се зближиш со другите, тоа ќе ти помогне да се спријателиш и со лица од друга возраст. Пријателството со некој што е помлад или постар од тебе може да биде многу корисно. На Абигаил најмногу ѝ помогнало тоа што се спријателила со постари од неа. Таа вели: „Научив многу од нивното животно искуство“.
Дали се повлекувам во себе?
Многу осамени лица наоѓаат некакво олеснување во тоа со часови да гледаат телевизија, да играат видеоигри или да седат пред компјутерот. Но кога ќе ги исклучат овие апарати, повторно се осамени. Елса (21) од Париз признава: „Телевизијата и видеоигрите можат да бидат како дрога која влијае така што на крајот не ни чувствуваш потреба од пријателства“.
Лошата страна на гледањето телевизија е што нема интеракција, размена на мисли или можност за склопување пријателства. Истото важи и за видеоигрите. Тие ги внесуваат луѓето во еден имагинарен свет кој исчезнува во моментот кога ќе престанат да играат. Бесцелното пребарување по интернет може да биде излез од реалноста, но и да те изложи на неморален материјал или на луѓе кои го кријат својот идентитет. Интернетот не е добро место за да најдеш или да одржуваш вистински пријателства.
Бараш брачен другар?
Некои сакаат да се во брак само за да побегнат од осаменоста. Вистина е дека еден брачен другар што е добар и те сака може да внесе голема радост во твојот живот, но немој да брзаш со една толку важна одлука.
Бракот не е гаранција дека ќе се реши проблемот со осаменоста. Се вели дека венчаните лица кои немаат добра меѓусебна комуникација се „едни од најосамените луѓе на светот“. За жал, бројот на вакви случаи е многу поголем отколку што можеби си мислиш. Затоа, ако сакаш еден ден да стапиш во брак, зошто не го совладаш својот проблем со осаменоста уште пред да развиеш романтични чувства кон некого? Ако го промениш ставот и навиките и ако се трудиш да бидеш дружељубив како самец, поставуваш цврст темел за среќен брак.
Можеш да се бориш со осаменоста
Можеби нема брзо решение за твојата осаменост. Меѓутоа, против неа можеш да се бориш следејќи го Златното правило што го дал Исус. Тој јасно рекол: „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Значи, ако сакаш другите да се однесуваат пријателски кон тебе, биди и ти таков кон нив. Ако сакаш другите да се поотворени со тебе, биди поотворен и ти со нив. Можеби нема да ти возвратат на постапката веднаш, но со текот на времето некои ќе го сторат тоа. Дури и да не биде така, ти ќе бидеш посреќен затоа што си се обидел.
Исус кажал уште една длабока вистина што може да ти помогне додека се бориш со осаменоста: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Ако одвојуваш време да им помагаш на другите — на некое дете околу домашната задача или на некој постар така што ќе испазаруваш место него или ќе му помогнеш околу одржувањето на домот или градината — ќе бидеш посреќен и можеби ќе склопиш вистинско пријателство.
Како до вистински пријатели
Има и други практични чекори да се справиш со осаменоста. Излези од дома. Ако е можно, прошетај се во парк или во природа. Кога си сам дома, исполни го времето со креативни активности, како што се шиење, поправки и други работи низ дома, или читање. Еден човек напишал: „Нема грижа што не ми поминала по еден час читање“. Многумина наоѓаат утеха особено кога ги читаат псалмите од Библијата.
Стручњаците забележале дека дружењето со луѓе од иста религија може да му помогне на едно лице да се избори со осаменоста, а може да биде корисно и за здравјето. Но, каде да најдеш луѓе што се трудат да го следат Златното правило? Во една книга во врска со религиозните движења, еден непристрасен човек напишал: „Собранијата на Јеховините сведоци се заедница во која владее вистинска доверба и слога“.
Исус кажал која ќе биде главната карактеристика на вистинските христијани кога на своите ученици им рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Ваквата љубов — најпрво кон Бог, а потоа и кон соверниците — е најважната работа што покажува која религија е вистинска (Матеј 22:37-39).
Најдобриот начин да се справиш со осаменоста е да се спријателиш со Бог. Ако Тој ти е пријател, никогаш нема да се чувствуваш осамен! (Римјаните 8:38, 39; Евреите 13:5, 6).
[Рамка/слика на страница 8]
КАКО СЕ БОРАМ ПРОТИВ ОСАМЕНОСТА
Ани, вдовица: „Се обидувам да ги контролирам мислите и да ја согледам позитивната страна на мојата ситуација“.
Кармен, немажена: „Научив да не му робувам на минатото, туку да продолжам напред и да склопувам нови пријателства“.
Фернанде, вдовица: „Кога се трудиш да им помагаш на другите, забораваш на своите проблеми“.
Жан-Пјер, неоженет: „Редовно излегувам на долга прошетка, и тогаш му го отворам срцето на Јехова во молитва“.
Бернар, вдовец: „Одржувам контакт со пријателите преку телефон, но не за да се навраќам на тажни спомени, туку за да останеме во контакт“.
Дејвид, неоженет: „Иако по природа уживам да бидам сам, многу се трудам да се отворам и да бидам со други“.
Лорена, немажена: „Самата им пристапувам на другите и гледам да се спријателиме“.
Абигаил (15): „Се дружам со возрасни и учам од нивното искуство“.
Чери, немажена: „Сфатив дека, ако си кажеш дека си осамен, другите повеќе се трудат да се дружат со тебе“.
[Рамка/слика на страница 9]
КАКО ДА ЈА ПОБЕДИШ ОСАМЕНОСТА
● Стекни позитивен став
● Избегнувај да се рекреираш сам, на пример гледајќи телевизија
● Барај пријатели кои имаат исти вредности како тебе, без разлика на која возраст се
● Пред сѐ, биди пријател со Бог
[Слика на страница 7]
Спријателувај се со луѓе што не се на твоја возраст