Зошто има толку многу осамени луѓе?
ВО ДЕНЕШНОВО општество, многу луѓе се осамени. Така се чувствуваат луѓе од сите возрасти, раси, општествени слоеви и вероисповеди. Дали некогаш сте биле осамени? Дали сте осамени сега? Всушност, на сите некогаш ни требало друштво — некој да нѐ сослуша, да нѐ успокои или можеби да се согласи со нашите длабоки чувства или најдлабоки мисли, и да нѐ сфати. Потребен ни е некој на кого му значат нашите емоции.
Меѓутоа, ако сме сами, тоа не мора да значи дека треба да се чувствуваме осамено. Некој може да биде сам долго време уживајќи во она што го прави, без воопшто да се чувствува осамен. Но, има луѓе што не можат да поднесат да бидат сами. Во American Heritage Dictionary стои: „Да се биде сам значи човек да е одвоен од другите, но не мора да значи дека е несреќен поради тоа . . . Осамен често подразбира болно чувство од сознанието дека човек е сам“, тегобна желба за друштво, односно тага, јад или меланхолија. Срцето на таквата личност треба да биде утешено со искрено и срдечно дружење за да се развесели повторно. И на крај, самотијата има слично значење како сам и осамен, но честопати се истакнува како „состојба на физичка изолираност по своја волја“.
Осаменоста е силна емоција и може да биде многу болна. Таа е чувство на празнина. Се јавува чувство на изолираност, чувство дека сме отсечени од другите луѓе. Можеме да станеме ранливи или уплашени. Дали некогаш сте се чувствувале така? Што е причина за осаменоста?
Проблемите, разните ситуации и околностите влијаат различно врз луѓето. Можеби се чувствувате отфрлени од околината поради физичкиот изглед, расата или религијата. Промени во околината — како што е упис во ново училиште, ново вработување или преселба во нова населба, град или земја — може да предизвика чувство на осаменост поради тоа што морате да ги напуштите старите пријатели. Загубата на еден од родителите или на брачниот другар може да предизвика осаменост, која може да трае со години. Исто така, додека старееме, нашиот круг на пријатели и познаници се менува — се намалува или сосема се губи.
Бракот не е секогаш гаранција дека ќе излеземе од осаменоста. Недоразбирањата или тоа што двајцата партнери не се сложуваат може да биде причина за стрес, кој може да предизвика несигурност и да води дури и до тоа сопружниците и децата да се оддалечат еден од друг. Но, освен осаменоста што се јавува поради смртта на некој сакан, поради развод или поради физичка или емоционална изолација, има уште еден вид осаменост што може да има многу длабоко влијание врз нас. Таа се јавува кога страда нашиот однос со Бог и се чувствуваме одвоени од него.
Дали некогаш сте доживеале некоја од ситуациите што ги спомнавме? Дали е можно да се справите со осаменоста?
[Слики на страница 4]
Промените во животот, како што е упис во ново училиште или загуба на сопружникот, можат да предизвикаат осаменост